Универзална сала – Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија

Универзална сала – концертна сала во Скопје.[1][2]

Историја[уреди | уреди извор]

Непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, со отстранувањето на тешките последици и обновувањето на градот, започнала изградбата на Универзална сала, како трајно одбележување на хуманата акција на дарители од странство.

Во мигот на катастрофата, Скопје воспостави низа контакти со светот. Човечката солидарност дојде до целосен и безрезервен израз на сите полиња од животот. Во областа на културата тоа се изрази преку „Средбата на солидарноста“, која се реализира уште во првата година по земјотресот. Културно уметничката манифестација „Средба на солидарноста“ е од посебно значење за градот, неговото пост-земјотресно траење и развиток.

Идејата се изрази во остварување на меѓународна манифестација што ќе ги собере еднаш во годината во Скопје претставниците на земјите што му укажаа помош на разурнатиот град и тоа со средба на културно-уметнички ансамбли и спортски екипи.

Оваа идеја за прв пат е остварена во 1964 година од 26 јули до 2 август, во организација на посебен Организационен одбор, продолжува неколку години потоа, добива нови димензии на хуманост и меѓународна солидарност, во вид на продлабочување на врските, соработка и збратимување на градовите

Во разрушениот град веднаш се појавува проблемот со простор за организирање на овие манифестации, односно започна да се размислува за една таканаречена „универзална сала“ во која ќе можат да се организираат културно-уметнички, но и помали спортски манифестации.

Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје, носи одлука за изградба на еден ваков објект кој ке биде од монтажен карактер.

Во изградбата со значајна материјална/финансиска помош учествувале повеќе од 35 земји од светот, со чии средства е купен објектот Универзална сала од фирмата „Техноекспортстрој“ од Софија, Република Бугарија.

На 11 јули 1964 година во Софија е потпишан Договорот за купопродажба на објектот „универзална сала“, со вкупно 1800 седишта.

За 10 месеци од потпишувањето на договорот за купопродажба, во 1965 година никнува објектот „Универзална сала“. Иако недовршен и без технички прием, во период од 26. јули до 2. Август 1965 година ги прима учесниците на втората „Средба на солидарноста“. Втората „Средба на солидарноста“ беше отворена со концерт на Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Ловро Матачиќ, со солистите Ружа Поспиш и Владимир Ружјак. Атрактивната програма продолжува со „Вечерта на забавни мелодии“, со настап на еминентни интерпретатори од цела Југославија, придружувани од Забавниот оркестар на РТС – Скопје, под диригентство на маестро Александар Џамбазов. Свој придонес на оваа средба ќе дадат и Оркестарот на хармоники од Љубљана, Томас Гару пеејќи африкански спиритуали, Италијанскиот гудачки ансамбл „Вивалди“, Бугарскиот детски хор „Добра смена“, групата „Лос Парагвајос“, од Парагвај, Рускиот ансамбал „Балалајки“ и многу фолклорни ансабли од Европа. Сите 7 настани се следени од околу 10.000 посетители.

Покрај наведените актвности во 1965 година во Универзалната сала ќе се остварат и 2 драсмки претстави, со гостувањето на познатото „Атеље 212“, од Белград и тоа со претставите „Зад затворени врати“ и „Чекајќи го Годо“, во присуство на 3.300 посетители.

Во 1965. Година, на самиот старт на својата работа, во Униврзална сала се реализирани 9 настани со околу 13.300 посетители.

Салата е официјално пуштена во употреба 10 јануари 1966 година, како Центар за организирање на приредби, со драмската претстава „Виктор или деца на власт“, во изведба на белградското „Атеље 212“, а на 16 јануари е одржан голем Симфониски концерт на Македонската филхармонија со пијанистот Александар Унински.

Капацитет[уреди | уреди извор]

Извонредните сценски и капацитетни услови, заедно со сите пратечки функции на објектот, во амфитеатрална поставеност на гледалиштето, овозможуваат оптимални услови публиката да ја следи реализацијата на концертите на сериозна, забавна, фолклорна, етно, блуз и џез музика, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини, спортски манифестации и други приредби.

Малата сцена со капацитет до 300 седишта, акустички решена, овозможува реализација на камерни претстави, концерти на сериозна и џез музика.

Сценскиот простор со кој располага салата овозможува повеќе варијанти на користење на сцената со вкупна површина од 400м2.

Универзална Сала располага со:

  • гледалиште со капацитет од 1500 седишта
  • комплетно озвучување (JBL) со јачина од 15 киловати
  • светлосен парк со јачина од 100 киловати (рампа, скенери, машина за магла, видео бим и др.)
  • можност за аудио и видео запис
  • концертен и полуконцертен клавир, марка Petrof
  • простор за оркестра
  • комплетни сценографски решенија
  • изложбен простор во холот на салата во должина од 70 метри
  • прирачни бифеа, бифе за коктели и промоции со капацитет до 80 посетители

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Историјата на Универзална Сала – ЈУ Универзална сала Скопје“ (англиски). Посетено на 2022-03-12.
  2. „Официјален портал на Град Скопје - Универзална сала - Скопје“. starportal.skopje.gov.mk. Посетено на 2022-03-12.