Фолтин
Фолтин (Foltin) | |
---|---|
Животописни податоци | |
Потекло | Битола, Република Македонија |
Жанрови | Рок музика, Алтернативен рок, Традиционална музика, Џез, Фанк, Босанова, Амбиентална музика, Електронска музика, Нов бран |
Период на активност | 1995 – денес |
Мреж. место | https://www.facebook.com/foltin.band/?locale=mk_MK https://www.youtube.com/channel/UCDj1Bij_KBsFc8nHQ2q7yyQ |
Членови | |
Бранислав Николов Пеце Николовски Пеце Трајковски Гоце Јовановски Славе Јовев | |
Поранешни членови | |
Оливер Белопета Никола Димушевски-Кокан Александар Секуловски-Алек Горан Димитровски Гоце Димовски Благој Петровски Оливер Јосифовски Петар Димитровски |
Фолтин — македонска музичка група формирана во 1995 година во Битола.[1]
Бендот се потпишувал на латиница (Foltin) дури до 2008 година каде на албумот Оваа трансплантирана машина за чукање првпат се потпишале на кирилица (Фолтин).
Групата била основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот музички јазик е имагинарна смеса или фонетска имитација на јазици, како што се: шпанскиот, францускиот, португалскиот, романскиот, таканаречениот „спонтан есперанто“ итн., во комбинација со еден звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. Фолтин започнал да пее и на македонски јазик, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре.
Историја
[уреди | уреди извор]Почеток и албум „Outre-Mer“
[уреди | уреди извор]На самиот почеток, идејата била да се долови медитеранскиот звучен амбиент и духот на музиката од источноевропските цртани филмови. За чудниот звучен пејзаж, збогатен со разни “ready-made” “играчки” (свирчиња, црева, лончиња, прапорчиња, ламарини, картонски кутии и сл.), најпрво се заинтересирале Никола Димушевски-Кокан и Оливер Белопета. Во само неколку дена, во јануари 1997 година, во студиото „До Ре Ми”, во продукција на Кокан Димушевски биле снимени 6 теми, кои по неколку месеци јавноста ги запознала како една целина поврзани во албумот со
име Outre-Mer. Поставата што го снимала материјалот ја чинеле Бранислав Николов на вокали и на акустична гитара, Оливер Јосифовски на контрабас, Пеце Николовски на кларинет, Александар Поповски на перкусии и Благој Петровски на кавал. Александар, во соработка со Андреј Насоку, го изработил и дизајнот на албумот што го објавил „SJF Records“ односно дискографскиот оддел на Скопскиот џез-фестивал. Интересно е дека иако во периодот што следувал членовите на групата одржале неколку значајни концерти (Охридско лето, Денови на македонската култура во Словенија итн.), сепак, излегувањето на албумот го доживеале како своевидно ослободување од насобран товар, па веднаш целосно му се посветиле на веќе разработениот концепт за нов албум. Така, Outre-Mer како концертен материјал практично никогаш не заживеал.
Наменска музика, музика за театар и филм и албум „Archimed“
[уреди | уреди извор]Во периодот до следниот албум, Фолтин бил интензивно вклучен во правење наменска музика, најчесто за театар, но во годините потоа ангажманите биле проширени и на создавање филмска музика. Меѓу другото, работеле на култната претстава “Македонска крвава свадба”, во продукција на Битолскиот народен театар (за која ја добиле наградата за најдобра музика на МТФ „Војдан Чернодрински”) и на ТВ-перформансот „By Foltin”, во продукција на МТВ. На 28 јуни 2000 година, Фолтин одржале наменски концерт во Универзалната сала во Скопје, кој бил сниман од Ален Хаџи-Стефанов а потоа продуцентски дотеран од Оливер Јосифовски и од Гоце Димовски. Одбраните 7 теми, по неколку месеци биле објавени како втор албум на групата, со име Archimed. Со мали измени во поставата, снимениот материјал го потпишале основачите на бендот – Оливер, Бранислав и Пеце – како и новите членови Александар Секуловски-Алек зад тапаните и Горан Димитровски на гитара, бас-гитара и на хармоника. Како и на деби-албумот, дизајнот му бил доверен на Александар Поповски. Гостин во темата Custos’ wife на електричната гитара бил Тони Китановски. Издавач на Archimed била „MAG“, продуцентската куќа на новиот менаџер на бендот, Гоце Димовски. Интересно е дека промената на издавачите на албумите најпрвин била сосема случајна одлука на групата, но гледано од денешна перспектива може да се констатира еден куриозитет: 8 објавени албуми за 8 различни македонски издавачи.
Албум „Donkey Hot“
[уреди | уреди извор]Во ноември 2002 година, групата го започнала снимањето на својот нов материјал, на домашен терен, во Домот на културата во Битола. Овој пат идејата била да се создаде звучна слика на една имагинарна концептуална приказна за „магарето што сакаше да биде коњ“. Седумте саркастични теми од приказната ги снимил Ален Хаџи-Стефанов, во соработка со групата и со Мите Димовски како копродуцент. Поставата што го снимила албумот Donkey Hot била повторно изменета. Од бендот веќе бил заминат еден од основачите, Оливер Јосифовски, кој по кратко време го направил сопствениот проект Љубојна. Новите луѓе во бендот биле Пеце Трајковски на хармоника, Петар Димитровски на клавијатури, Гоце Јовановски и Славе Јовев на тапани, а како гостин бил вклучен и Марјан Станиќ на перкусии. Нов потписник на материјалот била исто така новата охридска издавачка куќа „Кукузел“.
Албум „Lo-Lee-Ta-Too“
[уреди | уреди извор]Работата на нов материјал почекала сè до формирањето на конечниот облик на една нова приказна, да се создаде автопортрет на музичарот што води љубов со инструментот – своевидна пародија на „Лолита”, каде главни ликови се Вуди Ален и неговиот нов кларинет. Концептот му се видeл сериозно интересен на Иво Антов и на неговата продукција „Ding Dong Records“. Од деветте теми, во кои наместо нивниот „измислен јазик“, се користи еден интересен спој на македонскиот со англискиот јазик, дури три се разработки на познати теми. Со албумот Lo-Lee-Ta-Too се случила последната промена во составот на бендот – заминал Пеце Димитровски, а влегол басистот Гоце Јованоски. Така, од крајот на 2003 година, конечно било востановено стабилно јадро на бендот. Фокусот на медиумите бил врз нивниот прв голем хит во кариерата, песната Milica отпеана од актерот Сенко Велинов, која во голема мера го определила идното дејствување на бендот. Покрај Сенко, како гости што придонеле квалитативно во комплетната звучна слика на новиот материјал се запишани и Стево Тасевски на тенорсаксофон и Оливије Семулијон, а дизајнот на обвивката е на Атанас Георгиев (со кого подоцна работеле на два документарни филма: „Cash & Marry” и „Avec l’Amour”). Самото снимање се случило на две нови локации - најголем дел во студиото „Zlust” во Скопје, со Бојан Угриновски како снимател, и Milica и Psst! во студиото „Тра-Ла-Ла”, и двете снимени од Мите Димовски.
Концерти, музика за театар и албум „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“
[уреди | уреди извор]Паузата до следниот албум ја исполниле со голем број концерти низ државата и надвор, од париските бротчиња на Сена, преку баварските пивници и циркуски шатори, па до елитните европски фестивалски сцени. Во 2006 г., градот Битола им ја доделил наградата „4 Ноември”. Единаесет години по деби албумот, во јануари 2008 година Фолтин го започнале снимањето на новиот албум. Задоволни од постигнатото со Milica, изборот бил студиото “ТраЛа-Ла” и Мите Димовски. За прват се случило два последователни албуми на Фолтин да бидат снимени од иста постава на бендот. Биле снимени пет нови теми со невообичаени имиња, во вид на бројки, што едновремено ја означуваат вредноста на музичкиот и срцевиот пулс, и со невообичаено долго име на албум Оваа трансплантирана машина за чукање. Во рефренот на песната 120 направиле вкрстување на стиховите од „Везилка” на Блаже Конески и „Ленка” на Кочо Рацин. Токму оваа тема, попозната во јавноста како Везилке, била нивниот следен голем радиохит. Интересен е фактот дека иако од самиот почеток издавачите на бендот биле македонски, а бендот најмногу ѝ се обраќал токму на домашната публика, дури на ова издание од латиница станале Фолтин на кирилица. Издавачот бил нов, Културно информативниот центар во Скопје, препознатлив под акронимот КИЦ. Во годишниот избор на тогаш влијателниот македонски музички веб-магазин „plagij.at“, Фолтин го добиле признанието за албум на годината. Во овој период ја започнале соработката со театарските режисери Мартин Кочовски и Александар Поповски, и ја добиле наградата за најдобра музика на МТФ „Војдан Чернодрински“, за претставата „Тапани во ноќта”, а нешто подоцна во Нови Сад, и престижната „Стериина награда” за претставата „Бротче за кукли”, во продукција на СНГ Драма - Љубљана.
Албум „Penelope X“
[уреди | уреди извор]По вообичаената тригодишна дискографска пауза исполнета со безбројни клупски настапи низ Македонија и низ регионот, и со сериозен број концерти во останатите делови од Европа, во терминот што вообичаено го користеле за снимања, почетокот на годината, Фолтин изненадиле со една навидум невообичаена соработка, но сепак очекувана за нивниот концепт на движење, промени и на експериментирања. Членовите на бендот биле едни од креаторите на албумот Penelope X, создаден заеднички со композиторот Никола Коџабашија и со тапанарот Гоце Стевковски. Penelope X е резултат на едно интензивно дружење меѓу овие музичари, но концептуалната приказна овој пат ја склопил Никола. Со само четири дена предвидени за снимање, логично било дека материјалот се разработувал на самото место. Растоварени од притисокот на наметната креативност, снимањето и производот од него го доживеале како влегување во еден непознат свет без оптовареност. Ангелина Коџабашија и Ребека Јанковска-Ристески се двата придружни вокала што се појавуваат на снимањето, додека потписник на дизајнот е Јана Ацевска, која прекрасно го вклопила оригиналното уметничко дело на Мирослав Масин во омотот на изданието. Издавач бил „Lithum Records“.
Албум „Антитело“
[уреди | уреди извор]Безмалку веднаш по првомотивните настапи за Penelope X, невообичаено за темпото што го практикувал кога создавал нов студиски материјал, Фолтин повторно се нашол во студиото „Тра Ла Ла“ и снимил 6 нови теми, кои во еден генерален концепт го чинат поп-арт албумот Антитело. Отпеан во целост на македонски јазик, Антитело е најкомуникативното комплетно дело на Фолтин до тој момент, но кое не продуцирало „хит“ од типот на Везилке или Милица, на кој била веќе навикната македонската публика. Албумот го продуцирал МКЦ, и веројатно е најпотценетото издание на бендот.
Албум „Пијан Славеј“
[уреди | уреди извор]На оваа констатација кумувала и појавата на извонредниот следбеник, албумот Пијан славеј, со кој Фолтин влегол во годината во која прославувал 20 години од своето континуирано творештво. Албумот, нормално за бендот, го снимил во јануари 2015 година, повторно навраќајќи се во Центарот за култура во родната Битола. Новиот материјал бил продуциран од сограѓанинот Марк Пурпос, додека миксањето било направено во „Mozart Studio“ на кавадарчанецот Костадин Камчев, во Клифтон во Њу Џерси. Константа во нетрадиционалниот пристап на Фолтин бил и новиот издавач, Центарот за култура во Битола. Препознатливиот сезнибилитет на Фолтин во песните Ела си в кревет, Пијан славеј, Облаче, Ми падна газо, Слободната љубов и Купидон е по малку повлечен.
Во 2018 година ја направиле музиката за филмот „Исцелител” на Ѓорче Ставрески.
Дискографија
[уреди | уреди извор]Наслов | Година |
---|---|
Out Re-Mer | 1997 |
V.A. – Прескок / Неда | 2000 |
Archimed | 2000 |
V.A. - Balk Amalgam Against Exclusion / Mediterranevs | 2000 |
V.A. - SJF Records Sampler / Doagja son | 2001 |
Donkey Hot | 2003 |
V.A. - ТEA Модерна Колекција На Џез Музика / Хон-ши | 2004 |
V.A. - Време Ритам 01 / Семејни приказни слика 4 | 2006 |
V.A. - Нов Бран. Два / The tip of the tongue | 2006 |
V.A. - Bastion Works & Rew>>works / Hot day in Mexico | 2007 |
V.A. - World Music Stage – Exit Festival 06 / Untitled | 2007 |
V.A. - Ако Никој Не Свири...Во Живо На Стотројка / Lo lee ta too | 2008 |
Lo-Lee-Ta-Too | 2008 |
Оваа Трансплантирана Машина За Чукање Досега Не Типкала Љубовно Писмо | 2008 |
Penelope X (7 Songs And Postludium From The Musical “Odysseys And His Woman” | 2011 |
Антитело | 2012 |
V.A. - Ако Одам Во Битола / Bottlediving | 2012 |
Пијан славеј | 2015 |
V.A. - MIDEM 2016. Taste The Music From Macedonia / Ela si v krevet | 2016 |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Филиповски, Тошо (2018 година). Македонска рок енциклопедија (1963 - 2018). Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 393, 394, 395. ISBN 978-608-66200-0-4. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Изданија на „Фолтин“ Архивирано на 18 април 2023 г. евидентирани од ВБУ Музички Регистар.