Прејди на содржината

Тунел (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тунел
АвторПетре М. Андреевски
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанрроман
Издадена
2003
Медиумпечатено издание

„Тунел“роман на македонскиот писател Петре М. Андреевски од 2003 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот, напишан во прво лице единина се состои од пролог и од 63 поглавја.[1] Во романот, главниот лик, Невена, раскажува за својот живот и тројцата мажи во него. Во прологот, авторор ја искажува главната идеја дека: „Секој човек си го планира некако животот. Но, никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и кривите линии...“

  • Глава 1-4: Невена започнува љубовна врска со Игор, кој набргу заболува од туберкулоза. Кога станува јасно дека тој ќе умре, по наговор на родителите, Невена ја венчаваат со Игор, и токму во тој миг тој умира. Некое време по неговата смрт, на Невена ѝ се причинува дека го слуша гласот на покојниот Игор. Во тоа време, градот го погаѓа катастрофален земјотрес, така што семејството на Невена се сели во една од бројните бараки изградени за населението кое останало без своите домови.[2]
  • Глава: 5-46: Во тоа време, таа започнува врска со заболекарот Горан Паковски, кој во една прилика ја спасува од група насилници. По некое време, таа се мажи за Горан, наспроти противењето на нејзините родители кои сметаат дека тој потекнува од нездраво семејство. Всушност, неговото семејство било богато пред Втората светска војна, но потоа се распаднало откако новата власт му го одзела целиот имот. Горан и Невена немаат деца и таа е очајна поради тоа, а тој станува алкохоличар. Иако Невена го сака и несебично се грижи за него, сепак Горан сѐ повеќе пропаѓа и запаѓа во душевно растројство поради што Невена го носи во болницата за зависници. Сепак, на Горан му е неподнослив престојот во болницата и по некое време се враќа дома. За да го одврати од пиењето, Невена го убедува сопругот редовно да одат на риболов и еден таков ден, по подолго време, тие водат љубов. Така, Невена забременува. Еден ден, таа случајно дознава дека умрел татко ѝ и оди на закопот, но грубо е избркана од брат ѝ, а како последица на стресот доживува спонтан абортус. По некое време, кога Невена закрепнува, Горан се враќа на работа, но подоцна повторно почнува да пие, состојбата постепено му се влошува и тој умира.[3]
  • Глава 47-63: Минуваат две години од смртта на Горан, а Невена се вработува како професорка во една гимназија. Вниманието ѝ го привлекува еден ученик, Дејан Медаров, кој е очигледно вљубен во неа, а и тој ја привлекува неа. Во една прилика, Дејан ѝ остава писмо во кое отворена ја признава својата љубов кон неа. Набргу, озборувањата за нив доаѓаат до директорот на гимназијата и на крајот од учебната година Невена добива отказ од работата. Еден ден, за време на летниот распуст, Невена го прима Дејан во својот дом и таму водат љубов. Потоа, Дејан не се појавува повеќе кај неа, а Невена претпоставува дека неговиот строг татко не му дозволува да се гледа со неа. Сепак, таа го чека, надевајќи се дека Дејан пак ќе се врати, а нејзината љубов кон него уште повеќе се зголемува. И навистина, една ноќ се појавува Дејан, а потоа двајцата се качуваат во ноќниот воз за Битола. На станицата во Велес, Невена забележува милицајци кои вршат проверка на патниците, па таа и Дејан излегуваат од возот и го продолжуваат патот пеш, движејќи се по пругата. Патем, тие преспиваат во едно село во куќата на двајца старци, а утредента минуваат низ тунелот токму во мигот кога низ него поминува возот. На излезот од Прилеп, нив ги запира милицијата, која бара некој друг; сепак, за тоа време, Дејан ја држи раката на револверот што го носи во торбата. Поучени од таа случка, тие продолжуваат по полето и по селските патишта. Патем, влегуваат во една куќа, каде домаќинот ја убива снаата која штотуку раѓа женско бебе. Најпосле, доаѓаат во близина на границата со Грција, каде Невена пропаѓа во жив песок, но успева да се извлече со помош на Дејан. Дејан се договара со еден човек да ги пренесе тајно преку границата, но утредента, тој ги ја предводи воената патрола во потрагата по двајцата бегалци. Тогаш, Дејан го убива предавникот, војниците ја фаќаат Невена, а Дејан успева да побегне. Така, таа повторно останува без саканиот маж.[4]

Изданија

[уреди | уреди извор]

Во 2007 година, романот бил објавен како заедничко издание на идавачката куќа „Табернакул“ и на дневниот весник „Дневник“, а во рамките на библиотеката „Петре во секој дом (во осум книги)“. Книгата, со обем од 252 страници и со димензии од 17 сантиметри, е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Oхридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-171-61-1. Таа била испечатена во печатницата ГЦС во Скопје, а нејзиното издавање било финансиски помогнато од Стопанска банка – Скопје и Комерцијална банка.[5]

  1. Во изданието на „Табернакул“ и на „Дневник“ од 2007 година се наведени 64 глави, но при нумерирањето е прескокната една глава.
  2. Петре М. Андреевски, Тунел. Табернакул и Дневник, Скопје, 2007, стр. 7-24.
  3. Петре М. Андреевски, Тунел. Табернакул и Дневник, Скопје, 2007, стр. 24-151.
  4. Петре М. Андреевски, Тунел. Табернакул и Дневник, Скопје, 2007, стр. 151-250.
  5. Петре М. Андреевски, Тунел. Табернакул и Дневник, Скопје, 2007.

Поврзано

[уреди | уреди извор]