Обоа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Обоа
современа обоа
современа обоа
современа обоа
Класификација
Скала
Сродни инструменти

Обоа, (скратено Ob.) е дрвен дувачки инструмент со двојно јазиче од трска, со вообичаена должина од 62 см.[1]

Градба[уреди | уреди извор]

На прв поглед таа е најслична на кларинетот, но на почетниот дел на цевката се наоѓа едно кратко метално цевче во кое е вденато јазичето, додека проширувањето во вид на инка на крајот на цевката е многу помало отколку кај кларинетот. Звукот што произлегува од двојното јазиче е по малку назален и остар, како и сразмерно продорен, поради што обоата понекогаш се нарекува и труба на дрвените музички инструменти. Меѓутоа, овој инструмент може да звучи и нежно и топло, идилично и трогателно, а тоа е и улогата која типично и се доделува во класичната музика. Исто така, типична за неа е и мелодичноста со ориентален призвук (сцената во храмот во оператаАида“ на Џузепе Верди), поради асоцијациите со сличните инструменти (зурла и др.).

Обоата е мелодиски инструмент и во оркестарот често ги има водечките теми, а нејзиниот јасен, гласен и интонативно прецизен звук се зема и како меродавна интонација за штимање на оркестрите, кога најпрво се слуша обоата според која се штимаат и другите инструменти. Виртуозно-техничките бравури, кои често им доделуваат на кларинетот и флаутата, на обоата помалку и одговараат, а нејзиниот опсег е помал.

Историја[уреди | уреди извор]

Обоата настанала од еден вид средновековен шалмај, кој по Европа се ширел под влијание на Арапите во Шпанија, почнувајќи од VIII век. Напуштањето на наусникот, во кој кај тие инструменти, како во чашка, се сместувало јазичето ја означила големата промена во можноста за пофино нијансирање на звукот и неговата изразност. Во текот на 19. век обоата е усовршена со додавање механизам на лостови и затворачи.

Други видови[уреди | уреди извор]

Обоата се јавува уште во неколку регистерски варијанти и тоа како oboa d'amore (герм.: Liebeshoboe, фр.: hautbois d'amour, анг.: oboe d'amore , рус.: гобой д'амур) со пишан опсег од b до e3 (f3), и две во послаба употреба: сопран обоа (итал.: oboa soprano, герм.: piccolo Heckelphon, фр.: hautbois soprano, анг.: oboe soprano, рус.: малый гобой) со пишан опсег од hes до f3 (звучи за мала терца пониско) и баритон обоа (итал.: oboa baritono, герм.: Heckelphon, фр.: hautbois baritone, анг.: oboe baritone, рус.: баритоновый гобой) со опсег од b до e3 (звучи за октава пониско). Сепак, од сите регистерски варијанти, најзначајаен е англискиот рог.

Наводи[уреди | уреди извор]