Стањевци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стањевци

Поглед кон селото

Стањевци во рамките на Македонија
Стањевци
Местоположба на Стањевци во Македонија
Стањевци на карта

Карта

Координати 41°57′27″N 21°54′12″E / 41.95750° СГШ; 21.90333° ИГД / 41.95750; 21.90333Координати: 41°57′27″N 21°54′12″E / 41.95750° СГШ; 21.90333° ИГД / 41.95750; 21.90333
Регион  Вардарски
Општина  Свети Николе
Област Овче Поле
Население 47 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2220
Повик. бр. 032
Шифра на КО 24036
Надм. вис. 400 м
Слава Спасовден
Стањевци на општинската карта

Атарот на Стањевци во рамките на општината
Стањевци на Ризницата

Стањевци — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Ова село се наоѓа во областа Овче Поле, во северозападниот дел на територијата на Општина Свети Николе, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Куманово.[2] Селото е рамнинско, на надморска височина од 400 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 12 километри.[2]

Селото се наоѓа на работ од котлината помеѓу селата Алакинци на југозапад, Павлешенци на север и Мездра на југоисток. Водата за пиење ја добивало од чешми и од бунари. Во самото село постоела Селска чешма, а чешмата Дражевица се наоѓала западно од селото. Имало и трета чешма Азмак, која била уништена од ерозија на земјиштето.[3] Сместено е во североисточните падини на Градиштанска Планина.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Велетин, Кукуле, Орљак, Будевица, Црвеница, Кушандев Рид, Била, Викало, Кобилица, Кошари, Вртешки, Поглед, Оштра Чукарка, Мала и Голема Кукуноса, Стоилов Рид, Новков Камен, Шумак, Ливади, Ѓерен, Бунаришта, Трпеза, Под Црвеница, Бузалаци, Говедаров Рид, Селиште, Црквиште, Грамади и Арамиска Карпа.[3]

Селото има збиен тип. Поделена е на два дела, кои меѓусебно се одвоени од долина. Помалиот и постар дел се наоѓа на левиот брег од долината и е наречен Рајатско Маало, додека на делот на десниот брег е наречен Чифчиско Маало.[3] Во долината поминува реката Периш, а во самото село се наоѓаат ридовите Мала и Голема Кукуноса. На врвот на Голема Кукуноса има дрвена конструкција со клепало.

Стањевци е поврзано со асфалтен пат до регионалниот пат Свети Николе-Куманово.

Историја[уреди | уреди извор]

Северно од селото на оддалеченост од околу 1000 метри се наоѓа месноста Селиште, каде денес се наоѓаат ниви во кои се сретнуваат остатоци од куќи. Таму се верува дека се наоѓало старото село Стањевци. Таму се наоѓа старата црква „Св. Елена“ и селските гробишта.[3]

Општото верување е дека селото Стањевци на Селиште еднаш пропаднало поради турските арамии. Арамии имало по околните шуми, поради што и една месноста се нарекува Арамиска Карпа. Арамиите често го напаѓале селото. За одбрана на селото, селаните убиле неколку од нив. Но, поради тоа тие морале да го напуштат местото, па така едни отишле во Велес, други во Штип, трети во Скопје, а предците на родот Златановци заминале во овчеполското село Мустафино. Златановци по само една година се вратиле повторно во Стањевци и го основале новото село на нова местоположба. По основањето на селото, Златановци почнале да повикуваат доселеници.[3]

По основањето на селото бил основан и чифлиг од некој кратовски бег. На чифлигот биле населувани други македонски семејства.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е голем и зафаќа површина 23 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 885 хектари, на шумите отпаѓаат 869 хектари, а на пасиштата 500 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]

До крајот на отоманската власт, во селото имало еден чифлиг, а своја земја имале само мештаните од родот Златановци. По Втората светска војна, дел од неговиот атар бил заземен од државното претпријатие во Мездра.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948379—    
1953399+5.3%
1961475+19.0%
1971307−35.4%
1981178−42.0%
ГодинаНас.±%
1991101−43.3%
199482−18.8%
200261−25.6%
202147−23.0%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Стањевци имало 266 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Стањевци имало 272 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[6]

Стањевци во 1961 година имало 475 жители, од кои 392 биле Македонци, а 83 жители Срби. Во 1994 година селото броело само 82 жители, исклучиво населено со македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Стањевци живееле 61 жител, сите Македонци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 47 жители, од кои 44 Македонци и 3 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 266 284 379 399 475 307 178 101 82 61 47
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови[уреди | уреди извор]

Стањевци е македонско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:

  • Македонски родови:
    • Староседелци: Златановци (10 к.) и Киселинкови (3 к.), гранка од Златановци;
    • Доселеници: Ролеви (3 к.), доселени се од селото Тополовиќ кај Кратово. Основачот на родот имал жена од Златановци; Карафиловци (3 к.), доселени се од селото Пчиња кај Куманово. Овде живеат од турско време; Кривановци (4 к.), доселени се во турско време од селото Павлешенци. Таму биле староседелци; Петканци (3 к.), доселени се од селото Кнежје. И таму биле доселени однекаде; Новаци (3 к.), доселени се од селото Орел. И таму биле доселени однекаде; Насе (1 к.), доселени се во 1923 година од селото Трновац кај Кратово; Текешинци (1 к.), доселени се од селото Павлешенци. Таму биле староседелци; Стојчевци (2 к.), Ѓоревци (3 к.), Славковци (4 к.), Ѓореви (2 к.), Читкови (3 к.) и Шоповци (1 к.), доселени се, но не знаат од каде.
  • Ромски родови:
  • Српски родови:
    • Доселеници: Влајко (1 к.), Младен (1 к.), Добривој (1 к.), Раде (1 к.) и Најден (1 к.), доселени се во 1956 година од Ново Село кај Врање; Милан (1 к.) и Марко (1 к.), доселени се во 1956 година од селото Крива Феја кај Врање.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Не се знае што станало со македонскиот род Баба-Димини. Биле доселени од некое село кај Велес. Потоа постари иселеници има во Макреш (Грмодолци) и Винце (Пашини).[3]

После Втората светска војна населението се иселувало во градовите Свети Николе, Куманово, Велес и Скопје.[3]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Стањевци било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Павлешенци, во која покрај селото Стањевци, се наоѓале и селата Габреш, Градиште, Горно Ѓуѓанци, Долно Ѓуѓанци, Кокошиње, Кутли Бег, Кучкарево, К’шање, Павлешенци, Пезово и Строиманци. Селото припаѓало на некогашната Општина Долно Ѓуѓанци во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горно Ѓуѓанци, Долно Ѓуѓанци, Кокошиње, Павлешенци, Строиманци и Стрњевец (како што веројатно било запишано).

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1692 според Државната изборна комисија, сместено во приватен објект.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 37 гласачи.[14]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 34 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Никола“
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 283. Посетено на 9 мај 2021.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 726–728.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 215.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 128-129.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 април 2021.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 12 мај 2021.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 359. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]