Асамати

Координати: 40°59′11″N 21°3′3″E / 40.98639° СГШ; 21.05083° ИГД / 40.98639; 21.05083
Од Википедија — слободната енциклопедија
Асамати

Поглед кон селото

Асамати во рамките на Македонија
Асамати
Местоположба на Асамати во Македонија
Асамати на карта

Карта

Координати 40°59′11″N 21°3′3″E / 40.98639° СГШ; 21.05083° ИГД / 40.98639; 21.05083
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Долна Преспа
Население 168 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7318
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23001
Надм. вис. 860 м
Асамати на општинската карта

Атарот на Асамати во рамките на општината
Асамати на Ризницата

Асамати — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на североисточното крајбрежје на Големото Преспанско Езеро.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Во врска со името на ова село различно е пишувано. Историчарот Стјепан Антолјак исцрпно докажува дека името настанало во XI век или нешто подоцна од грчкиот збор „асамотос“ што значи по називот на оние кои верувале во „светото тројство“, поправо во Богот - отец без тело, а тоа биле богомилите.[2]

Асамаштани пренесуваат предание дека зборот „асаматос“ значи „еднооки“ и дека нивното село името го добило по ослепената самоилова војска чии делови биле доведени и сместени на повеќе места околу Преспанското Езеро, па и на местото на денешното село Асамати.[2]

Историчарот Томо Томоски смета дека името Асамати потекнува од називот на тамошната црква „Св. Арангел“, а академикот Влоѓимјеж Пјанка наоѓа дека зборот „асоматос“ значи „бестелесни“ и се однесува на „ангели“ и врз оваа основа истакнува веројатност дека името е добиено по старата црква „Св. Ангели“.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото е сместено на крајното североисточно крајбрежје од Големото Преспанско Езеро, недалеку од нејзиниот разгранок Гарван, од десната страна на патот Макази-Маркова Нога (македонско-грчка граница), оддалечено 38 километри западно од Битола, во близина на патот Битола - Ресен - Охрид. Сместено е на надморска височина од околу 860 метри.[2] Селото е оддалечено 15 километри од градот Ресен.[3]

Нема податоци ниту други сознанија за преместување на селото. Се пренесува предание дека жителите на ова село водат многу дамнешно потекло од селото Нивици (денес на територијата на Грција). За албанскиот дел од населението се тврди дека е доселен од околината на Корча.[2]

Асамати се граничи со следниве села: со селото Грнчари на север, со Рајца, Курбиново и Претор на исток, со Претор повторно на југ и со селото Езерани и со водите на езерото на запад.[2]

Атарот на Асамати се простира на површина од 190 хектари (околу 1,90 км2) и зафаќа рамничарско земјиште. Од вкупната површина на атарот, 133,8 хектари се обработливо земјиште, 14,8 хектари пасишта, а нема шуми.[2][3]

Асамати е убаво уредено село од собран тип. Куќите се обновени или новоизградени. Околу нив постојат овошни површини, вкусно оградени и добро уредени дворни места. Селото го вкрстуваат неколку асфалтирани улици. Според поставеноста на куќите и групираноста на семејствата, до педесеттите години на XX век, селото се делело на две поголеми маала: Кипровска (југоисточниот дел), која ја сочинувале православните, и Рошанлиска (северозападниот дел на селото), која ја сочинувале куќите на муслиманските домаќинства.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Асамати е старо национално, верско и јазично мешано село во кое отсекогаш сложно живееле православни Македонци и Албанци муслимани. Под различен облик на името (Асмати, Азмати и Асамати) се спомнува во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во XIX век, Асамати се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

За време на Илинденското востание одредот на војводата Никола Кокарев заедно со селските чети од Сливница, Курбиново, Претор и Раец го ослободиле Асамати, со што Асамати стана првото ослободено село во Преспа.

До 1912 година, Асамати било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик. Активно се вклучило во подготовките и текот на Илинденското востание, кога целосно било изгорено.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната (1916-1918), цивилното население било евакуирано во селата Рајца, Грнчари и Подмочани. Во текот на војната, преторци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Асамати повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Асамати било во состав на општината Подмочани. Во оваа војна, Асамати било база на пловните единици на Југословенската војска на Преспанското Езеро.[2]

Во 1925 година, селото имало 5 бунари и 1 чешма.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време, во селото имало италијанска војска. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Во ова време, во селото имало бугарска војска[2]

Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1932 година, со задружен дом во 1949 година, со пошта во 1954 година, со систем за наводнување во 1956 година, со електрична енергија во 1959 година, со телевизиски прием во 1965 година, со водовод во 1974 година, со асфалтен пат во 1981 година, со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поглед на рибниот пункт во селото

Асамаштани главно се занимавале со поледелство, сточарство, рибарство и печалбарство. Во рамкитена поледелството најмногу се произведувало жито (пченица, ’рж, јачмен и пченка), грозје, тутун и зеленчук (пипер, домати, кромид, лук, праз, зелка, компири и грав). Денес, најмногу се произведува овошје (јаболка). Во рамките на сточарството кое денес наполно замрело, најмногу се одгледувале волови, крави, овци и коњи.[2]

Туризам[уреди | уреди извор]

Поради убавите песочни плажи, по 1960 година на јужната, југозападната и северозападната страна на селото биле изградени повеќе туристички објекти (кампови, викенд-куќи и други објекти). Во Асамати се летувало и во периодот меѓу двете светски војни, посебно по 1935 година.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948178—    
1953204+14.6%
1961221+8.3%
1971202−8.6%
1981218+7.9%
ГодинаНас.±%
1991232+6.4%
1994195−15.9%
2002175−10.3%
2021168−4.0%

Во текот на своето постоење, Асамати го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 28 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1863 година 15 христијански и 3 муслимански куќи (Ј. Хан); во 1889 година, 36 куќи, од кои 12 македонски и 24 помачки и 85 жители Македонци и 105 жители Помаци од машки пол (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Асамати имало 115 жители, од кои 30 Македонци христијани и 85 Албанци муслимани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Асамати имало 160 жители.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Албанци и 50 Македонци.[6]

Поради туристичките можности, бројот на население многу не се променил. Така, во 1961 година Асамати броело 221 жител, од кои 106 биле Македонци, 65 Албанци и 49 жители Турци. Во 1994 година, бројот се намалил на 195 жители, од кои 97 биле Албанци, 77 Македонци и 21 Турчин.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Асамати имало 175 жители, од кои 68 Македонци, 81 Албанец и 26 Турци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 168 жители, од кои 55 Македонци, 91 Албанец, 16 Турци и 6 лица без податоци.[8]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Асамати:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 178
1953 107 89 8 0 0 204
1961 106 65 49 1 0 221
1971 83 102 17 0 0 202
1981 87 106 0 0 25 218
1991 88 94 22 0 28 232
1994 77 97 21 0 0 195
2002 68 81 26 0 0 175
2021 55 91 16 0 0 6 168

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Денешните асамаштани се потомци на следниве асаматски семејства: а) македонски: Кипревци, Коленковци (Томовци), Љоречани (доселени од Лева Река), Мишевци (доселени од Сливница во 1926 година), Ормановци (Радевци), Ќулумовци (доселени од Претор преку Рајца во 1927 година), Кугревци (доселени од Крани преку Курбиново околу 1800 година); б) албански: Долмачи (доселени од Рашани на чифлик), Митуши (доселени од Орготска - Колоња), Фејзулаху (доселени од Љораси - Колоња) и Шоанку (доселени од Љораси - Колоња).[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

Македонски

  • Доселеници: Кипревци (7 к.) доселени се од селото Крани, каде припаѓале на родот Ќелешовци; Љоречани (3 к.) доселени се во 1919 година од селото Лева Река; Мишевци и Слимничани (3 к.) доселени се од селото Сливница; Коленковци и Томевци (1 к.) доселени се од некое село во Долна Преспа; Ќулумовци и Бостанџиовци (1 к.) доселени се од селото Рајца во 1927 година, а таму од селото Претор.

Албански

Доселеници: Делмачовци (4 к.) доселени се од Рашани; Фејзуловци (4 к.) доселени се од селото Љораси кај Колоња во јужна Албанија; Муаремовци и Цунговци (1 к.) доселени се од селото Куртес кај Колоња; Бешировци (2 к.) доселени се од Рашани; Метушовци (3 к.) доселени се од селото Орготско кај Колоња; Шуаиповци (2 к.) доселени се од селото Љораси кај Колоња.[9]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Асамати, се наоѓале и селата Горна Бела Црква, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Подмочани, во која влегувале селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1656 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[10]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 158 гласачи.[11]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на главната селска црква „Св. Архангел Михаил“
Археолошки наоѓалишта[12]
Цркви[13]
Џамии
  • Џамија — селска џамија, изградена во 2004 година.

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 43–49. ISBN 9789989920554. Посетено на 10 февруари 2017.
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 14. Посетено на 12 јануари 2017.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 февруари 2017.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  10. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  11. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  13. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  14. Учеството на борците од Тетово и Тетовско во IV (VII) бригада, Тетово и Тетовско во НОВ 1941-1945. кн. втора, Тетово, 1991, 114-120
  15. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 217.
  16. 16,0 16,1 16,2 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]