Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република се наоѓа во Крушево, Македонија. Музејот е сместен во староградска куќа која датира од 19 век и припаѓала на браќата Наум Томалевски и Ѓорги Томалевски.[1] Ова била куќата во која во 1903 година била прогласена Крушевската Република. Тука се сместени оригинални експонати од оружје, карти, мапи, фотографии со што хронолошки се изнесени настаните поврзани со илинденската епопеја.
Музејот бил отворен на 2 август1953 година по повод 50-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република. Во музејот се изложени оригинални фотографии од членовите на Привремената влада, Советот и востанички чети, карти, предмети со кои се служеле Никола Карев, Питу Гули, макети, текстови, Крушевскиот Манифест, Одзивот на Илинденското востание и Крушевската Република во странскиот печат, циферблатот на црквата Св. Никола опожарена за време на задушувањето на востанието. Тука се и податоците за големите човечки и материјални штети кои му биле нанесени на градот од страна на турскиот аскер.