Прејди на содржината

Мигел Анхел Астуријас Росалес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Споменик на Мигел Анхел Астуријас Росалес

Мигел Анхел Астуријас Росалес , гватемалски писател и дипломат, роден на 19 октомври 1899 година во Сиудад де Гватемала, Гватемала, а умрел на 9 јуни 1974 година во Мадрид, а на негово барање бил закопан во Париз.[1]

Мигел Анхел Астуријас Росалес

Животпис

[уреди | уреди извор]

Астуријас дипломирал право на тема „Социјалниот проблем на Индијанците“,[1], а кратко време откако го положила двокатскиот испит, поради неколку статии против воената власт западнал во немилост на власта. Во 1923 година, Хосе Антонио Енсинас, кој се наоѓал во прогонство во Гватемала, го убедил семејството на Астуријас да му дозволи заедно со него да замине во Лондон. Таму, Астуријас се запишал на студиите по економија, а тој и Енсинас живееле во една тесна уличка меѓу Британскиот музеј и Расел сквер. Меѓутоа, тој бил несреќен во тоа опкружување и по неколку недели заминал на кратко патување во Париз за да присуствува на прославата на државниот празник, 14 јули. Меѓутоа, таму ги променил своите планови, се откажал од студиите по економија и се запишал на студиите по антропологија на Сорбона, каде на предавањата на професорот Жорж Рејно ја открил културата на Маите. Во Париз, Астуријас почнал интензивно да пишува: неколку години го преведувал делото „Попол Вух“, пишувал поезија, напишал неколку легенди кои го воодушевиле Пол Валери, а таму работел и на романот „Господинот претседател“.[2] За време на престојот во Париз, тој бил под големо влијание на францускиот поет Андре Бретон.[1]

Почнувајќи од 1946 година, Астуријас Росалес бил амбасадор во Мексико, Аргентина и Ел Салвадор, а во 1954 година си заминал од Гватемала. Подоцна бил амбасадор во Франција.[1]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Неговите силно антиимперијалистички поеми и романи го довеле до Наградата за мир „Ленин“ во 1966 година и Нобелова награда за литература во 1967 година. Тој е раскажувач и поет на волшебниот реализам, заедно со Маркез, а прилично бил навлезен со своите дела во полето на староседелството, пишувајќи за селаните под колонијалистичкиот јарем. Неговото прво дело „Легенди од Гватемала“, од 1930 година, е збирка раскази и легенди за Маите. Квалитетот и звучноста на неговата проза одвај може да најде споредба во литературата на шпански јазик од XX век. Со своето дело „Господинот претседател“ од 1946 година се стекнал со меѓународна слава, а во него портретирал еден типичен латиноамерикански диктатор, служејќи се со гротескност и потсмешливост. „Луѓе од пченка“ (1949) година, за многумина е негово ремек-дело чија тема, исто така, е митска. Воопшто, неговите дела секогаш обработуваат исти теми, како што е случај и со трилогијата, позната како „Трилогија на банановата република“, составена од „Силен ветар“, 1950, „Зелениот Папа“, 1954 и „Очите на закопаните“, 1960. Други негови дела се „Мулатка“ и „Деликвент“.[3]

Според Марио Варгас Љоса, романот „Луѓе од пченка“ покажува дека Астуријас бил голем ангажиран писател, дури и тогаш кога тој самиот не билс весен за тоа. Парадоксот се состои во тоа што тогаш кога посакал да биде ангажиран писател, тој ја напишал грубата реалистична трилогија („Зелениот папа“, „Силен ветар“ и „Очите на покојниците“) во која неговата ангажираност е далеку помалку длабока и во која е жртвувано она што е најоригинално и најкреативно во него.[4]

Во предавањето со наслов „Општествениот бунт во латиноамериканската книжевност“, одржано на Лондонскиот универзитет во 1967 година, Астуријас нагласува дека латиноамериканската книжевност е „книжевност на борбата и бунтот“ и дека „хиспаноамериканскиот романописец пишува затоа што мора да се бори со некого, нашиот роман настанува од стварноста која за нас е болна.“ Притоа, тој тврди дека уште од самиот почеток, латиноамериканската книжевност укажува на општетсвените неправди, сведочи за експлоатацијата на робовите и на Индијанците и со зборови се бори за да се поправи положбата на човекот во Америка.[5]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Превод на литертурни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2009.
  2. Mario Vargas Ljosa, „Tri zapisa o Migelu Anhelu Asturijasu“, во: Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 13-14.
  3. Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2009.
  4. Mario Vargas Ljosa, „Tri zapisa o Migelu Anhelu Asturijasu“, во: Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 21.
  5. Mario Vargas Ljosa, „Tri zapisa o Migelu Anhelu Asturijasu“, во: Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 14.