Ерџелија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ерџелија

Поглед кон селото

Ерџелија во рамките на Македонија
Ерџелија
Местоположба на Ерџелија во Македонија
Ерџелија на карта

Карта

Координати 41°50′07″N 22°02′08″E / 41.83528° СГШ; 22.03556° ИГД / 41.83528; 22.03556Координати: 41°50′07″N 22°02′08″E / 41.83528° СГШ; 22.03556° ИГД / 41.83528; 22.03556
Регион  Вардарски
Општина  Свети Николе
Област Овче Поле
Население 852 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2225
Повик. бр. 032
Шифра на КО 24013, 24513
Надм. вис. 255 м
Слава Света Троица
Ерџелија на општинската карта

Атарот на Ерџелија во рамките на општината
Ерџелија на Ризницата

Ерџелија — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Името на селото се поврзува со турскиот збор ерџеле или ергеле што означува стадо коњи или одгледувалиште на коњи.[2]

За време на турската власт, селото го носело името Ерџели (или Ерџелија). По Првата светска војна било наречено Овче Поле. Од 1941 година, повторно се употребува името Ерџелија.[3]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во селото

Ова големо село се наоѓа во областа Овче Поле, во југоисточниот дел на територијата на Општина Свети Николе и претставува развиен рурален центар.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 255 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 14 километри.[4]

Ерџелија е познато село во Овче Поле, сместено недалеку од железничката пруга Велес-Кочани. Северно од селото се издигнува бреговито земјиште составено од езерски наслаги. Од останатите страни се простига алувијална рамнина. Околни села се Мустафино на исток, Кадрифаково на југ и Амзабегово и Пеширово на запад.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Струга, Кабалак, Бела Чука, Уплаш, Армалак (Гумно), Бајрамица, Костена Чука, Седум Уврти, Алаѓоз, Софија, Трница, Буниште, Ерџелиски Лозја, Говедаров Камен и други.[3]

Селото има збиен тип, поделено на два дела: Старо Село на југоисток и Ново Село на североисток, околу патот за Мустафино. Во Старо Село живеат постари македонски и понови влашки родови, а до Балканските војни таму живееле и Турци. Ново Село било основано од српските колонисти по Првата светска војна.[3]

Селото е поврзано со асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат Свети Николе-Штип.

Историја[уреди | уреди извор]

Остатоците на старини околу селото укажуваат на местото на денешното село имало жители одамна. Мештаните кажуваат дека југозападно од селото се најдени некои стари „латински гробишта“, каде што биле најдени ќерамиди и други предмети.[3] На локалитетот Буниште се вршени истражувања во 1980 година, при што на оваа неолитска населба биле откриени наоди на керамика и камен градежен материјал. На овој локалитет има докази за живот и во античкиот период, а се поврзува и со локалитетот Бела Чука, каде е најден римски водовод. Друга античка населба во атарот на денешното село се сретнува на месноста Крушка, која поради близина со Буниште се претпоставува дека биле една иста населба.

Народната традиција пренесува дека денешното село било основано од страна на Турците, кои тие го нарекувале Ерџели. Првпат името Ерџелија во турските пописни дефтери се споменува во втората половина на XVIII век. До 1912 година, Турците имале околу 80 куќи. Со почетокот на Балканските војни, Турците се иселиле, а нивните куќи биле запалени. Некогашната џамија се наоѓала на местото на куќата на Веле Костадинов.[3]

Иако до 1912 година, мнозинството биле Турци, сепак живееле и Македонци, кои во 1912 година имале 20 куќи. Тие биле доселени во текот на XIX век и работеле на турските чифлици.[3]

За време на Кралството Југославија, властите извршиле доселување на српски колонисти со потекло од Далмација, Босна и Србија. Тие броеле околу 100 куќи во еден момент. Во 1941 година, бугарските окупаторски власти ги протерале овие жители назад во Србија.[3]

По Граѓанската војна во Грција, во селото живееле околу 100 бегалски семејства од Егејска Македонија. Тие биле сместени во објекти на државната земјоделска задруга „Овче Поле“.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е голем и зафаќа простор од 24,2 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.918,4 хектари, на пасиштата отпаѓаат 248 хектари, а на шумите само 67,1 хектар.[4]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во него има земјоделска задруга, продавници и угостителски објекти.[4]

За време на отоманскиот период, голем дел од земјата ја држале турски бегови. Скоро една половина од селскиот атар бил во посед на Али Шефкет-бег. Овој, но и другите бегови, живееле во Штип. При ослободување, сите Македонци во селото добиле доволно земја. Преостанатата земја по Првата светска војна била доделена на српски колонисти, кои дошле од Далмација, Босна и Србија.[3]

Во северозападниот дел на Ерџелија, покрај патот за Свети Николе, во 1948 година било основано земјоделска задруга „Овче Поле“, која имала неколку стопански и голем број станбени објекти.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948603—    
19531.212+101.0%
19611.172−3.3%
19711.041−11.2%
19811.068+2.6%
ГодинаНас.±%
19911.057−1.0%
19941.047−0.9%
20021.012−3.3%
2021852−15.8%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ерџелија имало 410 жители, од кои 200 Македонци и 210 Турци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Ерџелија имало 160 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[7]

Ерџелија е големо село, коешто во 1961 година броело 1.172 жители, а во 1994 година 1.047 жители, од кои 1.007 биле Македонци, 35 Власи и 5 Срби.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Ерџелија живееле 1.012 жители, од кои 979 Македонци, 31 Влав и 2 останати.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 852 жители, од кои 804 Македонци, 2 Албанци, 2 Роми, 9 Власи, 2 Срби, 1 останат и 32 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 410 160 603 1.212 1.172 1.041 1.068 1.057 1.047 1.012 852
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Ерџелија е мешано македонско-влашко православно село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:

  • Македонски родови: Наковци (8 к.), Каровци (6 к.) и Грци (4 к.), најстари родови во селото, доселени се однекаде во турско време; Долјанци (7 к.), доселени се во XIX век од селото Долани; Алачковци (2 к.), доселени се од некое село во Скопско; Ранченци (2 к.), доселени се од селото Горно Црнилиште и таму се однекаде доселени, веројатно од селото Ранченци; Пишкаловци (4 к.) и Црмковци (2 к.), доселени се од селото Долно Црнилиште, изгледа таму припаѓале на родот Богатиновци, подалечно потекло од Припечани; Лубеновци (3 к.), и тие се од Долно Црнилиште, подалечно потекло однекаде, нивните роднини од Долно Црнилиште се преселиле во Свети Николе; Божиновци (2 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Мустафино и таму биле доселени однекаде; Димитровци (2 к.), Спасовци (1 к.), Јаќимовци (1 к.) и Цветковци (1 к.), доселени се од селото Жидилово, Кривопаланечко во 1942 година; Насевци (1 к.), доселени се од селото Узем, Кривопаланечко во 1942 година; Стојменовци (1 к.), доселени се од селото Трново, Кривопаланечко во 1942 година; Анѓелковци (2 к.) и Стајевци (1 к.), доселени се од селото Сурлица кај Трговиште (Србија) во 1942 година; Нешовци (2 к.), доселени се од селото Побожје, Скопска Црна Гора во 1942 година; Ѓоргијовци (1 к.), доселени се од селото Арбасанци во 1942 година, таму им биле роднини Шоповци; Глигоровци (1 к.), доселени се од селото Аџиматово и таму биле доселени однекаде; Маневци (1 к.), доселени се од селото Немањици; Зафировци (1 к.), доселени се од селото Пезово, Кумановско; Беговиќи (1 к.), доселени се од Србија. Во селото има и околу 100 домаќинства доселени од Егејска Македонија.
  • Влашки родови: Зуљевци (2 к.), Ќосевци (3 к.), Папандиевци (3 к.), Ѓоргијевци (2 к.), Наковци (2 к.), Бунушлији (3 к.), Михајловци (2 к.), Рамбовци (4 к.), Николовци (1 к.) и Костовци (1 к.), доселени се во периодот од 1914 до 1946 година, правото потекло на сите влашки родови е од Грамошта (Егејска Македонија).

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото имало често иселување на македонското население. Родот Бојковци (2 к.), за време на отоманскиот период, се иселиле во градот Свети Николе, родот Дедо-Петкови (9 к.), за време на првата половина на XIX век, се иселиле во Патетино, родот Ташкови (4 к.), за време на отоманскиот период, се иселиле во Буриловци, родот Китанови (2 к.), за време на отоманскиот период, се иселиле во Кнежје, родот Темелкови (1 к.), за време на отоманскиот период, се иселиле во Богословец, родот Андоновци се иселиле во некое непознато овчеполско село. Во 1908 година, од селото се иселиле три македонски домаќинства (Кукушови, Наунови и Крчакови), кои отишле во Чардаклија, каде купиле земја. Некои македонски иселеници од Ерџелија живеат во градот Штип.[3]

Претходно од селото се имаат иселено турски семејства, околу 80 семејства (1912/13 г.), како и српските колонисти (1941 г.).[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Ерџелија било село во Штипската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Ерџелија, во која покрај селото Ерџелија, се наоѓале и селата Амзабегово, Аџибегово, Богословец, Буриловци, Горно Црнилиште, Делисинци, Долно Црнилиште, Кадрифаково, Мустафино и Пеширово. Општината Ерџелија постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе влегувале селата Ерџелија, Кадрифаково и Мустафино.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1699 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 782 гласачи.[15]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 794 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Павле“
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Бела Чука — водовод од римско време;
  • Крушка — населба од доцноантичко време; и
  • Ќупче — населба од неолитско време.
Цркви[18]
Џамии[3]

Во минатото во селото постоела џамија, од која денес не е ништо останато.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[3]
  • Света Троица — главна селска слава, кога се организира и традиционалниот турнир во мал фудбал

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Ерџелија

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р. Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 94. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 754–757.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 122. Посетено на 4 април 2021.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 232.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 134-135.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 април 2021.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 4 април 2021.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 344. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]