Сирена (митологија)
Вид | Митолошко |
---|---|
Митологија | Грчкa |
Живеалиште | Ливада покрај морето |
Во старогрчката митологија, сирените (грчки, еднина: Σειρήν Seirēn, грчки, множина: Σειρῆνες Seirēnes) биле опасни и убави суштества, прикажани како фатални жени кои со својата маѓепсувачка музика и глас ги примамувале морнарите во близина да доживеат бродолом на карпестиот брег на нивниот остров. Тие се ќерки на Ахелој и Муса Терпсихора.[1] Римските поети ги претставиле како живеат на некои мали острови наречени Sirenum scopuli (Карпи на Сирените). Во некои подоцнежни, рационализирани традиции, дословната географија на „цветниот“ остров Антемоеза или Антемуза е дефинирана: понекогаш на ’Ртот Пелоро, а според другите традиции на островите познати како Сиренуза, во близина на Паестум или на Капри.[2] Сите вакви места биле обиколени со гребени и карпи.
Кога на Сирените им било дадено сопствено име, биле сметани за ќерки на речниот бог Ахелој со Терпсихора, Мелпомена, Стеропа или Хтон (Земјата; Во Еврипидовата Елена 167, Елена во своето страдање ги повикува „Крилестите девици, ќерки на Земјата“). Иако ги примамувале морнарите, за Грците, Сирените во своите „ливади опсипани со цвеќиња“ не биле морски божества. Римските писатели ги поврзале Сирените поблиску со морето, како ќерки на Форкиј.[3] Сирените ги има во многу грчки приказни, особено во Хомеровата Одисеја.
Нивниот број често е опишан меѓу два и пет. Во Одисеја, Хомер не кажува ништо за нивното потекло или имиња, но бројот на Сирените е два.[4] Подоцнежните писатели ги споменуваат и нивните имиња и нивниот број: некои тврдат дека имало три: Пеисиноа, Аглаопа и Телксипеа или Партенопа, Лигеја и Леукозија. Еустатиј тврди дека имало две: Аглаофема и Телксипеа. Нивните поединечни имиња се различно дадени во подоцнежните извори како: Телкспиеа/ Телксиопа/Телксиноа, Молпа, Аглаофона/Аглаопа/Аглаофема, Писиноа/Пеисоноа/Пеиситоа, Партенопа, Лигеја, Леукозија, Раидна и Телес.[5][6][7][8][9]
Сирените и смртта
[уреди | уреди извор]Според Овидиј (Метаморфози V, 551), Сирените биле придружнички на младата Персефона. Деметра им дала крилја за да ја бараат Персефона кога била грабната. Сепак, Хигиновите Митови (Fabulae) раскажуваат како Деметра ги проколнала Сирените бидејќи не успеале да интервенираат при грабнувањето на Персефона. Сирените биле нарекувани и Музи на долниот свет. Волтер Копланд Пери забележал: „Нивната песна, иако неодоливо нежна, не била ништо помалку тажна, и ги опфаќала и телото и душата во фатално мртвило, претходник на смртта и распаѓањето.“ "[10] Нивната песна постојано ја повикува Персефона. Поимот „песна на Сирените“ се однесува на повикот на кој е тешко да се одолее, но ако се послуша, ќе доведе до лош крај. Подоцнежните писатели врз основа на описот на Кирка – „врткајќи се таму во својата ливада, околу нив купишта трупови скапуваат, партали од кожа се стуткуваат на нивните коски.“ [11] - заклучиле дека Сирените јаделе луѓе. Како што Џејн Елен Харисон за Керите како Сирени забележува: „Во исто време е чудно, но и убаво што Хомер требало да направи Сирените да го повикуваат духот, а не месото.“ [12] Песната на Сирените е ветување за Одисеј за пророшките вистини; со лажно ветување дека тој ќе живее за да им раскаже, тие пеат:
Штом еднаш ќе го слушне душевниот мир на своето срце, помудар човек ќе исплови.
Ние ги знаеме сите болки кои Грците и Тројанците еднаш ги истрпија
на широката рамнина на Троја кога боговите така сакаа-
сѐ тоа доаѓа за да се пренесе на плодната почва, ние го знаеме сето тоа![13]
„Тие се пророшки суштества како Сфингата со која имаат многу заедничко, знаејќи ги и минатото и иднината,“ Харисон забележува. „Нивната песна има влијание на пладне, во тишина, без ветер. Крајот на песната е смрт.“ [14] Тоа што месото на морнарите скапува, сепак упатува на тоа дека не е изедено. Се претпоставувало дека ако им се украдат пердувите, нивната божествена природа ќе ги одржува во живот, но не би можеле да ги прехранат посетителите, кои умирале од глад одбивајќи да си заминат.[15]
Според Хигин, судбината на Сирените била да живеат сѐ додека смртниците кои ги слушнале нивните песни можат да поминат покрај нив.[16]
Изглед
[уреди | уреди извор]Сирените биле комбинации од жени и птици на различни начини. Во раната грчка уметност, Сирените биле претставени како птици со големи глави на жени, птичји пердуви и крлушести стапала. Подоцна, тие биле претставени како женски фигури со нозе на птици, со или без пердуви, свирејќи на различни музички инструменти, особено на харфи. Византиската енциклопедија од X век, Суда [17], вели дека од градите нагоре, Сирените имале форма на врапчиња, надолу биле жени, или алтернативно, дека биле мали птици со женски лица. Птиците биле избрани поради нивниот убав глас. Подоцна Сирените понекогаш биле прикажани како убави жени, чии тела, а не само гласови, се заводливи.
Римскиот историчар од I-иот век, Плиниј Постариот, ги отфрлил Сирените како чисти приказни, „иако Динон, таткото на Клеаркиј, славен писател, тврди дека тие постојат во Индија и дека ги привлекуваат мажите со својата песна и дека откако прво ќе ги успијат, ќе ги раскинат на парчиња.“ [18] Во своите белешки, Леонардо да Винчи запишал за Сирените: „Сирената пее толку нежно што ги успива морнарите; потоа се качува на бродовите и ги убива заспаните морнари.“
Во 1917 година, Франц Кафка во Тишината на Сирените напишал: „Сега Сирените имаат пофатално оружје од својата песна, имено нивната тишина. И иако такво нешто никогаш не е признато дека се случило, сѐ уште е возможно дека некој можеби избегал од нивното пеење; но од нивната тишина сигурно никогаш.“
Таканаречената „Сирена од Каноза“ [19] ги придружувала мртвите низ гробните добра на погребување и изгледа дека имала некои психопомпни одлики, водејќи ги мртвите на задгробно патување. Леаната фигура од печена глина има траги од нејзиниот оригинален бел пигмент. Жената има стапала, крлија и опашка на птица. Се чува во Националниот археолошки музеј на Шпанија, во Мадрид.[20]
Средби со Сирените
[уреди | уреди извор]Во Аргонаутика (4.891-919), Хирон го предупредил Јазон дека при неговото патување ќе му биде потребен и Орфеј. Кога Орфеј ги слушнал нивните гласови, тој ја извадил својата лира и свирел музика поубава од нивната, заглушувајќи ги нивните гласови. Сепак, еден член од посадата, херојот со остар слух, Бут, ја слушнал песната и скокнал во морето, но божицата Афродита го фатила и го однела на безбедно.
Одисеј бил љубопитен што му пеат Сирените, па советуван од Кирка, ги натерал сите свои морнари да си ги затнат ушите со пчелин восок, а него да го заврзат за јарболот. Им наредил на своите луѓе да го остават силно заврзан за јарболот, без оглед на тоа колку ќе ги преколнува да го одврзат. Кога ја слушнал нивната убава песна, им наредил на своите морнари да го одврзат, но тие го врзале уште посилно. Кога го одминале дометот на глас, Одисеј со муртење им покажал да го одврзат.[21]
Некои писатели по времето на Хомер тврдат дека Сирените имале судбина да умрат ако некој ги слушне како пеат и им избега и дека откако Одисеј поминал оттаму, тие се фрлиле во водата и исчезнале.[22] Исто така е кажано дека Хера, кралицата на боговите, ги натерала Сирените да се натпреваруваат во пеење со Музите. Музите победиле на натпреварот и потоа им ги откорнале сите пердуви на Сирените и си направиле круни од нив.[23] Стефан Византиски пишува дека поради нивната мака што го изгубиле натпреварот, Сирените станале бели и се фрлиле во морето кај Аптера („без пердуви“) каде ги создале островите во заливот кои биле наречени Суда (денешни Лефкаи).[24]
Христијанско верување
[уреди | уреди извор]До IV век, кога паганските верувања биле исчезнати поради христијанството, верувањето во вистински Сирени било обесхрабрено. Иако Јероним, кој ја изработил латинската Вулгата верзија на Библијата, го користел зборот „Сирени“ за да го преведе хебрејскиот збор tenim (чакали) во Исаија 13:22 и исто така преведил збор за „бувови“ во Јеремија 50:39, ова Амвросиј Медиолански го објаснил како обичен симбол или алегорија за земско искушение, а не за прифаќање на грчкиот мит.[25]
Сирените и понатаму редовно биле користени низ христијанската уметност на средновековната ера како симбол за опасно искушение отелотворено во жената. Сепак, во XVII век, некои језуитски писатели почнале да го тврдат нивното вистинско постоење, вклучувајќи го и Корнелиј, кој за жената рекол: „нејзиниот поглед е како на легендарниот базилиск, нејзиниот глас е глас на сирена – со нејзинот глас таа маѓепсува, со нејзината убавина го одзема разумот – гласот и погледот на ист начин се справуваат со уништувањето и смртта.“ [26] Антоно де Лореа исто така расправал за нивното постоење, а Атанасиј Кирчер расправал дека сигурно и за нив биле изградени оддели на бродот на Ное.[27]
Раното христијанско евхемеристичко толкување за митолошките човечки суштества добило долготраен поттик од Етимологии или Потекла (Etymologiae) на Исидор Севиљски.[28] „Тие (Грците) замислуваат дека „имало три Сирени, дел девици, дел птици,“ со крилја и канџи. „Едната од нив пеела, другата свирела на флејта, а третата на лира. Тие ги привлекувале морнарите намамени од песната, да доживеат бродолом. Според вистината, сепак, тие биле проституки кои ги доведувале патниците до сиромаштија и за кои се велело дека ги присилувале да доживеат бродолом.“ Тие имале крилја и канџи бидејќи Љубовта лета и ранува. За нив се велело дека останувале во брановите бидејќи еден бран ја создал божицата Венера.“
Чарлс Берни околу 1789 година, во Општа историја на музиката објаснил: „Името, според Бохарт, кој го изведил од феникијскиот јазик, подразбира песнопојка. Поради тоа е можно во античко време да имало одлични пејачи на брегот на Сицилија, кои биле со расипан морал и кои преку заведување на патниците ја воздигнале оваа приказна.“ [29] Џон Лемприер во неговиот Класичен речник (1827) напишал: „Некои претпоставуваат дека Сирените биле повеќе блудни жени од Сицилија, кои се проституирале на странци и ги терале да заборават на своите потраги додека се давеле во незаконски задоволства. Етимологијата на Бохарт, кој го изведува името од фенекијски поим кој означува песнопојка, е наклонет кон објаснувањето дадено во приказната од Дам.[30] Овој истакнат критичар ги прави Сирените одлични пејачки и ги лишува од приказните почитувајќи ги сите нивни извонредни особини, тој претпоставува дека поради привлечноста на музиката и песната ги заробувале патниците и правеле целосно да ја заборават својата сопствена земја.“ [23]
Ваквите евхемеристички толкувања биле заборавени уште од подоцнежните години на XIX век, во корист на анализите на старогрчката митологија во поглед на историските грчки социјални структури и нивниот систем на култура, како и грчката таксономија на духовниот свет.
Сирените како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Песна за сирената“ (Song To The Siren) - песна на британското дуо „Кемикал брадерс“ (The Chemical Brothers)“ од 1995 година.[31]
- „На (сирени)“ (Na na (Sirens)) - песна на Никола Коџабашија и групата „Фолтин“ од 2011 година.[32]
- „Сирена“ (Siren) - албум на британската рок-група „Рокси Мјузик“ (Roxy Music)“ од 1975 година.[33]
- „Песна за сирената“ (Song to the Siren) - песна на британскиот поп-музичар Брајан Фери (Bryan Ferry).[34]
- „Сирената се насмеа“ (Mermaid Smiled) - песна на англиската рок-група XTC од 1986 година.[35]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 1992, str. 614.
- ↑ Strabo i. 22; Eustathius of Thessalonica's Homeric commentaries §1709; Servius I.e.
- ↑ Virgil. V. 846; Ovid XIV, 88.
- ↑ Odyssey 12.52
- ↑ Linda Phyllis Austern, Inna Naroditskaya, Music of the Sirens, Indiana University Press, 2006, p.18
- ↑ William Hansen, William F. Hansen, Classical Mythology: A Guide to the Mythical World of the Greeks and Romans, Oxford University Press, 2005, p.307
- ↑ Ken Dowden, Niall Livingstone, A Companion to Greek Mythology, Wiley-Blackwell, 2011, p.353
- ↑ Mike Dixon-Kennedy, Encyclopedia of Greco-Roman Mythology, ABC-Clio, 1998, p.281
- ↑ Sirens, on Theoi Greek Myhthology
- ↑ Perry, "The sirens in ancient literature and art", in The Nineteenth Century, reprinted in Choice Literature: a monthly magazine (New York) 2 (September–December 1883:163).
- ↑ Odyssey 12.45–6, Fagles' translation.
- ↑ Harrison 198
- ↑ Odyssey 12.188–91, Fagles' translation.
- ↑ Harrison 199
- ↑ liner notes to Fresh Aire VI by Jim Shey, Classics Department, University of Wisconsin
- ↑ Pseudo-Hyginus, Fabulae 141 (trans. Grant)
- ↑ „Suda on-line“. Архивирано од изворникот на 2015-09-24. Посетено на 2013-04-25.
- ↑ Pliny's Natural History 10:70
- ↑ Canosa di Puglia, a site in Apulia that was part of Magna Graecia.
- ↑ Image of La Sirena de Canosa
- ↑ Odyssey XII, 39
- ↑ Hyginus, Fabulae 141; Lycophron, Alexandra 712 ff.
- ↑ 23,0 23,1 Lemprière 768.
- ↑ Caroline M. Galt, "A marble fragment at Mount Holyoke College from the Cretan city of Aptera", Art and Archaeology 6 (1920:150).
- ↑ Ambrose, Exposition of the Christian Faith, Bk 3, Chap. 1, 4
- ↑ Longworth, T. Clifton, and Paul Tice (2003). A Survey of Sex & Celibracy in Religion. San Diego: The Book Tree, 61. Originally published as The Devil a Monk Would Be: A Survey of Sex & Celibacy in Religion (1945).
- ↑ Carlson, Patricia Ann (ed.) (1986). Literature and Lore of the Sea. Amsterdam: Editions Rodopi, 270
- ↑ Grant, Robert McQueen (1999). Early Christians and Animals. London: Routledge, 120. Translation of Isidore, Etymologiae (c. 600-636 A.D.) Book 11, On Man and Portents. Ch. 3: Portents. 30."
- ↑ Austern, Linda Phyllis, and Inna Naroditskaya (eds.) (2006). Music of the Sirens. Bloomington, IN: University of Indiana Press, 72
- ↑ Damm, perhaps Mythologie der Griechen und Römer (ed. Leveiow). Berlin, 1820.
- ↑ Discogs, The Chemical Brothers – Exit Planet Dust (пристапено на 10.5.2020)
- ↑ Kodjabashia & Foltin feat. Goce Stevkovski, Penelope X, LTM 001, 2011.
- ↑ Discogs, Roxy Music – Siren (пристапено на 27.12.2017)
- ↑ YouTube, Bryan Ferry - Song to the Siren (пристапено на 27.12.2017)
- ↑ YouTube, XTC - ♥ Mermaid Smiled ♥ (with Lyrics...) ♪☺♫ (пристапено на 23.9.2017)
Литература
[уреди | уреди извор]- Harrison, Jane Ellen (1922) (3rd ed.) Prolegomena to the Study of Greek Religion. London: C.J. Clay and Sons.
- Homer, The Odyssey
- Lemprière, John (1827) (6th ed.). A Classical Dictionary;.... New York: Evert Duyckinck, Collins & Co., Collins & Hannay, G. & C. Carvill, and O. A. Roorbach.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Сирена (митологија)“ на Ризницата ? |
- Theoi Project, Seirenes the Sirens in classical literature and art
- The Suda (Byzantine Encyclopedia) on the Sirens Архивирано на 24 септември 2015 г.
- A Mythological Reference by G. Rodney Avant