Франц Кафка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Франц Кафка
Franz Kafka
Kafka1906.jpg
Фотографија на Франц Кафка од 1906
Роден 3 јули
Прага, Австро-Унгарија
Починал 3 јуни 1924
Виена, Австрија
Занимање агент за осигурување, управник на фабрика, писател на романи и раскази
Националност Чешки Евреин
Жанр роман, расказ
Правец модернизам, егзистенцијализам, надреализам, претходник на магичниот реализам
Значајни дела Процес
Замок
Преобразба

Потпис

Франц Кафка[1] (германски: Franz Kafka; 3 јули 1883 во Прага3 јуни 1924 во Виена) е еден од водечките писатели на германски јазик од 20 век. Најголемиот дел од неговите дела се објавени посмртно. Во неговите најпознати дела, романите „Процес“ (ориг. Der Process) и „Замок“ (Das Schloss), како и новелата „Преобразба“ (алт. наслов: Метаморфоза/Die Verwandlung), Кафка пишува за бирократијата, алиенацијата и немоќта на поединецот да влијае врз општествените случувања[2] .

Кратка биографија[уреди | уреди извор]

Семејство[уреди | уреди извор]

Таткото на Кафка, Херман Кафка (1854–1931) бил трговец. Тој имал двајца браќа Георг и Хајнрих кои умреле уште како деца, пред Кафка да наполни седум години. Имал и три сестри: Габриела (Ели) (1889–1944), Валерија (Вали) (1890–1942) и Отилија Кафка (Отла) (1892–1943). Сите сестри умреле за време на холокаустот во Втората светска војна. Вали била депортирана во Полска во 1942, и тоа е последната документација за неа. Отилија му била најомилена сестра.[3]

Иако неговиот мајчин јазик е германски, Кафка одлично знаел и чешки бидејќи неговиот татко бил чешки Евреин кoj потекнувал од Прага и сакал неговиот син одлично да ги зборува и двата јазика. Кафка имал познавање и од францускиот јазик и култура, а еден од неговите омилените автори му бил Флобер.

Образование[уреди | уреди извор]

Од 1889 до 1893, Кафка одел во основно училиште во Прага. По основното училиште се запишал во гимназија каде учел 8 години, на германски јазик. Матурирал во 1901, со високи оценки[4]. Истата година се запишал на студии на Карловиот универзитет во Прага[5]. Отпрвин бил запишан да студира хемија но по две недели се префрлил на право. На крајот на првата година се запознал со Макс Брод со кого ќе остане близок пријател до крајот на својот живот[6]. Кафка многу читал и заедно со Брод го читале Платон на оригинален грчки и делата на Флобер на француски[7]. Ги сметал Фјодор Достоевски, Флобер, Никојал Гогољ за свои „браќа по крв“[8]. Освен тоа, го интересирала и чешката книжевност и го сакал делото на Гете[9]. Кафка станал доктор по право на 18 јули 1906 а потоа една година неплатено работел како приправник во граѓанскиот и кривичниот суд.

Професија[уреди | уреди извор]

После приправничкиот стаж работел како службеник во осигурителна компанија. Тогаш започнала неговата писателска кариера. Тој ја опишува работата во оваа компанија како нешто што го прави само за да заработи пари.

Во 1917 година се разболел од туберколоза[10] а неговото семејство му помагало да се опорави. Најчесто била присутна сестра му Отла со која имал одлична комуникација.

Уште додека учел тој активно организира литературни и социјални случувања, промовирајќи ги во Еврејскиот театар и покрај негодувањата на неговиот најблизок пријател Макс Брод кој вообичаено го поддржувал во работите кои ги правел. Откако ја видел театарската изведба на еврејската театарска трупа во октомври 1911, Кафка "се посветил целосно на јидишот и на еврејската книжевност"[11]. Овој интерес бил појдовна точка за тој длабоко да го истражува јудаизмот[12]. Наспроти стравот дека е физички и ментално антипатичен, луѓето биле импресионирани од него, од неговиот момчешки, чист и аскетски надворешен изглед, неговата интелигенција и чуден смисол за хумор[13].

Кафка во 1910

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Врската со неговиот доминантен татко е честа тема во она што го пишува. Во 1920 доживеал многу интензивна љубовна врска со чешката новинарка и писателка Милена Јасенска и во 1923. Писмата што ѝ ги пишувал подоцна биле објавени како Писма до Милена.[14] Во Берлин ја сретнал Дора Диамант, 25-годишна учителка во градинка која потекнувала од ортодоксно Еврејско семејство. Тој се преселил во Берлин обидувајќи се да се оддалечи од влијанието на неговото семејство и да се фокусира на пишувањето. Дора станала негова љубовница и поради неа Кафка пројавил интерес за Талмудот[15].

Општо е прифатено мислењето дека Кафка страдал од клиничка депресија и социјална анксиозност целиот свој живот. Страдал од мигрена, несоница, цревни заболувања, напади на бес и други оболувања создадени од прекумерен стрес и напор.Се обидувал да ги контролира овие заболувања преку природни методи држејќи вегетеријанска диета и конзумирајќи големи количини непастеризирано млеко (кое се смета за главниот причинител на туберколозата). Туберколозата се влошила и тој се вратил во Прага за да се смести во еден санаториум во близина на Виена со надеж дека ќе се излечи. Тука умрел на 3 јуни 1924 година а причината за неговата смрт најверојатно е изгладнувањето. Болките во грлото му оневозможувале да јаде, а бидејќи интравенозното хранење во тоа време не било развиено не посотел начин тој да се храни[16]. Исто така се претпоставува дека Кафка страдал од некој вид атипична анорексија[17]. По смртта неговото тело било донесено во Прага каде е закопан на Новите еврејски гробишта-Жижиков.

Наследство[уреди | уреди извор]

an old letter with text written in German
Првата страница од Писмата до неговиот татко, на германски јазик

Кафка во својот живот објавил само неколку раскази, само мал дел од неговото творештво и поради тоа неговото творештво не привлекува значајно внимание додека бил жив. Пред да почине му рекол на својот пријател Макс Брод да ги уништи сите ракописи. Неговата љубовница Дора Диамант делумно ги извршила неговите претсмртни барања. Голем дел од неговите последни ракописи, вклучувајќи 20 тетратки и 35 писма таа тајно ги задржува сè додека не се конфискувани од Гестапо во 1933. Се уште се во тек неколку меѓународни барања кои се спроведени за да се пронајдат овие изгубени текстови на Кафка[18]. Брод ги прекршува упатствата на Кафка и ги прегледува публикациите на поголемиот дел од текстовите што ги поседувал, и наскоро овие текстови започнуваат да привлекуваат внимание и високи критички оценки.

Сите објавени дела на Франц Кафка, со исклучок на неколку писма што ѝ ги упатил на Милена Јасенска се напишани на германски јазик.

Творештвото[уреди | уреди извор]

Книжевното дело на Кафка му припаѓа на германското експресионистичко движење. Врз него делувале делата на Сигмунд Фројд, а егзистенционалистите го сметаат за свој претходник. Пишувал со едноставна, речиси фактографска техника, изобилно употребувајќи ја филозофската и религиозната симболика, често на граница на алегорија. Неговиот логичен, збиен стил му овозможувал совршено природно да ги изнесува своите фантастични визии.

Во своите дела ја изложува идејата за бесплодноста и немоќта на човекот да ги сфати принципите и механизмот на светот. Малите луѓе кои се покоруваат без прашање, секогаш се во милост на „власта“, додека оние кои се бунат, се осудени.

A simple book cover in green displays the name of the author and the book
Првото издание на романот Процес 1925

Процес[уреди | уреди извор]

Јозеф К., банкарски службеник во некој германски град, е уапсен од непознати причини. Никој не му кажува за што е обвинет, а тој не може да открие ни каков е тој суд што тајно заседава во некоја зграда во градот, и каква моќ има. Тој се обидува да се брани, и бара помош од било кој што има врска со мистериозниот апарат што е против него. Малата слугинка му советува да признае сè што се бара од него, и да се стави на милост и немилост на судот.

Неговата вина е утврдена, и тој дознава дека има само две можности: или случајот да се одложи на некое време, или да биде привремено пуштен на слобода, но да може да биде затворен кога судот ќе нареди. Јозеф К. му се спротивставува на судот, сака да дознае за што и пред кого е виновен, повикувајќи се на принципите на разум и правда. Најпосле, доаѓаат двајца таинствени агенти и го убиваат.

Романот бил предмет на бројни интерпретации. Тиранскиот, брутален и ирационален судски систем кој го прогонува Јозеф К., се толкува како човечка злоупотреба на божествените закони. Како и да е, Кафка во романот креира атмосфера на безизлезност.

Критички толкувања[уреди | уреди извор]

Постојат повеќе критики кои се обиделе да го објаснат и да ги толкуваат делата на Кафка интерпретирајќи ги преку одредени школи на литературната критика - како што се модернистите, магичните реалисти итн. Очигледната безнадежност и апсурноста кои се врежани во неговите дела се сметаат за симболичен егзистенцијализам. Други пак се обидуваа да лоцираат марксистичко влијание во неговата сатиризација на бирократијата во делата како Процес, Замок итн, а некои критичари пак сметаа дека главната инспирација на Кафка е анархизмот и антибирократскиот индивидуализам. Дури и денес постојат интерпретации на неговите дела преку јудаизмот (поради фактот што бил Евреин и пројавувал интерес за еврејската култура).

Борхес прави неколку перцептивни забелешки во однос на ова стојалиште за јудаизмот: преку Фројд (поради семејните несогласувања) или како алегорија на метафизичко барање на Бога (Томас Ман се согласувал со оваа теорија).

Темите на оттуѓеност и прогонување се повеќепати нагласени, и посебен акцент е ставен во делото на Марти Робер - кое делумно е инспирирано од делото на Жил Делез и Феликс Гуатари кои расправаат дека кај Кафка нема стереотипи на осамени фигури напишани од мака, туку неговото дело е многу повеќе промислено, субверзивно и на крајот на краиштата повеќе „весело“ отколку тоа се чини. Биографите рекоа дека често Кафка им ги читал поглавјата од книгите на кои работел на своите најблиски пријатели, и овие читања биле концентрирани на самите себе, со константна, но често пати игнорирана, хумористична линија во неговата проза. Милан Кундера упатува на есенцијалниот надреалистичен хумор на Кафка[19] како главен претходник на идните артистички дела на Федерико Фелини, Габриел Гарсија Маркес, Карлос Фуентес и Салман Ружди.
Во поговорот кон полскиот превод на „Процес“, Бруно Шулц го опишува Кафка како писател со „неверојатно чувство за одговорност“ и „религизона умереност“ и „творец од голем формат, кој посегнува по највисоките задачи, кој се бори за разрешување на најдлабоките битови прашања“, истакнувајќи дека „творештвото на Кафка е богато и интензивно, од самиот почеток готово и зрело“. Притоа, според Шулц, Кафка е воспевач на божествениот поредок, но тоа го прави со карикатурална деформација, во навидум компромитирачки и апсурдни форми. На тој начин, Кафка ги исмејува проблематичноста и безнадежноста на човековите дела во однос на божествениот поредок. Во продолжение, Шулц го определува методот на Кафка како создавање паралелна, двојничка ралност којашто ја постигнува со помош на псевдореализам, т.е. Кафка ја гледа реалноста изострено и ја познава нејзината гестикулација. Неговиот однос кон реалноста е ироничен и префиден како односот на магионичарот кон својата апаратура и тој само ја симулира точноста и прецизноста на реалноста за да може подетаљно да ја искомпромитира. Книгите на Кафка не се алегорична слика или интерпретација на некоја доктрина, туку претставуваат самостојна поетска реалност што се мотивира и пронаоѓа во самата себе. Неговото дело живее со сопствен поетски живот - многузначно, бескрајно длабоко, неисцрпено од ниедна интерпретација.[20]

Кафка на филм[уреди | уреди извор]

Делата на Кафка се пренесени и на филм.

Во 1962 година, Орсон Велс го напишал и го режирал сценариото кое всушност е адаптација на романот “Процес” од Франц Кафка, (Тhe Trial, 1962). Во филмот на Велс, Ентони Перкинс го толкува ликот на Јозеф К, а се појавуваат а други улоги толкуваат Жана Моро и Роми Шнајдер. Велс ова остварување го сметал за свое најдобро, после Граѓанинот Кејн[21].

Стивен Содерберг во 1991 го режирал полубиографскиот филм Кафка во кој се меша неговиот живот и фикцијата од неговите романи. Сценариото претставува комбинација на многу негови дела, вклучително и делата “Процес” и “Замок”[22]. Во филмот глуми Џереми Ајронс.

“Прекрасниот живот” на Франц Кафка е краток филм од 1993 година во којшто се меша и делото “Преобразба”.

Во 1993 снимен е филм на Би-би-си (Процес) во режија на Дејвид Џонс каде ликот на Јозеф К. го толкува Кајл Меклахлан, сценариото е на нобеловецот Харолд Пинтер.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Раскази[уреди | уреди извор]

  • Опис на борба (1904-1905)
  • Подготовки за венчавка на село (1907-1908)
  • Судење (1912)
  • Огнарот (1914)
  • Во Казнената колонија (1914)
  • Селото Шломастер (1914-1915)
  • Блумфелд, постариот ерген (1915)
  • Управникот на гробницата
  • Селскиот доктор (1917)
  • Ловецот Грахус(1917)
  • Извештај за Академијата (1922)
  • Истрага за куче (1922)
  • Мала жена (1923)
  • Дувло (1923-1924)
  • Пејачката Жозефина (1924)

Новели[уреди | уреди извор]

  • Преобразба (1915)

Романи[уреди | уреди извор]

Дневници[уреди | уреди извор]

  • Дневникот на Франц Кафка
  • Сина осмина ракопис

Писма[уреди | уреди извор]

  • Писма за Фелис
  • Писма за Отла
  • Писма за Милена
  • Франц Кафка: Писма за семејството, пријателите и уредниците

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. гермснки изговор: [fʁants ˈkafkaː]; чешки изговор: [ˈfrants ˈkafka]; на чешки некојпат го нарекувале František Kafka (чешки изговор: [ˈfrancɪʃɛk ˈkafka]); англиски изговор: /ˈkɑːfkɑː,_ʔkə/ (Random House Webster's Unabridged Dictionary: "Kafka").
  2. Франц Кафка на Енциклопедија Британика
  3. Kafka, Franz (2009). The Metamorphosis. 1230 Avenue of Americas: Simon and Schuster Paperbacks. стр. ix. ISBN 978-1-4165-9968-5. 
  4. Kempf 2005, pp. 159–160
  5. Diamant 2003, pp. 36–38
  6. Gray 2005, p. 179.
  7. Брод, 1966, стр.53-54
  8. Gray 2005, стр. 74, 273
  9. Brod 1960, стр 51, 122–124.
  10. Corngold 2011, стр. 339–343.
  11. 1942-, Koelb, Clayton, (2010). Kafka : a guide for the perplexed. London: Continuum. ISBN 9780826495792. OCLC 680017863. https://www.worldcat.org/oclc/680017863. 
  12. Reiner,, Stach, (2005). Kafka, the decisive years (1st U.S. ed издание). Orlando: Harcourt. ISBN 9780151007523. OCLC 60419722. https://www.worldcat.org/oclc/60419722. 
  13. Gustav., Janouch, ([1971]). Conversations with Kafka. (2d ed., rev. and enl издание). [New York]: New Directions. ISBN 9780811200714. OCLC 61848572. https://www.worldcat.org/oclc/61848572. 
  14. Brod 1966, p. 389
  15. Hempel 2002
  16. 1884-1968., Brod, Max, (1975). Franz Kafka : a biography (1st Schocken pbk. ed издание). New York: Schocken Books. ISBN 9780805200478. OCLC 12397232. https://www.worldcat.org/oclc/12397232. 
  17. Fichter, Manfred M. (1 мај 1987 г). The anorexia nervosa of Franz Kafka (на en). „International Journal of Eating Disorders“ том  6 (3): 367–377. doi:10.1002/1098-108x(198705)6:3%3C367::aid-eat2260060306%3E3.0.co;2-w. ISSN 1098-108X. http://onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1002/1098-108X(198705)6:33.0.CO;2-W/abstract. 
  18. „Kafka Project“. http://www.kafkaproject.com/. 
  19. Кундера, Милан. „Светот на Кафка (Kafka's World)“. JSTOR. The Wilson Quarterly (1976-) © 1988. стр. 88-89. https://www.jstor.org/stable/40257735?seq=1#page_scan_tab_contents. 
  20. „Поговор кон полскиот превод на Процес од Франц Кафка“, во: Бруно Шулц, Митизација на реалноста. Скопје: Бегемот, 2015, стр. 111-117.
  21. "Orson Welles on The Trial (BBC Interview)". Welles Net. 1962.
  22. Kafka". New York State Writer's Institute. State University of New York.
  23. Кафка, Франц (2011) (на македонски). Америка. Скопје: Темплум. ISBN ISBN 978-9989-189-97-5.