Васко Карангелевски
Васко Карангелевски | ||
![]() | ||
Роден | 7 јули 1921 Брусник, Битолско | |
---|---|---|
Починал | 3 февруари 1977 Македонски Брод | (возр. 55)

Васко Карангелевски (Брусник, Битолско, 7 јули 1921 - Македонски Брод, 3 февруари 1977) — македонски комунист, првоборец[1] и генерал-полковник на ЈНА. Прогласен е за народен херој на Југославија.
Животопис[уреди | уреди извор]
Васко Карангелевски е роден во битолското село Брусник, на 7 јули 1921 година, во печалбарско семејство. Мајка му работела по туѓи ниви, а тој уште како млад бил земјоделски работник и чувал туѓ добиток.[2] По бомбардирањето на Белград, Васко се вклучил кон новоформираната младинска група во селото.
Учество во НОБ[уреди | уреди извор]
Во војната учествувал од 1941 година, кога се вклучил во партизански одред. Бил член на СКОЈ од 1941 година и член на КПМ од 1943 година. Заедно со одредот, Васко Карангелевски се движел по планините: Пелистер, Баба, Вич. Набрзо станал командир на чета, а потоа и командант на баталјон, заменик на командант на бригада, командант на бригада и командант на дивизија.
Во текот на декември 1943 година, кога Германците подготвувале офанзива против бригадата, Васко Карангелевски учествувал во борба гради во гради. Резултатот од таа борба бил: педесет убиени Германци, четириесет и двајца заробени, осумдесет пушки, десет полуавтоматски пушки, два митралеза, два минофрлачи, десетина илјади куршуми и стотина мини.[3] Со баталјонот „Стив Наумов“ учествувал во Февруарскиот поход. Кога била формирана Третата македонска ударна бригада, Карангелевски бил назначен за командант на баталјон. Со овој баталјон Карангелевски учествувал во многу борби: кај Ново Село, кај Пробиштип, во офанзивата на Герман Планина, на Плачковица, Огражден и други.
За народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година.[4]
По ослободувањето[уреди | уреди извор]
По Ослободувањето дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на ВВА и на Курсот за оператика на ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија. Бил член на ЦК на КПЈ. Загинал во несреќен случај,[5] за време на лов на терените на планината Караџица.[6]
Во негова чест се наречени една улица во општина Битола и една во општина Аеродром.[7]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Dane Petkovski, Vlado Strezoski (1983). Borbena dejstva u zapadnoj Makedoniji 1941-1944 (српскохрватски) (Ratna prošlost naroda i narodnosti Jugoslavije. изд.). Vojnoizdavački zavod.
- ↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 175
- ↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 177
- ↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 179
- ↑ Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, том I, стр. 672.
- ↑ „Сеќавање за народниот херој генерал Васко Каранѓелески во Брусник“, „Идивиди“, 3.2.2010.
- ↑ За реконструкција на улицата
Литература[уреди | уреди извор]
- Стојан Ристески, „Сеќавања за генералот Васко Карангелески“, Ирис-Р, Струга, 2011.