Економија на Германија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Економија на Германија
FrankfurtSkyline2014.jpg
Франкфурт, финансиско средиште на Германија
Ранг 4. (номинален) / 5. (ПКМ)
Валута евро (EUR)[1]
Фискална година календарска година
Трговски организации ЕУ, СТО (преку членството во ЕУ) и ОЕЦД
Статистика
БДП

3,747 трилиони $ (номинален за 2014)[2]

3,325 трилиони $ (ПКМ за 2014)
Пораст на БДП 1,8% (2014)[3]
БДП по глава на жител

45.925 $ (номинален за 2014 (проц.))[2]

40.756 $ (ПКМ за 2014 (проц.))
БДП по сектор земјоделство: 0,8%, индустрија: 28%, услуги 71,2% (проц. за 2012)
Инфлација 1,43% (декември 2013)[4]
Џиниев коефициент .27 (2006)
Работна сила 43,93 милиони (проц. за 2012)
Работна сила
по занимање
земјоделство (2,4%), индустрија (29,7%), услуги (67,8%) (2005)
Стапка на невработеност 6,7% (март 2014)[5]
Просечна бруто плата 2.977 €, месечно (2013)
Просечна нето плата 1.889 €, месечно (2013)
Водечки индустрии железо и челик, јаглен, цемент, минерални горива, хемикалии, пластика, машинство, возила, возови, машински алати, електроника, храна и пијалаци, бродоградба, воздухопловство, оптички и медицински апарати, фармацевтство, текстил, земјоделство
Ранг според Ease of Doing Business 15.[6]
Надворешност
Извоз 1,492 трилиони $ (проц. за 2012)[7]
Извозни добра моторни возила, машинство, хемикалии, компјутерски и електронски производи, електрична опрема, лекови, метали, сообраќајна опрема, храна, текстил, гума и пластични производи
Главни извозни партнери  Франција 10,2%,
 Обединето Кралство 7,0%,
 Холандија 6,9%,
 САД 6,3%,
 Австрија 5,6%,
 Италија 5,4%,
 Кина 5,1%,
 Швајцарија 4,7%, (проц. за 2012)[8]
Увоз 1,276 трилиони $ (проц. за 2012)[7]
Увозни добра машинство, опрема за обработка на податоци, возила, хемикалии, нафта и гас, електрична опрема, лекови, храна, земјоделски производи
Главни увозни партнери  Холандија 14,0%,
 Франција 7,5%,
 Кина 6,7%,
 Белгија 6,4%,
 Италија 5,5%,
 Обединето Кралство 4,9%,
 Австрија 4,4%,
 Русија 4,4%, (проц. за 2012)[9]
Странски директни инвестиции 1,057 трилиони $ (31 декември 2010)
Бруто надворешен долг 5,624 трилиони $ (30 јуни 2011)
Јавни финансии
Јавен долг 81,0% од БДП (2013)[10]
Приходи 1,511 трилиони $ (проц. за 2012)
Расходи 1,507 трилиони $ (проц. за 2012)
Економска помош

донирала: 5 млрд. €, 0,28% од БДП

Германија е рангирана на CPI[11] 2013 како 12. за нивото на корупција
Кредитен рејтинг Стандард и Пурс: AAA[12]
изглед: стабилен[13]
Мудис: Aaa[13]
изглед: стабилен
Фич: AAA[13]
изглед: стабилен
Девизни резерви 200 млрд. € (април 2011)[14]
Главен извор на податоци: Светска книга на факти на ЦИА
Сите вредности, освен ако не е запишано поинаку, се во ам. долари

Германија — најголемата национална економија во Европа, четврта најголема по номинален БДП во светот и петта по БДП (ПКМ). Уште од времето на индустријализацијата, земјата била носител, иноватор и корисник на сè поглобализираната економија. Економската политика на Германија е заснована на замислата на социјална пазарна економија. Земјата е основач на Европската унија и еврозоната.[15][16] Германија е трет најголем извозник во светот со 1,516 трилиони $ во 2012 година.[17] Извозот претставува повеќе од една третина од националниот производ.[18][19] Во 2013 година, Германија го забележала највисокиот трговски суфицит во светот, вреден 270 млрд. $, правејќи ја најголем извозник на капитал во глобални рамки.[20]

Германија е најголем производител на лигнит во светот. Германија е исто така богата со дрво, железна руда, поташ, сол, ураниум, никел, бакар и природен гас. Енергијата во Германија главно е обезбедувана од фосилни горива, а по нив доаѓаат нуклеарната енергија и обновливите енергии, како биомасата (дрво и биогорива), ветер, хидро и соларна енергија.

Услужниот сектор придонесува со околу 70% од вкупниот БДП, индустријата со 29,1%, а земјоделството со 0,9%. Најголем дел од производите во земјата се од областа на инженерството, особено автомобили, машини, метали и хемиски производи.[21] Германија е водечки производител на ветерни турбини и технологија за соларна енергија во светот.[22] Поврзаноста на производството насочено кон услугите,[23] трошоците за истражување и развој, врските помеѓу индустријата и високообразовните институции, меѓународната соработка и малите и средни претпријатија придонесуваат за севкупната конкурентност на економијата на Германија.[24][25]

Германија е врвно место во светот за трговските саеми.[26] Околу две третини од водечките трговски саеми во светот се одржуваат во Германија.[27] Најголеми годишни меѓународни трговски саеми и конгреси се одржуваат во неколку германски градови, како што се Хановер, Минхен, Франкфурт и Берлин.

Од 500. најголеми компании на берзите во светот мерено според приходите, Fortune Global 500, 37 се со седиште во Германија. Во 2012 година, десет најголеми биле Фолксваген, Алијанц, E.ON, Дајмлер, Сименс, Метро, Германски телеком, Минхен Ре, БАСФ и БМВ.[28] Други големи германски компании се: Бош, ТисенКруп, Континентал, МАН и Трумпф (различни индустрии); КУКА (роботика); Бајер и Мерк (фармацевтска индустрија); Адидас и Пума (облека и чевли); Комерцбанк и Дојче Банк (банкарство и финансии); Германски железници (железнички превоз); Алди, Лидл и Едека (малопродажба); САП (компјутерска програмска опрема); Инфинеон (полупроводници); Хенкел и Миле (домаќинство и трајни производи); Германска пошта (логистика); Бертелсман (масовни медиуми); и Хуго Бос (луксузни добра). Добро познати глобални брендови се Мерцедес Бенц, БМВ, Адидас, Ауди, Порше, Фолксваген, Бајер, БАСФ, Бош, Сименс,Луфтханза, САП и Нивеа.[29]

Историја[уреди | уреди извор]

Уште од времето на индустријализацијата, земјата била носител, иноватор и корисник на сè поглобализираната економија. Германија е една од земјите основачи на ЕУ, Г8 и Г20 и била најголем светски извозник од 2003 до 2008 година. Во 2011 година, станала втор најголем извозник[17] и трет најголем увозник.[30] Создава трговски суфицит од 270 млрд. $,[31] правејќи ја најголем извозник на капитал глобално.

Германија е единствената земја помеѓу првите пет извозници на оружје, која не е постојана членка на Советот на безбедност на ОН.[32]

Време на индустријализација[уреди | уреди извор]

Фабрика за возови на Август Борзиг во 1847 година.

Пред 1850 година, Германија доцнела зад предводниците во индустрискиот развој, Британија, Франција и Белгија. Од 1850 година, германските држави започнале да ги достигнуваат, а до 1900 година, Германија била светски предводник во индустријализацијата, заедно со Британија и САД. Во 1800 година, социјалната структура на Германија не била погодна за претприемништво или економски развој.

Реакцијата на Наполеоновите освојувања на германските земји во текот на ерата на Француската револуција (1790-ти до 1815), произвела значајни индустриски реформи, вклучувајќи го укинувањето на феудалните одредби на продажба на големи поседи, намалувањето на моќта на еснафите во градовите и воведувањето на нови поефикасни трговски закони. Сепак, традиционализмот останал силен во голем дел на Германија.

До средината на векот, еснафите, земјишното благородништво, црквите и владините бирократи имале толку многу правила и ограничувања кои на претприемништвото му давале мала можност за развој и успех. Од 1830-тите и 1840-тите, Прусија, Саксонија и другите држави направиле промени во земјоделството, воведувајќи ја шеќерната репа и компирите, давајќи поголем принос на производството на храна, кој им овозможил на дел од руралното население да се пресели во индустриските области.

Почетоците на индустриската револуција во Германија биле во текстилната индустрија и биле олеснети преку отстранување на царинските давачки преку Царинскиот сојуз, кој започнал во 1834 година. Полетната етапа на економскиот развој започнал со железничката револуција во 1840-тите, која отворила нови пазари за локалните производи, ја зголемила потребата за инженери, архитекти и вешти машинисти и поттикнала инвестиции во јаглен и железо.[33] Политичките одлуки во врска со економијата на Прусија (и по 1871 година на цела Германија) биле главно управувани од коалицијата на „’рж и железо“, односно земјопоседниците на истокот и тешката индустрија на западот.[34]

Третиот Рајх[уреди | уреди извор]

Бруто националниот производ и ценовниот индекс во периодот 1926-1939 во Германија. Извор: Од податоци на Сојузната статистичка служба

Нацистите дошле на власт за време кога невработеноста била многу висока,[35] но за неколку години постигнала целосна вработеност благодарение на масовните програми за јавни работи, како што биле Царската железница, Царската пошта и Царските автопатишта.[36] Во 1935 година била додадена и индустријата за оружје.[37]

(милиони) Невработени Вработени
август 1932 5,2 12,8
август 1933 4,1 14,1
август 1934 2,4 15,9
август 1935 1,7 17,1

Извор: Вајмарска и Нацистичка Германија од Стивен Џ. Ли[38]

По финансиската криза во 1931 година била предложена економска политика на експанзивна фискална политика (откако Германија била надвор од златниот стандард) од страна на министерот за економија, Хјалмар Шахт,[35] кој во 1933 година станал претседател на централната банка. Хјалмар Шахт подоцна се повлекол од функцијата во 1938 година и бил заменет од Херман Геринг.

Трговските политики на Третиот Рајх целеле кон самоодржливост, но со недостиг на сурови материјали, Германија морала да одржува трговски врски, но со билатерални повластување, контроли, увозни квоти и извозни субвенции во рамките на она што се нарекувало „Нов план“ (Neuer Plan) од 19 септември 1934 година.[39] „Новиот план“ бил заснован на трговија со помалку развиените земји кои ќе тргувале сурови материјали за германските индустриски добра.[40] Јужна Европа била повеќе посакувана од Западна Европа и Северна Америка, бидејќи таму немало трговски блокади.[41] Оваа политика станала позната како „голема економска област“ (Grosswirtschaftsraum).

На крајот, нацистичката партија развила силни врски со големите претпријатија[42] и ги укинала трговските комори во 1933 година со цел да ја создаде Државната трудова служба (РАД), Германскиот трудов фронт (ДАФ) да ги постави работните часови, „организацијата Убавина на трудот“ (СДА) ќе ги постави работните услови и организацијата „Сила преку радост“ (КДФ) ќе ги обезбеди спортските клубови за работниците.[43]

Западна Германија[уреди | уреди извор]

Фолксваген буба беше икона на западногерманската обнова.

Почнувајќи со замената на рајхсмарката со германската марка како платежно средство, долготрајниот период на ниска инфлација и брзиот индустриски раст бил надгледуван од владата предводена од германскиот канцелар Конрад Аденауер и неговиот министер за економија, Лудвиг Ерхард, кои ја издигнале Западна Германија од целосното воено уништување во една од најразвиените нации во современа Европа.

Наспроти популарното верување, Маршаловиот план, кој бил проширен да ја вклучи и Западна Германија откако било сфатено дека исклучувањето на западногерманската економија го забавува закрепнувањето на другите земји во Европа,[44] не била главната сила зад економското чудо (Wirtschaftswunder).[45] Износот на монетарна помош (која била во облик на заеми) добиени од Германија преку Маршаловиот план (околу 1,65 млрд. $ вкупно) била далеку помалку од износот што Германците морале да го платат како воени репарации и од трошоците што сојузниците им ги направија на Германците за тековните трошоци за време на окупацијата (околу 2,4 млрд. $ годишно).

Во 1953 година било одлучено дека Германија мора да отплати 1,1 млрд. $ од помошта што ја добила. Последната отплата била во јуни 1971 година.[45] Меѓутоа, спорно е дека обновата би била можна без почетната економска поддршка, како и осовремувањето на инфраструктурата обезбедена од економскиот план за обнова.

Покрај овие фактори, напорната работа и долгите часови при полн капацитет кај населението во 1950-тите, 1960-тите и почетокот на 1970-тите и дополнителната работна сила добиена од илјадниците гастарбајтери („гости работници“ во буквален превод) ја обезбедиле неопходната основа за економскиот пресврт.

Источна Германија[уреди | уреди извор]

До почетокот на 1950-тите, Советскиот Сојуз ги зазела репарациите во облик на земјоделски и индустриски производи и побарала понатамошни исплати за надомест на штета.[46] Долна Шлеска, која содржела рудници за јаглен, и Штетин, важно природно пристаниште, биле предадени на Полска.

Извозот од Западна Германија во 1988 година надминувал 323 млрд. долари. Во истата година, Источна Германија извезла стока вредна 30,7 млрд. долари; 65% кон другите комунистички држави.[47] Источна Германија имала нула невработеност.[47]

Во 1976 година, просечниот годишен раст на БДП бил околу 5,9%.[48]

По повторното обединување[уреди | уреди извор]

До 2013 година, Германија е трет најголем извозник и трет најголем увозник во светот, правејќи најголем трговски суфицит како национална економија.

Германската економија практично стагнирала во почетокот на 2000-тите години. Најлоши резултати во растот биле постигнати во 2002 година (+1,4%), во 2003 (+1,0%) и во 2005 (+1,4%).[49] Невработеност исто така била хронично висока.[50] Поради овие проблеми, заедно со стареењето на германското население, социјалниот систем се нашол под значителен напор. Ова довело владата да спроведе реформи за затегнување на ременот, Агенда 2010, вклучувајќи ги реформите на пазарот на трудот познат како Харц I - IV]].[50]

Во вториот дел на првата деценија од 2000-тите години, светската економија доживеала висок раст, од кој Германија како водечки извозник исто така профитирала. Некои ги фалат реформите Харц за постигнувањето висок раст и опаѓањето на невработеност, но други тврдеат дека довеле до масивно опаѓање на животниот стандард и дека ефектите се ограничени и привремени.[50]

Номиналниот БДП на Германија опаднал во вториот и третиот квартал на 2008 година, ставајќи ја земјата во техничка рецесија по глобалната и европската рецесија.[51] Германското индустриско производство опаднало за 3,6% во септември во однос на август.[52] Во јануари 2009 година, германската влада под водство на Ангела Меркел одобрила 50 млрд. евра економски стимулативен план за заштита на неколку сектори од падот и подоцнежно зголемување на стапките за невработеност.[53] Германија излегла од рецесија во вториот и третиот квартал од 2009 година, главно поради новите нарачки и извозот — главно надвор од еврозоната — и релативно стабилната домашна потрошувачка.[50]

Германија е основач на ЕУ, Г8 и Г20 и била најголем светски извозник од 2003 до 2008 година. Во 2011 година останала трет најголем извозник[17] и трет најголем увозник.[30] Поголем дел од извозот на земјата е во областите на инженерството, особено машини, автомобили, хемиски производи и метали.[21] Германија е водечки производител на ветерни турбини и технологија за соларна енергија.[54] Во повеќе градови во Германија се одржуваат трговски саеми и конгреси.[55] 2011 била рекордна година за германската економија. Германските економии извезле стока вредна над 1 трилион евра, највисока бројка во историјата. Бројот на вработени лица пораснал на 41,6 милиони, највисока забележана бројка.[56]

Во 2012 година, германската економија продолжила да биде релативно посилна во однос на другите европски држави.[57]

Податоци[уреди | уреди извор]

Продуктивноста на трудот во Германија. OECD, 2012
БДП по глава на жител во четирите големи западноевропски економии[58]
Извозот на Германија по производ (2012)

До декември 2012 година, стапката на невработеност била 6,7%.[59]

До декември 2012 година, стапката на инфлација била 2,1%.

Следната табела го покажува несезонскиот прилагоден раст на БДП во периодот 1992-2012.[60]

Година БДП
(млрд. €)
Промена
1992 1.648,40 +1,9%
1993 1.696,90 -1,0%
1994 1.782,20 +2,5%
1995 1.848,50 +1,7%
1996 1.875,00 +0,8%
1997 1.912,60 +1,7%
1998 1.959,70 +1,9%
1999 2.000,20 +1,9%
2000 2.047,50 +3,1%
2001 2.101,90 +1,5%
2002 2.132,20 +0,0%
2003 2.147,50 -0,4%
2004 2.195,70 +1,2%
2005 2.224,40 +0,7%
2006 2.313,90 +3,7%
2007 2.428,50 +3,3%
2008 2.473,80 +1,1%
2009 2.374,50 -5,1%
2010 2.496,20 +4,2%
2011 2.592,60 +3,0%
2012 2.645,00 +0,7%

Претпријатија[уреди | уреди извор]

Од 500. најголеми светски претпријатија на берзите мерено според приходите во 2010 година, списокот Fortune Global 500, 37 се со седиште во Германија. 30 германски претпријатија се вклучени во DAX, германскиот берзански индекс. Добро познати глобални брендови се Мерцедес-Бенц, БМВ, САП, Сименс, Фолксваген, Адидас, Ауди, Алијанц, Порше, Бајер, БАСФ, Бош и Нивеа.[61]

Германија е позната по нејзините специјализирани мали и средни претпријатија. Околу 1.000 од овие претпријатија се глобални пазарни лидери во нивните области и се наречени скриени прваци.[62]

Од 1991 до 2010 година се случиле 40.301 спојувања во кои биле вклучени германски претпријатија со вкупна вредност од 2.422 млрд. евра.[63] Најголеми зделки[64] од 1991 година биле: купувањето на Манесман од Водафон за 204,8 млрд. евра во 1999 година, спојувањето на Дајмлер-Бенц со Крајслер за да го создадат ДајмлерКрајслер во 1998 година со вредност од 36,3 млрд. евра.

Седиштето на Фолксваген во Волфсбург

Списокот ги вклучува најголемите германски компании по приходи во 2011 година:

Место[65] Име Седиште Приходи
(мил. €)
Профит
(мил. €)
Вработени
(насекаде)
01. Фолксваген Волфсбург 159.000 15.800 502.000
02. E.ON Диселдорф 113.000 −1.900 79.000
03. Дајмлер Штутгарт 107.000 6.000 271.000
04. Сименс Берлин, Минхен 74.000 6.300 360.000
05. БАСФ Лудвигсхафен на Рајна 73.000 6.600 111.000
06. БМВ Минхен 69.000 4.900 100.000
07. Метро Диселдорф 67.000 740 288.000
08. Шварц-Групе (Лидл) Некарсулм 63.000 н.п. 315.000
09. Германски телеком Бон 59.000 670 235.000
010. Германска пошта Бон 53.000 1.300 471.000
Алијанц Минхен 104.000 2.800 141.000
Дојче Банк Франкфурт на Мајна 2.160.000 4.300 101.000

Економска област[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Еврозона.
Германија е дел од монетарната унија, еврозона (темносино), и од единствениот пазар на ЕУ.

Германија како сојузна држава е полицентрична држава и нема едно единствено економско средиште. Берзата се наоѓа во Франкфурт на Мајна, најголемото медиумско претпријатие (Бертелсман АГ) се наоѓа во Гитерсло; најголеми автомобилски производители се Волфсбург, Штутгарт и Минхен.[66]

Германија се залага за поблиска економска и политичка интеграција на Европа. Нејзините трговски политики значително се одредени со договори помеѓу членките на Европската унија и законодавството на единствениот пазар. Германија ја вовела заедничката европска валута, еврото на 1 јануари 1999 година. Монетарната политика ја води Европската централна банка со седиште во Франкфурт.

Јужните сојузни покраини, особено Баварија, Баден-Виртемберг и Хесен, се економски посилни од северните покраини. Традиционално, една од најсилните економски области (и истовремено најстара) во Германија е Рур во западниот дел, помеѓу Бон и Дортмунд. 27 од 100. најголеми претпријатија во земјата се сместени тука. Меѓутоа, во неодамнешните години, областа, чие стопанство е засновано на природни ресурси и тешката индустрија, имала значителен пораст на невработеноста (2010: 8,7%).[66]

Економијата на Баварија и Баден-Виртемберг, покраините со најниски стапки на невработеност (2010: 4,5%, 4,9%, соодветно), од друга страна, е заснована на производи со висока вредност. Важни сектори се автомобилите, електрониката, вселенскиот и биомедицината, помеѓу другите. Баден-Виртемберг е индустриски центар особено за автомобили и машинската индустрија и дом на брендови како Мерцедес-Бенц (Дајмлер), Порше и Бош.[66]

Со повторното обединување на Германија на 3 октомври 1990 година, Германија поставила голема цел за усогласување на економските системи на двете поранешни републики. Интервенционистичкото економско планирање обезбедило постепен развој во источна Германија до она ниво на поранешната Западна Германија, но стандардот на живеење и годишните приходи останале значително повисоки во западногерманските покраини.[67] Осовремувањето и вклучувањето на источногерманската економија продолжува да биде долготраен процес, кој се предвидува да заврши во 2019 година, со годишни трансфери од западот кон истокот во износ од 80 млрд. $. Стапката на невработеност паѓа постојано од 2005 година и го достигнала 20-годишниот минимум во 2012 година. Државата во јули 2014 година донела закон за сојузна минимална плата, кој ќе стапи на сила од 1 јануари 2015 година.[68]

Богатство[уреди | уреди извор]

Хасо Платнер

Германија е најбогата земја во Европа и втора најбогата во светот зад Соединетите Американски Држави, во поглед на бројот на богати домаќинства со поседи од над 100 милиони долари. Следниот список на десет најбогати милијардери е заснован на годишниот посед на богатство и средства составен и објавен од списанието Forbes на 4 март 2014 година.[69]

  1. 25 млрд. $ Карл Албрехт
  2. 21,1 млрд. $ Дитер Шварц
  3. 19,3 млрд. $ Тео Албрехт
  4. 18,4 млрд. $ Михаел Ото и семејството
  5. 17,4 млрд. $ Зузане Клатен
  6. 14,9 млрд. $ Штефан Квант
  7. 14,3 млрд. $ Георг Шефлер
  8. 12,8 млрд. $ Јохана Квант
  9. 10,4 млрд. $ Клаус-Михаел Кине
  10. 8,8 млрд. $ Хасо Платнер

Волфсбург е град во Германија со највисок приход по глава на жител во земјата, со 128.000 долари. Следниот список на десет германски градови во највисоки приходи по глава на жители е заснован на студија од Келнскиот институт за економско истражување објавена на 31 јули 2013 година.[70]

  1. 128.000 $ Волфсбург, Долна Саксонија
  2. 114.281 $ Франкфурт на Мајна, Хесен
  3. 108.347 $ Швајнфурт, Баварија
  4. 104.000 $ Инголштат, Баварија
  5. 99.389 $ Регенсбург, Баварија
  6. 92.525 $ Диседолрф, Северна Рајна-Вестфалија
  7. 92.464 $ Лудвигсхафен на Рајна, Рајнска област-Пфалц
  8. 91.630 $ Ерланген, Баварија
  9. 91.121 $ Штутгарт, Баден-Виртемберг
  10. 88.692 $ Улм, Баден-Виртемберг

Природни ресурси[уреди | уреди извор]

Површинско ископување на лигнит близу Гревенброх.

Германската почва е релативно сиромашна во суровини. Само лигнит (кафеав јаглен) и поташа (сол) се достапни во значителни количини. Меѓутоа, поранешното рударско претпријатие Визмут во Источна Германија произведувало вкупно 230.400 тони ураниум помеѓу 1947 и 1990 година и ја направило Источна Германија четврт најголем производител на ураниум во светот (најголем во сферата на СССР) во тоа време. Нафтата, природниот гас и другите ресурси, во најголем дел, се увезуваат од други земји.[71]

Солта се произведува во средишниот дел на земјата (Долна Саксонија, Саксонија-Анхалт и Тирингија). Најважен производител е К+С АГ (порано Кали и Залц АГ).[71]

Битуминозните јагленови депозити во Германија биле создаден пред 300 милиони години од мочуриштата кои се протегале од денешна Јужна Англија, преку областа Рур до Полска. Депозитите на лигнит се развиле на сличен начин, но во подоцнежниот период, пред околу 66 милиони години. Бидејќи дрвото не е целосно претворено во јаглен, кафеавиот јаглен содржи помала енергија отколку битуминозниот јаглен.[71]

Лигнитот е ископуван во крајните западни и источни делови на земјата, главно во Северна Рајна-Вестфалија, Саксонија и Бранденбург. Значајни количини се употребени во централите на јаглен во близина на рударските области, за производство на електрична енергија. Превозот на лигнитот на далечни места не е економски можен, па затоа централите се наоѓаат практично до самите ископи. Битуминозниот јаглен се ископува во Северна Рајна-Вестфалија и Сар. Повеќето електрични централи го горат битуминозниот јаглен заедно со увезен материјал, па затоа електраните не се наоѓаат веднаш до ископите, туку низ целата земја.[71]

Сектори[уреди | уреди извор]

Германскиот извоз во 2006 г.

Германија има социјална пазарна економија, која се одликува со висококвалификувана работна сила, развиена инфраструктура, големо ниво на капитал, ниско ниво на корупција[72] и високо ниво на иновации.[73] Таа е најголема национална економија во Европа, четврта најголема по номинален БДП во светот и петта по БДП (ПКМ) во 2009 година.

Услужниот сектор придонесува скоро 70% од вкупниот БДП, индустријата 29,1%, а земјоделството 0,9%.[74]

Примарен[уреди | уреди извор]

Во 2010 година земјоделството, шумарството и рударството сочинувале само 0,9% од германскиот бруто домашен производ (БДП) и вработувале само 2,4% од населението,[21] намалувањето од 4% во 1991 година. Земјоделството е исклучително продуктивно и Германија успева да покрие 90% од своите потреби за храна со домашно производство. Германија е третиот најголем земјоделски производител во Европската унија, зад Франција и Италија. Главни земјоделски производи во Германија се компирите, пченицата, јачменот, шеќерната репка, овошјето и зелките.

И покрај високото ниво на индустријализација на земјата, скоро една третина од нејзината територија се наоѓа под шуми.[75] Шумарската индустрија обезбедува околу две третини од домашните потреби за дрво и дрвни производи, па така Германија е нето увозник во овој поглед.

Индустрија[уреди | уреди извор]

Најголема поврзана хемиска фабрика во светот на БАСФ во Лудвигсхафен.

Индустријата и градежништвото сочинувале 29% од бруто домашниот производ во 2008 година и вработувале 29,7% од работната сила.[21] Германија се истакнува во производството на автомобили, машини, електрична опрема и хемикалии. Со производство на 5,2 милиони возила во 2009 година, Германија била четврти најголем производство и најголем извозник на автомобили. Германските автомобилски претпријатија заземаат исклучително силни места во т.н. премиум сегмент, со пазарно учество во светски рамки од околу 90%.

Малите и средни претпријатија кои се специјализирани во технолошки напредните производи и често семејни претпријатија ја создаваат сржта на германската економија.[76] Се проценува дека околу 1.500 германски компании ги заземаат првите три места во нивните пазарни сегменти во светот. Во околу две третини од сите индустриски сектори, германските компании припаѓаат на првите три конкуренти.[77]

Услуги[уреди | уреди извор]

Во 2008 година, услугите сочинувале 69% од бруто домашниот производ, а секторот вработувал 67,5% од работната сила.[21] Составни делови на услугите се финансиите, недвижностите и деловни активности (30,5%); трговијата, хотелите и рестораните и сообраќајот (18%) и други услужни активности (21,7%).

Најголемите годишни меѓународни саеми и конгреси се одржуваат во неколку германски градови, како Хановер, Франкфурт и Берлин.[78]

Германија е трета најпосетувана земја во Европа, со вкупно 369,6 милиони ноќевања во текот на 2010 година.[79][80]

Инфраструктура[уреди | уреди извор]

Енергија[уреди | уреди извор]

Германија е петти по ред најголем потрошувач на енергија во светот и две третини од нејзината основна енергија била увезена во 2002 година. Во истата година, Германија била најголем потрошувач на електрична енергија во Европа, со вкупна вредност од 512,9 терават часови. Политиката на владата поттикнува заштита на енергијата и развој на изворите на обновлива енергија, како сонцето, ветерот, биомасата, водата и геотермалните извори. Како резултат на мерките за заштеда на енергијата, енергетската ефикасност се подобрува уште од почетокот од почетокот на 1970-тите. Владата поставила цел половина од потребите на земјата да бидат од обновливи извори до 2050 година.

Најголемиот капацитет за соларна енергија и третиот најголем капацитет за ветерна енергија се поставени во Германија.

Во 2000 година, црвено-зелената коалиција на канцеларот Шредер и атомската индустрија во Германија се согласиле да се затворат сите атомски централи до 2021 година.[81] Конзервативната коалиција на канцеларката Меркел ја променила оваа одлука во јануари 2010 година, избирајќи централите да останат отворени. Меѓутоа, атомската катастрофа на јапонската атомска централна Фукушима во март 2011 година, ја променила политичката клима драстично: постарите нуклеарни централи биле веднаш затворени. Општото затворање до 2020 или 2022 година сега е веројатно. Сепак, обновливите извори на енергија играат поскромна улога во потрошувачката на енергија, иако германската соларна и ветерна индустрија играат водечка улога во светот.

Во 2009 година, Германија потрошила енергија од следниве извори:[82] нафта 34,6%, природен гас 21,77%, лигнит 11,4%, јаглен 11,1%, нуклеарна енергија 11,0%, хидро и ветерна енергија 1,5%, други 9,0%.

Постојат три главни влезни точки за нафтоводи: во североисточниот дел (доаѓа од Гдањск), во западниот (доаѓа од Ротердам) и во југоисточниот дел (доаѓа од Нелахозевес). Нафтоводите во Германија не сочинуваат соодветна мрежа и понекогаш поврзуваат само две различни места. Поголеми нафтени рафинерии се наоѓаат во или во близина на следниве градови: Швет, Шпергау, Фобург на Дунав, Бургхаузен, Карлсруе, Келн, Гелзенкирхен, Линген, Вилхелмсхафен, Хамбург и Хајде.[83]

Од друга страна, мрежата на гасоводи е густа и добро поврзана. Увезениот природен гас главно доаѓа од Русија, Холандија и Велика Британија. Иако увозот на гас од Русија историски бил сигурен, дури и во времето на студената војна, неодамнешните ценовни спорови помеѓу Гаспром и поранешните советски држави, како Украина, имале влијание и на Германија. Како последица на тоа, се изградил гасоводот Северен поток, водејќи од Виборг во Русија долж Балтичкото Море до Грајфсвалд во Германија. Оваа директна поврзаност ги избегнува транзитните земји.[83]

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Гарнитура на ICE 3

Со нејзината средишна положба во Европа, Германија е важен сообраќаен јазол. Ова се огледува во нејзината густа и современа сообраќајна мрежа. Големата автопатска мрежа (Autobahn), која се вбројува како трета најголема во светот по нејзината вкупна должина и на која не постојат ограничувања на брзината на големи нејзини делови.

Германија има воспоставено полицентрична мрежа на брзи возови. ИнтерСитиЕкспрес или ИЦЕ е најнапредната услужна категорија на Германските железници и ги опслужува големите германски градови, како и одредишта во соседните земји. Максималната брзина на возовите се движи помеѓу 200 и 320 км на час. Возовите се движат на секои половина час, на секој час или на секои две часа.[84]

Најголеми германски аеродроми се Франкфуртскиот и Минхенскиот аеродром, обата глобални центри на Луфтханза. Други големи аеродроми се Берлин-Тегел, Берлин-Шенефелд, Диселдорф, Хамбург, Хановер, Келн/Бон, Лајпциг/Хале и во иднина новиот Аеродром Берлин-Бранденбург.

Технологија[уреди | уреди извор]

Течен кристел претставен од поларизиран микроскоп. Германија е пионерски истражувачки центар за нанотехнологија и истражување на материјалите.[85]

Германските достигнувања во науката се значајни, а напорите во истражување и развој се составен дел на економијата.[86]

Германија е исто така една од водечките земји во развојот и користењето зелена технологија. Претпријатијата специјализирани во зелената технологија имаат проценет обрт од 200 млрд. евра. Германската стручност во инженерството, науката и истражувањето се особено ценети и почитувани.

Водечките пазари на зелената технологија на Германијата се производството на електрична енергија, енергетска ефикасност, материјална ефикасност, одржлива мобилност, управување со отпадот и рециклирањето и одржливото управување со вода.[87]

Во однос на патентите, Германија се наоѓа на третото место зад САД и Јапонија. Со повеќе од 26.500 регистрации за патенти поднесени до Европскиот завод за патенти, Германија е водечка европска нација. Сименс, Бош и БАСФ, со скоро 5.000 регистрации за патенти во 2008 година, се нашле помеѓу првите пет компании по бројот на патенти. Заедно со САД и Јапонија, во однос на патентите за нано, био и нови технологија, Германија е една од најактивните земји во светот. Со околу една третина од патентите, Германија го зазема првото место во светот по бројот на патентит за намалување на загадувањето од возилата.[88]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. пред 2002 г.: германска марка (DEM).
  2. 2,0 2,1 „Германија“. ММФ. http://www.imf.org/external/pubs/ft/weo/2013/02/weodata/weorept.aspx?pr.x=38&pr.y=13&sy=2013&ey=2014&scsm=1&ssd=1&sort=country&ds=.&br=1&c=134&s=NGDPD%2CNGDPDPC%2CPPPGDP%2CPPPPC&grp=0&a=. посет. 5 февруари 2014 г. 
  3. „Германските мисии во САД - Раст на БДП во 2014“. Germany.info. 16 април 2014. http://www.germany.info/Vertretung/usa/en/__pr/P__Wash/2014/04/16-GDP-Growth.html. посет. 13 август 2014 г. 
  4. „Инфлација Германија - моментална германска инфлација“. inflation.eu. http://www.inflation.eu/inflation-rates/germany/inflation-germany.aspx. посет. 5 февруари 2014 г. 
  5. „Германската невработеност паѓа четврти месец по ред“. Irishtimes.com. 1 април 2014. http://www.irishtimes.com/business/economy/german-unemployment-falls-for-a-fourth-straight-month-1.1745702. посет. 13 август 2014 г. 
  6. „Doing Business in Germany 2016“. Светска банка. http://www.doingbusiness.org/data/exploreeconomies/germany/. посет. 30 октомври 2015 г. 
  7. 7,0 7,1 „Сојузна статистичка служба“ (на de). Destatis.de. 31 јули 2014. http://www.destatis.de/jetspeed/portal/cms/Sites/destatis/Internet/EN/Content/Statistics/VolkswirtschaftlicheGesamtrechnungen/Inlandsprodukt/Tabellen/Content75/Gesamtwirtschaft,templateId=renderPrint.psml. посет. 13 август 2014 г. 
  8. „Извозни партнери на Германија“. Светска книга на факти на ЦИА. 2012. https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/fields/2050.html#gm. посет. 23 јули 2013 г. 
  9. „Увозни партнери на Германија“. Светска книга на факти на ЦИА. 2012. https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/fields/2061.html#gm. посет. 23 јули 2013 г. 
  10. „Сојузна статистичка служба“. Destatis.de. 23 мај 2014. https://www.destatis.de/EN/FactsFigures/NationalEconomyEnvironment/NationalAccounts/DomesticProduct/Tables/OnOut_EuropeanSystem.html;jsessionid=46E3F82B083F12E4CD1303F6A380D6E2.cae2. посет. 13 август 2014 г. 
  11. „Истражување - CPI - Преглед“. Transparency.org. http://www.transparency.org/policy_research/surveys_indices/cpi/2009/cpi_2009_table. посет. 13 август 2014 г. 
  12. „Список на рејтинзи на држави“. Стандард и Пурс. http://www.standardandpoors.com/ratings/sovereigns/ratings-list/en/eu/?subSectorCode=39. посет. 26 мај 2011 г. 
  13. 13,0 13,1 13,2 Како Фич, Мудис и С&П го рангираат кредитниот рејтинг на секоја земја“, „The Guardian“, 15 април 2011 (посет. 31 мај 2011 г).
  14. „Меѓународни резерви и ликвидност на странските валути - Германија“. Меѓународен монетарен фонд. 16 мај 2011. http://www.imf.org/external/np/sta/ir/IRProcessWeb/data/deu/eng/curdeu.htm. посет. 31 мај 2011 г. 
  15. Alfred Dupont CHANDLER, Takashi Hikino, Alfred D Chandler, Scale and Scope: The Dynamics of Industrial Capitalism 1990
  16. „Scale and Scope — Alfred D. Chandler, Jr. | Harvard University Press“. Hup.harvard.edu. http://www.hup.harvard.edu/catalog.php?isbn=9780674789951. посет. 13 август 2014 г. 
  17. 17,0 17,1 17,2 „Споредба на земји: Извоз“. Светска книга на факти на ЦИА. ЦИА. https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/rankorder/2078rank.html. посет. 9 август 2012 г. 
  18. Библиотека на Конгресот - Сојузна служба за истражување (април 2008). „Профил на земја: Германија“ (PDF). стр. 10. http://lcweb2.loc.gov/frd/cs/profiles/Germany.pdf. посет. 11 јануари 2009 г. 
  19. „Germany’s capital exports under the euro“. Voxeu.org. http://www.voxeu.org/article/germany-s-capital-exports-under-euro. посет. 13 август 2014 г. 
  20. „Германија: Најголем извозник на капитал во светот во 2013“. Koenig-cie.de. 14 јануари 2014. http://www.koenig-cie.de/de/node/9091. посет. 13 август 2014 г. 
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 ЦИА. „Светска книга на факти на ЦИА“. https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/geos/gm.html. посет. 2 август 2009 г. 
  22. Ветерна енергија Сојузно министерство за економија и технологија (Германија) 30 ноември 2006.
  23. http://mpra.ub.uni-muenchen.de/38995/2/MPRA_paper_38995.pdf
  24. http://liu.diva-portal.org/smash/get/diva2:20750/FULLTEXT01
  25. http://www.foresight-platform.eu/wp-content/uploads/2011/02/EFMN-Brief-No.-137_-Manufacturing-in-Europe.pdf
  26. [1]
  27. „Трговски саеми во Германија“. Германска национална туристичка служба. http://www.germany.travel/en/business-travel/trade-fairs/trade-fairs/messen.html. посет. 5 февруари 2014 г. 
  28. „32. најголеми германски компании по приходи во 2012“. Topforeignstocks.com. 19 март 2013. http://topforeignstocks.com/2013/03/19/the-32-largest-german-companies-by-revenue-2012/. посет. 13 август 2014 г. 
  29. 100. врвни брендови во 2006 на Семрежниот архив (англиски) , Businessweek. 26 ноември 2007.
  30. 30,0 30,1 „Споредба на земји: Увоз“. Светска книга на факти на ЦИА. ЦИА. https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/rankorder/2087rank.html. посет. 9 август 2012 г. 
  31. „Германскиот трговски суфицит ќе се искачи на највисоко ниво во 2013 година“. The New Straits Times Press (Malaysia) Berhad. 7 февруари 2014. http://www2.nst.com.my/world/german-trade-surplus-soars-to-all-time-high-in-2013-1.479090. посет. 16 септември 2014 г. 
  32. Вол, Роберт (17 март 2013). „Кина ја замени Велика Британија во петте најголеми извозници на оружје предводени од САД“. Bloomberg.com. http://www.bloomberg.com/news/2013-03-17/china-replaces-u-k-in-top-five-arms-exporters-headed-by-u-s-.html. посет. 13 август 2014 г. 
  33. Richard Tilly, "Germany: 1815-1870" in Rondo Cameron, ed. Banking in the Early Stages of Industrialization: A Study in Comparative Economic History (Oxford University Press, 1967), pages 151-182
  34. Cornelius Torp, "The "Coalition of 'Rye and Iron'" under the Pressure of Globalization: A Reinterpretation of Germany's Political Economy before 1914," Central European History Sept 2010, Vol. 43 Issue 3, pp 401-427
  35. 35,0 35,1 „http://econ161.berkeley.edu/TCEH/Slouch_Purge15.html“. berkeley.edu. http://econ161.berkeley.edu/TCEH/Slouch_Purge15.html. посет. 15 август 2007 г. 
  36. Gaettens, Richard (1982). Geschichte der Inflationen: vom Altertum bis zur Gegenwart (Nachdr. издание). München: Battenberg. стр. 279–298. ISBN 3-87045-211-0. 
  37. „econ161.berkeley.edu“. http://econ161.berkeley.edu/TCEH/Slouch_Purge15.html. посет. 15 август 2007 г. 
  38. Lee, Stephen (1996). Weimar and Nazi Germany. Oxford: Heinemann. стр. 63. ISBN 043530920X. 
  39. Hans-Joachim Braun, "The German Economy in the Twentieth Century", Routledge, 1990, p. 101
  40. Lee, Stephen (1996). Weimar and Nazi Germany. Oxford: Heinemann. стр. 60. ISBN 043530920X. 
  41. Hans-Joachim Braun, "The German Economy in the Twentieth Century", Routledge, 1990, p. 102
  42. Arthur Schweitzer, "Big Business in the Third Reich", Bloomington, Indiana University Press, 1964, p. 288
  43. Reynoldson, Fiona (1996). Weimar and Nazi Germany (Foundation ed. издание). Oxford: Heinemann. стр. 49. ISBN 0435308602. 
  44. "Pas de Pagaille!", 28 јули 1947
  45. 45,0 45,1 Маршалов план 1947-1997 Германски поглед“ од Сузан Штерн на Семрежниот архив (англиски)
  46. Norman M. Naimark. The Russians in Germany: A History of the Soviet Zone of Occupation, 1945-1949. Harvard University Press, 1995. ISBN 0-674-78405-7 pp. 167-9
  47. 47,0 47,1 Бојс, Роџер. „Germany starts recovery from €2,000bn union“, Times Online, 24 август 2007 (посет. 12 октомври 2009 г).
  48. German Democratic Republic: long history of sustained economic growth continues; 1989 may be an advantageous year to consider this market“, „Business America“ (посет. 2 октомври 2007 г).
  49. Bruttoinlandsprodukt (Vierteljahres- und Jahresangaben) Statistisches Bundesamt.
  50. 50,0 50,1 50,2 50,3 „Светска книга на факти на ЦИА: Германија“. Cia.gov. https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/geos/gm.html. посет. 13 август 2014 г. 
  51. Хопкинс, Катрин. „Германија официјално во рецесија откако ОЕЦД очекува САД да го предводи опоравувањето“, The Guardian, 14 ноември 2008 (посет. 1 мај 2010 г).
  52. Тизинг, Габи (13 ноември 2008). „Германската економија влегува во најлошата рецесија во последните 12 години“. Bloomberg.com. http://www.bloomberg.com/apps/news?pid=20601087&sid=aV1q1nQoldKc&refer=home. посет. 13 август 2014 г. 
  53. Германија се согласи на 50 млрд. евра план за стимулирање“, France 24, 6 јануари 2009.
  54. „Ветерна енергија“. Сојузно министерство за економија и технологија. архивирано од изворникот на 10 декември 2006 г.. http://web.archive.org/web/20061210163253/http://www.german-renewable-energy.com/Renewables/Navigation/Englisch/wind-power.html. посет. 27 март 2011 г. 
  55. UFI, the Global Association of the Exhibition Industry (2008). „Euro Fair Statistics 2008“. AUMA Ausstellungs- und Messe-Ausschuss der Deutschen Wirtschaft e.V.. стр. 12. http://www.auma.de/_pages/d/16_Download/download/FKM/EuroFairStatistics_2008.pdf. посет. 24 септември 2011 г. 
  56. Defying the Euro Crisis“, Spiegel Online, 27 декември 2011.
  57. Brain Drain Feared as German Jobs Lure Southern Europeans 28 April 2012
  58. „Бруто домашен производ“ (на германски) (PDF). OECD. 17 февруари 2011. стр. 4. http://stats.oecd.org/wbos/default.aspx?datasetcode=SNA_TABLE1. посет. 11 февруари 2011 г. 
  59. Bundesagentur für Arbeit Nürnberg. „Monatsbericht 2012“ (на германски) (PDF). стр. 78. http://statistik.arbeitsagentur.de/Statischer-Content/Arbeitsmarktberichte/Monatsbericht-Arbeits-Ausbildungsmarkt-Deutschland/Monatsberichte/Generische-Publikationen/Monatsbericht-201212.pdf. посет. 19 јануари 2012 г. 
  60. Wichtige Zusammenhänge im Überblick 2012“, „Destatis“, 15 јануари 2012 (посет. 19 јануари 2012 г).
  61. „100 најдобри брендови во 2010“. Interbrand. http://www.interbrand.com/en/best-global-brands/best-global-brands-2008/best-global-brands-2010.aspx. посет. 27 март 2011 г. 
  62. Гевин, Мајк. „Германија има 1.000 претпријатија лидери на пазарот“, 23 септември 2010 (посет. 27 март 2011 г).
  63. „Statistics on Mergers & Acquisitions (M&A)“. Imaa-institute.org. http://www.imaa-institute.org/statistics-mergers-acquisitions.html#MergersAcquisitions_Germany. посет. 13 август 2014 г. 
  64. „Statistics on Mergers & Acquisitions (M&A)“. Imaa-institute.org. http://www.imaa-institute.org/statistics-mergers-acquisitions.html#TopMergersAcquisitions_Germany. посет. 13 август 2014 г. 
  65. Глобал 500: Држави - Германија“, „Forbes“, 26 јули 2010 (посет. 27 март 2011 г).
  66. 66,0 66,1 66,2 Gürtler, Detlef: Wirtschaftsatlas Deutschland. Rowohlt Berlin, 2010
  67. Berg, S., Winter, S., Wassermann, A. Цената на пропаднатото повторно обединување Spiegel Online International. 5 септември 2005.
  68. Германија ќе стане 22. држава на ЕУ со сојузно одредена минимална плата“, Germany News.Net (посет. 7 јули 2014 г).
  69. „Специјален извештај: Најбогатите од Германија (1-10)“. http://www.forbes.com/billionaires/#tab:overall_country:Germany. посет. 4 март 2014 г. 
  70. „Ова се најмоќните градови во Германија“. http://www.bild.de/geld/wirtschaft/bruttoinlandsprodukt/top-50-das-sind-deutschlands-power-staedte-31595934.bild.html. посет. 1 март 2014 г. 
  71. 71,0 71,1 71,2 71,3 Gürtler, Detlef: Wirtschaftsatlas Deutschland. Rowohlt Berlin, 2010.
  72. „CPI 2009 table“. Transparency International. http://www.transparency.org/policy_research/surveys_indices/cpi/2009/cpi_2009_table. посет. 18 ноември 2009 г. 
  73. „The Innovation Imperative in Manufacturing: How the United States Can Restore Its Edge“ (PDF). http://www.nam.org/innovationreport.pdf. посет. 26 септември 2010 г. 
  74. "German Economy Experiences Record Growth in 2010" German Embassy Press Release 12 January 2011
  75. 31.7% —or about 11,076,000 hectares— of Germany is forested, mongabay.com, 2005.
  76. Venohr, Bernd and Meyer, Klaus E. (2007). „The German Miracle Keeps Running: How Germany's Hidden Champions Stay Ahead in the Global Economy“. Working Paper 30. FHW Berlin. http://www.berndvenohr.de/download/veroeffentlichungen/forschung/The_German_Miracle_Keeps_Running.pdf. посет. 9 октомври 2009 г. 
  77. Venohr, Bernd (2010). „The power of uncommon common sense management principles - The secret recipe of German Mittelstand companies - Lessons for large and small companies“. http://www.druckersociety.at/repository/2010/day01/15'30-17'00/Venohr_101118_PPT_Beamerversion.pdf. посет. 8 декември 2010 г. 
  78. Ветерна енергија на Семрежниот архив (англиски) Сојузно министерство за економија и технологија. 30 ноември 2006.
  79. Tourismus- und Hotelatlas 2009, pages 16f
  80. Deutscher Tourismusverband, статистички податоци за 2008 г.
  81. Германија поделена за зелената енергија, BBC. 13 април 2007
  82. „Потрешувачка на енергија во Германија“ (на de). http://www.bmwi.de/BMWi/Redaktion/Binaer/Energiedaten/energiegewinnung-und-energieverbrauch2-primaerenergieverbrauch.xls. посет. 13 август 2014 г. 
  83. 83,0 83,1 Detlef, Günter: Wirtschaftsatlas Deutschland. Rowohlt Berlin, 2010. p.42
  84. Geschäftsbericht 2006 der Deutschen Bahn AG на Семрежниот архив (англиски) , Германски железници. 19 октомври 2007.
  85. Истражување во Германија Германска амбасада, Њу Делхи. 28 август 2010.
  86. „Germany's Technological Performance“. Сојузно министерство за образование и истражување. 11 јануари 2007. http://www.bmbf.de/en/1869.php. посет. 21 август 2011 г. 
  87. Roland Berger Strategy Consultants: Green Growth, Green Profit – How Green Transformation Boosts Business Palgrave Macmillan, New York 2010, ISBN 978-0-230-28543-9
  88. Industry strongly engaged in research Facts about Germany. 29 август 2010.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]