Кокино
| Кокино | |
Поглед на дел од селото Кокино | |
| Координати 42°15′38″N 21°56′31″E / 42.26056°N 21.94194°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Козјачија |
| Население во атар1 | 21 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1302 |
| Повик. бр. | 031 |
| Шифра на КО | 17048 |
| Надм. вис. | 620-840 м |
Објаснувања за населението 1 Државниот завод за статистика го пресметува населението врз основа на бројот на жители кои живеат во рамки на атарот на населеното место
| |
Кокино — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово. Во близина на селото се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа речиси во средишниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, како и на самата ридско-планинска област Козјачија.[2] Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 620 до 840 метри. Од градот Куманово е оддалечено 31 километар.[2]
Низ селото поминува регионалниот пат 2244.
Селото се наоѓа во изворишниот дел на Драгомански Дол, лева притока на Пчиња. Околни села се Арбанашко на североисток, Бајловце на југ, Жегљане на запад и други. Водата за пиење доаѓа од бунари и извори, меѓу кои поважни се Росуља, Ровина, Под Камен, Кладенец и други.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Змијино Брдо, Самарак, Колчаст Камен, Луг, Бели Брег или Мрамор, Бајловски Дол, Бојков Кладенец, Меќник, Татиќев Камен (опсерваторијата Кокино, 1.012 м.), Татин Дол, Голи Врв, Блатец (664 м.), Прашчар, Лениште, Чаушица, Старо Село, Црквиште, Рупак, Црвени Ниви и Манастириште.[3]
Самото село е поделено на седум маала: Буковско, Каленчарско, Ресавско, Мајсторовско, Лениште, Чукар и Ќукинско. Главниот дел на селото се наоѓа во Ресавското Маало.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]
Во 2001 година, на месноста Татиќев Камен случајно била откриена опсерваторијата Кокино, која потекнува од раното бронзено време.
За самата историја на селото има многу малку податоци. Сепак, одредени податоци говорат дека на местото на селото се наоѓала стара населба, чии остатоци може да се видат на месностите „Црква“ и „Манастириште“. Месноста „Црква“ се наоѓа во западниот дел на селото на потегот Рупак, каде се наоѓаат остатоци на некогашна црква, а околу нив се наоѓаат селските гробишта.[3]
Месноста „Манастириште“, пак, се наоѓа во средишниот дел на атарот на селото, кај денешното селско училиште. Самото месно население вели дека тоа било „римски манастир“. Самото наоѓалиште било откриено при орање на нива, при што се откриени земјени темели на ѕидови и еден саркофаг, во кој се наоѓале три черепи.[3]
По народно предание, старата населба на местото на Кокино, пропаднала и со време целосно исчезнала. Веројатно тоа се случило во текот на XVII век за време на австриско-турската војна, кога настрадале и други селски населби.[3]
Денешното Кокино било основано од жители донесени од еден кратовски бег на негова земја. Жителите на селото потекнувале од разни краеви од Србија. Биле донесени од одредени Арбанаси и Турци во Куманово како заробеници по задушувањето на Караѓорѓевото востание во 1813 година и тука биле продадени. Меѓу нив била и една жена со синот, од кој потекнува денешниот селски род Ресавци. Тој се оженил со девојка од кумановското село Цвиланце.[3]
Во текот на основањето на селото на почетокот на XIX век, Кокино било село од збиен тип. Куќите се наоѓале на потегот Старо село. Околу 1860 година, жителите изградиле нови куќи на местата на трлата. Така, селото почнало да го добива својот денешен изглед и издвоените маала.[3]
На почетокот на XIX век, селото било поседувано од кратовски бег, како и другите села во источниот дел на Кумановско. Жителите на селото за тоа плаќале со злато.[3]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа површина од 8,1 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 465 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 272 хектари, а на шумите 57 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]
До крајот на Втората светска војна, во селото добро се развило сточарството, особено одгледувањето овци. Земјоделството било ограничено на мали површини.[3]
Население
[уреди | уреди извор]Население во минатото | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
![]() | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Кокино имало 404 жители.[4]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Кокино имало 400 жители.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[6]
Кокино е мало село, коешто во 1961 година броело 248 жители, а во 1994 година 59 жители, од кои 55 биле Македонци, а четири жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Кокино имало 48 жители, од кои 46 Македонци и 2 Срби.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 21 жител, од кои 19 Македонци и 2 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 404 | 400 | 255 | 263 | 248 | 178 | 105 | 70 | 59 | 48 | 21 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
[уреди | уреди извор]Кокино е македонско село. Целото население потекнува од доселени родови.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото се: Ресавци (8 к.), основачи на селото и веројатно потекнуваат од некое село во Ресава, Србија; Мајсторовци (5 к.), Доданци (3 к.) и Ѓукинци (2 к.), за кои се велело дека се „едно племе и со потекло од Србија. Секој род имало посебно маало. Куќата на Доданци се наоѓала во маалото Лениште, па поради тоа биле наречени и Леништани, во родот Мајсторовци се знае следното родословие: Краљо (жив, 51 години во 1971 г.)-Спиро-Алексо-Павле-Крсте, основачот на родот, тој имал четири синови Павле, Деспот, Велко и Паун, од него се овие родови; Буколовци (5 к.), доселени се после претходните родови, можно е да се и тие од Србија (Горна Пчиња); Каленчарци (8 к.) и Кајсторовци (2 к.), доселени се од селото Алгуња, се доселил Младен, дедото на денешните жители.
До крајот на Втората светска војна, домаќинствата на родот Стубличани (5 к.) биле запишувани како жители на Кокино, но потоа како жители на Арбанашко. Сепак, родот изумрел и тие се закопани на гробиштата во Кокино.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Првите жители главно се иселувале во Белград и Банат, каде се претпоставува дека има околу 20 домаќинства од ова село.[3]
Специфично се знае за следниве иселеници: Додевци (2 к.) и Ристевци (2 к.), иселени по Првата светска војна во Бедиње, Денкови (1 к.) и Милеви (1 к.), иселени во Дељадровци, иселеници (5 к.) во Скопско, а стари иселеници имало и во Ранковце, како и во Коќура, Горна Пчиња (Деда Стојковци, 26 к.).[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
- Поглед на старото училиште
- Поглед на старото училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Кокино било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Куманово. Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Кокино се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Жегљане, Карловце, Коинце, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Жегљане, во која влегувале селата Жегљане, Карловце, Кокино, Коинце и Степанце.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1174 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[13]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта
- Кокино — археолошко наоѓалиште и мегалитска опсерваторија.
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Кокино
- Роса Пауновска (1875 - 1971) — изведувач на народни песни
- Маса Јовановска (р.1895 ) — учесник во НОВ на Македонија
Галерија
[уреди | уреди извор]- Поглед на Кокино
- Мегалитската опсерваторија Кокино
- Поглед на дел од селото Кокино
- Маало на Кокино
- Маало на Кокино
- Маало на Кокино
- Маало на Кокино
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 154. Посетено на 1 септември 2026.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област : сеоска насеља и становништво. Скопје. стр. 109-112.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 1 септември 2026.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.



