Книга за измислените суштества
„Книга за измислените суштества“ (шпански: El libro de los seres imaginarios) — книга на аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес од 1954 година. Во 1967 година било објавено второто, проширено издание во кое можат да се забележат и некои ситни промени во однос на првото: на пример, променета е годината на палењето на библиотеката во Александрија, отец Целингер е именуван како Фонтекјо, вклучени се повеќе женски чудовишта (нимфите, Лилит итн.), а застапени се и повеќе суштества од неговата непосредна околина.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Книгата е напишана во вид на зборник, кој содржи описи на поголем број измислени суштества:[2] А Бао А Ку, Абту и Анет, Амфизбена, Анамитските тигри, Бахамут, Балдандерс, Банши, Базилиск, Бехемот, Борамец, Бурак, Чеширската мачка и Килкениските мачки, чудовиштето Ахерон, демоните на јудаизмот, две метафизички животни, двојник, виленици, Елои и Морлоци, Фаститокалон, фауната на огледалата, фауната на САД, Гаруда, влечкачот што го сонил К. С. Луис, Голем, Грифон, гноми, Ханиел, Кафзиел, Азриел и Аниел, Хаоках, бог на громот, Хидрата од Лерна, Химера, Хипогрифон, Хочиган, Хронос или Херкул, ихтиокентаури, еднорог, Џини, Јуворки, Ками, Катоплеба, кентаур, Кербер, кинеска лисица, кинеска фауна, кинески феникс, кинески еднорог, кинески змеј, Кракен, крокоти и леукрокоти, кадравата ѕверка од Ла Ферта-Бернар, топчести животни, Кујата, Кумбаба, Ламед-Вуфникси, Ламии, лемури, синот на Левијатан, Лилит, мајката на сите желки, мајмунот кој пие туш, Мандрагора, Месечевиот див зајак, мешанец, Минотаур, монокли, моркси коњ, мравлав, набивач, наги, небесен елен, небесен петел, Неснас, нимфи, норми, Одрадек, Огнениот крал и неговиот коњ, окованата маторица, осмокраката змија, пантер, пеликан, Перитони, Пигмеи, птицата Феникс, птицата која предизвикува дожд, птицата Рок, Ремора, саламандер, сатири, Сцила, Сенкојадач, Сфинга, Силфи, Симург, сирени, Сквонк, слонот кој го прорекол раѓањето на Буда, стоглавец, Кафеавковци, Сведенборговите ангели, Сведенборговите демони, шестоноги антилопи, Талос, Т'ао-Т'иех, топлотни суштества, тролови, троного магаре, Уроборос, валкири, вили, Заратан, змеј, животното што го сонил Кафка, животното што го сонил К. С. Луис и животното што го сонил По.
За делото
[уреди | уреди извор]Во предговорот на првото издание на книгата од 1954 година, Борхес нагласува дека таа не ги опфаќа сите фантастични суштества, односно дека темата е бесконечна. Притоа, наведува дека намерно ги исклучил суштествата кои претставуваат некаква трансформација на човекот (како врколаците).[3] И во предговорот на второто издание на книгата од 1967 година, Борхес повторува дека бројот на измислените суштества е бесконечен и ја опфаќа речиси целата вселена, така што тој ги набројува само оние кои се плод на човечката фантазија. Тој забележува дека книгава не е наменета за еднократно читање и ги повикува читателите да се навраќаат на неа, слично на играњето со калеидоскопот.[4]
Во поговорот кон српското издание на ова дело („Лагуна“, 2019 год.), Силвија Монрос Стојаковиќ вели дека, иако пишува за разни необични суштества, во книгата Борхес кажува најмногу се себе, секако со помош на неговите попатни духовити забелешки, а уште повеќе со изборот на цитатите од други автори. Притоа, за да проговори за човечкиот ум и да ги изнесе своите ставови за опсегот на човечката мисла, нему често не му е потребна ниту една реченица, туку само неколку придавки кои не можат да се спојат (на пример, спонтано и своеволно). Во тој поглед, Борхес особено е заинтересиран за јазикот како суштинско средство на размислувањето, зашто јазикот и негвоите тајни ја сочинуваат основната Борхесова стварност. На пример, во книгата, Борхес го објаснува постанокот на базилискот со погрешното препишување на еден англиски збор; кај химерата е најважен поимот, зашто нејзиниот невозможен облик очигледно настанал за да се означи невозможното, воопшто; а за Гонгора вели дека верувал „единствено во зборовите и во реченичните изведби“. Големата произволност на Борхес во изборот на суштествата наведени во книгата изгледа воопшто не е случајна, туку неговиот избор служи само како изговор за подлабока неизбежност. Но, дури и тогаш од делото извира препознатливата ненападна, но неприпитомлива Борхесова духовитост.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Silvija Monros Stojaković, „Oštroumni domaći borhes“, во: Horhe Luis Borhes, Knjiga o izmišljenim bićima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 198-199.
- ↑ Horhe Luis Borhes, Knjiga o izmišljenim bićima. Beograd: Laguna, 2019.
- ↑ „Predgovor“, во: Horhe Luis Borhes, Knjiga o izmišljenim bićima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 12-13.
- ↑ „Predgovor izdanju iz 1967.“, во: Horhe Luis Borhes, Knjiga o izmišljenim bićima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 14.
- ↑ Silvija Monros Stojaković, „Oštroumni domaći borhes“, во: Horhe Luis Borhes, Knjiga o izmišljenim bićima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 195-196.