Прејди на содржината

Естреја Овадија-Мара

Од Википедија — слободната енциклопедија
Естреја Овадија - Мара
Родена 25 декември 1923
Битола
Починала 26 август 1944(1944-08-26) (возр. 20)
Кајмакчалан
Естреја Овадија - Мара народен херој

Естреја Хаим Овадија - Мара (Битола, 25 декември 1923 - 26 август 1944, Кајмакчалан, Битолско) — македонска комунистка, Еврејка, учесничка во НОБ.[1] Прогласена е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953.[2][3][4]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Овадија е родена во Битола, во работничко еврејско семејство. Рано останала без татко. Имала уште две сестри, за чие издржување покрај мајка ѝ, што работела како перачка по богатите куќи, иако мала, се грижела и таа. Естреја посетувала и училиште. Многу мала ја почувствувала сета беда на сиромаштијата и целиот бес на богатите, кај кои и самата морала да работи. Веќе во 1938 година, со неполни 16 години се активира во Еврејското хуманитарно друштво „Визо“ во родниот град. Подоцна истата година, заминала на работа во Белград. Нејзиниот револуционерен активизам дошол до израз за време на демонстрациите на 27 март 1941 година во Белград. Била на чело на работничката група поттикнувајќи општ револт против предавничката политика на југословенската влада. Тоа била доволна причина да стане членка на СКОЈ, а потоа уште поинтензивно да го продолжи своето револуционерно делување. По капитулацијата на земјата, во 1941 година се вратила во Битола и се вклучила во подготовките за оруженото востание.[5]

Член на КПЈ била од 1942 година. Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи, се илегализирала на 10 март 1943, а потоа на 5 април 1943 година заминала првин како борец на Партизанскиот одред „Даме Груев“, потоа во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ.[6] Учествувала во борбите за одбрана на слободната територија во Западна Македонија, а меѓу борците била позната како храбрата болничарка Мара. Учествувала и во Февруарскиот Поход.[4]

При формирањето на Третата македонска ударна бригада била назначена за заменик политички комесар на чета. Учествувала и во обезбедувањето на Првото заседание на АСНОМ. На 22 август 1944 година при формирањето на Седмата македонска бригада, била назначена за политички комесар на баталјон.

Загинала во борба со бугарските окупаторски сили,[7] во близина на врвот Кајмакчалан на 25 август 1944 година. Тогаш имала само 22 години.

Спомен-обележја

[уреди | уреди извор]

Во нејзин помен, во центарот на Битола постои нејзина биста и една детска градинка го носи нејзиното име. Во нејзина чест е наречена и улица во Ерусалим, Израел.

  1. Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и Револуцијата 1941–1945, Скопје, 1976.
  2. Д-р Стојан Ристески, Естреја Овадија-Мара, Горњи Милановац, 1978.
  3. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 125
  4. 4,0 4,1 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 343. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  5. Heroine Jugoslavije, "Nasa Djeca", 1980.
  6. Александар Поповски, Естреја Хајма Овадиј - Мара (1921–1944), Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 120-125.
  7. Естреја Хајма Овадија-Мара (1921– 1944), „Млад борец“, XXXII, 13, Скопје, 23. IV 1975, 17.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]