Александар Серафимов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Александар Серафимов
24.03.1981 – 27.10.2001 (20 г.)

Прекар:«Аце»
Роден во:Свети Николе, СР Македонија СР Македонија
Починал во:Скопје
Служба во:Македонија Македонија
Чин:Специјалец во МВР
Единици: ЕСЗ Тигар
Битки/војни:Војна во Македонија 2001
  • Операција MX-1
  • Битка за Тетовско Кале
  • Операција MX-2
  • Битка за Матејче
Одличја: Медал за храброст


Александар Серафимов (Свети Николе, 24 март 1981Скопје, 27 октомври 2001) бил македонски бранител, специјалец во ЕСЗ Тигар и учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Загинува на 27 октомври 2001 година во скопските клиники како последица на голем број шрапнели здобиени во Матејче во јуни 2001.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Живот, војната 2001 и сведоштва[уреди | уреди извор]

Споменик на Александар Серафимов во Свети Николе.

Александар Серафимов е роден на 24 март 1981 година во Свети Николе. По завршувањето на средното полициско училиште, една година работел како обичен полицаец. Потоа, од 9 јуни 2000 година преминал во 4-вод на елитната полициска единица „ЕСЗ Тигар“, каде што командир на четвртиот вод бил Стојанче Ангелов. Иако на почетокот на војната постојано бил на фронтот од Тетово до Куманово, дома никогаш не кажувал каде е и како му е. Само еднаш на својата мајка и признал дека со своите колеги е во кумановското село Лопате. Кога ќе го добиеле на телефон, најчесто им кажувал дека е во касарната „Илинден“ во Скопје.

На 3 јуни 2001та, во 14:25 часот, мајката на Александар разговарал со него. Рекол дека е добар и дека моментално е на ручек. Веднаш по ручекот, заминале на терен. Во 20:50 часот биле веќе во Матејче. Кога излегувале од хермелинот, само што седнале да каснат нешто од она што го носеле, пред нив експлодирала мина. Според еден негов колега, мината паднало токму пред Аце. По ранувањето веднаш е префрлен во кумановската болница, а потоа во Клиничкиот центар во Скопје. Александар беше повреден во главата, надлактицата и дланката. Мал шрапнел, колку зрно од афион, го погодил до окото, крај носот, и влегол во мозокот. Кога ранет бил неговиот командир Стојанче Ангелов во Битката за Арачиново, пренесен е во истата шок соба каде што лежел Александар и Оливер Китановски. Ангелов за него вели:

„Александар Серафимов беше под моја команда, тешко ранет во Битката за Матејче, на почетокот на јуни 2001-та. Почина во шок соба на крајот на октомври. Десет дена немоќно лежев два кревети подалеку од него. Во шок соба. Понекогаш, ќе соберев сила, ќе се довлечкав до неговиот кревет. Целиот издрогиран од морфиумот кој го примав, збунето зјапав во неговото лице. Блед. Како крпа. Го гледав во неговото лево око. Во десното не можев. Зјаеше дупка. Од шрапнелот. Кој заврши во неговиот мозок. Гледав како машината ритмично пумпа воздух во неговите ослабнати гради. Ќе го фатев за рака. За левата. За десната не можев. Му беше разнесена. Во пределот на рамото. Милно му зборев. Тажно го тажев. Ме слушаше. Или не? Не знам. Понекогаш, солзи почнуваа да течат по неговото бледо, ковчесто лице. Сто пати пробав. Пробав но не можам... Болно е. Кине. Ми се кине душата. Не можам да напишам. А се обидувам. Како му купив мртовечки сандак. Во 2 или 3 часот по полноќ. Како со неговиот избезумен татко, го бришевме и средувавме неговото тело. Во подрумот на хируршката клиника. Како се мачевме да го сместиме во мртовечкиот ковчег. А Александар. Уште топол. Неизладен....“

— Стојанче Ангелов во неговата биографија[2]

На 4 јуни успешно е опериран на мозокот. Кон крајот на јули Александар се освести, беше исклучен од апаратите и почна да контактира со родителите. Лекарите кога видоа дека е подобар се ослободија, а почнаа и летните одмори. Кон средината на август, Александар почна да се жали дека го болат градите. На 14 август му го отворија градниот кош, направија операција за чистење на белите дробови. По операцијата брзо се освести, се освежи, но петтиотден по неа повторно му се влоши состојбата. Тогаш беше констатирано дека му е затруена крвта. Тромбоцитите речиси сосема ги изгуби. Лекарите велеа дека тоа е од повредата на мозокот, но според блиски другари лекари на фамилијата Серафимов, кажаа дека крвта всушност му е затруена при операцијата на градниот кош.

Со некакви лекарства малку му се покачија тромбоцитите, но подоцна се појавија проблеми со жолчката. Родителите не се согласуваа со нова итна операција, бидејќи Александар беше истоштен, а опојките многу лошто му делуваа на мозокот и на целиот организам. Но, операцијата ја направија. Една недела подоцна, Александар Серафимов на 27 октомври 2001 година починува. Тој се родил и умре во исто време, во 12:25 часот.[3] Александар Серафимов посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р Македонија.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Откривање на споменикот на загинатиот бранител Серафимов“. Tocka.com.mk. 27 октомври 2012. Посетено на 2016-10-19.
  2. „Девет лути рани (4)“. МКД.мк. 17 октомври 2016. Архивирано од изворникот на 2016-10-19. Посетено на 2016-10-19.
  3. „Татковино, за што загинавме?“, Македонска книга 2002, стр. 198 – 200.
  4. „Посмртно одликување со Медал за храброст за 32 припадници на безбедносните сили на МВР“. president.mk. 7 мај 2013. Архивирано од изворникот на 2019-03-28. Посетено на 2019-03-30.