Прејди на содржината

Херој на нашето време (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Херој на нашето време
АвторМихаил Лермонтов
Изворен насловГерой нашего времени
ЗемјаРусија
ЈазикРуски
ИздавачИљја Глазунов и ко (Типография Ильи Глазунова и Ко)
Издадена
1840

„Херој на нашето време“ (руски: Герой нашего времени) — роман на рускиот писател Михаил Лермонтов. Целосната верзија на „Јунакот на нашето време“ излегла од печат во 1840 година, откако претходно одделни глави од книгата биле објавени како посебни раскази.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од неколку поглавја:[2] [3]

  • Бела
  • Максим Максимич
  • Дневникот на Печорин – Предговор
  • Таман
  • Кнегинката Мери
  • Фаталист

За време на своето патување од Тифлис до Ставропол, раскажувачот го среќава офицерот Максим Максимич, кој десетина година служел во пограничните единици на Кавказ. Притоа, тој започнува да раскажува за својот познаник Григориј Александрович Печорин со кого поминал една година во пограничната тврдина. Кога еден черкески кнез прави свадба, Печорин се вљубува во неговата ќерка Бела и решава да ја грабне. На свадбата е присутен и рабојникот Казмич, прославен по својот одличен коњ. Азамат, синот на черкескиот кнез, сака по секоја цена да го добие коњот на Казмич и Печорин решава да го искористи тоа. Еден ден, тој му помага на Азамат да го украде коњот на Казмич во замена за сестра му Бела. На почетокот, Печорин се мачи да ја скроти убавата Бела, но по одредено време неговата љубов кон неа исчезнува. Еден ден, додека Печорин е отсутен, Казмич ја грабнува Бела, а во потерата по него, Печорин успева да го рани, но Казмич смртно ја ранува Бела, која два дена подоцна умира.[4] [5]

Максим Максимич

[уреди | уреди извор]

Подоцна, раскажувачот повторно се среќава со Максимич, а тука пристигнува и Печорин, кој заминува на пат за Персија. Максимич е разочаран поради студениот однос на Печорин кон него и неговите белешки му ги предава на раскажувачот.[6] [7]

Дневникот на Печорин – Предговор

[уреди | уреди извор]

Во овој дел раскажувачот ги објаснува своите мотиви за објавувањето на дневникот на Печорин, за кого дознал дека умрел враќајќи се од Персија. Притоа, тој нагласува дека ги објавува само материјалите кои се однесуваат на престојот на Печорин на Кавказ.[8] [9]

Печотон пристигнува во приморското место Таман, каде се сместува во една сиромашна, трошна куќа во која живее едно слепо дете. Еднаш, тој го следи детето до морскиот брег и открива дека тоа е поврзано со криумчарот Јанко. По некое време, тој се запознава со млада, убава девојка, која го намамува во чамецот и се обидува да го удави во морето. Откриени од страна на Печорин, утредента, Јанко и девојката бегаат, оставајќи го слепото дете.[10] [11]

Кнегинката Мери

[уреди | уреди извор]

Печорин пристигнува во Пјатигорск, каде го среќава својот пријател Грушницки, кој набргу се вљубува во кнегинката Мери Лиговска. Грушницки и Мери се зближуваат, а Печорин потполно ја игнорира, поради што таа го замразува. Сепак, тој делува смислено и постепено се зближува со кнегинката, која се вљубува во него. Истовремено, во бањата пристигнува Вера, поранешната љубов на Печорин, која е омажена за стар благородник. Нивните заемни чувства повторно се будат и тие се договараат да се гледаат во куќата на кнегината Лиговска. Откако ќе ја распали љубовта на кнегинката Мери, Печорин се однесува воздржано кон неа, што само ја зголемува нејзината љубов кон него. Мери целосно го отфрла Грушницки, а во бањата веќе се шират гласови дека Печорин ќе се ожени со неа. Меѓутоа, кога таа отворено му изјавува љубов, тој ѝ признава дека не ја сака, поради што Мери запаѓа во депресија.

Една ноќ, Печорин ја посетува Вера во нејзиниот дом, но него го следат Грушницки и неговите пријатели, кои физички го напаѓаат, но Печорин успева да се извлече. Истовремено, навредениот Грушницки и неговите пријатели смислуваат план како да го предизвикаат Печорин на лажен двобој, во кој само ќе го заплашат. Подоцна, Грушницки јавно го обвинува Печорин дека бил кај кнегинката Мери, а Печорин, со намера да го заштити угледот на кнегинката, го повикува на двобој. Иако планот на Грушницки предвидува двобојот да се одржи со лажни куршуми, Печорин успева да издејствува вистински двобој во којшто го убива Грушницки, но прави неговата смрт да изгледа како несреќен случај. Кога се враќа дома, тој добива писмо од Вера, која го известува дека нејзиниот маж дознал за нивната врска и поради тоа мора да отпатува. Печорин се обидува да ја стигне за да поздрави, но неговиот коњ умира. Притоа, тој ја посетува кнегинката Мери на која повторно ѝ кажува дека не ја сака и дека не може да се ожени со неа. Поради сомнежот дека е замешан во смртта на Грушницки, Печорин добива прекоманда во пограничната тврдина на Кавказ.[12] [13]

Фаталист

[уреди | уреди извор]

За време на престојот во еден баталјон се поведува разговор за судбината и Печорин се опкладува со поручникот Вулиќ, кој си пука со револверот во главата, но тој не го испалува куршумот. Сепак, во неговото лице Печорин ја гледа смртта и навистина, малку подоцна, Вулиќ е убиен од еден пијан Козак. Тој се враќа во тврдината и му ја раскажува случката на Максим Максимич.[14] [15]

За романот

[уреди | уреди извор]

Раскрстувајќи со романтизмот, во романот „Јунакот на нашето време“, Лермонтов дал реалистична слика на руското општество во триесеттите години од 19 век. Како реакција на тоа, официјалната критика го дочекала романот со серија напади. Остра критика на романот дал и царот Николај I, кој во едно писмо упатено до царицата го оценил делото како штетно и како знак на „голема расипаност“ на авторот. Како одговор на критичарите, во второто издание на романот, Лермонтов јасно истакнал дека романот е „портрет, составен од пороците на сето наше поколение, во целиот нивен развиток“.[16] До ден-денес, главниот лик во романот, Печорин, останува како еден од најмаркантните претставници на таканаречената галерија на „излишни луѓе“ во руската литература.[17]

  1. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 164.
  2. M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962.
  3. М. Љермонтов, Јунак нашега доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1921.
  4. M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 5-42.
  5. М. Љермонтов, Јунак нашега доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1921, стр. 5-43.
  6. M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 43-53.
  7. М. Љермонтов, Јунак нашега доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1921, стр. 44-54.
  8. M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 54-55.
  9. М. Љермонтов, Јунак нашега доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1921, стр. 55-56.
  10. M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 56-67.
  11. М. Љермонтов, Јунак нашега доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1921, стр. 57-69.
  12. M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 68-148.
  13. М. Љермонтов, Јунак нашега доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1921, стр. 70-151.
  14. M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 149-158.
  15. М. Љермонтов, Јунак нашега доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1921, стр. 152-162.
  16. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 165.
  17. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје: Три, 2016, стр. 232.