Зора зад аголот (роман)
корица на книгата | |
Автор | Димитар Солев |
---|---|
Изработувач на корицата | Гоце Московски |
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | модернистички, современа хроника |
Издавач | „Култура“,[1] „Детска радост“, „Матица македонска“ и др. |
Издадена | 1984 (оригинал) |
Медиум | печатено издание, 140 х 200 мм (И.К. „Матица македонска“, 2004) |
Страници | 175 (И.К. „Матица македонски“) |
ISBN | 9989-48-550-X |
„Зора зад аголот“ - роман од македонскиот писател Димитар Солев. Првото печатено издание било објавено во 1984 година.
Жанровски погледнато, ова романескно остварување припаѓа на т.н. „модернистичка струја“ во современата македонска книжевност.[2] Стилот на пишување е исплетен со благ хумор и иронија, преку кои авторот имал намера не да ги жигоса, туку да ги разобличи лажните политички, социјални и морални вредности. Главните ликови се луѓе од секојдневието, чии анонимни животни драми се уметнички обработени и преку нив на уникатен начин е претставена тогашната градска атмосфера и менталитетот на скопјани.
Со текот на времето, оваа книга станала парадигма за успешно пренесениот дух и претстава на едно скопско боемско милје. Добар дел од ликовите се познајници на Солев, кои и самите се препознале во романот.
Историска позадина
[уреди | уреди извор]Овој роман е современа хроника за градот Скопје во втората половина на XX век. Местото околу кое се развива сижејното дејство е кафеаната „Зора“, сместена во населбата Дебар Маало.[3] „Зора“ е местото каде се евоцираат спомените за повоено Скопје. Следејќи ја судбината на кафеаната од нејзиното отворање до нејзиното рушење, раскажувачот ги следи судбините на мноштвото ликови кои дефилираат таму. Во богатата галерија на ликови среќаваме сликари, келнери, молери, студенти, професори, пропаднати поети, итн.
Раскажувачка постапка
[уреди | уреди извор]Раскажувачот е персонален, т.е. преку устата на раскажувачот зборува самиот Димитар Солев. Тој ни дава автентични податоци кои не ни се претставени директно, туку преку еден вид филтер (скршеното огледало на перископот). Перископот во делото е направа за градење на ликовите. Прикажаната слика не е верна на оригиналот, што всушност е една скриена мисла во романот, дека секое прераскажано случување во животот не е целосно и прецизно доловено како првично настанатото.[4] Зборовите на раскажувачот се луцидни и проникливи, неговиот стил на изразување има за цел што посовршено да го наслика портретот на малите луѓе со „големи“ животни приказни. Солев ни претставува неважни теми и ликови, сакајќи да покаже дека и од навидум безначајни нешта може да се создаде големо уметничко дело.
Извадоци од романот
[уреди | уреди извор]*„За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град.“
— Глава I, воведните две реченици од делото.
*„Кога не те бива за друго, нема ништо поубаво од убивање на времето. Макар и со ѕиркање во туѓи животи, додека не си го имаш својот.“
— Глава XXXI, последните две реченици од делото.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Зора зад аголот“ на Google Books
- ↑ Учебник по македонски јазик и литература за IV година за гимназиско образование. Скопје, стр. 247.
- ↑ Учебник по македонски јазик и литература за IV година за гимназиско образование, Скопје, стр. 271
- ↑ Паскал Гилевски, „Поговор кон делото Зора зад аголот“ стр. 177.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Рецензија на делото на Сакам книги.мк
- „Димитар Солев, раскажувач и брилијантен полемичар“ (статија во Утрински Весник)[мртва врска]
Поврзано
[уреди | уреди извор]