Герман (Кривопаланечко)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Герман
ЕкспедицијаРанковце98.jpg

Поглед на сретселото во Герман

Герман is located in Македонија
Герман
Местоположба на Герман во Македонија
Координати 42°16′41″N 22°6′11″E / 42.27806° СГШ; 22.10306° ИГД / 42.27806; 22.10306Координати: 42°16′41″N 22°6′11″E / 42.27806° СГШ; 22.10306° ИГД / 42.27806; 22.10306
Регион Logo of Northeastern Region, North Macedonia.svg Североисточен
Општина Coat of arms of Rankovce Municipality.svg Ранковце
Население 311[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1316
Повик. бр. 031
Надм. вис. 1332 м
Герман на општинската карта
Герман во Општина Ранковце.svg

Атарот на Герман во рамките на општината
Commons-logo.svg Герман на Ризницата


Герман — село во Општина Ранковце, во близина на македонско-српската граница, во околината на градот Крива Паланка. Селото е сместено на западните падини на истоимената планина.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед кон најсеверната точка на Македонија од селото и планината Билино

Герман е планинско село, сместено во крајниот северен дел на Општина Ранковце, чиј атар се граничи со државната граница на Република Србија, а на другата страна со Општина Старо Нагоричане[2]. Како едно од најсеверните села во Паланечко и воопшто во Македонија, селото Герман географски припаѓа на двете соседни области при што едниот дел припаѓа на Кривопаланечко односно котлината Славиште во долината на Крива Река, а другиот дел по на север припаѓа на подрачјето на изворишниот дел на Горна Пчиња[3]. Оддалечено е 37 километри северозападно од Крива Паланка. Според записите на Ѓорче Петров, местоположбата на големото село Герман е по длабокиот дол меѓу Гоглин и паланечкиот Козјак, на исток од селото Дренак[4]. Селото е високопланинско и од растурен тип, поделено на седум маала, оддалечени од два, па дури и до осум километри наоколу. Имињата на маалата во Герман се: Орашац, Средно Маало, Криврт, Шипак, Кршје, Опасница[5]. Сите локални установи, како и главната селска црква, се наоѓаат на една висорамнина, која претставува центар на селото, иако таму нема постојано населени куќи.[6]. Селото Герман е опркужено со следните соседни села: П'клиште на запад, Станча на југ и Криви Камен на исток. Од општинското средиште Ранковце е оддалечено 20 километри, од каде што води асфалтен пат, кој е во добра состојба, а од градот Крива Паланка селото е оддалечено 35 километри[2]. Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 40,7 км2, на кој најголема површина заземаат шумите со 2405,2 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 1261,7 ха, а на пасиштата 311,7 ха[2]. Според површината која го зафаќа атарот на селото, Герман и селото Петралица се најголемите села во Кривопаланечко[5]. Селото Герман е богато со извори, при што во секој дол во селото има извор чија што вода е различна - таму каде има дабова шума или „дабица“ водата е „лесна“ за пиење, а на пониското земјиште од изворите избива „косилава жолта“ вода[3].

Историја[уреди | уреди извор]

Населбата потекнува од доцно античко време од кој период се и локалитетите: Селиште, Манастириште, Градиште итн. Најрани пишани докази за постоење на селото Герман, се среќаваат на почетокот на XVI век, кога селото вршело дервенџиска служба[3] односно неговите жители се грижеле за безбедноста на сообраќајот на патиштата. Денешното село Герман се верува дека потекнува од крајот на XVII и почетокот на XVIII век кога според верувањата на самите мештани, селото било создадено со доселеници од Косово[5]. Во времето на доселувањето на првите родови - основачи на денешното село Герман во XVIII век, ова место било под шума - „било пустињак“[3]. За време на турскиот период, селото го достигнува својот врв со свое училиште и неколку илјади жители. Сепак, по Втората светска војна и спроведувањето на колонизација, голем број на жители отишле во Војводина, кога самото село било значително намалено.[6]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Насади со лешници

Врз основа на составот на атарто, селото Герман, во основ има поледелско-шумарска функција. Во селото нема стопански објекти и главно населението се занимава со сточарство, полјоделство и шумарство. Според кажувањата на селаните земјата за орање која што се наоѓа во зоната на дабовата шума е полодна и тука успеваат пченица, пченка и бостан, додека земјата односно почвата во пределот на буковата шума е „дива и студеница“ при што таму успеваат 'рж, јачмен, овес и компир[3]. Од земјоделството најзастапено е одгледувањето на компир, грав[5] како и на стрни жита во помал обем. Во значајна мерка е застапено овоштарството во чии рамки се одгледуваат и се подигнуваат новопосадени овоштарници на лешници и малини[5]. Од сточарството најмногу е застапено одгледвуањето на крави, а се чуваат и 10 стада на овци и помал број на кози, чие што млеко се преработува во овчо и козјо сирење чија цена изнесува 250 денари за килограм[5]. Во атарот на селото Герман каде се застапени големи површини на разновиден вид на шума како листопадна од бука и даб, така и зимзелена од бор и елка, се наоаѓа едно од најголемите подрачја за сеча на огревно дрво со кои најмногу стопанисува подрачното шумско стопанство на ЈП „Македонски шуми“, но постои значаен дел на шуми во приватна сопственост на дрвни претпријатија и жители на селото. Со огревно дрво од шумите во и околу Герман се снабдува цела Македонија, па дури и најодалачените места и подрачја како Битола[5]. Превозот на огревното дрво од Герман за поголемите градови и поодалечените подрачја се одвива со камиони, а за самото селото Герман и соседните и околни села се врши на домашни животни со самари[5]. Шумите и планинскиот предел околу Герман е доста богат и со диви животни како диви свињи, најмногу волци, зајаци[5], заради што селото е често посетено од ловци на дивеч. Во селото Герман работи и една продавница која што се наоѓа на самото сретсело.

Население[уреди | уреди извор]

Во Герман живеат 311 жители со следниот етнички состав:

Сите жители припаѓаат на православната религија.

Во последниот период, населението се проценува да има одвај 200 жители.[6]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[7] 1905[8] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 1.250 920 989 1.087 1.058 1.052 794 493 458 311
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Герман е во целост населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Сите родови кои живеат од селото потекнуваат од доселени претци и сите се населени во свои посебни родовски маала. Денешното население на Герман се дели на следните родови: Средномаалци, Орашци, Дуранци, Гарејци, Здравковци, Гиздарци[3]. Во рамки на овие родови денес живеат семејства со презимиња Миленковски, Стошевски, Јовановски, Каранфиловски (се среќава и во соседното село П'клиште[5]), Герасимовски, Станковски, Станиславовски.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на сретселото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Ранковце, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка, додека во периодот по војната од 1957 до 1962 година се наоѓала во некогашната општина Ранковце. Во рамките на општина Крива Паланка се наоѓало во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на истоимената општина, во која покрај Герман се наоѓало и селото П’клиште. Самата Општина Герман била дел од Кривопаланечката околија. Општината Герман постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на сретселото и црквата „Св. Троица“
Цркви[10]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Макавеј (14 август) — голем народен собир и главна селска слава на која присуствуаат и до 10.000 посетители од околните села и од цела Македонија (Скопје, Крива Паланка, Куманово, Штип), соседните места во Србија и Бугарија. На соборот се одржува и панаѓур со рингишпил и културно-забавна програма на познати пеачи од Македонија и Србија, како Орце Стефковски, Сузана Спасовска идр.
  • Василица (14 јануари) - прослава со одење по куќите

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Селото Герман е едно од селата во Кривопаланечко кое дало најмногу иселеници, како во рамки на Македонија, така и надвор од неа во Србија и Војводина. Првичното иселување од селото започнало во периодот по Втората светска војна кога луѓето се населувале во Војводина, особено во Јабука, Качарево и Глогоњ. Потоа, во деведесеттите години, имало иселување во Крагуевац, додека во поново време иселувањата се прават главно кон општинското средиште Ранковце и селото Тромеѓе.[6]. Од Герман се иселиле следните семејства, во кумановско: Антовски во Умин Дол, Јовановски во Тромеѓа, Славевски во Доброшане, Шопци во Доброшане, Паланци во Косматац, Јовановски во Брзак; родот Ѓерманци со преку 20 куќи се иселил во кривопаланечкото село Петралица[3], а во скопско најголемиот дел иселеници од Герман живеат во селата во Општина Илинден и тоа во Марино, Мралино, Миладиновци, Илинден, Кадино.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 30 март 2013. 
  2. 2,0 2,1 2,2 Панов, Митко (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 67–68. ISBN 9989-862-00-1. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Трифуноски, Јован (1976) (на српскохрватски). Кривопаланачка област. Загреб: ХАЗУ. стр. 292–293. 
  4. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 373. ISBN 978-608-245-113-8. 
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 5,8 5,9 Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и членови на Викиекспедицијата (07 ноември 2015). "Според кажување на мештани". Соопштение за печат.  посет. 07 ноември 2015 г
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Ѓорѓевски, Бранко, Бисера Станкоска. „Нема невести за 35 ергени од Герман“, „Дневник“, МПМ Македонија, 11 септември 2015 (посет. 13 јануари 2016 г). (на македонски)
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  10. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]