Прејди на содржината

Хорхе Луис Борхес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Хорхе Луис Борхес
Борхес во 1951
Занимањеписател, поет, критичар, библиотекар
Јазикшпански

Хорхе Луис Борхес (шпански: Jorge Luis Borges; Буенос Аирес, 24 август 1899 — Женева, 14 јуни 1986 ) — аргентински писател, есеист и поет. Тој е еден од најпознатите интелектуалци на современата култура кој длабоко ја одбележал латиноамериканска книжевност, поради што се вбројува меѓу најголемите светски писатели.[1] Меѓу неговите најважни дела се вбројуваат: „Универзална историја на бесчестието“, „Фантазии“, „Алеф“, „Извештајот на Броди“ итн.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Хорхе Луис Борхес во 1921 година

Хорхе Луис Борхес е роден во образовано семејство од средната класа на 24 август 1899 година.[2] Живеел во сиромашното предградие на Буенос Аирес, Палермо. Мајката на Борхес, Леонора Асеведо Суарез, потекнувала од традиционално уругвајско „криоло“ семејство, со шпанско потекло. Нејзиното семејство било вклучено во населувањето на Европејците во Јужна Америка и учествувало во аргентинската војна за независност. Борхес растел со приказните за семејните подвизи. Така, во 1929 година, во книгата Cuaderno San Martín, тој ја вклучил песната „Исидоро Асеведо“, одддавајќи му почит на својот дедо Исидоро де Асеведо Лаприда, војник во војската на Буенос Аирес, кој бил потомок на аргентински адвокат и политичар Франциско Нарцисо де Лаприда, кој пак се борел во битките кај Сепеда (1859, кај Павон (1861) и кај Лос оралес (1880). Исидоро де Асеведо Лаприда умrel во куќата во која подоцна се родил неговиот внукот Хорхе Луис Борхес. Таткото на Борхес Хорхе Гилермо Борхес Хаслам имал шпанско, португалско и англиско потекло и бил, исто така, син на полковник. Тој бил психолог, преведувач на Омар Хајам и повремен писател. Борхес Хаслам, чија мајка била Англичанка, пораснал со англискиот јазик и често го водел своето семејство во Европа. Нежните родители рано ја разбудиле љубовта кон книжевноста и, уште од раното детство, Хорхе Луис Борхес израснал со книгите и со енциклопедиите од татковата библиотека. Бидејќи баба му по татковата страна била Англичанка, во нивниот дом се зборувало и на англиски, а младиот Борхес во оригинал ги читал делата на Стивенсон, Киплинг, Велс, Твен и Дикенс, а најомилени книги му биле „Дон Кихоте“ и „Илјада и една ноќНа возраст од девет години, Хорхе Луис Борхес направил превод на делото на Оскар Вајлд „Среќниот принц“ (The Happy Prince and Other Tales) од англиски на шпански јазик,[3] објавен во локалниот весник, а неговите пријатели мислеле дека, всушност, преводот го направил татко му.[4] Борхес живеел во Аргентина до единаесетгодишна возраст при што зборувал шпански и англиски, а на дванаесет години го читал Шекспир. Во големата семејна куќа имало голема англиска библиотека со над илјада книги,[5] за што Борхес подоцна забележал: „Ако ме прашаа за најважниот настан во мојот живот, ќе речев библиотеката на татко ми.“[6][7]

Сепак, кога Борхес почнал да го губи видот, татко му ја оставил адвокатурата и во 1914 година, неговото семејство се преселило во Париз, а оттука во Швајцарија,[3][8] каде што Борхес студирал на Женевскиот колеџ. Таму, сестрата на Борхес, Нора одела на училиште, а младиот Борхес учел француски јазик, го читал Томас Карлајл на англиски јазик и почнал да чита филозофија на германски јазик. Покрај францускиот јазик, тој го совладал и латинскиот и германскиот, што му овозможило во оригинал да ги чита делата на Иго, Волтер, Флобер, Мопасан, Верлен, Барбис, Вергилиј, Шопенхауер и германскиет експресионисти, кои му оставиле најголем впечаток. Во 1918 година, Борхес матурирал на Женевскиот колеџ, стекнувајќи ја единствената училишна диплома.[9] Потоа, неговото семејството патувало низ Европа и во 1919 година се задржало во Шпанија. Во тоа време, Борхес ги открил Артур Шопенхауер и еврејскиот мистицизам на Густав Мејринк (со неговиот роман „Голем“ од 1915 година),[3][8] кои подоцна извршиле големо влијание врз неговото творештво. Во Шпанија, Борхес станал член на литерарната авангарда и Ултраист, под влијание на Гијом Аполинер и Филипо Томазо Маринети, и бил близок до Имажизмот.[10] Во Шпанија се запознал со познатите шпански писатели, меѓу кои и Рафаел Кансинос Асенс и Рамон Гомес де ла Серна.[11]

Кога се вратил во Аргентина, во 1921 година, Борхес работел како библиотекар и предавач. Во 1923 година повторо патувал низ Европа, а во 1927 година видот започнал прогресивно да му се намалува.[3][8] Најважните настани во животот на Борхес во 1930-тите се: длабокото пријателство со писателот Адолфо Биој Касарес со кого напишал неколку заеднички книги под псевдонимот Бустос Домек; смртта на татко му и несреќниот случај (во истата година) во кој ја повредил главата, предизвикувајќи влошување на неговиот вид и подоцна – целосно слепило. Имнео, во 1938 година умрел таткото му и тоа многу го погодило, затоа што бил многу близок со него. Истата година на Бадник, Борхес сериозно заболел од септисемија. Во овој период, Борхес работел како преведувач и литературен критичар за списанието „Ел Хогар“, кое излегувало од 1936 до 1939 година. Подоцна, за време на Пероновата диктатура (1941-1955), тој, мајка му и сетра му биле прогонувани.[12]

Хорхе Луис Борхес во 1940 година

Во 1950 година, Борхес бил избран за претседател на Друштвото на аргентинските писатели (Sociedad Argentina de Escritores), а во 1955 година бил именуван за директор на Националната библиотека,[3] а една година подоцна бил избран за професор по англиска книжевност на Универзитетот во Буенос Аирес и ја освоил Националната книжевна награда. Во текот на 1960-тите, тој патувал и држел предавања во Франција, Британија, Швајцарија и Шпанија, а во неколку наврати предавал и на американските универзитети. Во 1974 година, Борхес заминал во Сантјаго де Чиле, каде од претставниците на воената хунта ја примил дипломата за почесен доктор на науки на Универзитетот во Сантхаго и во таа прилика одржал пофален говор за режимот на Пиноче, што предизвикало огорчување ширум светот.[12]

На возраст од 55 години, Борхес ослепел и никогаш не ја научил Брајовата азбука, па тоа го спречило да чита. Некои стручњаци сметаат дека слепилото му помагнало преку својата имагинација да создаде нови литерарни симболи.[13] Бидејќи бил слеп, неговата мајка се грижела за него, му била лична секретарка, ја водела неговата преписка, го следела на патувањата итн. Во 1967 година, Борхес неочекувано се оженил со дамнешната пријателка од младоста Елса Милјан.[14] Неговите пријатели сметале дека неговата мајка го средила бракот за да има кој да се грижи за него по нејзината смрт. Бракот траел само три години, а по разводот, Борхес се вратил кај мајка си, со која живеел во мал стан сѐ до нејзината смрт.[15] По смртта на мајката, негова асистентка станала Марија Кодама, Аргентинка со германско и јапонско потекло. Во април 1986 година, Борхес се оженил со неа со посредство на еден парагвајски адвокат, што тогаш било вообичаена појава за Аргентинците кои сакале да ги избегнат строгите закони во врска со разводот.

Борхес умрел на 14 јуни 1986 година, на возраст од 86 години, од рак на црниот дроб. Една од неговите последни желби била да го закопаат на гробиштата во Женева, а неговиот надгробен споменик е дело на аргентинскиот вајар Едуард Лонгат. Во февруари 2009 година бил направен проект за преместување на Борхес на гробиштата во Буенос Аирес, но вдовицата на Борхес, Марија Кодама жестоко се спротивставила на идејата и проектот пропаднал. Неговата вдовица ги добила сите права на неговите дела.

Политички убедувања

[уреди | уреди извор]

Во 1919 година, под влијание на авангардните поетски движења, младиот Борхес напишал неколку песни во слава на Октомвриската револуција („Русија“, „Болшевичката епопеја“ итн.). За време на Шпанската граѓанска војна, тој ги поддржувал републиканците, а од 1936 година натаму објавил бројни статии напаѓајќи ги нацизмот, фашизмот и антисемитизмот.[16]

Хорхе Луис Борхес постојано се интересирал за политиката, а дваесеттите години од XX век за него биле многу важни во полтичка смисла. На почетокот, тој бил приврзаник на бившиот аргентински претседател, Иполито Иригојен (Hipólito Yrigoyen). Во 1928 година, поддржувајќи го Иполито, Борхес бил член на Комитетот на млади интелектуалци. Иполито победил на изборите, но подоцна воената хунта го симнала од власта и Борхес бил згрозен од политиката. Оттука, извесно време не се занимавал со политика, но подоцна повторно пишувал написи во аргентинското списание „Ел Огар“ во кое не поддржувал ниту еден политичи режим, туку ги критикувал, особено нацизмот, антисемитизмот и фашизмот. Со овие написи, Борхес се стекнал со големи признанија, но тие му предизвикале проблеми во почетокот на четириесеттите години на 20 век.[17]

Во 1946 година, во Аргентина дошол на власт Хуан Доминго Перон, а Борхес поради своите добропознати определби станал инспектор за контрола на живинско месо во Буенос Аирес. Тој веднаш поднесол оставка и искажувал уште поголема одвратност кон тоталитарните режими, истакнувајќи дека една од најважните должности на писателите е да се борат против авторитарноста и сѐ што носи таа. Режимот на Перон го отежнувал животот на семејството на Борхес и на неговите пријатели. Во 1948 година, мајка му и сестра му Нора биле уапсени, затоа што учествувале на протест. Неговата мајка била во домашен притвор, додека сестра му била затворена. На сестрата Нора ѝ понудиле да ја ослободат, ако на Ева Перон ѝ напише писмо на извинување, но таа одбила и останала во затворот. Откако во 1950 година бил избран за претседател на Друштвото на аргентинските писатели, Борхес ги предводел интелектуалците во борбата против перонистичкиот режим.[18] По смртта на Ева Перон, двајца полицајци побарале од Борхес во Друштвото на аргентиските писатели Борхес да закачи портрет на Хуан и на Ева Перон, но тој одбил, по што Друштвото било укинато. Подоцна, во 1973 година, кога Хуан Перон бил повторно избран за претседател, Борхес дал оставка на местото директор на Националната библиотека. Кога со државен удар од власт била сменета Исабел Перон, Борхес пак почнал да се занимава со политика. Тој ја прифатил новата влада, што ја разочарало аргентинската левица. Сепак, кога новата влада ја злоупотребила својата власт, Брохес ја критикувал нејзината политика сѐ до војната за Фокландските Острови, што кај него повторно предизвикало изненадување и тој се повлекол од политиката.

Целиот свој живот, Борхес отворено им се спротивставувал на перонизмот, на марксизмот и на комунизмот.[19] Во едно интервју, тој дури за себе рекол дека е анархист, иако повеќето луѓе го сметале за либерал. Според него, Тоталитарниот режими е тиранија која освен огромната моќ, има можност и да решава за сѐ и за секого. Тој верувал во етичката хуманост и интелектуалност на поединецот. Така, во делото „Песочна книга“, Борхес пишува дека не треба да се вреднуваат политичките системи, туку поединците и нивните особини.[20] За своите политички убедувања, Борхес зборувал во повеќе наврати и за политичарите велел дека се неетички луѓе кои со текот на врремето добиваат навика и да подмитуваат. Своите политички забелешки ги искажал во голем број есеи, од кои најпознат е „Јас, Евреин“ (Yo, Judío), кој се однесува на неговиот претходен напис „Јас, Аргентинец“ (Yo, Argentino) напишан како одговор на обвинувањата од страна на симпатизерите на нацистичката партија дека е Евреин и не е вистински Аргентинец.

Но, од друга страна, во 1974 година, тој заминал во Сантјаго де Чиле, каде од претставниците на воената хунта ја примил дипломата за почесен доктор на науки на Универзитетот во Сантхаго и во таа прилика одржал пофален говор за режимот на Пиноче, што предизвикало огорчување ширум светот.[16]

Творештво

[уреди | уреди извор]
Адолфо Биој Казарес, Викториа Окампо и Борхес во 1935

Првите книжевни почетоци на Борхес претставуваат слободни преработки на најпознатите класични дела: старогрчката митологија (на седумгодишна возраст) и една епизода од „Дон Кихоте“ (во осмата година).[21] Во 1919 година, под влијание на авангардните поетски движења, младиот Борхес напишал неколку песни во слава на Октомвриската револуција („Русија“, „Болшевичката епопеја“ итн.).[16]

За време на животот во Шпанија, Борхес станал член на литерарната авангарда и ултраист, под влијание на Гијом Аполинер и Филипо Томазо Маринети, а бил близок и до Имажизмот. Неговата прва песна „Химна на морето“, напишана во стилот на Волт Витман, била објавена во списанието Grecia.[10] Кога се вратил во Аргентина, во 1921 година, почнал да објавува песни и есеи во надреалистичките литерарни списанија. Својата прва поетска збирка, „Страста на Буенос Аирес“ (Fervor de Buenos Aires) ја објавил во 1923 година, а соработувал во авангардното списание „Мартин Фиеро“. Истата година, Борхес станал уредник на литерарниот додаток во весникот „Критика“, каде што објавувал делови од расказите коишто подоцна ги објавил во „Универзалната историја на бесчестието“. Исто така, во овој период, Борхес бил соосновач на весниците „Призма“ (што го лепеле по ѕидовите на зградите во Буенос Аирес) и на „Проа“. Подоцна, Борхес не бил задоволен од некои од првите публикации и се обидел да ги откупи за да ги уништи.[22]

Во средината на триесеттите години од XX век, Борхес почнал да ги истражува егзистенцијалните прашања и фикцијата. Аргентинската критичарка Ана Марија Варенечеа го нарекува неговиот стил „иреалност“. Тогаш, Борхес редовно соработувал во списанието „Југ“, основано во 1931 година од Викторија Окампо, кое било најзначајното литерарно списание што го прославило неговото творештво[23] Окампо го запознала Борхес со Адолфо Биој Казарес, уште едно познато име во аргентинската литература, со кого се спријателил и често соработувал. Заедно напишале многу трудови под литературниот псевдоним Х. Бустос Домек, како и пародија на детективските серии и фантастични приказни. Во тој период, семејниот пријател Мацедонио Фернандес имал големо влијание врз Борхес. Тие воделе разговори во кафеаните, на село или пак во малиот стан на Фернандес во Балванера. Неговото име се појавува во „Дијалог за дијалогот",[24] каде што двајцата расправаат за бесмртноста на душата. Во 1933 година, на еден уреднички состанок, Борхес се изборил во литературниот додаток на весникот „Критика“ да ги објави собраните приказни под насловот „Универзална историја на бесчестието“ (Historia universal de la infamia). Овие раскази биле објавени како посебна книга во 1935 година, а следната година излегло неговото дело „Историја на вечноста“.[3][8] Во мај 1939 година, Борхес го објавил расказот „Пјер Менар, Автор на Кихот“, а неговата прва збирка со кратки раскази „Градина со разгранати патеки“ (El jardín de senderos que se bifurcan), се појавила во 1941 година, составена од осум раскази што биле претходно објавени во списанието „Југ“. Книгата наишла на добар прием, но не освоила некоја книжевна награда, како што се очекувало.[25] Во 1944 година, Борхес ја објавил книгата „Фантазии“, додека во 1949 година излегло делото „Алеф“.[3][8]

Во 1950 година се појавило неговото познато дело, краткиот расказ „Чекање“ (La espera). Во овој период, Борхес покажувал голем интерес за идеализмот, што може да се забележи во есејот „Ново побивање на времето“, од краткиот расказ „Прецизност во науката“ (Del rigor en la ciencia), од песните „Нешта“ (Cosas) и „Голем“ (El Golem), како и од расказот „Кружни урнатини“ (Las Ruinas Circulares). Во 1952 година, Борхес го објавил делото „Нови истражувања“, а во 1954 „Книга за измислените суштества“ (El libro de los seres imaginarios). Во 1961 година, Борхес го свртел вниманието на пошироката книжевна јавност кога ја добил меѓународната награда „Форментор“ (Prix Formentor), зедно со Самуел Бекет. Во 1967 година, Борхес започнал петгодишна соработка со американскиот преведувач Норман Томас ди Џовани. Во овој период, Борхес ги објавил делата: „Поинакви, исти“ (1964), „Пофалба на сенката“ (1969), „Бродиевиот извештај“ (El informe de Brodie) од 1970 година, расказот „Конгрес“ (El Congreso) од 1971 година, „Песочна книга“ (El libro de arena) од 1975 година, и „Историја на ноќта“ (1977).[3][8] Во 1971 година, Борхес ја добил Наградата на Ерусалим. Во 1980 година, во Мадрид му била врачена престижната награда „Сервантес“, следната година ја објавил стихозбирката „Шифра“, а во 1984 се појавило делото „Атлас“.[3][8] Своето последно дело „Заговорник“ го посветил на градот Женева,[26] додека неговите последни четири раскази се објавени во збирката „Сеќавањето на Шекспир“ (La memoria de Shakespeare).[27]

Борхес бил многу активен и во есеистиката, како и во составувањето антологии. Неговите позначајни есеи се: „Еваристо Кариего“ (1930), „Историја на вечноста“ (1936) и „Истражувања“ (1952), а од бројните антологии се издвојуваат: „Класична антологија на аргентинската книжевност“ (1937), „Антологија на фантастичната книжевност“ (1940), „Аргентинска поетска антологија“ (1941) и „Најдобри криминални раскази“ (1943).[28]

Во 1956 година ја освоил агрентинската национална книжевна награда, а светска слава стекнал во 1961 година, кога ја освоил Меѓународната книжевна награда на издавачите (заедно со Бекет). Во 1980 година ја добил Сервантесовата награда, најголемото книжевно признание во шпанското јазично подрачје, а бил и кандидат за Нобеловата награда.[12]

Поетско творештво

[уреди | уреди извор]

Иако е напознат по расказите, Борхес секогаш истакнувал дека во прв ред е поет, а поезијата е неговата главна книжевна преокупација како на почетокот така и во зрелата фаза од неговото творештво. По објавувањето на првата стихозбирка „Тетратката Сан Мартин“ (1929), тој ја напуштил поезијата посветувајќи им се на есеистиката и на расказите, а дури по 40 години пак почнал да пишува песни, додека збирката „Творец“ (1960) го означува неговото конечно враќање кон поезијата. Оваа голема пауза се објаснува со неговото незадоволство од своите песни: тој се откажал од некои рани песни, а сите останати темелно ги преработил и ги сместил во „Поетското дело“ (Obra poética). Исто така, тој сметал дека поезијата и прозата не се различни книжевни видови, туку писателот мора биде поет во најширока смисла на зборот (Dichter). Најпосле, паузата е последица на неговата поетска криза, изразена во чувството дека не може соодветно да се изрази во песната и во стремежот да се ослободи од барокноста.[29]

За време на престојот во Шпанија, Борхес станал дел од поетското движење наречено ултраизам кое подоцна го пресадил на аргентинската почва. По враќањето во татковината, тој ги основал списанијата „Призма“ и „Проа“, потпишал неколку манифести и објавил една статија за ултраизмот во која ги истакнува значењето на метафората во поетскиот јазик и потребата од економичност на средствата за изразување (бришење на сврзниците и непотребните епитети и украси), а ги напаѓа врзаниот стих, исповедниот тон и морализирањето. Во статијата, тој пишува: „Ултраизмот тежнее кон главната цел на секоја поезија, т.е. преобразувањето на видливата стварност во внатрешна и емоционална реалност.“ Неговите три ултраистички поетски збирки, „Воодушевување од Буенос Аирес“ (1923) и „Месечината наспроти“ (1925) и Тетратката Сан Мартин“ (1929) претставувале освежување во аргентинската поезија. И покрај смелите метафори и неочекуваните епитети, во нив има малку шокантни елементи, кои се карактеристика за авангардизмот.[11]

Во творештвото на Борхес од зрелиот период тешко може да се повлече границата меѓу поезијата и прозата. На пример, кога ги подготвувал творбите за неговото „Поетксо дело“, Борхес го направил изборот така што ги одбрал само песните, а ги исфрлил прозните текстови кои се застапени во сите негови стихозбирки. Сепак, тие текстови, кои тој ги нарекува „прози“ а критичарите „параболи“, всушност, претставуваат песни во проза. Во неговите песни и раскази често се застапени истите теми, а многу негови песни имаат и мал заплет, а единствената разлика е во тоа што во песните повеќе се истакнати ритамот и лапидарниот израз. Инаку, зрелиот Борхес се однесувал многу строго кон своите рани песни: на ултраистичките песни им забележува дека се премногу барокни, некои ги преправил, а од некои дури и се откажал. Зад бројните поправки на раните песни се крие Борхесовиот изменет однос кон метафората: тој смета дека е заблуда дека може да се измислуваат метафорите, зашто вистинските метафори постоеле отсекогаш, додека оние кои можеме да ги измислиме се лажни и безвредни. За него, метафората не е поетска играчка, туку ефикасен и едноставен облик на подлабоко искажување на реалноста. Овие ставови се последица на неговата еволуција од авангардизмот кон неосимболизмот при што од отфрлањето на културното наследство тој еволуира кон спротивното сфаќање дека книжевноста е колективен напор на генерациите и дека сите книги се една, недовршена книга.[30]

Борхес бил голем љубител на епската поезија поради што во зрелите години ја проучувал саксонската книжевност и учел староисландски, а сагите не само што се предмет на неговите есеи, туку и поетска инспирација. Борхес не е парнасовец, туку модерен мисловен поет кој ја слика ситуацијата, а не декорот. Неговите историски и псевдоисториски евокации се полни со драматика, но без театралност и со тоа потсетуваат на сцените од експресионистичките филмови кои тој високо ги ценел. Иако аргентиската историја е застапена во неговите дела, Борхес не ја сака локалната боја, а во индивидуалното гледа смисла само во врска со универзалното. Според него, не само личностите, туку и настаните се повторуваат низ историјата, односно тој го сфаќа времето циклично при што на кружното време му одговара кружниот простор и поради тоа, лавиринтот се јавува како опсесивна тема на повеќе негови дела. Исто така, во неговата поезија често се застапени и други теми, како: тигарот како симбол на нескротениот, автентичен живот, шаховската игра како пародија на животот, огледалото и стравот од него, итн. Иако Борхес бил атеист, гностичките учења, езотеризмот, Библијата, Коранот и источните религии се голема инспирација во неговото поетско творештво. Истото се однесува и на филозофијата: питагорејците, стоиците, Платон, Сократ, Спиноза, Декарт, Хераклит, Беркли и Шопенхауер постојано се присутни во неговата поезија, а Хераклитовата дијалектика и Берклиевиот субјективен идеализам се најважните елементи во неа. Сепак, неговата поезија не е нарцисоидна, туку таа е критична кон себе и иронична на своја сметка. Според критичарот Гиљермо Сукре, Борхесовата поезија е антипоезија, а неговото творештво е отсуство на творештво, односно негово постојано надоградување. Тоа се должи на големата отвореноста на неговата поезија која се повикува на симболизмот, но не е херметична, туку е секому достапна и разбирлива.[31]

Значење и влијание

[уреди | уреди извор]

Борхес е најпознат по своите кратки раскази, но пишувал и поезија, есеи, сценарија, литературни критики, а објавил и многу антологии.[32] Борхес е значаен и како преведувач. Преведувал од англиски, француски и германски јазик, а ги превел делата на Вилијам Фокнер, Херман Хесе, Франц Кафка, Волт Витман, Вирџинија Вулф и други. Борхес дал голем придонес кон филозофската литература, но и кон жанрот на фантастиката. Критичарот Анхел Флорес, кој прв го употребил изразот „магичен реализам“ за да го одреди жанрот кој се развил како одговор на реализмот и на натурализмот кои доминирале во 19 век, смета дека почетоците на ова движење се наоѓаат во делото на Борхес Универзална историја на бесчестието (Historia universal de la infamia).[33] За него, писателот Куци рекол: „Повеќе од секој друг го обнови јазикот на фикцијата и го отвори патот на една извонредна генерација на шпанско-американски романописци“,[34] додека Роберто Болањо го нарекува „најголемиот латиноамерикански писател“.[35]

Една книга на македонскиот писател Александар Прокопиев е наречена „Борхес и компјутерот“.[36] Краткиот расказ „Писмото на пустината“ на македонскиот писател Влада Урошевиќ ја носи посветата „во чест на Борхес“.[37] Борхес претставува тема на кусиот расказ „Тигарот на Борхес“ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[38]

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • „Воодушевување од Буенос Аирес“ (поезија, 1923)
  • „Месечината наспроти“ (поезија, 1925)
  • „Димензијата на мојата надеж“ (есеи, 1926) El tamaño de mi esperanza)
  • „Тетратката Сан Мартин“ (поезија, 1929)
  • „Универзалната историја на бесчестието“ (раскази, 1935)
  • „Историја на вечноста“ (1936)
  • „Класична антологија на аргентинската книжевност“ (антологија, 1937)
  • „Антологија на фантастичната книжевност“ (антологија, 1940)
  • „Градина со разгранати патеки“ (раскази, 1941)
  • „Аргентинска поетска антологија“ (антологија, 1941)
  • „Најдобри криминални раскази“ (антологија, 1943)
  • „Фантазии“ (раскази, 1944)
  • „Алеф“ (раскази, 1949)
  • „Нови истражувања“ (1952)
  • „Книга за измислените суштества“ (1954)
  • „Творец“ (поезија, 1960)
  • „Поинакви, исти“ (1964)
  • „Пофалба на сенката“ (1969)
  • „Бродиевиот извештај“ (раскази, 1970)
  • „Песочна книга“ (раскази, 1975)
  • „Историја на ноќта“ (1977)
  • „Шифра“ (поезија, 1981)
  • „Атлас“ (1984)
  • „Заговорник“
  • „Сеќавањето на Шекспир“ (раскази)
  • „Поетско дело“ (поезија)
  1. ↑ „www.kirjasto.sci.fi“. Архивирано од изворникот на 2010-10-10. Посетено на 2010-10-09.
  2. ↑ „Хорхе Луис Борхес“ (PDF). http://www.unilib.bg.ac.rs/. Посетено на 14 март 2014. Надворешна врска во |publisher= (help)
  3. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Horhe Luis Borhes, Peščana knjiga. Beograd: Paidea, 2009.
  4. ↑ Harold Bloom (2004) Jorge Luis Borges (Bloom's biocritiques) Infobase Publishing ISBN 0-7910-7872-8
  5. ↑ „Хорхе Луис Борхес, књижевник без граница“, Политика, 13 јуни 2011 (пристапено на 14 март 2014)
  6. ↑ Borges, Jorge Luis, „Autobiographical Notes“, The New Yorker, 19 September 1970.
  7. ↑ Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. VIII-X.
  8. 1 2 3 4 5 6 7 Horhe Luis Borhes, Univerzalna istorija beščašća. Beograd: Paidea, 2009.
  9. ↑ Borges and His Fiction: A Guide to His Mind and Art
  10. 1 2 Wilson, Jason. Jorge Luis Borges. Reaktion Books, 2006.
  11. 1 2 Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. X-XI.
  12. 1 2 3 Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. XII-XIII.
  13. ↑ Eliane Fernanda C., „O (In) visível imaginado em Borges“. In: Pedro Pires Bessa (ed.). Riqueza Cultural Ibero-Americana. Campus de Divinópolis-UEMG, 1996, pp. 313–314.
  14. ↑ „Биографија на Хорхеа Луиса Борхес (пристапено на 13 март 2014)“. Архивирано од изворникот на 2016-12-25. Посетено на 2015-07-14.
  15. ↑ Биографија на Хорхе Луис Борхес (пристапено на 13 март 2014)
  16. 1 2 3 Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. XIII.
  17. ↑ „Биографија на Борхес (пристапено на 13 март 2014)“. Архивирано од изворникот на 2008-05-09. Посетено на 2016-11-13.
  18. ↑ Хорхе Луис Борхес - нешто о животу и последња песма (пристапено на 13 март 2014)[мртва врска]
  19. ↑ „Хорхе Луис Борхес – Биографија (пристапено на 13 март 2014)“. Архивирано од изворникот на 2014-03-11. Посетено на 2016-11-13.
  20. ↑ „Политичката филозофија на Хорхеа Луис Борхес (пристапено на 13 март 2014)“. Архивирано од изворникот на 2014-02-09. Посетено на 2016-11-13.
  21. ↑ Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. IX.
  22. ↑ Borges: Other Inquisitions 1937–1952. Full introduction by James Irby. University of Texas, ISBN 978-0-292-76002-8 (пристапено на 16 август 2010)
  23. ↑ Ivonne Bordelois, "The Sur Magazine" Villa Ocampo (пристапено на 24 август 2011)
  24. ↑ Borges, Jorge Luis. Dreamtigers. University of Texas Press, 1985, p. 25.
  25. ↑ www.enotes.com (пристапено на 3 декември 2008)
  26. ↑ Borges on Life and Death, Interview by Amelia Barili
  27. ↑ Хорхе Луис Борхес, Сеќавањето на Шекспир. Скопје: Бегемот, 2016.
  28. ↑ Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. XII.
  29. ↑ Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. VII-VIII.
  30. ↑ Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. XIV-XVI.
  31. ↑ Радивоје Константиновић, „Борхес песник“, во: Хорхе Луис Борхес, Изабране песме. Српска књижевна задруга, Београд, 1982, стр. XVII-XXIII.
  32. ↑ „Borges, Biography (пристапено на 12 март 2014)“. Архивирано од изворникот на 2008-05-09. Посетено на 2016-11-13.
  33. ↑ Theo L. D'Haen (1995). „Magical Realism and Postmodernism: Decentering Privileged Centers“, in: Louis P. Zamora and Wendy B. Faris, Magical Realism: Theory, History and Community. Duhan and London: Duke University Press, pp. 191–208.
  34. ↑ Coetzee, J. M. „Borges's Dark Mirror“, New York Review of Books, Volume 45, Number 16. October 22, 1998.
  35. ↑ Horhe Luis Borhes, Knjiga o izmišljenim bićima. Laguna, Beograd, 2019.
  36. ↑ Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 24.
  37. ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 57.
  38. ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 467.