Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња

Од Википедија — слободната енциклопедија
Света Елена, Вознесение
и Тристан да Куња

Saint Helena, Ascension and Tristan da Cunha
Химна: „Боже, чувај го Кралот
Местоположба (црвени крукчиња)
Местоположба (црвени крукчиња)
Суверена државаОбединето Кралство
Колонијална повелба за Света Елена1657
Крунска колонија22 април 1834[1]
Додадено Вознесение12 септември 1922
Додаден Тристан да Куња12 јануари 1938
Тековен устав1 септември 2009
СедиштеЏејмстаун
15°56′S 05°43′W / 15.933° ЈГШ; 5.717° ЗГД / -15.933; -5.717
Најгол. градХалф Три Холоу
15°56′0″S 5°43′12″W / 15.93333° ЈГШ; 5.72000° ЗГД / -15.93333; -5.72000
Службени јазицианглиски
УправаСамоуправни зависности под уставна монархија
Чарлс III
• Гувернер
Филкип Рашбрук
• Управник на Вознесение
Стивен Чендлер
• Управник на
ТДК
Шон Бернс
• Владин министер
Тарик Ахмад
Површина
• Вкупна
394 км2
Највисока точка
2.062 м
Население
• 2016
5.633[2]
• Густина
13,4 жит./км2
Валутасветоеленска фунта (£) (SHP) (Св. Елена и Вознесение)
британска фунта (£) (GBP)
Часовен појасUTC±00:00 (GMT)
Датумски форматдд/мм/гггг
Страна на возењелево
Повик. бр.+290 (Св. Елена и ТДК)
+247 (Вознесение)
Пошт. бр.
STHL 1ZZ (Св. Елена)
ASCN 1ZZ (Вознесение)
TDCU 1ZZ (ТДК)
ISO 3166-кодSH
НДД
  • .sh
  • .ac (само Вознесение)

Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња (англиски: Saint Helena, Ascension and Tristan da Cunha)[3]британски прекуморски територии сместени во јужниот Атлантски Океан, сочинети од островите Света Елена, Вознесение и архипелагот Тристан да Куња со островот Гоф. Сè до 1 септември 2009 г. го носела името „Света Елена и Зависности“ (Saint Helena and Dependencies), по што стапил на сила нов устав со кој трите територии добиле рамноправен статус.

Историја[уреди | уреди извор]

Островите се од вулканско потекло. Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња порано биле одделни колонии ја англиската круна, иако се откриени од португалски морепловци независно еден по еден, од 1502 до 1504 г.

Откривање од Португалците[уреди | уреди извор]

На Света Елена први дошле Португалците, утврдувајќи дека островот е ненаселен и има изобилство од дрвја и слатка вода. Довеле добиток, овошни дрва и зеленчук, изградиле црквичка и една до две куќи. Иако не основале трајна населба, островот добил суштинско значење за прибирањето на храна и како собиралиште за пловилата кои се враќале од Азија. Се верува дека англискиот гусар Френсис Дрејк го пронашол островот во последниот потег од неговата пловидба околу Земјата (1577–1580).[4] Подоцна следеле и други посети од разни англиски истражувачи, и со време Света Елена станало место за демнење од каде англиските борбени бродови ги демнеле португалските караки што се враќале од Индија. Развивајќи ја трговијата на исток, Холанѓаните исто така почнале да го посетуваат островот и во 1633 г. формално го прогласиле за нивна сопственост, но не го населиле; кон 1651 г. го напуштиле во полза на нивната колонија на ’Ртот на Добрата Надеж.

Англиска и британска колонизација[уреди | уреди извор]

Поглед на паланката и островот Света Елена во Атлантскиот Океан во сопственост на Англиската источноиндиска компанија, ок. 1790 г.)

Во 1657 г. англиската Источноиндиска компанија добила повелба од Оливер Кромвел,[5] и следната година решила да го утврди островот и да го колонизира со плантажери. Неговиот прв управник, капетанот Џон Датон, пристигнал во 1659 г. со што денес Света Елена е втора по старост преостаната британска колонија, веднаш по Бермуда. Компанијата го довршила утврдувањето и изградила извесен број домови. По враќањето на кралската власт („реставрацијата“) во 1660 г. Источноиндиската Компанија добила кралска повелба, со што се стекнала со исклучиво право на утврдување и колонизација на островот. Тврдината го добила новото име Џејмс (James Fort), а градот станал Џејмстаун (Jamestown) во чест на Војводата од Јорк и престолонаследник, кој подоцна станал кралот Јаков II.

Гоф и Недостапниот Остров се прогласени за светско наследство на УНЕСКО во 1995 г.

Во 1707 г. Кралството Англија влегло во состав на новооснованото Кралство Велика Британија, кое во 1801 г. прераснало во Обединетото Кралство; Британската Империја прераснала во светска велесила. Најважниот и првонаселен остров Света Елена влегол под управа на Источноиндиската Компанија во 1659 г. Островот станал познат за меѓународната јавност како принуден дом на Наполеон Бонапарт, кој бил заточеник на Света Елена од октомври 1815 до неговата смрт на 5 мај 1821 г. Во 1834 г. власта врз островот ја презела самата држава, со што станал крунска колонија.[1] Дотогаш ненаселениот остров Вознесение бил заземен од Британската воена морнарица на 22 октомври 1815 г. која поставила своја база. Со настапувањето на парните погони, тој станал важно место за јагленоснабдување. Од слични причини на 14 август 1816 г. е припоен и островот Тристан да Куња, како зависна територија на ’Ртската Колонија (Британска Јужна Африка), како придобивка од извојуваната победа во Наполеоновите војни. Пред ова припојување, Тристан да Куња за кратко бил место на американска експедиција, која ја нарекла територијата Острови на Починката (Islands of Refreshment).

Политичкото соединување на териториите започнало на 12 септември 1922 г. кога со повластици Вознесение станало зависност на Света Елена. На 12 јануари 1938 г. се приклучил и слабо населениот Тристан да Куња, кој дури и денес е мала испостава со население помало од триста жители. Трите островски групи го делеле ова уставно устројство сè до 1 септември 2009 г., кога секоја од нив добила рамноправен статус, па така од „Света Елена и Зависности“ името им е сменето во „Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња“.

Втора светска војна и понатамошно воено присуство[уреди | уреди извор]

Во текот на Битката за Атлантикот и следните години за време на Втората светска војна, Света Елена и Вознесение служеле како база на Сојузниците за патрола на стопанската пловидба и противподморничка одбрана против поморските единици на Силите на Оската. Првично се користеле долгосежни патролни летечки бродови, а подоцна е решено да се зголеми воздухопловната надмоќ врз стопански важите морски патишта, градејќи леталишта на островите, од кои се давала поддршка и залихи за патролните авиони „Каталина“ во важните противподморнички задачи.

Военото леталиште на Вознесение денес е во здружена команда на Британија и САД, и воедно служи како средиште за вселенски врски, електронско разузнавање и наземна станица за воздушно-поморска пловидба. Тука е сместен еден од четирите постоечки земски антени за прием на сигнали од ГПС-сателити.

Географија[уреди | уреди извор]

Единбург на Седумте Мориња, Тристан да Куња.

Териториите се распространети на огромна оддалеченост во јужниот Атлантски Океан, при што најсеверниот остров (Вознесение) е на 7° 56′ ЈГШ, а најјужниот (Гоф) е на 40° 19′ ЈГШ. Помеѓу Света Елена и Тристан да Куња минува Јужниот Повратник. Од еден до друг крај, територијалната целина се протега 3.642 км, што е исто колку растојанието од Лондон до Мртвото Море. Сместени се на западната полутопка и делат ист часовен појас: средното време по Гринич. Часовите не се менуваат, т.е. нема летно сметање на времето.

Иако сите три територии се настанати со вулканизам, само групата на Тристан да Куња покажува тековна вулканска активност.

Највисоката и најистакната точка на териториите е Врвот на Крилицата Марија (Квин Мери Пик) на Тирстан да Куња, на надморска височина од 2.062 метри.

Клима[уреди | уреди извор]

Поради огромното растојание од север до југ (преку 3.600 км), териториите имаат различна клима. Вознесение има топла и мошне сува клима, и преку целата година владее температура до 20 °C и нешто повеќе. Света Елена е поумерена (и сува во крајбрежните делови). Тристан да Куња е поблиску до Јужниот Поларник е доста постуден и повлажен. Ненаселениот најјужен остров Гоф е уште повлажен и зиме има негативни температури.

Територијални води[уреди | уреди извор]

Тристан да Куња од вселената, 2013 г.

Територијалните води на островите зафаќаат 12 морски милји (22 км) од нивните брегови појдовни линии. Исклучивиот стопански појас (ИСП) се протегаат 200 морски милји (370 км) од брегот. И покрај големата зафатнина, подрачјата (ИСП) не се допираат, ниту пак достигаат ИСП на други земји и територии. Имаат најголем ИСП од било која британска прекуморска територија (поголем и од оној на самата Велика Британија), поголем од појасот на Филипините, а помал од португалскиот. Ниту островите, ниту нивните ИСП не се предмет на меѓународни спорови.

ИСП на трите територии[6]
Дел Зафат (км2)
Вознесение 441.658
Света Елена 444.916
Тристан да Куња 754.720
Вкупно 1.641.294

Административна поделба[уреди | уреди извор]

Административно, секоја територија има свој совет. Гувернерот претседава со Законодавниот совет на Света Елена, а управниците на Вознаесение и Тристан да Куња претседаваат со нивните островски совети.

Света елена има и Извршен совет. Гувернерот на Света Елена е претставник на британскиот монарх. Трите територии имаат заеднички правобранител, врховен и апелационен суд.

Управно
подрачје
Изворно Површина
(км2)
Население[2] Седиште
Света Елена Saint Helena 122 4.534 Џејмстаун
Вознесение Ascension Island 88 806 Џорџтаун
Тристан да Куња Tristan da Cunha 207 293 Единбург на Седумте Мориња
   Главен остров    Main island 98 293
   Непристапен Остров    Inaccessible Island 14 0
   Славееви Острови    Nightingale Islands 3.4 0
   Гоф    Gough Island 91 0
Вкупно 152 394 5.633 Џејмстаун

Самиот остров Света Елена е поделен на осум окрузи.[7]

Образование[уреди | уреди извор]

Света Елена има повеќе училишта, меѓу кои „Принц Ендру“. На вознесение работи училиштето „Ту боутс“. Тристан да Куња исто така има свое училиште.

Религија[уреди | уреди извор]

Внатрешност на Богородичната црква на Вознесение.

Највеќето жители на Света Елена и Вознесение се англиканци, под духовно водтство на Светоеленската епархија на Англиканската црква во Јужна Африка, со свој митрополит.

Католичкото малцинство е под водство на Фолкландската митрополија.

Валута[уреди | уреди извор]

На Света Елена се користела британската фунта сè до 1976 г. кога почнала да издава свои банкноти (светоеленска фунта) рамносилни на неа. Во 1984 г. започнало ковањето на монети кои се како британските, но со поинаков изглед на опачината. Оваа валута е во оптек и на Вознесение, но не и на Тристан да Куња, каде важи само британската фунта.

Територијата нема своја централна банка, туку валутата е врзана со британската фунта, под управа на Банката на Англија во Лондон. Единствена банка на територијата е Државната Банка на Света Елена, која самата одредува стапки на депозит и зајмување и има подружници во Џејмстаун (Св. Елена) и Џорџтаун (Вознесение). Иако нема физичко присуство на Тристан да Куња, неговите жители имаат право на нејзините услуги.[8]

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Поморски сообраќај[уреди | уреди извор]

Сите три главни острови имаат пристаниште или помал пристан на бреговите на главните населени места (Џорџтаун, Џејмстаун и Единбург). Покрај тоа, на Света Елена има стовариште и поправалиште за големи бродови во заливот Руперт за рефусен, контејнерски и општ товар, како и мостови за патнички впловувања.[9]

Водушен сообраќај[уреди | уреди извор]

Аеродромот на Света Елена.

Аеродромот на Света Елена почнал со редовни патнички летови на 14 октомври 2017 г.[10] Одговорен превозник е „Ерлинк“ (Airlink), кој лета до аеродромот во Јоханесбург секоја сабота, и се враќа истиот ден (или во недела во викендите кога летовите се продолжени до Вознесение).

Редовните патнички летови од Света Елена до Вознесение секоја втора недела во месецот, при што авионот се враќа на Света Елена истиот ден, па продолжува за Јоханесбург.[11]

На Вознесение има и воен аеродром, но поради неговата оштетеност во април 2017 г. е ограничен да ги осплужува само за најсуштинскиот кадар и најнеопгодните залихи, како и за итни медицински евакуации.[12][13] Редовните воени летови го поврзувале Вознесение со базата „Брајз Нортон“ во Британија и базата „Маунт Плезант“ на Фолкландските Острови, во таканаречениот „Јужноатлантски воздушен мост“. Со нив се превезѕваат оретежно воени лица, иако услугата била достапна и за цивили, со наплата. На Вознесение имаат присуство и американските вооружени сили, кои ја снабдуваат базата со товарен брод; истата служи и како вонредно слетувалиште за вселенски шатлови. Островите на Тристан да Куња немаат аеродром, и до нив се стасува само по пловен пат.

Патен сообраќај[уреди | уреди извор]

Света Елена има патишта со вкупна должина од 138 км, од кои 118 км асфалтирани и 20 км неасфалтирани. Тристан да Куња има околу 10 км асфалтиран пат, додека Вознесение има околу 40 км, исто така асфалтирани.[14] Секој остров има свој систем на регистарски таблички. Сообраќајот се одвива на левата страна на сите три територии, како и во самата Британија. Двете најблиски земји до островите, ЈАР и Намибија, возат на истата страна.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 St Helena, Ascension and Tristan da Cunha Constitution Order 2009 Архивирано на 11 мај 2011 г. „...the transfer of rule of the island to His Majesty's Government on 22 April 1834 under the Government of India Act 1833, now called the Saint Helena Act 1833“ (Schedule Preamble)
  2. 2,0 2,1 „Census 2016 – summary report“ (PDF). St Helena Government. June 2016. стр. 9. Архивирано од изворникот (PDF) на 17 October 2016. Посетено на 23 January 2017.
  3. „St Helena, Ascension and Tristan da Cunha Constitution Order 2009, see "EXPLANATORY NOTE". Архивирано од изворникот на 12 March 2010. Посетено на 26 September 2009.
  4. Drake and St Helena, privately published by Robin Castell in 2005
  5. „History: St. Helena homepage“. Архивирано од изворникот на 16 July 2012. Посетено на 24 December 2009.
  6. Seaaroundus.org Архивирано на 29 декември 2006 г.
  7. „Census 2016 – summary report“ (PDF). St Helena Government. June 2016. стр. 7. Архивирано од изворникот (PDF) на 17 October 2016. Посетено на 23 January 2017.
  8. „The Bank of Saint Helena“. Sainthelenabank.com. Архивирано од изворникот на 15 July 2011. Посетено на 2010-04-18.
  9. Donaldson, Warwick; Patel, Sahil (May 2016). „Design of new permanent wharf at Rupert's Bay, St. Helena“ (PDF). Civil Engineering. Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-09-03. Посетено на 2020-04-30. Сиот товарен и патнички сообраќај до Тристан да Куња се одвива со пловила бидејќи островот нема аеродром.
  10. „A HISTORY MAKING WEEKEND FOR ST HELENA“. St Helena. 2017-10-16. Архивирано од изворникот на 20 November 2017. Посетено на 2017-11-14.
  11. „FIRST COMMERCIAL FLIGHT TO ASCENSION ISLAND“. St Helena. 2017-11-14. Архивирано од изворникот на 15 November 2017. Посетено на 2017-11-14.
  12. „South Atlantic Airbridge ops at Ascension Island suspended“. ch-aviation. Архивирано од изворникот на 28 April 2017. Посетено на 2017-12-12.
  13. Wintour, Patrick (2017-05-02). „Runway potholes halt regular Ascension Island flights“. The Guardian. ISSN 0261-3077. Архивирано од изворникот на 2 May 2017. Посетено на 2017-12-12.
  14. CIA World Factbook Архивирано на 28 декември 2010 г. St Helena, Ascension and Tristan da Cunha

Надворешни врски[уреди | уреди извор]