Скакулци (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Скакулци
АвторПетре М. Андреевски
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанрсоцијален, сатира
Издадена
1983
Медиумпечатено издание
Страници330

Скакулци — роман на македонскиот писател Петре М. Андреевски, првобитно издаден во 1983 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Внимание: Овој дел од статијата обелоденува содржина на книгата.

Сместено во препознатливиот рурален пејзаж, дејството во романот „Скакулци“ се случува во еден транзициски период, кога е во тек своевидна „космизација“ на дотогаш варварскиот, тукуречи магиски свет во кој живеат ликовите на Петре М. Андреевски. Нема главни ликови, сите ликови колективно ја градат приказната за доаѓањето на скакулците во селото. Ликовите се дадени со сите свои мани и недостатоци, така што, како што кажал и авторот во своето интервју за „Нова Македонија“ тој самиот е може единствениот позитивен јунак затоа што ја напишал книгата.„Скакулци“ е хроника на едно точно сместено време , предадено низ два-тринаесет глави, поточно низ една низа на концентрични кругови кои се дополнуваат и стопуваат во една целост, во едно синхроно единство, но кои можат да стојат и независно и да се читаат како одделни целини. Жанрот му е негде меѓу трагиката, бајката и гротеската. Книгата може да се чита на два начина: со и без симболи и повеќезначни содржини. Ова според Петре М. Андеевски не е роман за почетници.[1]

Поглавја[уреди | уреди извор]

Романот почнува со поглавјето насловено „Косидба. Време на големи промени“, навестувајќи го доаѓањето на новиот поредок, во кој „господ почнува да шета по земја“ отелотворен во претседателот на т.н. СеРеЗе и сите го ословуваат со „другар“.Во првата глава се најавува доаѓањето на скакулците.[2]

Второто поглавје е „Централата. Самостојниот мислител Јаким Доксимов“ Градењето на електрична централа во селото и колективизација на селото се главни случувања во втората глава, каде на сатиричен начин е претставено донесувањето на струјата преку електричната централа на реката - новото сонце во селото.[3] Сонувањето на соништата и нивното раскажување се поврзани со новото време, симболизитрано преку младо дрвце со петокрака на врвот која свети, и дрвари кои сакаат да го исечат дрвото.

Третото поглавје е насловено „ Породување. Исчезнувањето на Ракида Желчева и Богоја Чавкаровски“.Богоја не дозволува неговата жена да се пораѓа сама, поради барањата на новото време секое раѓање да биде со бабица, па оди да ја доведе бабицата Ракида Желчева,, но доцна стасуваат, и Благородна раѓа близначки. Богоја се прекорува дека не стасал на време со бабицата, па да добиел машко дете. Потоа, во снежната виулица исчезнуваат и Ракида Желчева и Богоја Чавкаровски, а луѓето што ги барале, не можеле да ги најдат.[4]

„Првите болести. Борењето на Стрезо Деспотовски и Богоја Чавкаровски“ е четвртото поглавје на книгата. Стрезо Деспотовски се среќава со Богоја Чавкаровски во шумата/ сонот, се бори со него, во исто време разговарајќи за своите стравови од новото време, по што го губи умот, па го носат во душевна болница, каде умира. Кога го закопуваат не можат гробот да го наполнат со земја.[5]

Петтото поглавје е „ Од јак има појак. Доаѓањето на Кирил Стојнички“. Кирил Стојнички е претставен како џин од народните приказни, силен, па не знае што да прави со силата. Оди во Иштица да биде учител.[6]

„Земјата е тркалезна. Засакувањето на Вратика Чавкаровска и Кирил Стојнички“ е шесто поглавје. Пред да дојдат скакулците, во селото даоѓа Кирил за учител.Се заљубува во шеснаесетгодишната Вратика Чавкаровска. а таа му ја возвраќа љубовта.[7]

„Најденко Јорданкин. Мешање на слоговите“ е седмото поглавје. Насилникот Најденко Јорданкин ги тероризира селаните и се обидува на сила да ја баци Вратика Чавкаровска.[8]

Во осмото поглавје „Големата Кашлица. Болеста на Вратика Чавкаровска“, Вратика се разболува и болеста напредува брзо.Во селото се обидуваат да ги избришат разликите меѓу град и село, и се борат против скакулците.[9]

„Бегалка. Вратика Чавкаровска го раскажува сонот“ е деветто поглавје. Вратика го раскажува сонот на мајка си, која и кажува дек сонот е вистинит.[10]

„Големиот лов и појавата на скакулците. Смртта на Вратика Чавкаровска“, десетто поглавје, Вратика е се полошо и умира од туберкулозата. Селаните пак се борат со облаците од скакулци. Кирил се обвинува дека не нашол лек за Вратика, не го пуштиле од селото да не ја изнесе заразата.[11]

„Детето ако слуша ќе прозборува. Големата борба со скакулците“, поглавјето единаесет во кое Јаким Доксимов го прогласуваат за соработник со скакулците, и дека самиот се сторил скакулец. Децата се делат во игрите на Русија, Грција, Германија, Југославија, Македонија. Луѓето во селото почнале да исчезнуваат од селото.[12]

Во дванесетото поглавје „Детето проговорува селото се отвора. Убиството на Кирил Стојнички“, Кирил е убиен од страна на скакулец кој му влегува во утробата. Последно што гледа Кирил е Најденко Јорданкин како бега. Телото на Кирил три дена не можат да го најдат, а за тоа време не заоѓа сонцето. Никој на погребот не раздал за душата на Кирила. А после тоа се распушта Колективот, и сите викаат Трст е наш. Не викале веќе Солун е наш.[13]

Покрај писателското мајсторство, во „Скакулци“ најчитлива е сатирата како постапка по која авторот посегнува за да ја исмее новата власт, притоа исмевајќи ги оние кои ја легитимираат, дури и кога нејзиното постоење е гротескно.

Скакулците, како и пирејот, се симбол што посочува на „синдромот на изгубениот и неосознаениот идентитет“.[14] Магискиот реализам со кој е претставено селото, иреалната борба со скаулците/ непријател кој е ситен, а нерамен, соништата и преданијата се главна одлика на прозата на Петре М. Андреевски.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Петре М. Андреевски: Тогаш така реков, Скопје, Штрк, 2007 стр.15-19.
  2. Петре М. Андреевски,Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр. 5-21.
  3. Петре М. Андреевски,Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр. 22-45.
  4. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр. 46-72.
  5. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.72-109.
  6. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.110-136.
  7. Петре М. Андреевски,Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.137-167.
  8. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.168-187.
  9. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.188-218.
  10. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.219-238.
  11. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.239-266.
  12. Петре М. Андреевски, Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.267-311.
  13. Петре М. Андреевски,Скакулци, Скопје: Табернакул, 2007, стр.312-326.
  14. „На www.literatura.mk“. Архивирано од изворникот на 2023-02-24. Посетено на 2023-02-24.

Поврзано[уреди | уреди извор]