ОМУ „Ристо Јуруков“ - Кочани

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од ОМУ "Ристо Јуруков" - Кочани)
Прејди на: содржини, барај
Холот на ОМУ “Ристо Јуруков“

Основното музичко училиште во Кочани е основано на 9 април 1956 година со Решение на Народниот одбор на општина Кочани како Нижо музичко училиште. Од основањето до крајот на мај 2007 год. училиштето го носи името “Стеван Мокрањац“, за во јуни истата година, по повод 50-годишнината од основањето, да се преименува во “Ристо Јуруков“.[1]


Историјат[уреди | уреди извор]

Организирањето на почетните активности му било доверено на тогашниот професор по музика во Гимназијата во Кочани, Ристо Јуруков, дипломец од Загрепскиот конзерваториум. Тој извршил почетно екипирање на наставниот кадар, обезбедил инструменти и ученици. Првите часови биле одржани во просториите на Ловниот дом во Кочани.

Во 1969 година, училиштето ја менува локацијата и се сели во соседната зграда, поранешна Полициска станица, во попристојни услови за работа. Прифатеноста на идејата за стекнување музичка наобразба се повеќе растела. Бројот на учениците од година во година се зголемувал: во наставната 1968/69 имало 132 ученика, 1970/71 - 160, 1977/78 - 249 ученици. Училиштето ги произвело и првите генерации свои ученици кои веднаш биде ангажирани како наставен кадар во него. Јавните часови, годишните концерти, настапите на учениците инструменталисти во различни пригоди овозможувале приближување на резултатите до јавноста.

Ристо Јуруков како диригент со камерниот оркестар од IV-б клас, март 1956 год.

Музичкото образование овозможило заживување на културната дејност во целиот град. Ристо Јуруков и културните дејци од Кочани, меѓу кои и Борис Стојчев - како режисер и актер, започнале да работат на подготовка на оперети. Јуруков со своите колеги бил одговорен за музичкиот дел. Учеството на учениците во хорот и оркестарот било масовно, а секоја премиера претставувала културен спектакл за Кочани.

Во периодот од 1969 - 1990 година директор на Музичкото училиште е Љупчо Стојановски, наставник по виолина од неговото основање. Училиштето ја одржува љубовта на младите кон музиката и останува директен учесник во сите значајни културни случувања во Кочани. Учениците се враќаат со високи награди и признанија од натпреварите на републичко и сојузно ниво. Растот на вкупното музичкото живеење во Кочани се чувствува и во формирањето на ансамблите во Домот на културата “Бели мугри”. Заложбите за постојано нагорно чекорење на институцијата се забележуваат и во напорот училиштето да се смести во нови, современи простории погодни за музицирање. На 8 март 1983 година седиште на Музичкото училиште “Стеван Мокрањац” е западниот дел од комплексот “АСНОМ”.

Од 1990 година до денес, директор на училиштето е Јованка Милојевиќ, дотогаш наставник по флејта.

Училиштето денес[уреди | уреди извор]

Во Музичкото училиште денес вкупно учат околу 120 ученици. Во подготвително одделение, како стартна година за музичкото образование секоја нова учебна година се запишуваат триесетина ученици. Во првото полугодие тие изучуваат теорија на музиката, а веќе во второто полугодие, по аудиција од страна на наставниот кадар и со почит кон желбата на ученикот за избор на инструмент, започнува инструменталната музичка наобразба во четирите постоечки оддели: пијано, виолина, флејта и хармоника. Меѓу децата кои редовно, на осум односно деветгодишна возраст го започнуваат музичкото образование има и три-четири години помали, кои според афинитетот кон музиката, а со особено залагање и внимание од наставниот кадар, започнуваат порано да навлегуваат во тајните на музичките инструменти.

Во 2006 г. беше осовременета училница за групна настава и јавна и културна дејност која се опреми со нова и квалитетна аудиовизуелна опрема.


Простор и инструментариум[уреди | уреди извор]

Училиштето користи простор со површина од 640 м2 во Спомен - домот “АСНОМ” Кочани

Контрабасот - еден од најстарите инструменти во училиштето

Инструментариум со кој располага:

Гудачки и дувачки инструменти кои не се во функција:

Други активности[уреди | уреди извор]

Во 1998 година Музичкото училиште со група ентузијасти од Кочани стана носител и реализатор на Фестивалот на детска песна “Пинокио”. Негов уметнички директор беше Јованка Милојевиќ, а раководител на хорот Марија Лазарова. Во продукција на МТВ, на две аудиокасети снимена е 21 композиција. Следната година фестивалските активности Музичкото училиште ги сподели со Центарот за детско творештво “АСНОМ”. На вториот фестивал “Пинокио” беа изведени 14 композиции, исто како и на следниот фестивал во 2000 година. Најголем дел од интерпретаторите беа од Кочани, од Музичкото училиште. Тие отпеаја песни на познати македонски композитори, на текст на кочански автори.

Учесниците на првиот Новогодишен концерт во 2000 г.

Најпопуларната активност која стана белег за Музичкото училиште во Кочани и традиција за културното живеење во градот, несомнено е Новогодишниот концерт. Носители на активностите се вработените во училиштето кои со својот музички потенцијал сами ги изготвуваат аранжманите и раководат со вокалните и со инструменталниот ансамбл. Раководител на вокално-инстрменталниот ансамбл и негов диригент е Марија Лазарова, а сите вработени во училиштето директно се вклучени во организацијата и реализацијата на концертот. Новогодишниот концерт три години по ред беше прогласуван за настан на годината на градската манифестација “Музичка сцена“.


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Монографија “50 години музичко училиште - Кочани“, издавачи: ОМУ “Ристо Јуруков“ и Локална самоуправа - Кочани, јуни 2007.