Богословец (село)

Координати: 41°46′23″N 22°01′18″E / 41.77306° СГШ; 22.02167° ИГД / 41.77306; 22.02167
Од Википедија — слободната енциклопедија
За истоимената планина видете Богословец (планина)
Богословец

Поглед на Богословец

Богословец во рамките на Македонија
Богословец
Местоположба на Богословец во Македонија
Богословец на карта

Карта

Координати 41°46′23″N 22°01′18″E / 41.77306° СГШ; 22.02167° ИГД / 41.77306; 22.02167
Регион  Источен
Општина  Кочани
Област Овче Поле
Население 1 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2227
Повик. бр. 032
Шифра на КО 24004
Надм. вис. 440 м
Богословец на општинската карта

Атарот на Богословец во рамките на општината
Богословец на Ризницата

Богословец или Богославец — село во Општина Свети Николе, во областа Овче Поле, во околината на градот Свети Николе.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Богословец се наоѓа на северните падини на северните падини на истоимената планина, на околу 4,4 км од патот Штип-Свети Николе, односно од ЖС „Овче Поле“. Од западната страна граничи со селата Делисинци и Аџибегово, од исток со селото Доброшани, од север со Кадрифаково и Амзабегово, а од југ со Јамуларци. Селото е ридско и се издига на надморска височина од 440 м. Селскиот атар зафаќа површина од 23 км2. Од Свети Николе е оддалечено 14 км.[2]

Границата на селскиот атар поминува низ месностите: Вршник, Германечки Дол, Џаде, Камен Мост, Пат за Делисинци, Дубриња, Момињок, Трло Ѓелеско, Глава, Дол, Стојкови Расје, Остра Ричка, Мамудова Чука, Мишев Гроб, Брегалница, Воденица, Јаз, Сува Чешма, Скок, Крушки, Петреви Дрми, Сландолови, Раскрсница, Шут Рид, Брег, Нов Пат, Три Граници, Брешче. Јазови, Рички, Корито, Редени Камења и Арнаутски Дол. Месоностите внатре во селскиот атар се познати како: Кучаево, Тиски Врв, Пропадиште, Побиен Камен, Уши, Коловозник, Крушка, Шојков Дол, Живанка, Ќумеци, Буџерија, Ѓерман, Ѓуревица, Гадеш, Старо Село и Црквиште. Селото е од збиен тип и е поделено на три маала и една работничко-службеничка рударска колонија. Маалата се наречени: Чорбаџиско (на запад), Средно и Галеско (на исток).[3]

Во Средно Маало избива силен извор којшто е соѕидан во чешма и од којшто мешаните се снабдувале со добра вода за пиење. Од извор во Чорбаџиско Маало била пренесувана вода за три чешми во рударската колонија. Постоела и чешма во Галеско Маало, но нејзината вода пресушила поради рударските работи. Извори во селскиот атар има и надвор од селото. Таков е изворот Глава чија вода протекува во Делисинци. Друг извор е Ѓелева Чешма од којшто вода пиела стоката на пасење. Трет извор е Старо Село којшто е сместен во долината под селото и од него има вода за три чешми.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Гравура на Ѓаволскиот Ѕид со замислени градби, 1842 г.

Мештаните говорат дека во Месноста Гадешка Чука, сместена на околу 1.500 м југоисточно од селото, некогаш се наоѓал град. Од таа населба денес на површината се забележителни плочи, грамади и темели. Гадешка Чука и околното земјиште имале многу лозја, но на таа површина денес има шума и ниви откако старите лозја пропаднале во 1926/7 година.[3]

Пишани извори за селото постојат од средниот век. Во тоа време, селото било во сопственот на манастирот „Св. Ѓорѓи“ кај Скопје. Според народната традиција, селото најпрвин се наоѓало во месноста којашто сега се нарекува Старо Село, што е околу 2 км северозападно и пониско од денешното село. Тоа село било запалено од страна на отоманските власти, а неговото население било истепано. Се спасиле само четири куќи, а жителите побегнало во денешното високо место и таму го основале денешното село. Пропаѓањето на населбата во месноста Старо Село и основањето на денешната изгледа дека било на почетокот на XIX век. Во месноста Старо Село денес се простираат ниви коишто некогаш биле во сопственост на Турци чифликсајбии од соседното село Делисинци, а по 1918 година биле откупиле од страна на мештаните. По нивите се зборува дека се среќавале ќерамиди и камен од ѕидови. Меѓу доселениците од Старо Село бил и родот Врлевци. Тие биле богати и во XIX век се иселиле во Скопје. Нивната земја ја купил некој Муче-бег од Штип и на неа создал мал чифлиг. Пред 1912 година, земјата на тој чифлиг ја откупиле предци на денешните родови Гроздановци и Ничовци. Во периодот до 1912 година, Богословец како христијанско село во својата блиска околина имало населби, како на пример Аџибегово и Добрушево, во коишто живееле Туци кои вршеле разни злодела врз мештаните.[3]

Познато е дека во селото имало средновековна црква посветена на Јован Богослов којашто се наоѓала во месноста Пропадиште и се споменува во 1300 година како метох на манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Скопје. Околу 1875 година, местото во Пропадиште се повклеко и црквата се срушила. Денешната црква „Св. Јован Богослов“ била изградена околу 1878 година. Селските гробишта до 1914 година се наоѓале во месноста Пропадиште, а оттогаш се сместени во дворот на денешната црква. На денот на црковната слава во селото се организирал собир на којшто доаѓале гости дури и од Штип и Велес, а се говори дека во последните години на собирот присуствувал и Гоце Делчев.[3]

Во Првата балканска војна, 3 лица од селото биле доброволци во Македонско-одринските доброволни чети.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Селото има мешовита функција и е зафатено со деаграризација. Во рамките на неговиот атар, пасиштата преовладуваат на површина од 909 ха, шумите зафаќаат површина од 671,3 ха, а на обработливо земјиште отпаѓаат 183,2 ха.[2]

Во минатото, во селото работел рудникот за азбест „Македонија“, па мештаните се занимавале и со рударство. Отпрвин, рудникот не бил доволно развиен, но со преминувањето во општествена сопственост бил механизиран и неговото производство било проширено. Во 1958 година, во рудникот работеле околу 250 лица од селото и околината.[5]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948320—    
1953542+69.4%
1961609+12.4%
1971135−77.8%
19813−97.8%
ГодинаНас.±%
19912−33.3%
19942+0.0%
20024+100.0%
20211−75.0%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Богословец живееле 320 жители, сите Македонци христијани.[6]

По податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Богославец имало 360 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[8]

Според пописот од 2002 година, во селото Богословец живеат 4 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 320 360 320 542 609 135 3 2 2 4 1
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Богословец е старо чисто македонско православно село, кое е пред целосно изумирање. Народната традиција наведува дека во минатото Богословец постоело на местото наречено Старо Село, но таму се случил пустеш од Турците, по кое останале 4 семејства, кои го основале Богословец на денешното место.[3]

Родови во Богословец се: Галевци (3 к.), Чолаковци (3 к.), Џаневци (4 к.), Ивановци (3 к.), Ѓелевци (9 к.) и Димовци (7 к.) се староседелски кои живееле во старото село Богословец; Гроздановци (5 к.) се доселени од селото Долно Црнилиште, но и таму биле доселенеци, а можно е да се од околината на Кочани; Темелковци (1 к.) се доселени од селото Ерџелија, а подалечното потекло им е непознато; Ќосевци (7 к.) се доселени од селото Мустафино, но и таму сбиле доселеници; ’Ржанковци (4 к.) се доселени од „Арнаутлок“, односно територијата западно од Скопје; а Ефремовци (2 к.) и Митревци (3 к.) исто така се доселеници.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Низ годините огромен број од жителите на селото се иселиле, а познати се следните иселенички родови: Колевци (3 к.), Грашовци (3 к.), Саздовци (3 к.), Начовци (3 к.), Стоиловци (1 к.), Пушка (2 к.), Даскаловци (1 к.), Митковци (1 к.), Домазетовци (1 к.), Шутаровци (5 к.) и Гавриловци (1к.) во периодот од 1924 до 1939 година се иселиле во соседното село Амзабегово; Ристо Коле (3 к), Пане Риба (1 к.), Дане Ване (2 к.), Лазаровци (1 к.) и Ване Даче (1 к.) се иселиле во селото Делисинци; Пушковци (2 к.) околу 1925 година се иселиле во селото Пеширово; Златковци (1 к.) во 1943 година се иселиле во Сарамзалино; а Андоновци (1 к.) како гранка на родот Гроздановци се иселиле во Врсаково по Првата светска војна. Во XIX век во Скопје се иселил родот Врлевци. Од крајот на Втората светска војна населението се иселувало во Скопје, Штип и Велес.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кочани од 1955 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Ерџелија.

Во XIX век век Богословец се наоѓало во Штипската каза на Отоманското Царство.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1701 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Амзабегово.[14]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 392 гласачи.[15]

Спорт[уреди | уреди извор]

Во периодот од 1950 до 1965 година, во селото бил активен ФК „Рудар“ за кого играле: Благоја Златев, Стојмир Динев, Круме Митковски, Русе Коцев, Ангел Коцев, Момир Грозданов и Ангел Ристов.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Ѓаволскиот Ѕид
Археолошки наоѓалишта[3][16]
Планини
Природни реткостки
Цркви

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Богословец
  • Арсо Илиев (1860 — 1905) — македонски револуционер, деец на ВМРО;
  • Дане Георгиев (1897 — 1922) — македонски револуционер, деец на ВМРО;[17]
  • Јованче — македонски револуционер, деец на ВМРО;[18]
  • Јорде Чолаков (? — 1918) — македонски револуционер, деец на ВМРО;[19] и
  • Сане Арсов (? — 1918) — револуционер, деец на ВМРО.[19]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 33.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Трифуноски, Јован (1961). Овчеполска Котлина. стр. 666–669.
  4. „Македоно-одринското опълчение 1912 – 1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 830.
  5. Трифуноски, Јован (1961). Овчеполска Котлина. стр. 660.
  6. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 232.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 134-135.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 јули 2021.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 15 јули 2021.
  15. „Парламентарни избори 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 15 јули 2021.
  16. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  17. Михайлов, Иван. Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924, Льовен, 1965, стр. 709.
  18. Михайлов, Иван. Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924, Льовен, 1965, стр. 712.
  19. 19,0 19,1 Македонците в културно-политическия живот на България. Анкета от Изпълнителния комитет на Македонските братства, Книгоиздателство Ал. Паскалев и с-ие, София, 1918, стр. 104.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]