Песна за трговецот Калашников

Од Википедија — слободната енциклопедија

Песна за царот Иван Василевич, за младиот опричник и за смелиот трговец Калашников, позната и како Песна за трговецот Калашников (руски: Песня про царя Ивана Васильевича, молодого опричника и удалого купца Калашникова) - поема на рускиот поет Михаил Лермонтов, создадена во духот на руската народна песна. Поемата е напишана во 1837 година, а првпат била објавена во 1838 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Трговецот Калашников и сопругата Алена, дело на Иљја Репин (акварел, 1868)

Поемата се состои од четири пеења:[1]

  1. Царот Иван Грозни организира веселба на која само неговиот опричник (припадник на личната гарда) Кирибеевич е тажен. Кога царот го прашува за изворот на неговото незадоволство, опричникот му кажува дека е тажен поради убавицата Алена Дмитиревна, која е омажена за некој трговец од Москва.
  2. По неуспешниот ден, трговецот Степан Парамонович Калашников си доаѓа дома, каде не ја затекнува својата сопруга. Набргу, таа се враќа расплакана, зашто на патот од црквата до дома, неа ја нападнал опричникот Кирибеевич, со намера да ја обесчести. Калашников ги повикува своите двајца браќа и им кажува дека утредента ќе оди да се бори со опричникот.
  3. Крај реката Москва, под тврдината Кремљ, собрани се сите јунаци, но никој не го прифаќа предизвикот од опричникот Кирибеевич, зашто тој е познат како најсилниот борец. Тогаш, за борба се јавува трговецот Калашников, кој со еден удар во слеппочницата го убива опричникот Кирибеевич.
  4. Поради убиството на својот најдобар воин, царот го осудува Калашников на смртна казна, а Калашников одбива да ја каже причината зошто го убил Кирибеевич, туку само го замолува царот да се погрижи за неговата сопруга, за децата и за браќата. Потоа, на Калашников му ја сечат главата и го погребуваат во полето.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 85-104.