Патетино

Координати: 41°57′15″N 22°03′40″E / 41.95417° СГШ; 22.06111° ИГД / 41.95417; 22.06111
Од Википедија — слободната енциклопедија
Патетино

Поглед кон селото

Патетино во рамките на Македонија
Патетино
Местоположба на Патетино во Македонија
Патетино на карта

Карта

Координати 41°57′15″N 22°03′40″E / 41.95417° СГШ; 22.06111° ИГД / 41.95417; 22.06111
Регион  Вардарски
Општина  Свети Николе
Област Овче Поле
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2220
Повик. бр. 032
Шифра на КО 24028
Надм. вис. 620 м
Слава Спасовден
Патетино на општинската карта

Атарот на Патетино во рамките на општината
Патетино на Ризницата

Патетино — мало село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Денешното име на селото симболизира населба покрај пат. Античкото име на Патетино не е познато, но најверојатно е дека денешното име е прилагодено од првобитното, кое имало исто значење — село покрај пат, попатно село.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќи во селото

Селото се наоѓа во областа Овче Поле, во крајниот североисточен дел на територијата на Општина Свети Николе, чиј атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Пробиштип.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 620 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 17 километри.[2]

Патетино е мало планинско село, сместено во североисточниот дел на областа Овче Поле. Се наоѓа на надморска височина над 600 метри. Околни села се: Ранченци, Макреш, Барбарево (Долно и Горно) и други. Селото поседува повеќе добри извори за вода за пиење, како и две чешми и еден бунар.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Крс, Челебиско Трло, Камена Струга, Берче, Голем Рид, Тунтулица, Љубан, Камен, Куново Трло, Среден Рид, Гола Чука, Карпи, Дигнат Камен, Трница и други.[3]

Селото има збиен тип и е поделено на два дела наречени по родовите: Мишевски и Петковски Крај.[3]

До селото се стигнува преку асфалтен пат кој се двои од регионалниот пат Свети Николе-Пробиштип во насока за Ранченци.

Историја[уреди | уреди извор]

Антички период[уреди | уреди извор]

Градба во селото

При освојувањето на Паjонија од Античка Македонија (Филип V 221-179), во 217 година пред н.е. населбата на Трница настрадала, а поради отпорот на домородното население била запалена. Преживеаните во близина на денешното село, „од неговата горна страна“ — според селаните, подигнале нова населба. Во ова наоѓалиште има многу „нишани“ (површински остатоци од населбата): темели од куќи, плевни, гумна, огништа, стари монети и слично.[3]

На север од населбата, над денешното село, на возвишението Берче била изградена тврдина. И денес на Берче има остатоци од истата — темели и градежен камен. Тврдината била користена од македонскиот крал Филип V, а подоцна и од Римјаните — служела за обезбедување на патот кој води преку Патетино. По паѓањето на Македонија под римска власт во 168 година пред нашата ера, Римјаните го поделиле Македонското кралство на четири мериди (области – републики). Овче Поле заедно со населбите во него влегувало во втората мерида. Во првата половина на I век од нашата ера, Патетино било колонизирано од римски воени ветерани. Во наоѓалиштето Над Село има многу остатоци од римскиот период, меѓу другото таму селаните при обработка на нивите имаат наоѓано римски монети. Во селото најверојатно постоел катон (среден земјиштен имот), каде главно се одгледувал добиток. Земјата од катонот ја обработувале робови (домородното население). Низ Патетино минува еден крак од патот СтобиАстибо (Ново СелоШтип)–Транупара–Пауталија (Ќустендил). Овој крак се делел кај попатната станица Астибо и се протегал низ Пробата, минувал низ денешна Крива Паланка за Пауталија. За овој пат селаните велат: „Преку Патетино водел пат, познат под името Солунско џаде“. Западно од селото, накај Макреш, во месноста Тунѕулица имало попатна станица (ан). Оваа попатна станица била изградена во римскиот период и постоела до VII век. За време на турското владеење анот бил обновен и постоел до 1912 година.[3]

Средновековен период[уреди | уреди извор]

Во првата половина на VII век Патетино било колонизирано од племето Сагудати. Сагудатите биле побројни и со време затекнатото месно население било асимилирано. Во почетокот на XI век за време на офанзивата на византискиот цар Василиј Втори против Самуиловото царство, селото било запалено од византиската војска, но не било напуштено. Сега Патетино припаѓало на Скопската тема.

Во крајот на XII и првите децении на XIII век, Патетино влегувало во Кнежевството Просек на кнезовите Хрс и Стрез. Подоцна во текот на борбата на балканските држави за превласт во Македонија, Овче Поле често ги менувало господарите. Никејската војска во 1246 година, покрај другите места и предели во Македонија, го зазела и Овче Поле. По уништувањето на латинската власт во Цариград во 1261 година, Македонија заедно со Овче Поле била придружена на обновената Византија. Но, по 20 години – во 1282 година српската феудална војска навлегла во северниот дел на Македонија и ги зазела Полозите, Скопје, Злетово, Овче Поле и Пијанец.

По паѓањето на Патетино под српска власт, во времето на српскиот крал Милутин (1282 – 1321) во селото била изградена црква посветена на Свети Атанасиј.

Османлиски период[уреди | уреди извор]

По Косовската битка во 1389 година селото било запалено од турската војска. Дел од населението било убиено, но преживеаните го обновиле селото. Во истата година и црквата била запалена, за да биде обновена со дозвола на турската власт во XVI век, со тоа што истата била вкопана во земјата. По Австро–турската војна (1683–1689), во 1690 година селото повторно настрадало од турски башибозук, кога црквата била повторно запалена. Во првата половина на XIX век црквата е обновена. Сега таа е во рушевини. Гробиштата на селото се покрај црквата од најстари времиња.[3]

Во 1392 година Патетино заедно со останатите населби во Овче Поле паднало под власт на османлиска власт. Селото административно влегувало во Ќустендилскиот санџак, а и припаѓало на Штипската нахија.

Патетино се спомнува во пописните дефтери на Ќустендилскиот санџак од XVI век. Во 1530 година имало 22 семејства, 6 неженети и 2 вдовици. Во 1550 година тоа имало 26 семејства, 6 неженети и 2 вдовици, додека во 1570 година биле 38 семејства, 2 вдовици и 3 неженети, со околу 200 жители вкупно. Селото било чисто христијанско (македонско), во него немало Турци.

Во пописните листови селото е запишано со името Патетино. Од пописниот дефтер од 1570 година се гледа дека тоа било тимар на Сулејман Черебаши со вкупен годишен приход од 11.427 акчиња.

Поради зулумите што биле вршени над рајата од Турците, на крајот од XVIII век селаните од Патетино убиле некој Турчин. За одмазда Турците го исклале целото население од селото. Според сочуваното предание „потекла крв низ долината на селото до местото Дигнат камен“, жива останала една девојка, која побегнала во соседното село Барбарево.[3]

По тој настан земјата во Патетино ја присвоил Турчинот Мула Алија, наречен Брокле. Тој живеел во Штип, а во селото основал чифлик. Мула Алија на чифликот во селото присилно населил два македонски рода. Основањето на денешното село било во крајот на XVIII век. Тогаш во Патетино присилно се доселени дедо Мишеви и дедо Петкови. Дедо Мишеви се од селото Ерџелија. Дедо Петкови се од селото Арбасанци. Основачите на денешното село се доведени како „момоци“ на чифликот на Мула Алија – Брокле.[3]

До крајот на XIX век селаните ја обработувале чифлик—сајбиската земја. Последниот сопственик на чифликот бил некој од потомците на Мула Алија. Последниот дел од чифликот селаните го откупиле околу 1912 година. По ослободувањето од Турците во 1912 година Патетино имало 4 македонски семејства.[3][4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поранешен стопански објект

Атарот зафаќа простор од 9,6 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 737 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 181 хектар.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]

За време на отоманскиот период, селаните ја обработувале земјата на чифлиците. По Втората светска војна, државата им одзела земја на оние селани кои имале над 10 хектари.[3]

Главно занимање на населението во селото било сточарството и ловот, за што имало погодни природни услови. Селото било особено познато по одгледувањето на коњи.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948112—    
1953106−5.4%
196187−17.9%
197137−57.5%
198122−40.5%
ГодинаНас.±%
19919−59.1%
19946−33.3%
20026+0.0%
20210−100.0%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Патетино живееле 40 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Патетино имало 40 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[7]

Селото е мало во фаза на наполно раселување. Тоа, во 1961 година имало 87, а во 1994 година само шест жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Патетино живееле 6 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 40 40 112 106 87 37 22 9 6 6 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови[уреди | уреди извор]

Патетино е македонско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:

  • Доселеници: Дедо Мишевци (8 к.) и Дедо Петковци (9 к.). Дедо Мишевци се доселени од ниското село Арбасанци, таму биле староседелци. Додека родот Дедо Петковци е доселен од селото Ерџелија, а подалечното потекло им е непознато. И двата рода се доселени во првата половина на XIX век.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од ова село иселеници може да се најдат во Свети Николе.[3]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Патетино било село во Штипската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Патетино, се наоѓале и селата Арбасанци, Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Немањици, Орел, Равници и Стануловци. Селото било дел од некогашната општина Мечкуевци во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Арбасанци, Буриловци, Мечкуевци, Ранчинци, Патетино и Станулевци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1697 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на приватна куќа на селото Ранченци. Во избирачкото место влегуваат селата Мечкуевци, Патетино и Ранченци.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[14]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[3]
  • Во минатото постоела црква посветена на Свети Атанасиј, од која денес скоро и да нема остатоци.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 230. Посетено на 24 април 2021.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 690–691.
  4. https://ovcepole33.wordpress.com/2014/03/05/patetino-ovce-pole-republic-of-macedonia/
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 232.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 134 - 135.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 април 2021.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Посетено на 24 март 2021.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 346. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]