Кркља

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кркља

Куќи во маалото Пашина Воденица на селото Кркља

Кркља во рамките на Македонија
Кркља
Местоположба на Кркља во Македонија
Кркља на карта

Карта

Координати 42°12′50″N 22°23′39″E / 42.21389° СГШ; 22.39417° ИГД / 42.21389; 22.39417Координати: 42°12′50″N 22°23′39″E / 42.21389° СГШ; 22.39417° ИГД / 42.21389; 22.39417
Регион  Североисточен
Општина  Крива Паланка
Област Славиште
Население 136 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1335
Повик. бр. 031
Шифра на КО 15025
Надм. вис. 800 м
Слава Духовден
Кркља на општинската карта

Атарот на Кркља во рамките на општината
Кркља на Ризницата

Кркља — село во областа Славиште, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Етимолошки толкувано, името на селото потекнува од турскиот збор „кркле“, што во превод значи „сече“, симболично означувајќи ја Кркљанска Река, која со длабок кањон го дели атарот на селото на два дела.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во областа Славиште, во источниот дел на територијата на Општина Крива Паланка, во изворишното сливно подрачје на Крива Река, недалеку од патот кој води кон Бугарија.[2] Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 900 до 1.160 метри. Од градот Крива Паланка, селото е оддалечено 9 километри.[2]

Куќите на ова поголемо село се наоѓаат на благите падини долж бреговите на Кркљанска Река, лева притока на Крива Река. Околни села се: Костур и Узем на исток, Жидилово на север и Варовиште на запад.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Селиште, Голем Лом, Бајрамова Корија, Гумова Ливада, Света Вода, Тошино Ѓубриште, Љуто Брдо, Вада, Ширина, Лештар, Клисура и други.[3]

Селото има разбиен тип. Се разликуваат маала кои имаат различен број на куќи, главно поделени по родови. Средишно маало е Ковачко Маало.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој во должина од околу 4 километри, ги поврзува сите маала во селото. На север се граничи со селата Киселица, Трново и Жидилово, на исток со селата Узем и Костур, на југозапад со селата Б’с и Варовиште и на запад со селото Дрење.

Село Кркља спаѓа во села од разбиен тип, со повеќе маала, како Лештарци, Назрци, Пајковци, Гелевци, Ковачи, Бошњаци, Божовци, Џиковци, Дрвенџици, Ширинци, Тукарци, Спасковци, Ѓурундапци, Бобевци, Куртаци, Љути Рид и други.

Историја[уреди | уреди извор]

Постојат многу малку преданија за името на селото и за неговото основање. Сепак се знае дека денешното село било во посед на Турци, што се забележува и од топонимите.[3]

Во историските извори, Кркља се споменува во XVI век. Најпрвин, е споменато во 1519 година како дервенџиско село со 35 домаќинства. Во периодот 1530/1531 година е споменато со 25 домаќинства, додека во 1573 година со 40. Како дервенџиско село е наведено и во 1700 година.[3]

Во XIX век, Кркља било село во Кривопаланечка каза на Отоманското Царство.

Во 1878 година, селото имало само 20 домаќинства, од кое потекнуваат сите денешни родови, додека денешните маала не броеле повеќе од две куќи. Потеклото на овие домаќинства е непознато Постепено ја откупиле земјата од Турците и се стекнало со своја.[3]

Во текот на Балканските војни, жителите пребегнале во Бугарија. Потоа, повторно се вратиле во селото.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 20,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 766 хектари, на пасиштата отпаѓаат 624 хектари, а на обработливото земјиште 541 хектар.[2]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]

Во минатото, жителите се занимавале со сточарство, шумарство и земјоделство. Некои мештани работеле и како мандраџии во бачила низ целата држава.[3] Во минатото, населението од ова село одржувало постојани економски врски со локалните Власи од Калин Камен, изразена преку размена на производи, најчесто волна, кожа, компири и слично.

Денес, најмногу се одгледува ситен добиток.

Дел од жителите на селото работат во рудникот „Тораница“. Дел од населението е вработено во новоотворената текстилна конфекција во соседното село Жидилово.

Селото е познато и по рибник-ресторанот сместен непосредно до Крива Река.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.101—    
19531.153+4.7%
19611.000−13.3%
1971904−9.6%
1981465−48.6%
ГодинаНас.±%
1991306−34.2%
1994318+3.9%
2002227−28.6%
2021136−40.1%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кркља имало 500 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Кркља имало 640 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

По Првата светска војна селото било дел од општината Дурачка Река и имало 743 жители.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 950 Македонци.[7]

И од ова кривопаланечко село емигрирал голем број од населението. Така, во 1961 година броело 1.000 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 318 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Кркља живееле 227 жители, сите Македонци.[8]

Во последните неколку години, забележано е масовно враќање во заборавените родни огништа, што резултираше со обновување на многу куќи, како и градење на голем број викендици по прекрасните падини на подножјето на Осоговските Планини.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 136 жители, од кои 112 Македонци и 24 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 500 640 1.101 1.153 1.000 904 465 306 318 227 136
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Кркља е чисто православно македонско село. Во селото воглавно има 12 родови, за кои нема податоци за нивното потекло.[3]

Родови во Кркља се: Ковачи (22 к.), најголем селски род, наречени по занаетот со кој се занимавале; Лештарци (21 к.), еден од најголемите родови, името го добиле по месноста Лештар, каде што им се наоѓаат и куќите; Дрвенџици (13 к.), куќите им се наоѓаат во тесната долина наречена Дервен; Бобеци (12 к.), сместени во истоименото маало; Тукарци (12 к.), имаат куќи во истоименото маало, името го добиле по прекар; Назарци (12 к.), имаат куќи во истоименото маало; Пашинци (10 к.), имаат куќи во истоименото маало; Ќурудабци (8 к.), сместени во истоименото маало; Ширинци (7 к.), живеат во истоименото маало; Груевци (5 к.), имаа посебно маало, основач на родот е Грујо; Бариштарци (4 к.), наречени по месноста Бара и Икинци (4 к.), живеат во посебно маало.

Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:[14]

  • Староседелци: Тричковци (5 к.), Бобевци (16 к.), Џиковци (9 к.), Марковци (6 к.), Тукарци (11 к.), Јаќимовци (3 к.), Бошњаци (5 к.), Кочовци (1 к.), Симоновци (1 к.), Шљапара (1 к.), Витковци (4 к.), Јаќимовци (3 к.), Митовци (2 к.), Чукарци (3 к.), Волевци (3 к.), Кадијци (2 к.), Каменарци (5 к.), Митровци (4 к.), Леќарците (1 к.), Трајчевци (1 к.), Ѓуринданци (9 к.), Гоговци (2 к.), Величковци (10 к.), Гоговци (4 к.), Шумарци или Митровци (3 к.), Кокошка или Маџов (1 к.), Ширинци (6 к.), Јанковци (4 к.), Шестак (1 к.) и Пашинци (6 к.).
  • Доселеници: Новоселци (2 к.), доселени се однекаде; Србјаци (7 к.), доселени се од некое место во Србија; Куртаци (5 к.), доселени се од некое место во Осоговијата и Назерци (26 к.), доселени се од некое село во Кочанско.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Месна заедница

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Жидилово, во која селото Кркља, се наоѓале и селата Жидилово, Костур, Узем и Трново. Во периодот 1950-1952, исто така, постоела Општина Жидилово, во која влегувале селата Жидилово, Костур, Кркља и Узем.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0963 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште во селото Жидилово.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 184 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Споменици
Реки[17]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Во селото постојат повеќе општи слави, кои се одбележуваат во различни маала. Сепак, една заедничка слава е Духовден.[3]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото се имаат иселено околу 120 домаќинства. Дел од иселеници бил во периодот меѓу двете светски војни, а најголем дел од нив се иселени по Втората светска војна.[3]

Иселеници се преселиле во Скопје, во кочанските села, во Штип и во Крива Паланка.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 164. Посетено на 22 јуни 2019.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1973). Кривопаланачка област. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 254–255.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 224.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 142-143.
  6. „Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София, 1917, с. 29“. Архивирано од изворникот на 2014-04-07. Посетено на 2021-08-13.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 22 јуни 2019.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. Величковски, Драган (2009). Славишки Зборник Бр.1. Крива Паланка: Градски Музеј - Крива Паланка.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 2 јуни 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 јуни 2019.
  17. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 40. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]