Леополд I (Свето Римско Царство)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Леополд I
Leopold I of Habsburg.jpg
Цар на Светото Римско Царство
Крал на Германија
На престол 18 јули 1658 – 5 мај 1705
Крунисување 1 август 1658, Франкфурт
Претходник Фердинанд III
Наследник Јосиф I
Крал на Унгарија
На престол 1655 – 5 мај 1705
Крунисување 27 јуни 1655, Пресбург
Претходник Фердинанд IV
Наследник Јосиф I
Крал на Бохемија
На престол 1656 – 5 мај 1705
Крунисување 14 септември 1656, Прага
Претходник Фердинанд IV
Наследник Јосиф I
Крал на Хрватска;
Надвојвода од Австрија
На престол 2 април 1657 – 5 мај 1705
Претходник Фердинанд III
Наследник Јосиф I
Сопружник Маргарита-Тереза ​​Шпанска
Клаудија Фелисити Австриска
Елеонора Магдалена фон Пфалц-Нојбург
Деца
* Фердинанд Венцел
Династија Хабсбуршка династија
Татко Фердинанд III
Мајка Ана Марија Шпанска
Роден(а) 9 јуни 1640(1640-06-09)
Виена
Починал(а) 5 мај 1705(1705-05-05) (воз. 64 г.)
Виена
Почивалиште Виена
Вероисповед Римокатоличка црква

Леополд I (германски: Leopold Ignaz Joseph Balthasar Felician, унгарски: I. Lipót, роден на 9 јуни 1640 во Виена - починал на 5 мај 1705 во Виена) — владетел од Хабсбуршката династија како цар на Светото Римско Царство во периодот од 1658 до 1705 година, крал на Унгарија и крал на Хрватска (1655-1705), крал на Бохемија (1656-1705), надвојвода од Австрија (1657-1705).

Владеењето на Леополд е познато по конфликтите со Отоманската Империја на исток, и ривалство со францускиот крал Луј XIV кој му бил прв братучед на запад. По повеќе од една деценија на војување, Леополд излегол како победник во Големата турска војна благодарение на воените таленти на принцот Евгениј Савојски. Со договорот од Карловци, Леополд ги вратил речиси сите територии на Кралство Унгарија кои под османлиска власт паднале по Мохачката битка во 1526 година.

Леополд војувал три пати против Франција - Холандската војна, Деветгодишната војна и Војната за шпанското наследство. Во последната, Леополд побарал да му биде предадено на својот помлад син целото шпанско наследство. За таа цел, тој започнал војна што наскоро го зафатил поголемиот дел од Европа. Во раните години на војната, конфликтот се покажал прилично добро за Австрија, со победите во Шеленберг и Блиндхајм. Но, војната продолжила повеќе од очекуваното, и завршила во 1714 година, девет години по смртта на Леополд, која, во суштина, едвај имаше влијание врз завојуваните држави на Европа. Кога мирот повторно се вратил по крајот на војната, не може да се каже дека Австрија излегла како победник од војната против Турците.

Рани години[уреди | уреди извор]

Леополд бил роден на 9 јуни 1640 година во Виена. Леополд добил големо образование со одлични наставници. Од рана возраст Леополд покажал склоност кон учењето[1]. Тој стекнал одлично познавање на неколку јазици како латински, италијански, германски, француски и шпански јазик. Во прилог на тоа зборува фактот дека германскиот и италијанскиот јазик биле најкористените јазици во неговиот дворец кога подоцна станал цар. Леополд ја изучувал класиката, историјата, литературата, природните науки и астрономијата, и бил особено заинтересиран за музика. Музичкиот талент го наследил од својот татко[1].

Првично Леополд бил спреман да биде свештеник, па поради тоа добил и соодветно црковно образование. Меѓутоа, неговата судбина се променила кога неговиот постар брат Фердинанд добил сипаници и починал на 9 јули 1654 година, со што Леополд станал потенцијален наследник на престолот[2]. И покрај тоа, црковното образование на Леополд очигледно имало големо влијание кај него. Леополд бил под влијание од страна на језуитите, и имал необични познавања како монарх за теологијата, метафизиката, судската практика и науката. Тој, исто така, го задржал својот интерес во астрологијата и алхемијата[2]. Како длабоко религиозно и просветено лице, Леополд го персонифицирал католичкиот став на неговата династија. Од друга страна, неговата побожност и образование можело да предизвика во него сосема други големи последици кога бил во можност да ги отфрли сите компромиси поврзани со религиозните прашања[3].

Леополд често бил слободен и отворен за разговори со своите блиски соработници. Историчарот Вилијам Кокс го опишал на Леополд како човек со величествен став при неговото движење, но неговите обраќања често биле непријатни[4]. Според Спилман, долгоочекуваната кариера во свештенството предизвикала кај Леополд да поседува интензивна католичка побожност. Тој пораснал без воени амбиции, кои биле карактерни за поголемиот дел од монарсите. Од самиот почеток, неговото владеење било карактеризирано како дефанзивно и длабоко конзервативно"[5].

Унгарија го избрала Леополд за крал во 1655 година, додека Чешка и Хрватска го следеле нејзиниот пример во 1656 и 1657 година. Во јули 1658 година, повеќе од една година по смртта на неговиот татко, Леополд бил избран за цар во Франкфурт и покрај противењето на францускиот министер, кардиналот Жил Мазарен, кој барал царската круна да биде предадена на Фердинанд Марија, електор на Баварија, или некој друг нехабсбуршки принц. За да ја смири Франција, која имала значително влијание во германските работи благодарение на Лигата на Рајна, новоизбраниот цар ветил дека нема да ѝ помогне на Шпанија во војната со Франција[6], но ветувањето не го исполнил. Ова го означило почетокот на речиси 47-годишната кариера исполнета со ривалство со Франција и нејзиниот крал Луј XIV.

Втора северна војна[уреди | уреди извор]

Првиот конфликт во кој се вклучил Леополд била Втората северна војна (1655-1660). Оваа војна започнала кога Карл X Густаф Шведски се обидел да стане крал на Полска со помош на сојузниците, вклучувајќи го Ѓерѓ II Ракоци како кнез на Трансилванија.

Претходникот на Леополд, Фердинанд III, во 1656 година склучил сојуз со полскиот крал Јан II Казимир Васа. Во 1657 година, Леополд го проширил овој сојуз кога биле вклучени австриски војници (платени од страна на Полска). Овие војници помогнале во победата над трансилванската војска.

Војната завршила со Договорот од Олива во 1660 година.

Први конфликти со Османлиите[уреди | уреди извор]

Отоманската Империја започнала да се меша во внатрешните работи на Трансилванија, настан кој довел до започнување на војна со Светото Римско Царство. Леополд од Регенсбург упатил повик кон принцовите да се вклучат со своите сили во воена кампања против Османлиите. Војници биле испратени од страна на Франција. Во август 1664 година во битката кај Сентготард, силите на Рајмондо Монтекуколи издвојувале значајна победа против Османлиите. Истата година бил потпишан Вашварскиот договор, според кој двете земји не војувале во следните 20 години.

Конфликт со Франција[уреди | уреди извор]

Грбот на Леополд.
Столб на Леополд во Трст.
Европа по Вестфалскиот мир од 1648 година.
Леополд I .
Саркофагот на Леополд во Виена.

По неколку години од потпишувањето на мирот, односите со Франција се заладиле. Агресивната политика од страна на Луј XIV кон Холандската Република сериозно го привлекла вниманието на Европа. Иако францускиот крал барал сојуз од неколку германски принцови и ги охрабрил Османлиите во нивните напади врз Австрија, царот не презел некои поголеми чекори. Тој бил во пријателски односи со Луј, со кој бил во роднински врски и со кого претходно разговарал за поделбата на териториите на Хабсбуршка Шпанија. Покрај тоа, во 1671 година, тој договорил неутралност.

Во 1672 година сепак Леополд бил принуден да се преземе акција. Тој влегол во сојуз за заштита на Обединетите Провинции во т.н. Холандска војна. Подоцна, оваа лига се распаднала но била формирана нова, во која покрај царот и кралот на Шпанија влегле и неколку германски принцови. Со ова, војната била обновена. Во тоа време, дваесет и пет години по Вестфалскиот мир, царството претставувало речиси конфедерација на независни кнезови што значело дека успешна организација на воен поход ќе биде многу тешка. Дел од овие независни кнезови многу бргу можеле да стапат во сојуз со непријателот. Така, оваа војна која траела до 1678 година била целосно неповолна за Германија. Сепак, царската интервенција во војната ја спречила француската инвазија на Холандија.

Речиси веднаш по склучувањето на мировниот договор, Луј ја обновил неговата агресија и напади кон германската граница. Бидејќи Светото Римско Царство било ангажирано во сериозна борба со Отоманската Империја, царот Леополд повторно се држел настрана и покрај тоа што се приклучил кон новиот сојуз во војната против Франција. Во 1686 година била формирана Големата алијанса на чело со Леополд чија цел била зачувување на условите кои биле договорени со Вестфалскиот мир. Во меѓувреме, Европа ги следела настаните во Англија каде кралот Вилијам III ја освоил англиската круна преку т.н. Славна револуција, додека пак Франција на чело со Луј повторно ја нападнала на Германија. Во мај 1689 година биле формирана Големата алијанса во кој спаѓале Леополд како цар на Светото Римско Царство, кралeвите на Англија, Шпанија и Данска, изборниот кнез од Баденбург и други помали кнежества. Жестоката борба против Франција се водела речиси на целата територија на Западна Европа. Во принцип, неколку кампањи биле поволни за сојузниците, така што во септември 1697 година, Англија, Шпанија и Холандската Република склучиле мир со Франција со Договорот од Ријсвијк.

Овој договор не го одобрил Леополд бидејќи сметал дека неговите сојузници донекаде ги занемариле своите интереси, но во наредниот месец веќе ги прифатил условите и голем број на територии биле префрлени од француска под германска власт. Мирот со Франција траел околу четири години, а потоа била вклучена во Војната за шпанското наследство. Кралот на Шпанија, Карло II, кој бил припадник на хабсбуршката династија имал директна врска со австриската власт, но слична врска имала и француската владејачка династија.

Карло II од Шпанија починал во 1700 година и ги оставил сите свои поседи на внукот од својата полусестра, Филип, кој станал Филип V од Шпанија. Но, Филип бил и внук на кралот на Франција Луј XIV, што не им се допаѓало на останатите европски владетели. Покрај тоа, и наследното право на Филип V било спорно, па се појавиле и други европски династии кои полагале наследно право на шпанската круна. Од друга страна претензии кон шпанскиот престол имал и англискиот крал Вилијам III. Другите земји се приклучиле главно за да го спречат ширењето на Франција, или за да ги заштитат своите колонијални поседи. Војната завршила со мировните договори од Утрехт (1713) и Раштат (1714), девет години по смртта на Леополд кој починал на 5 мај 1705 година.

Внатрешни проблеми[уреди | уреди извор]

Самиот цар ги дефинирал насоките на политиката. Кнезот Јохан од Ауершперг бил симнат од власт во 1669 година како еден од водечките министри. Истото се случило и со Вензел Евсевиј од династија Лобковици. И двајцата направиле свои врски со Франција без знаење на царот[7].

Во управувањето со своите земји, Леополд најмногу се соочил со проблеми во Унгарија кои биле предизвикани од неговата желба да го скрши протестантизмот и да се справи со т.н. Магнатски заговор. Во текот на 1683 година османлискиот султан испратил огромна војска кон Австрија, која пристигнала до Виена. Градот бил ставен под опсада во периодот од јули до септември, а Леополд побегнал кон Пасау. Во 1681 година протестантите и други антиавстриски сили дале значајна помош на османлиските сили. Османлиите на Унгарците им го ветиле Виенското Кралство доколку падне градот во нивни раце. Леополд I создал непријатели кај протестантите бидејќи ја подржал контрареформацијата. Конфликтот меѓу Австрија и унгарските поддржувачи довело до навлегување на австриските војски во Централна Унгарија, а ова пак било причина големиот везир Кара Мустафа-паша да го убеди султанот Мехмед IV да започне воен поход.

Согледувајќи ја сериозноста на ситуацијата, Леополд побарал помош од неколку германски кнезови, меѓу кои биле и изборните кнезови од Саксонија и Баварија, но најголема подршка Леополд добил од полскиот крал Јан III Собиески кој исто така бил застрашен од Османлиите. Леополд исто така наредил да бидат протерани еврејските заедници од неговото царство, како што бил случајот со Виенската еврејска заедница, кои живееле во областа наречена „Im Werd“, од другата страна на реката Дунав. По протерувањето на Евреите, со поддршката на јавноста, оваа област била преименувана во Леополдштад. Но, Фридрих Вилхелм I, изборен кнез на Бранденбург, издал указ во 1677 година во кој ја најавил неговата специјална заштита за 50 семејства од овие протерани Евреи.

Војна во Османлиите[уреди | уреди извор]

На 12 септември 1683 година сојузничките армија ги нападнала Османлиите и целосно ги поразила, а самата австриска престолнина била спасена. Царските сили подоцна започнале голема офанзива, извојувајќи големи победи кај Мохач и Сента во 1687 година. Поради тоа, во јануари 1699 година османлискиот султан го потпишал договорот од Карловци и бил ставен крај на Големата турска војна. Според договорот, Хабсбуршката Монархија ги добила Централна Унгарија (заедно со денешна Војводина во Србија), Трансилванија, областа меѓу реките Тиса и Дунав и голем дел од Славонија. Во 1690 и 1691 година, Леополд извршил реорганизација на Српската православна црква во рамките на Австрија, давајќи ѝ автономија во управувањето. Во 1687 година, Унгарскиот собор го променил уставот според кој им било доделено правото на Хабсбурговците да го наследат престолот. По ова, и постариот син на царот Јосиф I бил крунисан за наследен крал на Унгарија.

Внатрешни реформи[уреди | уреди извор]

Вестфалскиот мир од 1648 година бил политички пораз за Хабсбурговците. Договорот ставил крај на идејата дека Европа е една христијанска империја, регулирана духовно од страна на папата и привремено од Светиот римски цар. Покрај тоа, договорот бил посветен на распарчувањето на териториите и влијанието на „победниците“ на антихабсбуршкиот сојуз предводен од Франција и Шведска. Сепак, Хабсбурговците не добиле некои бенефиции од војните. Протестантската аристократија во хабсбуршките територии биле исцрпени, и врските меѓу Виена и хабсбуршките територии во Чешка и на други места биле во голема мера зацврстени. Овие промени му овозможило на Леополд да ги покрене неопходните политички и институционални реформи за време на неговото владеење, развивајќи апсолутистичка држава по француски принципи. Најважните последици од војната во минатото биле слабеење на Хабсбурговците како цареви, но од друга страна царевите ги зацврстиле своите позиции во своите земји[8].

Владеењето на Леополд било проследено со некои важни измени во уставот на царството. Во 1663 година царскиот собор влегол во последната фаза на своето постоење, кое придонело до консолидација на хабсбуршката власт во своите територии.[9].

Во 1692 година, војводата од Хановер бил издигнат на ранг на изборен кнез, со што станал деветтиот член на изборниот собор. Во 1700 година, Леополд кој во голема мера имал потреба од помош за претстојната војна со Франција, му ја доделил титулата крал на Прусија на изборниот кнез на Бранденбург. Крајната цел на овие и слични промени била да се ослабне власта на царот врз припадниците на помалите кнежества и да се натера царот да се пренасочи кон својата позиција како владетел на Надвојводство Австрија, Унгарија и Бохемија.

Леополд и Македонија[уреди | уреди извор]

Заштитно писмо за Македонците од австрискиот цар Леополд I

На 6 април 1690 година, Леополд I издал манифест, со кој ги повикал:

сите народи кои по сета Албанија, Србија, Мизија, Бугарија, Силистрија, Илирија, Македонија, Расија живеат, да им се придружат на Австријците и против Турција на оружје да се дигнат


Речиси истовремено, на 26 април 1690 година, Леополд издал и едно писмо со кое го зел под заштита македонскиот народ. Иницијатори на неговото издавање биле Марко Крајда, роден во Кожани и Димитри Георгија Поповиќ, роден во Солун. Во писмото меѓу другото, се декларира:

‘Со ова известуваме дека двајца Македонци, Марко Карида, роден во Косана (денес Кожани) и Димитриј Георги Поповиќ, роден во Македонски Солун, ни изложија колку македонскиот народ, поради почит кон нашето најправедно дело, а со ревност кон нашата служба, со сериозна намера е готов да премине, поради преголемиот турски јарем, под наша заштита, доколку му биде дадена нашата милост и сигурно покровителство. Поради тоа согласно со нашата вродена добрина, милостиво го прифаќаме и го примаме под наша царска и кралска заштита, љубезно препорачувајќи им, поединечно и на сите наши воени заповедници, да не го напаѓаат споменатиот македонски народ, ниту да му причинуваат непријатности, туку според силите, секогаш и во секоја околност, да го заштитуваат, бранат и да му помагаат за таа цел. Воопшто, да му овозможат нему сигурност и увереност за да запазат повеќе наши царски и кралски права и слободи. Исто така допуштаме, со претходно знаење и согласност на нашиот тамошен главен командант, да се собираат во одред и одделно да дејствуваат или да се поврзат со нашите, за да можат така да имаат сила да се борат против заедничкиот непријател. За таа цел тие ќе се пријавуваат кај споменатиот командант, па според неговите наредби, со божја помош, нека ги чуваат нашите краишта за општо добро. Секој според силите да не пропушти во секоја околност да соработува. Дадено во Виена на 26 април 1690 година‘.


[10]

На 31 мај 1690 година царот издал уште едно писмо, со кое ја проширил својата заштита на населението во Бугарија, Србија, Македонија и Албанија. Меѓутоа Македонија повторно останала длабока провинција на Османската Империја, па манифестот и заштитните писма на австрискиот цар не можеле да имаат некое позначајно дејство врз положбата на македонскиот народ.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Леополд бил талентиран композитор, диригент на својот оркестар, свирел на неколку инструменти. Тој напишал повеќе од 230 композиции. Зборувал германски, латински, француски, шпански и италијански. Раководел со основаната од него „Академија Леоплодина“ во 1652 година како Academia Naturae Curiosorum во Швајнфурт. Во 1687 година го изградил новиот дворец Шенбрун во Виена.

Семејство[уреди | уреди извор]

Во 1666 година Леополд се оженил за својата внука Маргарита-Тереза ​​Шпанска (1651-1673), ќерка на неговата сестра Маријана Австриска и шпанскиот крал Филип IV.

Тие имале четири деца:

  • Фердинанд Венцел (1667-1668)
  • Марија Антонија (1669-1692)
  • Јохан Леополд (* / † 1670)
  • Марија Ана Антонија (* / † 1672)

Во 1673 година во Грац Леополд се оженил за својата втора братучетка Клаудија Фелисити Австриска (1653-1676). Тие имале две деца кои починале многу млади:

  • Ана Марија Софија (* / † 1674)
  • Марија Јозеф Клементина (1675-1676)

Во 1676 година во Пасау Леополд се оженил за Елеонора Магдалена фон Пфалц-Нојбург (1655-1720). Двајцата имале десет деца:

Литература[уреди | уреди извор]

  • Crankshaw, Edward, The Habsburgs: Portrait of a Dynasty (New York, The Viking Press, 1971).
  • Frey, Linda; Frey, Marsha. A Question of Empire: Leopold I and the War of Spanish Succession, 1701–1715. „Austrian History Yearbook“ том  14: 56–72. doi:10.1017/s0067237800009061. 
  • Frey, Linda; Frey, Marsha. The Latter Years of Leopold I and his Court, 1700–1705: A Pernicious Factionalism. „Historian“ том  40 (3): 479–491. doi:10.1111/j.1540-6563.1978.tb01904.x. 
  • Frey, Linda and Marsha Frey. A Question of Empire: Leopold I and the War of Spanish Succession, 1701–1705 (1983)
  • Goloubeva, Maria. The Glorification of Emperor Leopold I in Image, Spectacle and Text (Mainz, 2000) (Veröffentlichungen des Instituts für Europäische Geschichte. Abteilung für Universalgeschichte, 184).
  • Kampmann, Christoph. The English Crisis, Emperor Leopold, and the Origins of the Dutch Intervention in 1688. „Historical Journal“ том  55 (2): 521–532. doi:10.1017/S0018246X1200012X. 
  • O'Connor, John T. (1978). Negotiator out of Season. Athens, GA: University of Georgia Press. ISBN 0-8203-0436-0. 

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 John P. Spielman; Leopold I of Austria (1977)
  2. 2,0 2,1 Joseph A. Biesinger; "Germany: European nations" in Facts on File library of world history. pg 529.
  3. Heide Dienst; Professor, Institute of Austrian History Research, University of Vienna.
  4. Coxe, William (1853). History of the House of Austria: From the Foundation of the Monarchy by Rhodolph of Hapsburgh, to the Death of Leopold the Second: 1218 to 1792. London: Henry G. Bohn. стр. 515. 
  5. John P. Spielman; "Europe, 1450 to 1789" in Encyclopedia of the Early Modern World
  6. O'Connor 1978, стр. 7-14.
  7. Volker Press (сè уште необјавено) "I., Leopold ". Neue Deutsche Biographie (NDB). . 14 . Berlin: Duncker & Humblot. стр.  257 .
  8. Thomas Noble. "Western Civilization: Beyond Boundaries". Cengage Learning. 2008. p. 507-508.
  9. Anton Schindling. "The Development of the Eternal Diet in Regensburg". The Journal of Modern History 58 (December 1986). p. S69.
  10. Австрискиот Цар Леополд Први за Македонија

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Леополд I (Свето Римско Царство)
Роден(а): 9 јуни 1640 Починал(а): 5 мај 1705
Владејачки титули
Незаземено
Title last held by
Фердинанд III
Цар на Светото Римско Царство
Крал на Германија

1658–1705
Наследник
Јосиф I
Претходник
Фердинанд III
Крал на Бохемија
1656–1705
со Фердинанд III (1656–1658)
Крал на Унгарија
1655–1705
со Фердинанд III (1655–1658)
Надвојвода од Австрија
Крал на Хрватска
Војвода од Тешин

1657–1705
Претходник
Сигизмунд Франц
Надвојвода од Австрија
1665–1705
Претходник
Михаел II Апафи
Принц на Трансилванија
1692–1705
Наследник
Ференц II Ракоци