Михаил Јурјевич Лермонтов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Михаил Јурјевич Лермонтов.

Михаил Јурјевич Лермонтов (руски: Михаил Юрьевич Лермонтов) (5 октомври по стар стил, 1814 &ndash 27 јули 1841) е руски романтичарски писател и поет, понекогаш нарекуван и „поетот од Кавказ“.

Биографија[уреди | уреди извор]

По смртта на Пушкин, во 1837 година, Лермонтов напишал протестна песна која најпрвин кружела низ Петроград, препишувана и прераскажувана приватно. Во неа, тој ги осудил интригите на аристократијата коишто довеле до смртта на Пушкин, а особено бил силен крајот на песната, напишан дополнително. Царот Николаj I ја добил песната во едно писмо, со натписот „Повик на револуција“, а потоа бил и официјално известен за „недозволените стихови на корнетот Лермонтов“. За овој „престап“, Лермонтов бил казнет така што бил прекомандуван во еден полк којшто се борел против бунтовниците на Кавказ. Благодарение на влијателните роднински врски, Лермонтов се вратил во Петроград по една година.[1]

Во 1840 година Лермонтов бил по вторпат прогонет на Кавказ, поради неговото учество во двобој.[2] Обидувајќи се да се ослободи од воената служба, во 1841 година, Лермонтов повторно дошол во Петроград, но таму добил наредба веднаш да го напушти главниот град. Поради независниот дух на Лермонтов, петроградската аристократија се обидела (безуспешно) да го предизвика на двобој со некој офицер, но подоцна, во една бања на Кавказ, таа конечно успеала да го предизвика на двобој со друг офицер,[3] при што Лермонтов го загубил животот на истиот начин како и Пушкин.

Творештво[уреди | уреди извор]

На тринаесетгодишна возраст, Лермонтов во својата тетратка ги препишал „Кавкаскиот заробеник“ на Пушкин и „Шилјонскиот затвореник“ на Бајрон, јасно покажувајќи ја воодушевеноста од овие две големи имиња на романтизмот.[4]

Престојот на Кавказ имал големо влијание врз творештвото на Лермонтов, инспирирајќи го авторот за многу лирски песни, за поемите „Демон“ и „Мцири“, како и за романот „Јунакот на нашето време“. Карактеристичната лермонтовска тема на демоните е присутна уште во неговите први поетски скици направени во младоста, во 1829 година, кога тој имал само 15 години. Младинските верзии на поемата „Демон“ се засновани врз апстрактната борба меѓу ангелите и демоните во духот на романтизмот, додека по враќањето од Кавказ, поемата ја добила својата крајна форма, а во последните две години од животот Лермонтов направил некои ситни промени во поемата. Благодарение на мисловниот и поетскиот сјај, како и звучноста на стиховите, поемата „Демон“ се вбројува во најголемите достигнувања на светската поезија.[5]

Пред да ја добие крајната форма, поемата „Мцири“ поминала низ повеќе етапи. Нејзините корени може да се следат од поемата „Исповед“ (1830) чие дејство се одвива во еден католички манастир во Шпанија и поемата „Болјарот Орша“ (1836) чие дејство е сместено во 16 век, за време на владеењето на Иван Грозни. За време на престојот во Кавказ, Лермонтов ја добил крајната замисла за поемата „Мцири“, заснована врз вистинита приказна. Во поемата се зборува за едно болно момче заробено во еден грузиски манастир од којшто постојано се обидува да побегне. Притоа, момчето не се помирува со загубата на слободата ниту по конечниот неуспех на неговите обиди за бегство. Поемата се одликува со идеален спој на силен протест и најсуптилна поетска емоција.[6] Други позначајни поеми на Лермонтов се и „Азраил“ и „Ангелот на смртта“ кои потекнуваат од 1831 година, а во текот на 1835-1836 година ја напишал драмата „Маскарада“.

За време на престојот на Лермонтов во Кавказ, во 1837 година, излегла од печат неговата песна „Бородино“, а истата година ја напишал и познатата поема во духот на руската народна песна „Песна за царот Иван Василевич, за младиот опричник и за смелиот трговец Калашников“. За песната „Бородино“ е значајно тоа што во неа е опеан обичниот војник, народот наместо војсководецот, додека „Песна за царот Иван Василевич, за младиот опричник и за смелиот трговец Калашников“ зазема посебно место во творештвото на Лермонтов бидејќи таа стои рамо до рамо со највредните примероци на руската народна песна, а истовремено се одликува со силен лирски набој, карактеристичен за подоцнежните дела на Лермонтов. .[7]

Лермонтов оставил и неколку прозни дела. Таков е примерот со недовршениот роман со тема од востанието на Пугачов, за кој се претпоставува дека е започнат во 1833 година, а којшто бил замислен како прв дел од една трилогија. Според главниот јунак, романот е наречен „Вадим“. Незавршен останал и вториот роман „Кнегината Лиговска“, започнат во 1836 година. Истата година, Лермонтов ја напишал и драмата „Двајцата браќа“ во која како ликови се јавуваат кнегината Лиговска и Печорин, јунаците од два негови романи. Оваа драма е значајна по тоа што во неа, за првпат во руската книжевност, како јунак се појавува малиот, обесправен човек – службеникот Красински.[8] Подоцна, кнегината Лиговска се појавува и како лик во најзначајното прозно дело на Лермонтов, романот „Херој на нашето време“ од 1840 година.

  1. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 159.
  2. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 164.
  3. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 160-165.
  4. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 161-162.
  5. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 160.
  6. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 160-161.
  7. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 162-163.
  8. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 164.