Радибуш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Радибуш
ЕкспедицијаРанковце31.jpg

Поглед на селото Радибуш

Радибуш is located in Македонија
Радибуш
Местоположба на Радибуш во Македонија
Координати 42°12′59″N 22°6′36″E / 42.21639° СГШ; 22.11000° ИГД / 42.21639; 22.11000Координати: 42°12′59″N 22°6′36″E / 42.21639° СГШ; 22.11000° ИГД / 42.21639; 22.11000
Регион Logo of Northeastern Region, North Macedonia.svg Североисточен
Општина Coat of arms of Rankovce Municipality.svg Ранковце
Население 157[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1316
Повик. бр. 031
Надм. вис. 563 м
Слава Света Петка
Радибуш на општинската карта
Радибуш во Општина Ранковце.svg

Атарот на Радибуш во рамките на општината
Commons-logo.svg Радибуш на Ризницата


Радибуш — село во Општина Ранковце, во околината на градот Крива Паланка.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на Радибушка Река низ селото

Селото Радибуш се наоѓа во средишниот дел на Општина Ранковце и е сместено во Славишкото Поле[2]. Претставува ридско-планинско село и е од разбиен тип, со повеќе оддалечени маала на надморска височина од 530 до 690 метри[2]. Куќите на Радибуш лежат на пространо полупланинско земјиште околу Кривокаменската и Станчанската Река од чиј состав настанува Радибушката или Ранковечката Река. Селото е сместено е на допирот на подножјето од јужната падина на планината Герман и рамнината на котлинското дно во етно-географската област Славиште, Кривопаланечко. Од градот Крива Паланка е оддалечено 27 км[2] во западен паравец, а на 4 км источно од општинското средиште Ранковце. Низ самото село, непосредно пред неговиот влез, поминува Радибушка Река. Од општинското средиште Ранковце е оддалечено четири километри, од каде што води асфалтен пат, кој е во добра состојба. Околни села се: Ранковце на југ и југозапад, Отошница и Станча на запад, Герман на север, Криви Камен и Милутинце на исток[3]. Радибуш е село со изразито разбиен тип, и се дели на онолку маала колку што има и селски родови: Канџеревска, Џелепска, Сугаревска[1]. Најглавниот дел на Радибуш е Речко маало кое се наоѓа во најдолниот дел на селото на составот на двете рекички Кривокаменска и Станчанска[3], поради што најверојатно го добило и името Речко. Во оваа маало се наоѓаат селската црква и основното училиште. Атарот зафаќа површина од 17,4 км2 на кој обработливото земјиште зазема површина од 596 хектари, на пасиштата отпаѓаат 577 ха, а на шумите 160 ха[2]. На север од селото по падината на Герман се простира густа зимзелена елова и борова шума, а по течението на Радибушка Река во и околу селото се застапени се и доста листопадни дрвја како ореви, јавори, тополи, јасики и дабови. Според последниот попис имало 157 жители.

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед на главната селска црква „Св. Петка“ изградена 1859, а обновена 1885 г. (XIX век)

Селото Радибуш има долга историска традиција, како на основа на археолошките наоѓалишта, така и врз основа на пишаните извори од средниот век. На атарот на селото има две месности со име Градиште каде што во минатото се наоѓале тврдини[3]. Помалку значајно е Градиште, во горниот дел Радибуш на границата со селото Герман. Доста поважна и позначајна била тврдината на Градиште кај денешеното Речко маало, на составот на Кривокаменската и Станечката Река, што се наоѓа во долниот дел Радибуш[3]. Тврдината се наоѓала на голем рид, на околу 650 метри надморска височина при што има природна полжба која е предодредена да биде заштита и одбрана од упади. Затоа, таму од памтивек имало тврдина. На површината на земјата се наоѓаат остатоци од различни старини. Меѓу народот се вели дека на тоа место на споменатото градиште постоела населба - град, наречен Радовиш(те), од чие што име настанало името на селото Радибуш[3]. Се верува дека на ова Градиште постоел и манастир. Постоењето на овие две градишта може да се поврзе и потврди со постоењето на две села во Славиште кривопаланечко со име Горно и Долно Радибужда кои се среќаваат во пишаните документи од XIV и XVI век. Имено, селото Радибуш, најпрвин се сретнува под името Радибужда односно Горно Радибужд, во грамота на царот Стефан Душан од XIV век, кога во 1342 - 1345 година го приложил на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид[3]. Во пишаните извори во истиот XIV век, селото Радибуш, повторно се споменува во 1358 година, кога познатиот властелин од овој крај - Влатко кој го подигнал блискиот манастир Свети Никола над Псача, подарил неколку села од кривопаланечко Славиште на манастирот Хиландар на Света Гора[3]. Меѓу приложените села било и селото Радибужда[3]. Во турските пописни дефтери од XVI век односно 1580 година, во рамки на нахијата Славиште во Ќустендилскиот санџак се среќаваат селата: Радибожде со 20 христијански македонски семејства и Долно Радибожде со 21 христијански македонски семејство[4]. Имајќи ја предвид разбиреноста и оддалеченоста на маалата селото Радибуш, како и постоењето на градишта односно остатоци од тврдини на горниот и долниот крај на селото, можно е тие две населби да биле посебните две села кои се споменуваат пишаните документи од средновековниот период. Дополнително пишаните податоци одговараат на преданието дека долната тврдина била поголема и позначајна, поради тоа што Долно Радибожде имало повеќе семејства и остварувало поголеми приходи за 1300 акчиња[4]. Значењето и стратешката местоположба на Радибуш односно на овие 2 тврдини - населби се потврдува со тоа што и во двете имало вооружени службеници - мартолози по име Ѓуро Перо и Пројо Миле кои биле ослободени од плаќање на даноци[4]. Мартолозите биле помошни чети на христијани кои што биле (вооружена) посада во тврдините и имале посебни овластувања, за што сведочи и нивното име кое најверојатно потекнува од зборот арматолос - вооружен заштитник, капидан. Најпознат мартолоз во Македонија, токму од оваа област помеѓу Крива Паланка и Куманово, бил Карпош водачот на познатото Карпошово востание. Ваквата долга историска традиција на селото Радибуш, неговата местоположба и состојба на жителите влијаеле тие уште во дамнешни времиња да имаат македонска национална свест за самобитност, отворено изјаснувајќи се и сметајќи се за Македонци. Доказ за ова има уште од средината на XIX век, односно од 1846 година кога при назначувањето за селски учител Ѓорѓи Македонски од селото Радибуш, за своето потекло и припадност ќе запише и изјави:

Да се знае кога селаните од моето родно село Радибуш, Криворечка Паланка, ме главија за учител во нашето селско училиште и за Ранковце и за Криви Камен, за 1800 гроша годишно. Роден сум од татко ми свјаштеник Димитрија и мајка Варскија како седмо дете од дванаесетте деца, пет машки и седум женски. Славјанското писмо го изучив од татко ми Димитрија Маќедонски, кој така се вика зашто сме Маќедонци, а не Грци, а неговиот татко се викал Јосиф, свјаштеник, а неговиот дедо Стоимен, свјаштеник. И ја прекарот си го зедов Маќедонски, а не по татко ми и по дедо ми, за да се знае оти сме Славјани од Маќедонија[5]

Ден Голема Богородица на 1846 година

—Ѓорѓи Македонски, по повод стапувањето на учителска должност, 1846[5]

Приказ на сонце сличен како на македонското знаме, издлабен на подот пред влезната врата

Кон средината на XIX век во 1859 поради добрата состојба на жителите во селото била изградена црквата „Света Петка“, која потоа во 1885 во времето на султанот Абдул Хамид била обновена. Црквата се одликува со својата големина и височина, пространост, изработката на фрескоживописот и иконите, а посебна забележителност е тоа што пред самата нејзина влезна врата, на подот има издлабен приказ на сонце со сосема ист дизајн како современото државно знаме на Македонија. Кон крајот на XIX век во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Радибуш запишал дека се наоѓа погоре од Ранковце во подножјето на ридот Бара и на истоимената река[6]. Куќите му се распрснати по ридовите, а само едно маало е во полето[6]. Црквата и училиштето се изградени на едно плато при што црквата е мала и темна, но просториите на училишната зграда се големи и доволно светли[6]. Сите други селски училишта во казата, освен радибушкото, биле со малку прозорци кои и онака се многу мали[6]. Под селото имало лозја[6]. До 1912 година, најплодната земја на атарот на Радибуш припаѓала на кривопаланечкиот турчин Асан-ефенди кој имотот го наследил од својот татко, а неговиот чифлик се наоѓал во Ефендиското маало[3]. После ова селаните ја откупиле земјата од неговиот чифлик[3]. Жителите на Радибуш уште во XIX век ги биело глас како добри градежни работници, и како прочуени мајстори највеќе работеле во соседна Бугарија и други земји, а на работа се одело од „Прочка до Митровден“[3]. Животот на селаните во Радибуш пред крајот на отоманското владеење бил доста неповолен, бидејќи најпрвин во него често доаѓале и престојувале комитските чети од Бугарија, при што се отворило и егзархиско училиште, а потоа во селото продреле и четници од Србија кои исто така отвориле училиште[3]. Поради тоа населението во селото било поделено, а таквата поделеност постоела и по заминувањето на турските власти[3]. За Радибуш во минатото, карактеристични биле бројните куќни задруги со по 15, 20 и 30 души, при што во секое маало имало по неколку задруги, во кои едни членови на овие домаќинства оделе на печалба, други одгледувале стока, трети орале итн[3]. Куќните задруги се распаднале во втората половина на ХХ век, кога во 1973 години имало само 2 задруги во родовите Главчинци и Сендинци, со по 15 членови[3]. Недалеку од најдолното и главно Речко маало, од источната страна се наоѓа местото Брдо (или Бара) каде што помеѓу двете светски војни постоела полициска (жандармериска) станица, поради што денес таа месност се нарекува и Станица[3].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Најстарите записи на името на селото Радибуш се среќаваат во Средниот век од XIV век односно во 1342 и 1358 година, како и во XIV век во турските пописни дефтери од 1570 година каде тоа се среќава под облиците Радиб(о)ужда и Радибожде. Потеклото е македонско односно од старословенскиот јазик настанато од формата 'Радибоужда < Радибоудѩ (=весь) од исчезнатото лично име Радибоудь односно Радибуд[7]. Во истиот документ на царот Стефан Душан во период на XIV век е споменато и струшкото село Радожда кое е забележано со сличното речиси исто име Радобужда. Меѓу населението постои предание во кое се вели дека на место на споменатото градиште (тврдина) постоела населба - град, наречен Радовиш(те), од чие што име настанало името на селото Радибуш[3]. За значењето на името, пак, не постои посебно толкување меѓу мештаните. Во соседното село Ранковце постои една легенда во која се вели дека во овој најплоден дел на кривопаланечко Славиште, во средниот век живеел некој кнез или господар по име Милутин кој живеел во сегашното село Милутинце и кој имал три ќерки: Ранка по која е наречено Ранковце, Рада по која е наречено Радибуш и Љуба по која е наречено Љубинци[3].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Влезот во рудникот за шкрилец крај селото Радибуш

Според составот на атарот селото Радибуш има поледелско-сточарска функција[2], односно населението главно се занимава со сточарство и полјоделство. Oд полјоделството застапени се житариците и овошките, а сточарството е сконцентрирано на одгледување крупен добиток. Бидејќи местата се доста високи, од житните растенија успеваат стрните жите ’рж и овес во мали количества и компир во поголеми, додека во рамничарскиот дел под селото и крај Радибушка Река се одгледува и доста пченка и пченица и зеленчук во многу мал обем за сопствени потереби. Од сточарството во помал размер е застапено одгледувањето на кози и крави, а неколку домаќинства се занимаваат и со пчеларство со производство на боров и ливадски мед. Во долиот дел на селото и по течението на реката во помали размери е застапено и овоштарството односно одгледувањето на овошни дрјва од јаболка, сливи, круши, ореви и цреши. Во селото постои рудник за вадење на шкрилец, кој е даден под концесија на претпријатието Трго Инженеринг од Гостивар. Во рудникот се вади „златен шкрилец“ со голем коефициент на кварц и со жолтениково златна боја. Воедно, во близина на селото се наоѓа и етно-ресторанот „Ранч“.

Население[уреди | уреди извор]

Во селото според податоците од последниот попис (2002 г.) живеат 157 жители[1] со следниот етнички состав:

Сите жители припаѓаат на православната религија. Бројот на домови во Радибуш во текот на ХХ век изнесувал 121 во 1921 г., 109 во 1948 г., 111 во 1961 г., 102 во 1971 г, 70 во 1973 г[3].

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[8] 1905[9] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 900 960 818 867 792 552 346 217 197 157
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Радибуш од секогаш па сè до денес е населено исклучиво со Македонци од православна вероисповед.

  • Старинечки родови се: Канџеревци (7 к.) и Вргинци (1 к.) (слават Свети Никола), Терзици или Поповци (4 к.) и Џелепци (7 к.) (слават Свети Јован), Субашинци (2 к.), Левковци (2 к.) и Рупарци (2 к.) (слават Воведение на Пресвета Богородица), Чукинци (4 к.), Свирци (3 к.), Ефендинци (3 к.) и Черкесци (1 к.) (слават Св. Архангел)[3].
  • Доселенички родови се: Јованчевци (2 к.), Милинци (3 к.), Сувобрдци (3 к.), Петринци (3 к.) и Близанци (4 к.) доселени некаде од север (некои велеле од нишката област?) ја знаат следната генеологија Стојче (жив на 25 год. во 1973 година) Јован-Стојче-Спасо-Стеван, се доселил неговиот татко; Сугаревци (5 к.) (слават Св. Никола) доселени некаде од југ од Егејска Македонија („Грција“); Главчини (3 к.) (слават Света Троица) не го знаат местото од каде се доселени[3].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на подрачното основно училиште „Христијан Тодоровски - Карпош“

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Ранковце, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка, додека во периодот по војната од 1957 до 1962 година се наоѓала во некогашната општина Ранковце, каде што се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото исто така се наоѓало во тогашната општина Ранковце, во која покрај Радибуш се наоѓале и селата Ветуница, Вржогрнце, Гулинци, Љубинци, Одрено, Опила, Отошница, Ранковце и Станча. Самата Општина Ранковце била дел од Кривопаланечката околија. Општината Ранковце постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[11]
Археолошки локалитети[12]
Реки

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

  • Игнатие Богдановски (р. 14 декември 1938) — македонски политичар, специјалист по стоматолошка протетика, редовен професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Радибуш спаѓа во селата во кривопаланечко кои дале највеќе иселеници. Иселеници има во Софија (30 семејства), и во други градски населби во Бугарија. Потоа иселеници има и во Куманово, и во некои кумановски села (Јачинце, Косматац, Коњари, Романовце и др. Потоа во Скопје и околината. Уште се знае и за следните иселеници: Сугаревци во Љубинци. Крјановци во Дељадровци. Петковци во Шупљи Камен. Цаневци во Доброшане. Радибушани во Облавце. Паланчанци во Руѓинце. Радибужданци во Косматац. Џелепци, Милутинци, Миљанци, Ефендици и Ристинци во Јачинце.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 30 март 2013. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 249. ISBN 9989-862-00-1. 
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 3,23 Трифуноски, Јован (1976) (на српскохрватски). Кривопаланачка област. Загреб: ХАЗУ. стр. 297–298. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Соколоски, Методија (1983) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 228-229 и 240-241. 
  5. 5,0 5,1 Ристовски, Блаже (1995) (на македонски). Македонија и македонската нација. Скопје: Детска Радост. стр. 129. ISBN 9989-30-057-7. 
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 309-310. ISBN 978-608-245-113-8. 
  7. Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 127-128. 
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  12. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди | уреди извор]