Немањици
Немањици Немањица | |
Поглед кон селото | |
Координати 41°54′52″N 22°00′52″E / 41.91444° СГШ; 22.01444° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Свети Николе |
Област | Овче Поле |
Население | 75 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2220 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 24025 |
Надм. вис. | 440 м |
Слава | Света Троица |
Немањици на општинската карта Атарот на Немањици во рамките на општината | |
Немањици на Ризницата |
Немањици (порано: Немањица) — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Името на селото се поврзува со личното име Неман, што може да означува чудовиште или ѓавол или пак некој што нема ништо. Името на селото се поврзува и со Стефан Немања, основач на династијата Немањиќи.[2]
Постарите мештани пренесуваат дека селото во минатото се нарекувало Имањинци, но дека за време на Турците преминало во Немањинци.[3]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Овче Поле, во источниот дел на територијата на Општина Свети Николе.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 440 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено околу 9 километри во североисточна насока.[4]
Во минатото селото претставувало најголемо во целото Овче Поле. Се наоѓа на јужната падина на ридот Витлан, чија височина е околу 600 метри. Тоа е издолжено во насока исток-запад. Во Немањици постојат три чешми и има поголем број на бунари, која сепак не е добра за пиење. Над селото се наоѓаат неколку кладенци и чешми.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Витлан, Старо Сели или Селиште, Св. Спас, Св. Троица, Линди-Камен, Бела Шпила, Длаги Рид, Крај Брдо, Солена Чука, Било, Вучки Преслоп, Милов Дрен, Сковран, Беово, Врло Страна, Чуки, Камена Струга, Средни Рид, Сурин, Манастириште, Градиште, Рамниште, Барово, Црквиште, Муслијева Страна, Снос, Црвени Брег, Мавровица, Дамева Чука, Бел Брег и Немашница.[3]
Селото има збиен тип. Одредени делови на селото се нарекуваат по поголемите родови, како што се Тасевци, Шијаковци, Поп-Крстеви, Шалевци, Миладиновци, Ниќевци и други.[3]
Низ селото поминува регионалниот пат Свети Николе-Пробиштип.
Историја
[уреди | уреди извор]Во селото и околу него се наоѓаат различни старини и карактеристични топоними, кои укажуваат дека тука имало населби во минатото. Местото Градиште се наоѓа над селото, на падините на ридот Витлан. Таму има слаби остатоци на кружен ѕид. Мештаните немаат баш легенди што имало таму.[3]
На месноста Манастириште, северно од селото, има слаби рушевини од ѕидови, но селаните на знаат што било таму. Црквиште, пак, се наоѓа под селото, околу 1 километар. Денес, таму има ниви, а во минатото имало некои ѕидини. При орањето се наоѓале и одредени ќупови, стари пари и корита за свињи.[3]
Во народната традиција се пренесува дека Немањици е доста старо село. Порано се наоѓало во една долина, која се наоѓа северно од ридот Витлан, во месностите Старо Село или Селиште. Таму сега се останати само остатоци од некогашната црква „Св. Илија“, која била обновена неодамна. Исто така, зачувана е и селската чешма.[3] Тука се верува дека се наоѓала населба уште од римско време, како населба на кракот од Виа Вардарис, кој водел од Ниш до Стоби и Солун на југ. Со тек на време, старото село Немањици станало еден вид на регионален центар.
Денешното село било основано од староседелците од старото село. Преселувањето се извршило поради зулум од страна на Турците. Бидејќи селото не било чифличко, добрата местоположба, поседувањето црква и училиште, многумина македонски семејства се доселувале во селото, поради што во 1912 година селото имало 130 македонски домаќинства.[3] Ова преселување се случило кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, кога покрај староседелците од старото село дошле и многумина жители од соседните села, но и подалеку.
Подолго време постоеле и двете села, старото и новосоздаденото. Последното семејство од Старо Село се преселиле во средината на XX век во денешното село.
Мештаните за време на српската власт за време на и после Балканските војни одбивале да бидат регрутирани во српската војска. Меѓу двете светски војни, српската жандермерија и просрпските чети извршиле повеќе ѕверства над месното население.
По Втората светска војна, селаните се побуниле поради колективизацијата, што довело до масовни репресии и затворски казни за повеќе жители од селото.
Во 2014 година на селото официјално му е вратено традиционалното име Немањици.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 41,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.938 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1.731 хектар, а на шумите 283 хектари.[4]
Атарот на селото станал толку голем со купување на земја од страна на селаните на север кон Макреш и на југ кон Ерџелија.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во минатото во селото работела земјоделска задруга и имало услужни објекти.[4]
За време на отоманскиот период, сите селани поседувале своја земја, додека чифлици имало во околните села. Во селото постоел само еден чифлиг поседуван од некој Ибраим-бег, на кој работеле 10 македонски семејства. На имотот заграден со ѕидови постоела кула. Имотот бил запален околу 1890 година, за подоцна истиот да биде купен од тројца Македонци од Штип, кои по војните ја продале на селаните.[3]
Во 1954 година во селото било создадено државното претпријатие „Прогрес“, кое раководело со земја на атарите на селата Немањици, Ранченци, Мечкуевци и Орел. Главно претпријатието се занимавало со одгледување жито и овчарство. Во 1957 година имале околу 6.000 овци.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Немањици живееле 1.240 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Немањици имало 1.260 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.200 Македонци.[8]
Од Немањици се иселил значителен дел од населението, така што селото преминало од големо во мало село. Така, во 1961 година селото броело 1.476 жители, од кои 1.456 биле Македонци, 12 Албанци и 6 жители Срби. Во 1994 година бројот се намалил дури на 282 жители, од кои 278 Македонци и 4 Срби.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Немањици живееле 201 жител, од кои 199 Македонци и 2 Срби.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 75 жители, од кои 65 Македонци и 10 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.240 | 1.260 | 1.566 | 1.616 | 1.476 | 976 | 545 | 338 | 282 | 201 | 75 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Немањици е македонско православно село, чии родови се староседелски и доселенички.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се: Поп-Крстевци (15 к.), Шалевци (8 к.), Миладиновци (14 к.), Ничевци (7 к.), Догаџинци (19 к.), Тролевци (7 к.), Матевци (16 к.), Поп-Јаневци или Сарамандевци (6 к.), Поп-Митрушевци (3 к.), Марчевци (15 к.), Поповци (7 к.), Ѓелевци (4 к.), Ѓишевци или Парлапанци (3 к.), Косиљаковци (7 к.), Пиперковци (2 к.), Мркулевци (7 к.), Ташевци (12 к.), Шијаковци (14 к.), Џандревци (4 к.), Ѓорчевци (1 к.), Прдлевци (8 к.), Шурковци (1 к.), Чичевци или Кордуновци (5 к.), Катранци (8 к.), Ризевци (1 к.), Камиларовци (6 к.), Ристевци (2 к.), Бурзевци (2 к.) и Србеви (3 к.).
Некои од овие родови се староседелски, а други доселенички. Родот Тролевци порано имал 15 куќи, но се смалил поради иселување, основачот на родот се доселил од селото Трооло, и затоа го добиле името Тролевци. Родот Ристевци порано имал 10 куќи, но се смалил поради иселување, од родот Бурзевци потекнува Ванчо Бурзевски. Родот Србеви го добиле името поради тоа што нивниот предок бил заробен во Србија. Доселени се од селото Судик.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Со текот на времето голем број на Македонци се иселиле од селото. Се знае за следните иселеници во одредени овчеполски села. Родот Дедо-Трајчини (5 к.) се иселиле во селото Врсаково. Во Горно Ѓуѓанци се иселиле Васевци или Албанци (2 к.). Во Ранченци се иселиле Коневи (1 к.). Во селото Орел се иселиле Кордуноски (2 к.), Катранци (11 к.) и Пецеви (2 к.). Во Кадрифаково се иселиле Масеви (3 к.). Во Ерџелија се иселиле Маневи (1 к.) и Иванови (1 к.). Во Ѓуземелци се иселиле Ничеви (3 к.) и Доневи (2 к.).[3]
После 1912 година доста семејства од Немањици се иселиле во Штип и во Скопје. Од Ташеви едно семејство се иселило во Скопје. Од Тролевци неколку семејства се иселиле во Свети Николе. Од Ристевци исто така неколку семејства се иселиле во Свети Николе. Во турско време во градот Гнилане во Косово се иселил родот Гиниќи или Чокчиќи.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
- Дом на културата
-
Поранешното основно училиште
-
Поранешниот задружен дом
-
Административен објект
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Немањици било село во Штипската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Немањици, се наоѓале и селата Арбасанци, Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Орел, Патетино, Равници и Стануловци. Некогашната општина Немањици постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горна Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Немањици и Орел.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1696 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Макреш.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 80 гласачи.[16]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 82 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[18]
- Алин Дол — населба од неолитското и римското време;
- Ветрен — некропола од железното време;
- Вреж — населба од неолитското време;
- Градиште — утврдена населба од железното време;
- Давица — населба и некропола од римското време;
- Зелена Чукарка - Јокуш — населба и некропола од римското време;
- Јокуш — некропола од римското време;
- Мишевска Воденица — вила рустика од римското време;
- Старо Село — средновековна населба и некропола; и
- Црквиште — населба и некропола од римското време.
- Цркви[19]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква во изградба. Камен темелник удрен на 3 ноември 2014 година врз некогашни темели на стара црква посветена на истиот светец.[20]
- Манастири
- Немањички манастир — манастир во месноста Старо Село или Селиште
- Свети крстови
- Свети Спас, сместен над селото
- Света Троица, сместен над селото
- Свети Илија, сместен на патот за селото Орел
- Споменици
- Споменик во чест на комитите
- Езера
- Мавровица — вештачко езеро
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[3]
- Света Троица — главна селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Немањици
- Ванчо Бурзевски (1916-2007) — економист, универзитетски професор и амбасадор
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Селска чешма во денешното село
-
Селска чешма на сретсело
-
Некогашната чешма во Старо Село
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 109. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 733–736.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 206. Посетено на 17 април 2021.
- ↑ „Закон за изменување и дополнување на законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија“ (PDF). Сл. Весник на Р Македонија, бр.149 од 13.09.2014 година. Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-10-28. Посетено на 2020-05-28.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 233.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 134 - 135.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 17 април 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 17 април 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 346. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „КАМЕН ТЕМЕЛНИК ЗА ИЗГРАДБА НА ЦРКВА ВО С. НЕМАЊИЦА – СВЕТИ НИКОЛЕ“. Архивирано од изворникот на 2015-07-30. Посетено на 2014-11-23.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|