Лехово (Валовишко)

Координати: 41°23.54′N 23°29.30′E / 41.39233° СГШ; 23.48833° ИГД / 41.39233; 23.48833
Од Википедија — слободната енциклопедија
Лехово
Κρασοχώρι
Поглед на старото Лехово од границата
Поглед на старото Лехово од границата
Лехово is located in Грција
Лехово
Лехово
Местоположба во областа
Лехово во рамките на Синтика (општина)
Лехово
Местоположба на Лехово во Серскиот округ и областа Централна Македонија
Координати: 41°23.54′N 23°29.30′E / 41.39233° СГШ; 23.48833° ИГД / 41.39233; 23.48833
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругСерски
ОпштинаСинтика
Општ. единицаСенгелово
Надм. вис.&10000000000000510000000510 м
Население
 • Вкупноиселено
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Лехово, со облиците Леово или Леоо грчки: Κρασοχώρι, Красохори; до 1927 г. Λέχοβον, Леховон[1]) — поранешно село во Валовишко, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Синтика на Серскиот округ, Грција. Било населено исклучиво со Македонци.[2]

Географија[уреди | уреди извор]

Лехово се наоѓало во историско-географската област Мрвачко. Се наоѓало северно од Сер и Валовишта, во северозападното подножје на планината Славјанка. Местото е крај самата граница со Бугарија (Пиринска Македонија) по течението на Леховска Река (Дели Крава).

Историја[уреди | уреди извор]

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Се смета дека името доаѓа од зборот Лех, што значи Полјак. Во сите рударски центри на Балканот во средновековието и првите два-три века османлиска власт работееле странци — Саксонци, Полјаци.[3]

Во Отоманското Царство[уреди | уреди извор]

Под имињата Лехово и Лефево селото се спомнува во османлиски дефтери од 1611-1617 и 1623-1625 г., соодветно со 186 и 167 христијански домаќинства.[4]

До крајот на XIX век Лехово било еден од центрите на железарската индустрија во Мрвачко. Во селото се добивало магнетитен песок, преработуван во неколку печки и еден самоков.[5] Низа податоци говорат дека леховци се одамнешни преселници на овие места. Порано тие многу се разликувале од околното население по говор, облекла, навики, обичаи и друго. Соседите ги сметале за потомци на тука доселените странци — рудари и металурзи.[6] Според Васил К’нчов, кој ги посетил тие места во 1891 година:

Жителите прилично многу се разликуваат од околните селани. Зборуваат поинаку. Носат облека различна од околните. Сите имаат светлоруси коси. Околното население често ги потсмева и ги нарекува леваци. Селаните велат дека леховчани се дојденци во тие места, дека ги довел некојси цар да копаат руда во Рупелска Планина. За верување е дека се донесени од Полска или од Германија и потоа асимилирани.[7]

Слични се и наодите на Атанас Шопов објавени во 1893 година.

...жителите на село Лехово, кои и до днес се разликуваат, како по физиономијата, така и по итроста, од жителите на другите села. Тие се повеќето руси, додека Мрваците се начелно црнооки. Велат дека тие преселници биле од полско потекло. (Истото го кажува и името на селото Лехово; Лех значи Полјак.)[8]

Ова е единствениот случај во област Мрвачко каде во народното сеќавање останале спомени за преселба на странци-металурзи.[9]

Во XIX век Лехово било чисто македонско село во Валовишката каза на Серскиот санџак. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Љахово (Liahovo) било село со 220 домаќинства на 780 жители Македонци.[10][11]

Камбанаријата до урнатините на црквата „Св. Атанас“ во Старо Лехово

Во 1891 г. Георги Стрезов напишал:

Лехово, 5 часа на С од Валовишта; рамна полјана и убава почва. Во Лехово се обработува уште и памук и сусам. Црква „Св. Атанас“ во која се служи на грчки; 1 училиште с 45 ученици. 160 македонски куќи.[12][13]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Лехово живееле 1.250 Македонци-христијани.[10][14]

Селото активно учествувало во црковно-националните и просветни борби. Во 1870 г. со активна помош на месниот првенец Тодор Оланов во Лехово е отворено бугарско училиште. Добро уредено, тоа се претворило просветен центар за околните села. За прв учител е назначен некојси даскал Георги.[15]

Во 1897 г. во Лехово е отворено класно училиште со двајца учители. Во него се запишале 70 деца.[16]

Сите жители на селото биле под врховенството на Бугарската егзархија и во него работела бугарската пропаганда. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Ляхово (Liahovo) имало 1.680 Македонци егзархисти.[10] Во селото работело бугарско основно училиште со 1 учител и 57 ученици.[17]

Во селото е организиран комитет на ВМОРО со претседател Никола Хаџиев и членови Димитар Шарков, Костадин Иванов Попов, Крсто Шаламанов, Стојан Гонгов и Стојан Попов.[18] Според Кирил Николов Хаджиев под непосредното раководство на Никола Хаџиев, во разни куќи во селото — кај Папа Стојан, кај Костадин и Никола Балеви, кај Никола Хаџиев — во 1903 г. Пејо Јаворов ги изготвил и издал 12-те броја на револуционерниот весник „Слобода или смрт“. Јаворов живеел кај Хаџиев од февруари до Велгден, кога одржал говор во црквата, по што се преселил кај Папа Стојан и останал до Ѓурѓовден.[19] На 21 април 1903 г. во куќата на Хаџиев дошле 6 четници на чело со Јонко Вапцаров. Другиот ден заедно со Јаворов и хектографот (умножувачот) тие тргнале за Ловчанскиот конгрес, водени од леховските курири Андон Чингов и Костадин Гасков. На пат за Голешово наишле на војска и влегле во борба. Гасков избегал кон Лехово и му раскажал за ова на комитетот, кој ги организирал месните четници Тодор Тараѓулев, Костадин Спањувиков, Тодор Ангов Хаџиев и други, кои заедно со четници на Јане Сандански — Петар Витанов од Пиперица (шура на Хаџиев), Стојан Барбарото од Пиперица и дедо Божин од Петрово (фелдшер на Сандански) — се вмешале во борбата, а приквечер стасала и четата на дедо Илија Крчовалијата, па така четниците успеале да ја дочекаа ноќта и да се извлечат од обиколката.[19]

Во 1907 г. во рацете на Турците паднал Стојан Инџето, четник на Јане Сандански, кој знаел многу нешта за работата на леховскиот комитет. Револуционерните дејци се скриле во Дурковата Пештера над селото, а комитетскиот архив и парите на органицата ги скриле во костурницата на црквата, но Инџето не издал ништо. Истата година во хајка по комити е фатен Костадин Балев, пребиен во бој и носен низ Лехово со кол протнат низ појасот. Одведен е во Мелник, каде е распнат на крст, закован со шајќи, и така умирел. Брат му, дедо Кољо Балев истот така е мачен со забивање на спици под ноктите и корнење на мустаќите. Во одговор на овие ѕверства Леховскиот комитет го убил синот на серскиот мудир кј учествувал во расправата со Костадин и Кољо — го фатиле по патот за Петрово и го фрлиле во пештерата Харкомичката, длабока 40 м.[19] Во Ковачевица се казнети со смрт Тодор А. Хаџиев и Костадин Т. Спањувиков од Лехово, четници на Сандански кои исполнувале специјални здачи, бидејќи комитетот во Крушево, под влијание на врховистите, дал сознанија дека го прекршиле уставот.[19]

Во Грција[уреди | уреди извор]

За време на Првата балканска војна селото е окупирано од Бугарија, но по Втората балканска војна во 1913 г. е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Таа година населението броело 1.117 жители. Свештеникот во Лехово, и покрај заповедта да служи на грчки, продолжил да ги води литургиите на бугарски.[20]

Голем дел од населението во 1913 г. пребегало преку границата во Пиринска Македонија и на 1 км северно го основало истоимено село Лехово по името на старото село. Поради овие преселби во 1920 г. селото имало само 505 жители.[2] Во 1927 г. селото е преименувано во Красохори.[21] Во 1940 г. Лехово имало 545 жители, а во 1941 г. бугарскиот попис го завел со 544 лица.[2] Последните жители на селото, меѓу кои четирите деца на Стојан Манчев и Митра Стојанова - Костадин, Никола, Сотир и Иванка со своите семејства, прешле преку граница во 1945 г. точно пред затворањето на границата. Така, селото останало сосем празно. Според Тодор Симовски, тоа било населено сè до Граѓанската војна, кога дел од жителите се преселиле во Бугарија, а дел се повлекле во полето. Потоа грчката власт не дозволила селото да се обнови.[2]

Личности[уреди | уреди извор]

  • Елена (Хрисула) Велева Башлиева (1921 – ?) — јатачка на ЕАМ (1941 – 1945) и на партизаните (1946 – 1947), во 1947 г. мажт ѝ Велљо Иванов Башлиев станал војник на ДАГ, а таа со децата пребегала во Бугарија; во 1950 г. испратена во Романија, во 1955 г. се вратиле во Бугарија и живеела во Варна, авторка на спомени за војната[22]
  • Костадин Попов — деец на ВМРО, убиен од ванчомихајловистите[23]
  • Крсто Енчев (1912 - 2004) — деец на македонското иселеништво во Австралија
  • Никола Хаџиев (1882 – 1948) — револуционер, серски деец на ВМОРО и ВМРО
  • Димитър Хаџиев — револуционер, иселеник во Виена, брат на Никола Хаџиев
  • Кирил Хаџиев — револуционер, деец на ВМРО, син на Никола Хаџиев
  • Благој Хаџиев (1907 – 1950) — револуционер, син на Никола Хаџиев, убиен од комунистичкиот режим во Бугарија
  • Тодор Хаџиев (1906 – 1950) — револуционер, деец на ВМРО, син на Никола Хаџиев, убиен од комунистичкиот режим во Бугарија[24]
  • Стамат Иванов Башлиев (1910 - ?) — учесник во Грчката граѓанска војна (1947 - 1949) на страната на ДАГ, член на ГКП од 1947 г., преселник во Плевен, од 1947 г., потпоа со сопругата Елена Стаматова Башлиева (1919 - ?) живееле во Варна, автор на спомени од војната[22]
  • Тодор Оланов (1817 – 1880) — преродбенички општественик

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας“. Πανδέκτης: Name Changes of Settlements in Greece. Посетено на 12 април 2021.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Симовски, Тодор Христов (1998). Населените места во Егеjска Македониjа (PDF). II дел. Скопjе: Здружение на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Печатница „Гоце Делчев“. стр. 199–200. ISBN 9989-9819-6-5.
  3. Иванов, Йордан Н (1982). Местните имена между долна Струма и долна Места : принос към проучването на българската топонимия в Беломорието. София: Издателство на Българската академия на науките. стр. 151.
  4. Енциклопедия „Пирински край“, том I. Благоевград: Редакция „Енциклопедия“. 1995. стр. 507. ISBN 954-90006-1-3.
  5. Георгиев, Георги. „Старата железодобивна индустрия в България“. София, 1978, стр.145-146.
  6. Иванов, Йордан Н (1982). Местните имена между долна Струма и долна Места : принос към проучването на българската топонимия в Беломорието. София: Издателство на Българската академия на науките. стр. 27.
  7. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 107–108. ISBN 954430424X.
  8. Шоповъ, А (1893). Изъ живота и положението на българитѣ въ вилаетите (PDF). Пловдивъ: Търговска Печатница. стр. 114.
  9. Георгиев, Георги. „Старата железодобивна индустрия в България“. София, 1978, стр.146.
  10. 10,0 10,1 10,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  11. Македония и Одринско : Статистика на населението от 1873 г. София: Македонски научен институт – София, Македонска библиотека № 33. 1995. стр. 136–137. ISBN 954-8187-21-3.
  12. Нарекувајќи ги „Бугари“ под влијание на бугарската пропаганда.
  13. Стрезов, Георги (1891). „Два санджака отъ Источна Македония“ (PDF). Периодическо списание на Българското книжовно дружество въ Средѣцъ. Средѣцъ: Държавна печатница. Година Седма (XXXVI): 855.
  14. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 184. ISBN 954430424X.
  15. Тасев, Христо. „Борба за национална просвета в Мелнишкия край“. София, 1987, стр.52-53.
  16. Тасев, Христо. „Борба за национална просвета в Мелнишкия край“. София, 1987, стр.121.
  17. Brancoff, D. M (1905). La Macédoine et sa Population Chrétienne : Avec deux cartes etnographiques (PDF). Paris: Librarie Plon, Plon-Nourrit et Cie, Imprimeurs-Éditeurs. стр. 188–189.
  18. Хаджиев, Кирил Николов (1994). Мъртвите не възкръсват: Спомени. София: Любомъдрие. стр. 6.
  19. 19,0 19,1 19,2 19,3 Хаджиев, Кирил Николов (1994). Мъртвите не възкръсват: Спомени. София: Любомъдрие. стр. 7.
  20. Цокова, Полина (2009). Дейността на Неврокопската митрополия в периода на войните 1912 - 1919 година. Исторически преглед. 65. София: Институт по история при БАН. стр. 95.
  21. Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971, Архивирано од изворникот на 2012-06-30, Посетено на 2012-06-30
  22. 22,0 22,1 Пътеводител по мемоарните документи за БКП, съхранявани в Централния държавен архив. Архивни справочници, том 6 (PDF). София: Главно управление на архивите при Министерския съвет. Централен държавен архив. 2003. стр. 47. ISBN 954-9800-36-9. Посетено на 28 август 2015.
  23. Пърличев, Кирил (1999). 36 години във ВМРО. София: Веда-МЖ. стр. 598. ISBN 954-8090-01-5.
  24. Радовски, Александър (2022). Комити от Македония. Сборник част 1. Велико Търново: Фабер. стр. 37–38, ISBN 978-619-00-1431-7.