Горно Црнилиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Горно Црнилиште
Панорама на Горно Црнилиште.jpg

Поглед кон селото

Горно Црнилиште is located in Македонија
Горно Црнилиште
Местоположба на Горно Црнилиште во Македонија
Координати 41°49′01″N 21°57′51″E / 41.81694° N; 21.96417° E / 41.81694; 21.96417Координати: 41°49′01″N 21°57′51″E / 41.81694° N; 21.96417° E / 41.81694; 21.96417
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски
Општина Former coat of arms of Sveti Nikole Municipality.svg Свети Николе
Област Овче Поле
Население 345[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 2227
Повик. бр. 032
Шифра на КО 24042, 24542
Надм. вис. 320 м
Слава Света Троица
Горно Црнилиште на општинската карта
Горно Црнилиште во Општина Свети Николе.svg

Атарот на Горно Црнилиште во рамките на општината
Commons-logo.svg Горно Црнилиште на Ризницата


Горно Црнилиште — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Во минатото, доста често името на селото било запишувано како Големо Црнилиште.[2]

Во минатото, Турците селото го нарекувале Динлер-Баала со значење „убаво село“. Сепак, Македонците отсекогаш го користеле името Црнилиште.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во селото

Селото се наоѓа во областа Овче Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Свети Николе, јужно од самиот град Свети Николе, а од десната страна на Светиниколска Река.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 320 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 8,3 километри, додека од патот Свети Николе-Штип околу 3 километри.[3]

Селото се наоѓа ридеста зона јужно од гратчето Свети Николе. Во негова непосредна близина на исток се наоѓа селото Долно Црнилиште. Жителите со вода за пиење се снабдувале од чешми и од бунари, северозападно од селото извира изворот Домуз-бунар.[2]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Мезарлак (Гробишта), Баларони, Доалти, Мусли-бајир, Муно-бајир, Ѓочуклер, Аткорија, Сарко-бајир, Ташлар-аргач, Куршумли-бајир, Канли-бајир, Јака Трла, Грнчар, Домуз-бунар, Карши, Дере-баа, Каса-аргач и Чурлин.[2]

Селото има збиен тип и во минатото се делело на Ѓаур-маалеси во североисточниот дел на селото, како и на Реџепоско, Абишоско, Ајрулоско и Дервиш-Лиманоско Маало во останатиот дел на селото. Во првото маало живееле Македонците, додека во останатите Турците. Поради иселувањето на Турците, денес и во нивните маала живеат Македонци.[2]

Селото е поврзано со асфалтен пат на регионалниот пат Свети Николе-Штип.

Историја[уреди | уреди извор]

Постои предание кое наведува дека некогаш Горно и Долно Црнилиште биле едно село. Според кажувањата на мештаните, тоа било македонско село, но било уништено од чума. По уништувањето на старото село, на неговото плодно земјиште кон крајот на XVIII или почетокот на XIX век биле основани две посебни села, Горно и Долно Црнилиште.[2]

Денешното село било основано од четири доселени турски домаќинства, чии старешини биле Реџеп, Абдиш, Ајрула и Дервиш-Лиман. Секој од нив основал посебно маало.[2]

Во XIX век, Горно Црнилиште било село во Штипската каза, на Отоманското Царство.

До 1912 година, селото имало над 60 турски куќи. Во периодот 1924-1928 година, половина куќи се иселиле во Турција. Други иселувања на Турците имало во периодот 1954-1956 година.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е заеднички со Долно Црнилиште, зазема простор од 21 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.531,4 хектари, на пасиштата отпаѓаат 461,1 хектар, а на шумите само 44,6 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него има земјоделска задруга и продавница.[3]

За време на отоманскиот период, во селото имало беглери, кои ја поседувале целокупната земја, а ја обработувале Македонците.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Горно Црнилиште живееле 284 жители, од кои 200 Турци и 84 Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Горно Црнилиште имало 120 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според Димитар Гаџанов во 1916 година во Горно Црнилиште имало 403 жители, од кои 264 Турци и 139 Македонци.[6]

Селото е средно по големина, но со намалување на бројот на населението. Во 1961 година селото броело 488 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 358 жители, македонско население.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Горно Црнилиште живееле 345 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[7] 1905[8] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 284 120 432 420 488 402 357 356 258 345
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови[уреди | уреди извор]

Горно Црнилиште е македонско село, а до 1960-тите години во селото имало и Турци.[2]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:

  • Турски родови: Реџеповци (2 к.), Абишовци (3 к.), Еминовци (1 к.), Бајрамовци (1 к.), Асановци (1 к.) и Алитовци (1 к.). Првите пет рода се доселени крајот на XVIII и почетокот на XIX век, само последниот род потекнува од домазет доселен од селото Каратманово.
  • Македонски родови: Говедаровци (9 к.), најстар македонски род во селото. Доселени се пред 200 години од селото Оморани, Азот (Велешко). Го знаат следното родословие: Сане (жив на 80 г. во 1957/58 година) Ѓоргија-Петре-Мино, основачот на родот кој се доселил; Каревци (14 к.), доселени после претходниот род од соседното село Долно Црнилиште. И таму биле доселени, веројатно од Кочанско; Филиповци (3 к.) и Дедо-Трајчевци (6 к.), доселени се во XIX век од некаде; Манасковци (3 к.) и Дедо-Тасинци (2 к.), доселени се помеѓу 1924-28 година од селото Зарапинци, Пробиштипско; Јованче (1 к.), Петруш (1 к.), Ѓорги (1 к.), Величко (1 к.), Младен (1 к.), Миле (1 к.), Андон (1 к.), Јован (1 к.), Тоне (1 к.), Стојан (1 к.), Милјан (1 к.), Ѓорги (1 к.), Трајко (1 к.), Димитрија (1 к.), Младен (1 к.), Коце (1 к.), Игњат (1 к.), Богдан (1 к.), Веселин (1 к.), Трајан (1 к.), Јошко (1 к.) и Анѓа (1 к.). Доселени се помеѓу 1954-56 година од селата Конопница (14 к.), Петралица (1 к.) и Опила (4 к.) во Кривопаланечко. Како и од селото Кнежево (3 к.) во Кратовско.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ерџелија, во која покрај селото Горно Црнилиште, се наоѓале и селата Амзабегово, Аџибегово, Богословец, Буриловци, Делисинци, Долно Црнилиште, Ерџелија, Кадрифаково, Мустафино и Пеширово. Селото било дел од некогашната општина Амзабегово во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Амзабегово, Аџибегово, Богословец, Горно Црнилиште, Делисинци, Долно Црнилиште и Пеширово.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во изборното место бр. 1703 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Долно Црнилиште.[10]

На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 364 гласачи.[11]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 357 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[13]
Џамии[2]

Во минатото во селото постоела џамија на сретсело, од која денес не е ништо останато.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Турското население е иселено во Турција во два брана, едните помеѓу двете светски војни, другите за време на СФРЈ.[2]

Македонски иселеници има во Ерџелија (Ранчини), Кнежје (Маневци и Тошеви), Мустафино (Тесличка), Долно Црнилиште (Филиповци). Надвор од Овче Поле се иселиле Настови (1 к.) во околината на Велес, а друго семејство во самиот град Велес.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 март 2021.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 703–705.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 82. Посетено на 27 март 2021.
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 232.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 134-135.
  6. Гаджанов, Димитър Г. Мюсюлманското население в Новоосвободените земи, в: Научна експедиция в Македония и Поморавието 1916, Военноиздателски комплекс „Св. Георги Победоносец“, Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 241.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  11. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Посетено на 27 март 2021.
  13. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 346. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]