Руска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Александар Сергеевич Пушкин (1799–1837), најголемиот руски поет и основач на модерната руска литература. Автор е на Руслан и Лудмила и Евгени Онегин.
Фјодор Михајлович Достоевски (1821–1881), писател, еден од најголемите психолози вбо светската јавност.[1] Автор на Злосторство и казна и Браќа Карамазови.

Руската литература се смета за една од највлијателните и најразвиените во светот, која ги дала едни од најпознатите светски книжевни дела.[2] Руската литературна историја започнува во текот на 10 век. На пример, во својата новела од 1903 година, „Тонио Крегер“, германскиот писател Томас Ман вели дека руската книжевност е достојна за обожување, зашто ја прикажува светата книжевност.[3]

Руската книжевност во 18 век[уреди | уреди извор]

Во текот на 18 век, за развој на руската книжевност најмногу придонесле Михаил Василевич Ломоносов и Денис Фонвизин.

Руската книжевност во 19 век[уреди | уреди извор]

Најголемиот расцвет, руската литература го доживеала во текот на 19 век, кога биле создадени најголемите руски литературни дела. Овој век е познат како „Златен век на руската литература“. Тој започнал со Александар Сергеевич Пушкин, кој се смета за основач на модерната руска литература и често се нарекува „Рускиот Шекспир“.[4]

Романтизам[уреди | уреди извор]

Романтизмот е означен како златен век на руската поезија, кога се појавува плејада поети (Жуковски, Батјушков, Бератински, Јазиков, Рилјеев, итн.) кои моќно и автентично го разоткриле лиризмот на руската душа. Во овој период, рускиот романтизам го достигнал врвот во творештвото на Пушкин, Фјодор Тјутчев и Михаил Лермонтов, кои се издвојуваат не само како великани на руската, туку и на европската поезија од 19 век.[5]

Реализам[уреди | уреди извор]

Златниот век на руската литература продолжил во текот на 19 век, со делата на Михаил Јурјевич и Алексеј Некрасов, Александар Островски, Антон Павлович Чехов, Николај Васиљевич Гогољ, Иван Тургенев, Михаил Лермонтов, Лав Николаевич Толстој, Фјодор Михајлович Достоевски, Иван Александрович Гончаров, Алексеј Феофилактович Писемски, Николај Семјонович Лешков и други. Како творец на рускиот реализам се смета Пушкин кој прв создал уметнички дела напишани со реалистичкиот метод, но како што вели Чернишевски, сепак, славата на основач на рускиот реализам Пушким мора да ја дели со Гогољ. Имено, иако Гогољ бил помлад од Пушкин, повеќето свои прозни дела ги објавил пред Пушкин. Навистина, Пушкин почнал да пишува проза во 1827 година, т.е. порано од Гогољ кој првите раскази ги напишал во 1829 година, но првиот дел на збирката раскази „Вечери во селото крај Диканка“ Гогољ го обавил во септември 1831 година, т.е. еден месец пред првото прозно дело на Пушкин, „Белкиновите раскази“, објавено во октомври истата година. Подоцна, до 1836 година, Пушкин објавил само уште еден расказ, „Дама пик“ (1834), додека во меѓувреме Гогољ го објавил вториот дел на „Вечерите во селото крај Диканка“ (1832), како и уште две прозни дела. Оттука, руската публика порано го запознала Гогољ во споредба со Пушкиновите прозни дела и токму поради тоа Чернишевски смета дека Гогољ е таткото на рускиот реализам.[6] Толстој и Достоевски, од гледна точка на книжевните критичари, се определени како најголемите писатели на векот.[7] [8]

Во втората половина на 19 век, руските писатели, а особено романсиерите и раскажувачите, ја освоиле читателската публика ширум светот, а руската книжевност се вброила во редот на големите светски книжевности. Иако пресудна улога за успехот на руската книжевност имале генијалните писатели од типот на Гогољ, Толстој и Достоевски, сепак тие не биле осамени поединци, туку претставници на една сосема нова, свежа и оригинална книжевност. Покрај нив, како носители на новите вредности што ги создала руската книжевност се јавиле и бројни други писатели кои придонесле таа да се формира како квалитетна целина. Притоа, успехот на руската книжевност се должи на две нејзини основни особини: бескомпромисниот реализам и длабокиот хуманизам. Ниту во една национална книжевност не е искажана таква осуда на старото општествено уредување и ниту една книжевност не се одликува со толку благородна тенденција како руската. Токму поради тоа, руската книжевност од 19 век родила нова, претходно невидена убавина.[9]

Руската книжевност кон крајот на 19 и почетокот а 20 век[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 19 век, руската литература започнала да се менува: Кратката проза и поезијата станале доминантни жанрови во следните неколку децении. Овој период од историјата на руската литература е познат и како „Сребрен век на руската поезија“. За разлика од претходниот период, каде реализмот бил главна карактеристика, во периодот од 1893 до 1913 година, руската книжевност паднала под силно влијание на симболиката. Најпознати писатели од тој период се: Валериј Брјусов, Андреј Бели, Вјачеслав Иванов, Александар Блок, Николај Гумилев, Дмитриј Мерезковски, Фјодор Сологуб, Ана Ахматова, Осип Мандељштам, Марина Цветаева, Леонид Андреев, Сергеј Есенин, Иван Бунин и Максим Горки.

Руската книжевност по Октомвриската револуција[уреди | уреди извор]

По руската револуција од 1917 година, рускиот културен живот во голем степен се променил. Некои истакнати и познати писатели од тој период, како Иван Бунин и Владимир Набоков ја напуштиле земјата, додека пак новата генерација на млади талентирани писатели се приклучиле кон различни организации, со цел создавање на една нова културна книжевност, проследена со новиот режим во склопот на Советскиот Сојуз. Во текот на 1920-тите, писателите уживале широка толеранција. Во 1930-тите, објавувањето на новите литературни дела било затегнато со оглед на доаѓањето на власт на Јосиф Сталин и неговиот режим. Голем број писатели биле затварани и прогонувани во тој период, а по неговата смрт, во 1960-тите и во 1970-тите започнал процесот на рехабилитација на писателите кои биле забранети за време на Сталиновиот режим. Најпознатите писатели по Октомвриската револуција се: Евгениј Земјатин, Исак Бабел, Владимир Мајаковски, Илja Петров, Јуриј Олеша, Михаил Булгаков, Борис Пастернак, Михаил Шолохов, Александар Солженицин, Андреј Вознесенски и други.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. name="BritannicaRussianLit">„Russian literature“. Encyclopedia Britannica. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/513793/Russian-literature. посет. 11 април 2008 г. „Dostoyevsky, who is generally regarded as one of the supreme psychologists in world literature, sought to demonstrate the compatibility of Christianity with the deepest truths of the psyche.“ 
  2. Microsoft Encarta Online Encyclopedia 2007.
  3. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 29.
  4. Kelly, C (2001). Russian Literature: A Very Short Introduction (Very Short Introductions) (Paperback). Oxford Paperbacks. ISBN 0192801449. 
  5. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје, Три, 2016, стр. 225.
  6. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. VIII-IX.
  7. „Russian literature; Leo Tolstoy“. Encyclopedia Britannica. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/513793/Russian-literature. посет. 11 април 2008 г. 
  8. Otto Friedrich. „Freaking-Out with Fyodor“. Time Magazine. http://www.time.com/time/magazine/article/0,9171,943893,00.html?promoid=googlep. посет. 10 април 2008 г. 
  9. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. VII-VIII.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]