Прејди на содржината

Ѓоко Лазаревски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ѓоко Лазаревски
3 мај 1971 – 23 јули 2001 (30 г.)

Роден во:с.Лешок, Тетовско СР Македонија СР Македонија
Починал во:с. Лешок, Тетовско
Служба во:Македонија Македонија
Чин: Резервист во полиција
Единици: СВР Тетово
Битки/војни:Битка за Вуковар (1991)
Војна во Македонија, 2001
Битка за Лешок (2001)
Одличја: Медал за храброст

Ѓокица Ѓоко Лазаревски (с. Лешок, Тетовско, 3 мај 1971 – с. Лешок, Тетовско, 23 јули 2001) бил македонски бранител, резервист во полиција, учесник во југословенските војни како и во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Ѓоко ќе се памети како голем херој во поновата македонска историја, кога тој и четворица другари, препуштени сами на себе, ги евакуираат успешно соселаните во соседното Жилче. Бранејќи го неродениот син, селаните и Лешочкиот манастир Лазаревски загинува од терористички истрел на 23 јули 2001 година после неколку дена отпор.[1][2]

Животопис

[уреди | уреди извор]
Споменик на Ѓоко Лазаревски во родното тетовско село Лешок, подигнат во 2014 година.[3]

Живот, војната 2001 година и херојската смрт во родното село

[уреди | уреди извор]

Години пред да се случи воениот конфликт во Македонија 2001 година, Ѓоко имал искуство стекнато како војник на ЈНА, кога бил фрлен во воените виори во Вуковар, Хрватска. Кога започнал воениот конфликт во Македонија 2001 година, неговото родно село Лешок било мета на терористите од ОНА, бидејќи е едно од ретките, етнички чисти македонски села во Тетовско.

Делото на Ѓоко токму тогаш се покажа, кога препуштен сам на себе во најтешките моменти ја презел командата за организација на одбраната. Тој и неговите другари давале отпор со цел да обезбедат сигурен премин на соселаните во соседното Жилче поради нивна евакуација.

Лазаревски е еден од македонските херои на поновата историја кој со својот живот ја покажа лојалноста кон неговата татковина. Како резервист Ѓоко сам се пријавува и оди да се бори за својата татковина. Тој и четворица негови другари неколку дена активно го бранат селото од нападите. Иако добива наредба да го напушти селото, Лазаревски останува на своја одговорност, храбро соочувајќи се со нападите. Успева да ги задржи терористите на ОНА, за да може селаните да се евакуираат и останува последен. По неколкудневната борба, Лазаревски е свесен дека повеќе не можат да го издржат притисокот и да возвратат на нападите. Тој им јавува на селаните и неговите најблиски да се евакуираат што е можно побрзо. Овој голем човек, останува храбро да се бори до крај. На 23 јули 2001 година, во 16 часот попладнето, на полицискиот пункт кај Лешок рафал го покоси Ѓоко Лазаревски. По укажаната прва помош во Тетовскиот медицински центар, тој беше пренесен во Клиничкиот центар во Скопје. Почина наредниот ден. Погоден во главата, Ѓоко ја завршува својата битка за Македонија.

Поради неможноста да биде погребан во родниот Лешок, кој во тоа време е освоен од терористите на ОНА, вечното почивалиште на Лазаревски се наоѓа на гробиштата во Општина Ѓорче Петров. По убиството на Ѓоко и освојувањето на Лешок терористите на ОНА ќе го срушат и Лешочкиот Манастир. Неможноста да биде погребан во своето родно село тешко ја погоди неговата мајка. Последните зборови на Лазаревски „Не ве остава Ѓоко вас", оставија траен белег кај неговите другари кои и во последните моменти беа со него, кај сите кои го познаваа, но и кај оние кои се свесни за неговото херојско дело. Многумина неговото дело го препознаваат во стиховите од поемата „Сердарот": „Бидете смели, нечесноста не ќе нè плаши. Спомнете си кој ви навредувал земја и нека срцата охрабрат Ваши".

Делата на Лазаревски, како и на сите останати вечно ќе се паметат. Херојството на македонските синови и нивната жртва ќе остане засекогаш запишана во македонската историја. Ѓоко зад себе остави сопруга со едно дете, што никогаш не го дочекал. Ѓокица Лазаревски посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р Македонија.[4]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. „Погребан Ѓоко Лазаревски — бранителот на Лешок“. Дневник. јули 2001. Посетено на 31 август 2015.[мртва врска]
  2. „Сеќавање на бранителот Ѓоко Лазаревски“. Нова Македонија. 26 јули 2015. Посетено на 31 август 2015.[мртва врска]
  3. „Споменик за Ѓоко Лазаревски во Лешок“. Нова Македонија. 28 јули 2014. Посетено на 31 август 2015.[мртва врска]
  4. „Медал за храброст за сите загинати припадници на вооружените сили на Република Македонија“. MKD.mk. 17 август 2012. Архивирано од изворникот на 2019-03-29. Посетено на 2019-03-29.