Гулинци (Кривопаланечко)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Гулинци
ЕкспедицијаРанковце26.jpg

Поглед на Мишинско Маало во селото Гулинци

Гулинци is located in Македонија
Гулинци
Местоположба на Гулинци во Македонија
Координати 42°13′27″N 22°3′41″E / 42.22417° СГШ; 22.06139° ИГД / 42.22417; 22.06139Координати: 42°13′27″N 22°3′41″E / 42.22417° СГШ; 22.06139° ИГД / 42.22417; 22.06139
Регион Logo of Northeastern Region, North Macedonia.svg Североисточен
Општина Coat of arms of Rankovce Municipality.svg Ранковце
Население 19[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1316
Повик. бр. 031
Надм. вис. 782 м
Гулинци на општинската карта
Гулинци во Општина Ранковце.svg

Атарот на Гулинци во рамките на општината
Commons-logo.svg Гулинци на Ризницата


Гулинци — село во Општина Ранковце, сместено во областа Славиште, во североисточниот дел на Македонија. Селото се наоѓа на јужните падини на планината Герман.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на крајниот западен дел на територијата на Општина Ранковце, односно во Славишкото Поле и атарот на селото се граничи со соседната Општина Старо Нагоричане[2]. Селото е од разбиен тип со раштркани маала кои што се наоѓаат на надморска височина од 700 до 1000 метри[2], расположени на јужната падина и подножје на планината Герман. Куќите на ова село се наоѓаат на страните на познатото возвишение Гоглин или Гуглин (1.198 м.н.в.) и во доловите[3]. Од градот Крива Паланка селото Гулинци е оддалечено 33 километри[2], а општинското средиште Ранковце е оддалечено седум километри. Селото не е директно поврзано со Ранковце и другите околни места, иако во близина на селото поминува локалниот пат кој води до селото Герман. Соседни села на Гулинци се Отошница на југоисток, Дренак на југозапад и Осиче во Кумановско на запад[3]. Поради ваквата местоположба, во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, Ѓорче Петров го споменува Гулинци како гранично село на Кривопаланечката со Кумановската каза, и воедно го определува како еден од трите агли на малото и триаголно на вид Паланечко поле[4]. Атарот на Гулинци зафаќа површина од 7,6 км2 и на него преовладуваат пасиштата на површина од 318,8 ха, потоа следи обработливото земјиште на површина од 125,1 ха, додека на шумите отпаѓаат 97,5 ха[2]. Селото Гулинци лежи во појасот на мешовита листопадна и зимзелена шума од даб, бука, јасика, борови и елки.

Историја[уреди | уреди извор]

Во селото Гулинци има старини и остатоци од разни историски периоди и тоа најмногу на местата Гуглин и Манастириште. Според кажувањата на темето на врвот Гоглин (Гуглин) има ѕидини од некогашна тврдина, се познаваат остатоци од стари патеки, војнички ровови и др., а според селаните таму престојувале разни војски па дури и за време на Втората светска војна. Народното предание исто така наведува дека на месноста Манастириште која што се наоѓа во буковата шума на источната падина на Гоглин, некогаш постоел богат манастир посветен на Свети Илија, кој имал обработлива земја во Ветуница, пчеларници во Вржогрнци и сточарски трла во Осиче, а околу него било старото село Гулинци. Дека постоело старо село Гулинци во средновековниот период има пишан доказ од XVI век, во записи од неколку пописни дефтери од 1570 година се споменува селото Гулинци кое припаѓало на нахијата Славиште во Ќустендилскиот санџак и било тимар во кој живееле 16 македонски христијански семејства и 16 неженети, кои произведувале по 28 товари пченица и мешано жито, уров, леќа, граор, грозје, вино, бостан, овошје, сено, лен, чувале свињи и улишта со пчели, за што се остварувале приходи и давачки во севкупен износ од 2943 акчиња[5]. Во овој запис е забележано и дека кон селото Гулинци било додадено ненаселеното село Петрошница на чиј заеднички синор со Круешвјани се одгледувале жита и други зрнести култури, лен, бостан и слама во вредност од 703 акчиња[5]. Како и повеќето околни и соседни села во Кривопаланечко, и во селото Гулинци е забележано дека живеел мартолоз - по име Дабижив Данин, кој бил ослободен од плаќање на данок[5]. Подоцна манастирот и селото биле уништени, а сета земја „обраснала и била пустина“, поради што според потеклото на сегашното население, Гулинци не е многу старо село[3]. Него го основале доселеници на почетокот на XIX век, околу 1815 година, за кои се вели дека „тука се присобирале како бежанци од разни страни“[3]. На потегот Манастириште, после Првата светска војна, селаните изградиле мало манастирче со соби за преноќување, крај кој два пати годишно се одржуваат собори за Илинден и Велики Петок, а манастирот редовно е посетуван и од жители на другите села, обично секој петок и недела поради лечење на болести од двата лековити извори за чии води се верува дека лечат очи и изгореници[3]. Меѓу селаните се вели и преданието дека во некое време во селото имало голема болест - чума, заради што двајца браќа близнаци со два црни вола го заорале Гулинци, по што чумата веќе никогаш не се појавила. Во 1911 година во селото Гулинци во борба со турскиот аскер биле убиени 12 србомански четници[3]. Од селскиот род Алексинци потекнува познатио македонски народен херој Христијан Тодоровски - Карпош, кој е роден во Куманово каде се доселил неговиот татко Анѓелко од Гулинци[3]. Во негова чест е именувано селското училиште[1], денес подрачното ОУ „Христијан Тодоровски - Карпош“ - Ранковце.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Како што е споменато, селото Гулинци се наоѓа и е сместено на падините на возвишението Гуглин (Гоглин), поради што од мештаните се смета дека селото најпрвин го добило името Гуглинци, а подоцна го добило сегашниот облик на името - Гулинци[3].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото Гулинци има поледелско-сточарска функција[2]. Во селото нема никакви стопански и услужни објекти, а самото преостанато население претежно се занимава со полјоделство и сточарство од мал обем. Од поледелството, како и во целиот кривопаланечки крај, најзатапено е одгледувањето на квалитетен компир, кој се одгледува и од иселени жители кои имаат свои ниви, како и од жители на други околни места, а во многу мала и незначителна мера се одгледуваат и жита. Од сточарството најзастепно е одгледувањето на помал број на кози. Во селото има и овошни дрвја како сливи, круши, јаболка, ореви чии плодови ги собираат или преработуваат жителите и оние кои имаат потекло и свои куќи во селото.

Население[уреди | уреди извор]

Гулинци е мала населба, од која што некои маала се сосема раселени[2]. Во селото е силно изразено иселувањето, што може да се погледне и од податоците од самите пописи на населението. Во 1961 година, селото броело 309 жители, со големо опаѓање од 35 во 1994 и само 19 жители, сите Македонци во 2002 година.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 300 360 289 275 309 190 111 53 35 19
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Гулинци од секогаш па сè до денес е населено во целост и исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Од еден ист предок потекнуваат следните селски родови: Гугинци, Стоинковци, Мутинци, Савинци и Алексинци кои што се првите доселеници и основачи на селото[3]. Од некаде на ова место околу 1815 година, односно пред 200 години, се доселил татко со пет синови, при што секој од нив основал посебно маало, кои имаат најдобра земја[3]. Славата им е Св. Јован зимен, а во родот Стоинковци се знае следниот родослов Јане (на 70 години во 1975)-Алеско-Спасе-Алексо чиј татко се доселил[3]. Од споменатиот род Алексинци потекнува македонскиот народен херој Христијан Тодоровски - Карпош, кој е роден во Куманово каде се доселил неговиот татко Анѓелко од Гулинци[3]. Останати селски родови се: Мишинци (слават Св. Архангел) кои дошле од соседната Отошница, Ристинци (слават Св. Отци) со непознато место на иселување, Младеновци и Куранци (слават Св. Никола) и Росоманци и Беговци (слават Св. Архангел) со исто така непознато потекло на доселување, Ивковци (слават Св. Архангел) доселени од соседното село Осиче во Кумановско, Гологиринци (слават Св. Спиридон) и Заинци (слават Митровден) не ја знаат својата старина, Пупунци и Шамилци (слават Св. Богородица Пречиста) се доселил нивен предок од Кратовско кој тука изградил куќа „на кривулак“[3].


Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Ранковце, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка, додека во периодот по војната од 1957 до 1962 година селото се наоѓало во рамките на некогашната општина Ранковце, каде што се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото исто така било дел од тогашната општина Ранковце, во која покрај Гулинци се наоѓале и селата Ветуница, Вржогрнце, Лубинци, Одрено, Опила, Отошница, Радибуш, Ранковце и Станча. Самата Општина Ранковце била дел од Кривопаланечката околија. Општината Ранковце постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[9]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 30 март 2013. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 89–90. ISBN 9989-862-00-1. 
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован (1976) (на српскохрватски). Кривопаланачка област. Загреб: ХАЗУ. стр. 302–303. 
  4. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 390-391. ISBN 978-608-245-113-8. 
  5. 5,0 5,1 5,2 Соколоски, Методија (1983) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 234-235. 
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]