Дрмени

Координати: 41°01′57″N 20°59′54″E / 41.03250° СГШ; 20.99833° ИГД / 41.03250; 20.99833
Од Википедија — слободната енциклопедија
Дрмени

Куќи во селото

Дрмени во рамките на Македонија
Дрмени
Местоположба на Дрмени во Македонија
Дрмени на карта

Карта

Координати 41°01′57″N 20°59′54″E / 41.03250° СГШ; 20.99833° ИГД / 41.03250; 20.99833
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 361 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7315
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23011
Надм. вис. 842 м
Слава Ѓурѓовден
Дрмени на општинската карта

Атарот на Дрмени во рамките на општината
Дрмени на Ризницата

Дрмени — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е етничко, образувано со помош на наставката „-ени“ и потекнува од апелативот „дрм“, што означува грмушкасто растение, што се совпаѓа со преданието на мештаните. Меѓутоа, постојат размислувања дека името доаѓа од некогашниот стационар на војските и нивните коњи во близина на Царев Двор, а кој се наоѓал на положбата на денешното село, па името на селото е добиено од грчкиот збор за пат и хиподром.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Еден од влезовите во селото покрај главната селска црква и селската џамија во позадина

Селото се наоѓа во средишниот дел на Преспанската Котлина, на територијата на Општина Ресен, непосредно до патот Ресен-Отешево и северно од Преспанското Езеро.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 858 метри. Од градот Ресен е оддалечено околу 7,5 километри.[3]

Дрмени се наоѓа на околу три километри северно од брегот на Големото Преспанско Езеро, од десната страна на регионалниот пат Битола-Корча, во средишниот дел на Ресенското Поле. Низ атарот на селото тече Дрменска, а западно од селото и Стипонска Река, кои во летниот период целосно пресушуваат.[2]

Дрмени е село од собран тип со 210 куќи, сите обновени или новоизградени, од блок, тула и вар, на приземје и кат, преовладуваат белите фасади, а внатре современо опремени. Околу куќите постојат разновидно оградени дворни места во кои се изградени стопански и други објекти (гаражи, магацини, летни кујни и др.) и парцели на зеленчукови, овошни и цветни градини. Според самата групираност на куќите може да се подели на четири маала: Меровско, Ѓоревско, Таневско и Несторовско. Со вода за пиење се снабдуваат од бунари и хидрофори.[2]

Дрмени се граничи со следниве села: со Стипона и Горно Дупени на север, со Езерани и Царев Двор на исток и североисток, со Перово на југ и југозапад и на запад со селото Лавци.[2]

Месности во атарот на селото се следниве: Амбак, Абишев Дол, Бојчевски Рамник, Вис, Горно Перово, Голобрник, Газоиште, Глувчарник, Горни Лозја, Долно Лапче, Долна Певчона, Дервишко, Долни Лозја, Дрмени, Езеро, Јадри Трн, Кучебан, Кај Брест, Ливадјето, Ливаичко Речиште, Лазот, Малине Делои, Локва, Манастирка, Нестороски Лозја, На Камен, Најчеслук, Плитник, Патичка, Под Црква, Перовски Ливадје, Ралеец, Рамник, Слатина, Стипонка, Скендерица, Средни Пат, Старо Село, Турски Гробишта, Трската, Танев Гроб, Ќерамидница, Џаде, Шајкојца, Широка Ледина, Шамаците, Шајница и други.[2]

Селото добило задружен дом во 1949 година, електрична енергија во 1951 година, систем за наводнување во 1957 година, телевизиски прием во 1965 година, асфалтен пат во 1975 година, а со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Куќи во селото

Нема сознанија, ниту пак други податоци, дека селото некогаш се наоѓало на друга местоположба.[2]

Дрмени е старо мешано село во кое секогаш живееле православни Македонци и муслимански Турци. Под различен облик на денешното име (Дармени, Дермени и Дрмени) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во турските пописни дефтери од 1519 година.[2]

Во XIX век, Дрмени се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Дрмени било под турска власт, а со тоа и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание учествувало со своја востаничка чета. Како познат војвода од ова село се споменува Спиро Олчев. Во текот на востанието загинале 3 жители.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912 г.), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна (октомври 1915 г.) под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, дрменци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Дрмени повторно се нашло под српска власт. Во периодот помеѓу двете светски војни, Дрмени било во состав на општината Царев Двор.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Во текот на војната загинале тројца жители.[2]

Во почетокот на 1940 година во Дрмени била создадена ќелија на КПЈ, а во 1941 година младински актив, а во јули 1943 година и НОО.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е мал и зафаќа простор од 4,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина 409,1 хектар, пасиштата заземаат 16,8 хектари, додека шумско земјиште нема.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција, претежно со овоштарски насада на јаболка.[3]

Мештаните се занимавале со полјоделство и сточарство. До 1960-тите години најмногу се сеело жито (’рж, пченица, јачмен, овес, уров, просо и пченка), се саделе градинарски култури (пипер, домати, лук, кромид, праз, компири, зелка, грав, бостан и друго). Неговаш се одгледувале и лозја, тутун и јаболка. Во рамките на сточарството се одгледувале овци, волови, крави, биволи, свињи и друго. Денес, многумина се вработени во претпријатија.[2]

Доста се одело и на печалба.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948802—    
1953864+7.7%
1961822−4.9%
1971810−1.5%
1981774−4.4%
ГодинаНас.±%
1991849+9.7%
1994460−45.8%
2002416−9.6%
2021361−13.2%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Дрмени било село со 100 домаќинства и 275 жители, од кои 190 муслимани и 85 христијани.[4]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година во селото имало 640 Македонци, од кои 415 христијани и 225 муслимани.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Дрмени имало 664 Македонци под врховенството на егзархијата.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци и 50 Турци.[7]

Дрмени е релативно големо село, коешто во 1961 година броело 822 жители, од кои 99 биле Турци, а другите Македонци, а во 1994 година бројот се намалил на 460 жители, од кои 447 Македонци и 13 жители Турци.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Дрмени живееле 416 жители, од кои 404 Македонци и 12 Турци.[8] Бројот на турско население во селото никогаш не бил поголем од 100.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 361 жител, од кои 350 Македонци, 6 Турци и 5 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 640 664 802 864 822 810 774 849 460 416 361
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Дрмени е македонско-турско село.[2]

  • Македонски родови: Белешовци, Беќаровци, Бутевци, Волчевци, Вецовци, Гелејчевци, Гошаревци, Гештаковци, Дериволовци, Ѓоревци, Каракотевци, Касовци, Колевци, Липовци, Лавчани (доселени од селото Лавци), Љатевци, Меровци, Рабановци, Таневци, Филиповци, Цуцевци, Шарентрајковци и Шутурковци.
  • Турски родови: Асановци, Бекташовци, Демирчевци, Иљазовци, Керимовци и Реџовци.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:[14]

  • Доселеници: Вецовци (4 к.), по потекло се од селото Горица во Мала Преспа. Од таму се иселиле во Стење, па по некое време прешле во Дрмени; Таневци (8 к.), доселени се одамна од селото Ѓавато кај Битола; Филиповци (2 к.), доселени се од селото Шурленци; Пепелашовци со Потревци и Јошевци (3 к.), доселени се од селото Шурленци; Папазовци (1 к.), доселени се во 1930-тите од селото Скребатно кај Охрид; Крагујаовци или Каракотевци и Клинчаровци (4 к.), доселени се однекаде; Несторовци (23 к.), доселени се одамна однекаде; Чабиловци (1 к.), доселени се од селото Покрвеник; Латовци (2 к.), доселени се од селото Покрвеник; Липовци (3 к.), доселени се од селото Покрвеник; Беќаровци (1 к.), доселени се од Долна Бела Црква; Дериволовци (2 к.), доселени се однекаде; Ѓоревци (10 к.), доселени се од селото Перово, каде припаѓале на родот Иванковци; Лавчани (2 к.), доселени се од селото Лавци; Манговци (3 к.), доселени се од Ресен; Робановци (4 к.), доселени се од Прилепско; Бутевци (1 к.), доселени се однекаде; Касовци (3 к.), доселени се однекаде; Питалевци (2 к.), доселени се однекаде; Белоцрквенец (1 к.), доселени се од Долна Бела Црква; Магловци (3 к.), доселени се од селото Перово, таму се род со Царовци; Албанец (1 к.), доселени се во 1936 година од Туминец во Мала Преспа; Ѓорговци со Петковци, Мушаревци и Кондевци (18 к.), доселени се одамна однекаде и Калевци (1 к.) и Ѓештаковци (4 к.), доселени се од селото Туминец.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1948 година.[2]

  • Селски дом

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Дрмени, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Отешево, Перово, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Царев Двор, во која влегувале селата Горно Перово, Долно Перово, Дрмени и Царев Двор.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1663 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 366 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
Цркви[17]
Џамии[17]
  • Џамија — селска џамија, обновена во 1980 година
Споменици
  • Спомен-плоча од НОБ
Реки

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Селска слава

Личности[уреди | уреди извор]

Спиро Олчев
Родени или потекло од Дрмени

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Ова село било едно од најпечалбарските села во Преспа. Од селото има иселеници во САД (16 семејства), Бугарија (5 семејства), Турција, Аргентина (6 семејства), Канада, Скопје, Србија, Ресен, Битола, Куба и во Австралија.[14]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 104–109. ISBN 9789989920554. Посетено на 6 јуни 2020.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 116. Посетено на 6 јуни 2020.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 88-89.
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 241.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 170-171.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 јуни 2020.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. 14,0 14,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 7 јуни 2020.
  16. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 7 јуни 2020.
  17. 17,0 17,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  19. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  20. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  21. 21,0 21,1 . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  22. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]