Славиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Славиште
Славишко Поле.JPG
Глетка од рамнината во средишниот дел на Славиште помеѓу селата Ранковце, Радибуш и Отошница
МестоРепублика Македонија
Висина на тлото550 м
Географија
Населени центриКрива Паланка

Славиште — котлина и етно-географска област околу изворот, горниот и средниот тек на Крива Река, во североисточниот дел на Македонија. Најголемо населено место во оваа котлина и нејзинo средиште е градот Крива Паланка. Во областа влегуваат околу 30 села.

Природно-географски и релјефни одлики[уреди | уреди извор]

Глетка од западниот дел на Славиште во околината на селото Отошница

Котлината Славиште се наоѓа во крајниот североисточен дел на Македонија[1]. Наоѓајќи се во изворишниот и средишниот тек од сливното подрачје на Крива Река, котлината е како вметната творба помеѓу Осоговските Планини на југ и планината Герман на север[1]. Поточно, Славиште е котлина спуштена во старата родопска релјефна маса, издолжена во главно во правец исток-запад[2]. Од север е оградено со планината Герман, на исток е планинскиот масив на Деве Баир, на југ е планината Осогово[2], со познатиот врв Калин Камен, а на запад е отворено кон долината на Пчиња во областа Средорек во Кумановско. Вкупната површина на Славиште изнесува 786 км2, а само 7000 хектари е рамничарско земјиште[1]. Котлината е формирана по тектонски пат во текот на терциерот[1]. Рамката на котлината е ограничена со раседи[1]. Основна одлика на релјефот на Славишката Котлина се големите висински разлики помеѓу котлинското дно и речните долини од една страна и планинските врвови со кои е ограничена областа, од друга страна. Додека најинската точка кај селото Крилатица изнесува 415 метри, највисоките врвови на околните планини Герман, Девебаир и Осогово се издигнуваат од 1580 до 2252 метри, при што висинската разлика помеѓу најниската и највисоката точка изнесува 1837 метри[2]. Според записите на Ѓорче Петров во книгата Материјали по изучувањето на Македонија од долината на реката Пчиња во Кумановско по ½ час движење низ една карпеста теснина се влегува во една крива и долгнавеста долина, која е всушност Паланечкото Поле[3]. Паланечкото Поле го сочинува закосеното подножје на паланечкиот Козјак[3]. Тоа е широко ½ - ¾ часа и долго 2 часа[3]. Завршува на југ со зелената долина во подножјето на Лисец, низ којашто протекува Крива Река[3]. Паланечкото Поле е мала котлина односно е многу мало и има облик на триаоглник чиишто агли се: Чифте-хани, Ветуница и Гулинци[3]. Во горниот крај, полето преку две ќошиња се задава на југоисток во Осогово преку долот на Дурачка Река и на североисток по Крива Река во аголот меѓу Козјак и Деве Баир[3]. Иако е со песокливо-глинеста почва, којашто е со слаб принос, ова поле е доста обработено. Славишкото Поле е исполнето со плиоценски езерски седименти[1]. Во плиоценските седименти во атарите на селата Ранковце, Гиновци и др. се јавуваат дебели пластови на бетонитски глини[1].

Граници[уреди | уреди извор]

Глетка од рамнината на Славиште во јужниот раб на подножјето на Осогово

На север, границата на Славиште се движи по билото и сртот на планината Герман по највисоките врвови Герман (1388 м.), Стража (1547 м.) и Чупино Брдо (1703 м.), што всушност претставува и вододелница помеѓу сливните подрачја и долините на Пчиња и Крива Река[2]. Кон исток, границата се протега по планинскиот масив на Деве Баир и неговите огранки, кои што ја сочинуваат вододелницата помеѓу сливните подрачја на Крива Река и Струма и воедно се поклопува со македонско-бугарската државна граница[2]. Највисоки врвови на источната граница на Славиште се Жеравинска (1460 м.), Коприва (1315 м.), Деве Баир (1199 м.) и Бождарица (1580 м.)[2]. Од југ границата ја сочинуваат Осоговските планини со своите огранки, кои што ја сочинуваат вододелницата помеѓу Крива Река и Брегалница минувајќи по највисоките врвови Руен (2252 м.), Царев Врв (2085 м.), Чатал-чешма (1824 м.), Костадиница (1645 м.) и Лисец (1527 м.)[2]. На западната страна, Славишката котлина има релативно добра поврзаност со Кумановската котлина по возвишенијата Уши (972 м.), Стацин (811 м.) и Висок Рид (844 м.)[2].

Поделба[уреди | уреди извор]

Во поглед на природно-географските одлики и управната поделба, во Славиште јасно се истакнуваат пределни целини на кои се дели целата област. Во тој поглед областа се состои од: алувијалната рамнина на Крива Река во средишниот дел на котлината со ридестиот терен лево и десно од течението и алувијалната рамнина и планинските падини. Овие пределни целини јасно се покажуваат по целиот профил на областа во правец од север кон југ, а на основа на нив се издвоиле и посебни климатски, хидрографски и почвени одлики кои нужно влијаат и на карактерот на стопанството, населените места и животот на населението со што дополнително се издвоени и по протегањето на самата котлина од исток кон запад[2]. Според карактеристиките и производноста Славишката котлина може да се раздели на два дела: 1) планински кој ги опфаќа сите планински села и 2) полски кој ги опфаќа сите полски рамничарски села[3]. Сепак, по производноста планинскиот дел пак се дели на два дела: осоговски и оној којшто се наоѓа меѓу левиот брег на Киселичка Река и Крива Река[3]. Во однос на управно-административната поделба целата област Славиште е сочинета од Општина Крива Паланка во источниот и Општина Ранковце во западниот дел.

Име[уреди | уреди извор]

Глетка од селото Гиновци во средишниот дел на Славиште, со огранките на Осогово на југ, во позадината

Во минатото, областа официјално била позната и нарекувана со името Славиште. Под името Славиште, кривопаланечкиот крај се споменува во повеќе пишани историски документи уште од Средниот век. Најстариот запис за областа под името Славиште се среќава уште во 11 век во грамота на византискиот цар Василиј II, каде се споменува τὴν Σλαβίστην. Под ова име областа се споменува и во XIV век[2], во грамот на кралот Милутин каде меѓу запишаното стои и по Славиштоу. Во XVI век односно 1580 година, во рамки на турските пописни дефтери со името Славиште е именувана посебна управна единица - нахија во рамки на Ќустендилскиот санџак [4]. Еден век подоцна, на крајот на XVIII век кога оваа област била жариштето на познатото Карпошово востание, во дневиникот на Арсение Чарноевиќ од 1683 се среќава записот въ Славиштком полю. Според научните претпоставки името Славиште потекнува од личното име Слав (-мир, љуб итн.) со значење на област која припаѓа и е во владение на Слав. Во XVII век во оваа област е основан денешниот град Крива Паланка, според кој, од тогаш, и целиот крај околу неа започнал да се нарекува Паланечко[2] или поретко Кривопаланечко. Старото име Славиште меѓу народот е во доста ретка употреба[2], но под влијание на неговата зголемена употреба во науката и стопанството каде тоа се користи во бројни географски, историски текстови како и за име на претпријатија и фирми, тоа повторно се враќа во сè поширока употреба.

Население[уреди | уреди извор]

Во областа Славиште, во рамки на општините Крива Паланка и Ранковце, во пописот од 2002 година имало 24.964 жители, од кои 14.558 во градот Крива Паланка, а 10.406 во селата. Миграцијата во областа е присутна со децении наназад, така што бројот на население постојано се намалува, а во минатото овој регион се карактеризирал со многу големи села и исклучително висок наталитет. Па така, според југословенскиот попис од 1931 година, во Кривопаланечкиот срез чии граници речиси се поклопувале со денешните на двете славишки општини, живееле 40.532 житела. Потоа околу две децении подоцна, во пописот од 1953 година, бројот опаѓа на 33.844 жители, кој сè уште покажува демографска стабилност, за денес според некои статистики да изнесува нешто повеќе од 22.000 жители.

Населението во сите населени места на целата област Славиште, речиси во целост или исклучиво е составено од Македонци (96,36%). Населението на Славиште, претставува изразита етнографска група[2] со свои препознатливи говор, обичаи, носии и особини. Македонското население во Славиште припаѓа на поголемата македонска етнографска група на Шопите. Со името Шопи или Шопје населението на Славиште се нарекува од жителите на соседната Кумановска област и од други западни краеви во Македонија, при што наведеното името Шопи почесто означува дека се тоа сурови или запуштени луѓе кои се заостанати во развојот[2], односно жители на повисоки и зафрлени ридско-планински предели. Жителите од Славиште, најмногу се познати под името Паланчани[2].

Земјоделство и стопанство[уреди | уреди извор]

Во земјоделското производство во Славиште, доминираат планинските (стрни) жита: 'рж, јачмен, овес, а се одгледува и квалитетен компир[1]. Стрните жита и компирот се одгледуваат на нивите на подножјата и планинските падини кои ја оградуваат котлината од север и југ, а на рамничарскиот дел на котлинското дно најмногу се одгледуваат пченката и пченица и во многу мал дел и градинарски култури. Славиште односно Кривопаланечко е надаелку прочуено и познато низ Македонија и блиските околни региони, токму по призводството на квалитетен компир на големи површини и во големи количества. Во плиоценските седименти во атарите на селата Ранковце, Гиновци и др. се јавуваат дебели пластови на бетонитски глини, на чии богати наоѓалишта работи рудникот Бентомак.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Андоновски, Томе. (2009). „Славишка Котлина“. Македонска енциклопедија 2: 1377. Скопје: МАНУ.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 Трифуноски, Јован (1976) (на српскохрватски). Кривопаланачка област. Загреб: ХАЗУ. стр. 298–301. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 150. ISBN 978-608-245-113-8. 
  4. Соколоски, Методија (1983) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 185.