Ранковце

Од Википедија — слободната енциклопедија
Оваа статија се однесува на селото Ранковце. За истоимената општина, видете Општина Ранковце
Ранковце

Панорамски поглед на селото Ранковце

Ранковце во рамките на Македонија
Ранковце
Местоположба на Ранковце во Македонија
Ранковце на карта

Карта

Координати 42°10′54″N 22°7′22″E / 42.18167° СГШ; 22.12278° ИГД / 42.18167; 22.12278Координати: 42°10′54″N 22°7′22″E / 42.18167° СГШ; 22.12278° ИГД / 42.18167; 22.12278
Регион  Североисточен
Општина  Ранковце
Население 1.337 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1316
Повик. бр. 031
Шифра на КО 15046
Слава Мала Богородица и ден по Ѓурѓовден
Ранковце на општинската карта

Атарот на Ранковце во рамките на општината
Ранковце на Ризницата

Ранковце или Ранковци — село и општинско седиште на истоимената општина, сместено во областа Славиште, во североисточниот дел на Македонија.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Дел од главната улица во урбанизираниот дел на селото
Поглед на најсеверното маало на Ранковце, Ќурчинско Маало

Ранковце се наоѓа во средишниот дел на Славишко Поле[2], од десната страна на Крива Река. Селото е сместено на самиот коридор 8, по кој поминува магистралниот пат од Скопје и Куманово кон Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир на македонско-бугарската граница.

Самото село се состои од урбанизиран дел во кој се наоѓаат општинските установи, како и училиштето, сконцентрирани во близина на двете страни на магистралниот пат и маала од разбиен тип кои се наоѓаат на поголема далечина од самото средиште на селото. Крај самиот пат се наоѓаат повеќето општестевни установи како општинската зграда, поштата, автобуска станица, дуќани, во поголемиот дел од селото кој се наоѓа лево од патот се пазарот, полициската и противпожарната станица, додека десно од патот каде се градниката, амбулантата и спортската сала има повеќе нови куќи.

Ранковце е село од разбиен тип со раштркани маала коишто се издигнуваат на надморска височина од 490 до 570 метри[2]. Во самото село се наоѓа и устието на Ранковачка Река во Крива Река, како нејзина десна притока. Поголемиот дел од куќите се сместени на левиот брег на Ранковечката Река, но во поново време амбулантата, фабрички погон и повеќе нови куќи се изградени и на другиот десен брег на реката. Од градот Крива Паланка населбата е оддалечена 25 километри[2]. Воедно, селото претставува и општински административен центар на истоимената општина[2], во која покрај Ранковце, влегуваат уште 17 други села. Атарот на селото Ранковце зафаќа простор од 12,3 км2 на кој преовладува обработливото земјиште на површина од 959 ха, а на пасиштата отпаѓаат 124 ха[2].

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед на најсеверното маало на Ранковце, Ќурчинско Маало

Во Ранковце има многу старини и остатоци од разни културни и временски епохи. Јужно од селото крај патот Крива Паланка - Куманово е месноста Грански Дол, која е „скришно место“ помеѓу ридовите Суво Брдо, Бабунски Рид и Стар Камен и според кажувањата таму во земјата имало стари цигли, ќерамиди, остатоци од некогашни ковачници, „скривници“, а во минатото таму се копало ноќе со надеж дека ќе се најде злато[3]. Во истиот предел на возвишение високо 544 помеѓу споменатиот пат и долината на Крива Река на почетокот на нејзината долга клисура помеѓу Кривопаланечко и Кумановско, кое е природно предодредено да служи за заштита и одбрана од напади, некогаш постоела мала тврдина според која најверојатно има поврзаност името Градски Дол[3]. За време на Втората светска војна при работата за трасирање на железничката пруга, на голема површина во месноста Мал Камен биле откопани стари гробишта во чии гробови биле откриени „многу големи“ коски[3]. Во средновековниот период во XVI век, во записи од неколку пописни дефтери од 1570 година се споменува селото Хранковци кое припаѓало на нахијата Славиште во Ќустендилскиот санџак. Во вториот пописен дефтер се споменува и било регистрирано дека ова село било ослободено од сите редовни и вонредни државни даноци поради вршењето на дервенџиска служба за безбедност на патниот сообраќај, поради што тоа и во другите пописи е забележано за дервенџиско за што сведочи фактот што во селото имало мартолози - по име Миленко Продан и Павле Радослав[4]. Во пописниот дефтер од 1570 е запишано дека во тогашно Хранковци живееле 49 македонски христијански семејства и 33 неженети, кои произведувале пченица, мешано жито, леќа, грозје, вино, бостан, овошје, сено, лен, чувале свињи и улишта со пчели, а работеле и 2 воденици на жители на селото, за што се остварувале приходи и давачки во севкупен износ од 5249 акчиња[4]. Споменато е и дека кон неговиот атар припаѓала мезрата Бодиловци, а на неговиот синор земја обработувале жители од селата Блатец, Утрешница, Радогожде, Седларци и Станчево за што плаќале данок вклучен во приходот на самото село, додека пак жители на Ранковце обработувале земја на мезрата Грамада[4]. Сепак од ова население не останале потомци, зашто поради нешто тоа било иселено и исчезнало[3]. Главна причина за тоа може да е централната местоположба на главниот пат и сообраќајните врски која влијаела за изложеност на напади или пак масовно учество на мартолозите во познатото Карпошово востание, чие средиште било токму во овој предел на Македонија. Денешните македонски родови кои живеат во селото Ранковце воглавно се доселиле на почетокот на XIX век од Кратовско и Кумановско, при што селото на почетокот имало само 13 домаќинства[3]. До крајот на отоманското владеење селото пораснало на 50 куќи, а сето обработливо земјиште на атарот било во посед на чифликот на некојси Бари-бег од Крива Паланка, кого во селото со години го застапувал некојси албанец Насуф-ќаја[3]. Во селото имало и беговска кула која што се наоѓала недалеку од селската црква[3]. Недалеку од чифликот биле местата Десетак каде се собирал десетокот од житото и Кулин Камен од каде што селаните биле повикувани кога требале да работат на чифликот[3]. По 1912 година дел од земјата била откупена, а останатиот дел бил доделен на селаните преку аграрната реформа[3]. Според кажувањето на селаните на месноста Селиште, каде денес се наоѓаат училиштето, црквата и гробиштата, имало „село од Римјаните“ од кое тие во нивите изорувале остатоци од некогашни куќи и стари огништа[3].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Ранковце e од македонско потекло. Најстариот пишан запис потекнува од XVI век каде во турските дефтери од 1570 година е запишано како Хранковци[5]. Потеклото на името доаѓа од личното име Ранко односно Хранко кое е скратена или нагалена форма - хипокористица од името Храни- мир, -слав, а обликот Ранковце има значење на постаро семејно име Хранковци настанато од атрибутската синтагма (Х)Ранкови деца, синови од личното име (Х)Ранко[5]. За настанокот на името меѓу населението постојат и 2 преданија. Според едното предание кое постои како легенда во Ранковце, се вели дека во овој најплоден дел на кривопаланечко Славиште, во средниот век живеел некој кнез или господар по име Милутин кој живеел во сегашното село Милутинце и кој имал три ќерки: Ранка по која е наречено Ранковце, Рада по која е наречено Радибуш и Љуба по која е наречено Љубинци[3]. Другата легенда за настанокот на името на селото вели дека во селото живеел некој ковач кој секое утро многу рано започнувал со работа во ковачницата - „ран ковач[3].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Дел од главната улица во урбанизираниот дел на селото

На основа на составот на атарот, селото во основа има поледелска функција[2], меѓутоа поради значајната местоположба и општествено-управното значење на Ранковце значаен дел од жителите се занимаваат и со други стопански дејности од второ и третостепен вид. Селаните главно се занимаваат со полјоделство и тоа со одгледување на житни и градинарски култури и тоа најмногу пченица (најголемо производство во цело Славиште) и пченка како и пипер, домат, компир, грав и тиква, додека од стока најмногу се одгледуваат свињи и живина, а во многу помала мера и кози и крави главно за лични потреби, при што дел од свињите се продаваат и на сточните пазари, меснарници во Куманово, Крива Паланка, скопско Трубарево и кочанско Облешево, а од 1954 година во селото Ранковце постои мал сточен пазар за околните села кој се одржува во вторник[3]. Во пазарните денови (сабота) жителите на Ранковце ја посетуваат не само Крива Паланка, туку и Кратово, иако во помала мера[3]. Од стопански објекти, во селото се наоѓаат објектите на млинот „Славишка мелница“, конфекцијата „Карпош“ и ТП „Славишко Поле“. Исто така, во селото постојат повеќе угостителски објекти. Во непосредна близина на Ранковце постои богато наоѓалиште на полиминералот составен од зеолит, бентонит и биатомит кое е дел од неколкуте блиски и богати наоѓалишта на бетонитски глини кои ги исцрпува рудникот Бентомак, во која голем дел од вработените се жители на селото. Значаен дел од жителите на Ранковце се занимаваат и со градежништво односно ѕидарство, изработка на фасади, плочки, столарство и изработка на мебел за покуќнина и други занаетски доработки, авто-превоз на стоки со камиони во државата и странство. Во селото има пазар, а работат и неколку продавници, ресторани и угостителски објекти, сендвичарница, берберница и други трговски дуќани. Во втората половина на XX век во Ранковце имало земјоделска задруга која била припоена на работната организација „Малина“ со седиште во Крива Паланка[3].

Население[уреди | уреди извор]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.050 Македонци.[6]

Според пописот од 2002 година, во Ранковце живееле 1.192 жители.[7] Најголем дел од жителите или 1.133 жители се изјасниле како Македонци. Во поглед на верската припадност, најголемиот дел се изјасниле како православни христијани. Поради поволната местоположба и одличната и значајна сообраќајна поврзаност, во селото Ранковце има добри услови за живеење, поради што тоа бележи стабилност на бројката на своите жители. Така, во 1961 година селото броело 1.441 жител, во 1994 година бројот се намалил на 1.007 жители од кои 936 Македонци, 36 Роми и 4 Срби[2], а на последниот попис во 2002 година забележало зголемување за 185 лица или 18,73%, што се должи на природниот прираст од раѓањето и доселувањето на жители од околните повисоки планински места.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.337 жители, од кои 1.113 Македонци, 1 Турчин, 137 Роми, 4 Срби, 4 останати и 78 лица без податоци.[8]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Ранковце.

Година Македонци Турци Роми Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1953 1.418 7 5 2 1.432
1961 1.415 5 21 1.441
1971 1.001 20 6 3 9 1.039
1981 689 3 41 4 7 744
1991 920 1 6 5 6 938
1994 963 36 4 4 1.007
2002 1.133 53 1 5 1.192
2021 1.113 1 137 4 4 78 1.337

Родови[уреди | уреди извор]

Во Ранковце отсекогаш, па сè до денес живее доминантно мнозинство на Македонци од православна вероисповед, и сосема мал број на Роми. Сите родови во селото потекнуваат од предци коишто се доселени[3]. Македонски православни родови кои живеат во Ќурчинското Маало се: Ќурчинци (слават Свети Никола) доселени пред околу 210 години од Кратовско со родослов Тримче (на 52 години во 1975)-Тодос-Јован-Трајан-Иван чиј татко се доселил, Козарци (слават Петковден), Миташкови (славаат Св. Никола) и Пачугови (слават Св. Архангел)[3]. Во Зердинското маало живеат следните македонски родови: Зердини (слават Св. Никола), Ќосеви (слават Воведение на Пресвета Богородица Пречиста), Неделкови (слават Свети Јован) и Пузини (слават Св. Јован)[3]. Во Кокинското Маало живеат следните македонски родови: Кокинци (слават Св. Архангел) се доселиле од селото Кокино во Кумановско во исто време кога и родот Ќурчинци, Узунци (слават Воведение на Пресвета Богородица Пречиста) и Димишковци (слават Св. Архангел)[3]. Во Крајчиновото Маало живеет македонскиот род Крајчини со повеќе огранки од кои едни се викаат Црвенци, а жителите слават различни слави како Св. Архангел, Св. Никола и Св. Јован[3]. Ромските родови во турско време сите биле муслимани и имале посебни гробишта во правец на Радибуш, но од втората половина на ХХ поединци почнале да добиваат христијански имиња, па во седумдестите години на XX век се забележани следните имиња: Драган, Стојанче, Раде, Јусуф, Алида, Шабан, Ќуле, сите дома говореле ромски јазик и се занимавале со коваштво[3].

Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Ќосевци (10 к.), Беделци и Бедевци (10 к.), Миташковци со Зердинци (19 к.), Неделковци (10 к.), Пузинци (5 к.), Самарџијци (2 к.), Пачуговци (5 к.), Баковци (4 к.), Ќурчијинци и Аџијци со Петровци (29 к.), Умарци (1 к.), Малчинци со Копинци (1 к.), Узунци (3 к.), Жута (1 к.), Аџија (2 к.), Санчкови (3 к.)
  • Со непознато потекло: Маринковци (2 к.), Варашанци или Варашанка (1 к.), Лопурци (2 к.) и Никашковци (3 к.)
  • Доселеници: Крајчинци или Нешинци (3 к.) доселени се пред 1865 година од некое село кај Ќустендил во Бугарија; Маџарци (3 к.) доселени се однекаде околу 1878 година; Козарци (6 к.) доселени се од некое село Козарево во велешката страна на Овче Поле; Кокинци (14 к.) доселени се околу 1829 година од селото Кокино кај Куманово; Црвењаци (2 к.) доселени се околу 1865 година од селото Црвењак кај Ќустендил; Копитарци (3 к.) доселени се од селото Радибуш; Димковци (4 к.) доселени се околу 1890 година од селото Отошница; Гредељ (1 к.) доселени се околу 1900 година од селото Псача; Магдини (1 к.) доселени се во 1920 година од селото Опила; Вргинци (6 к.) доселени се во 1934 година од селото Радибуш.[9]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Полициската станица во селото Ранковце
Територијалната противпожарна бригада на Ранковце

Како општинско седиште и административен центар на Општина Ранковце, во селото се наоѓаат бројни општински и општествени установи:

Образовни
Здравствени
  • Амбуланта
Општински
  • Општинската зграда
  • Полициска станица
  • Територијална противпожарна единица Ранковце
  • Пошта
  • Месна заедница „Ранковце“
Други
  • Ветеринарна станица
  • Јавно комунално претпријатие
  • Спортска сала

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Поглед на општинската зграда на Општина Ранковце

Селото се наоѓа во Општина Ранковце, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Од 1912 до 1962 година, Ранковце било средиште на општина во чиј состав влегувале 18 околни села[3]. Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка, додека во периодот по војната од 1957 до 1962 година селото било седиште на некогашната општина Ранковце, каде што се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото исто така било седиште на тогашната општина Ранковце, во која покрај Ранковце се наоѓале и селата Ветуница, Вржогрнци, Гулинци, Љубинци, Одрено, Опила, Отошница, Радибуш и Станча. Самата Општина Ранковце била дел од Кривопаланечката околија. Општината Ранковце постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[11]
Реки
Споменици

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Во Ранковце се одржуваат два годишни собори: еден на денот на празникот на Рождеството на Пресвета Богородица попозната како Мала Богородица кога е црковната слава и друг на еден ден после Ѓурѓовден кога има селска прослава[3]. Поради поволната положба и добрата сообраќајна поврзаност крај главниот пат, собирите во Ранковце се доста посетени[3]. Во периодот по завршувањето на Втората светска војна па сè до седумдесеттите години, секој петок во Ранковце се одржувале приредби за младината од околните села[3]. По престанокот, иако повеќе не се одржувале приредбите, сепак на тој ден младите луѓе се собирале кај автобуската станица[3].


Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 254. ISBN 9989-862-00-1.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 3,23 3,24 3,25 Трифуноски, Јован (1976). Кривопаланачка област (српскохрватски). Загреб: ХАЗУ. стр. 298–301.
  4. 4,0 4,1 4,2 Соколоски, Методија (1983). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 198–199.
  5. 5,0 5,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 137–138. ISBN 978-608-220-026-2.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. Величковски, Драган (2009). Славишки Зборник Бр.1. Крива Паланка: Градски Музеј - Крива Паланка.
  10. „Нов клон на градинката „Детелинка" во општина Ранковце“. Скопје: Телевизија Едо. 29 декември 2013. Посетено на 27 јануари 2016.[мртва врска]
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]