Долно Котори
Долно Котори Υδρούσσα | |
---|---|
Координати: 40°43.18′N 21°27.40′E / 40.71967° СГШ; 21.45667° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Лерински |
Општина | Лерин |
Општ. единица | Кучковени |
Надм. вис. | 720 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 304 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Долно Котори (грчки: Υδρούσσα, Идруса; поретко Κάτω Υδρούσσα, Като Идруса; до 1927 г. Κάτω Κόττορι, Като Котори[2]) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Лерин на истоимениот округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 304 жители (2011) и има огромно македонско мнозинство.[3]
Географија
[уреди | уреди извор]Селото е сместено во Леринското Поле, на 8 км југоисточно од Лерин, по двата брега на Елешка Река.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Во Отоманското Царство
[уреди | уреди извор]Селото е основано од македонски сточари преселени од Воденско, а името потекнува од подигнатите трла наречени котори[3] („котари“ на денешен литературен македонски).[4] Во XV век во Котори се заведени по име 119 глави на домаќинствата.[5] Во османлиските дефтери од средината на XV век Котори е спомнато со 20 глави на семејствата и двајца неженети: Тошо, Храно, Михо, Степан, Калко, Коста, Димо, Стајко, Братан, Манко, Станиша, Михо, Мано, Леко, Татуш, Манол, Славеј, Богдан, Ѓорѓи (Јорг), Поп Тома, Којо и Тодор. Вкупниот државен приход од селото изнесувал 1.515 акчиња[6]. Во записниците на христијанското население на Леринскиот вилает од 1626-27 г. селото е означено под името Долна Котори со 9 даночни домаќинства[7]. Селото особено нараснало во XVIII век по претворањето на блиското Горно Котори во чифлик на албански бег дојден од Колоња, кога жителите кои не сакале да му се потчинат на бегот се преселиле во Долно Котори. По извесно време во Долно Котори дошле и албански христијани семејства (Тоски)[3], но Македонците останале огромно мнозинство.
Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович („Очерк путешествия по Европейской Турции“) Кодорево како македонско село.[8][9] Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Долно Котори (Dolno-kotori) било село во Леринската каза со 55 домаќинства и 20 жители муслимани и 152 Македонци.[10][11] Одделно во Костурската каза е укажано и селото Колори (Kolori) со 120 домаќинства и 450 жители Македонци.[10][12]
Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Долно Котори живееле 600 Македонци христијани и 174 Арнаути христијани.[10][13] На почетокот на XX век поголемиот дел од селото потпаднал под врховенството на Бугарската егзархија. работело бугарско училиште, каде во 1903/04 г. предавал револуционерот Атанас Шишков од Пателе.[14] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Долно Котри (Dolno Kotri) имало 608 Македонци под егзархијата, 176 Македонци под Цариградската патријаршија и 180 Албанци христијани. Во селото делувале и бугарската и грчката пропаганда — работело бугарско училиште за населението под егзархијата и грчко за оние под патријаршијата и за Албанците.[15]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Долни Котори се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 104 куќи.[16]
Во првите денови на април 1908 г. власта направила претрес на селото со мачење и насилство. Најдени се неколку бомби, за кои селаните тврделе дека се подметнати од офицерот Рушид-ефенди кој го спроведувал претресот.[17]
Во септември 1910 г. селото настрадало во разоружувачката акција на младотурците. Властите барале да се предадат 400 пушки од селото. Селанецот Танас Мицев е претепан до смрт, а куќата на Марија Динева е запалена.[18]
Во Грција
[уреди | уреди извор]По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Истата година во него се попишани 894 жители.[3] За време на Првата светска војна и по неа (1917-1919), преку 60 жители на селото, заедно со двајца свештеници, се иселени во јужна Франција поради сомненија за промакедонска дејност.[19] Во овој период Боривое Милоевиќ забележал дека Долно Котори имало 120 македонски и 30 албански семејства.[3] Поради воените непогоди, во 1920 г. селото се смалило на 784 жители.[3] Во 1927 г. селото е преименувано во Идруса (понекогаш нарекувано Като Идруса, за да се разликува од Горно Котори, кое е преименувано во Ано Идруса).[20] На пописот од 1928 г. Долно Котори е заведено со 846 лица.[3]
Во февруари 1932 г. началникот на полицијата во Долно Котори, Димитриос Кабурас испратил извештај во Лерин, во кој по име се наведени 22 докажани македонски дејци во селото, и ја опишува „противдржавната“ дејност на тие селани и нивните семејства, како и нивното учество во Илинденското востание. Кабурас пишува дека населението ги бојкотирало службите на грчки јазик и дека кметот бил „фанатик“.[21] Според грчки жандармериски документи од истата 1932 г. во Идруса (Д. Котори) живеат 170 семејства, 157 од кои со македонска национална свест и 8 со албанска свест.[22]
Меѓу свете светски војни селото бележи раст, и покрај големите иселувања. Во овој период од Долно Котори се иселиле вкупно 67 македонски и 15 албански семејства.[3] Од нив, 104 Македонци (24 семејства) и 41 Албанец (15 семејства) се иселиле во прекуоанските земји, 122 Македонци (38 семејства) заминале во Бугарија и 22 Македонци (5 семејства) во Вардарска Македонија. И покрај иселувањата, во 1940 г. Долно Котори бележело пораст на 974 жители.[3]
Во 1941 г. селото е окупирано од бугарската војска и воведена е бугарска општинска власт.[23] Доста жители на Долно Котори активно се вклучиле во бугарската паравоена организација „Охрана“, која водела борби со грчките партизани во подрачјето. По крајот на војната, во 1945 г. 60 жители на селото се осудени како членови на „Охрана“.[24] Според статистиката на грчката власт од 1945 г. селото имало 1.026 жители, од кои 550 имале „негрчка национална свест“, 326 наводно имале „грчка свест“ (што несомнено е лага) и 150 чија свест била „неутврдена“.
За време на Граѓанската војна, 35 семејства од Долно Котори се преселиле Р Македонија, а уште 65 лица занимале во источноевропските земји. По војната, намалувањето на населението продолжило поради преселување во Австралија како на македонското, така и на албанското население. Без оглед на сите овие иселувања, населението сепак било во пораст. Во 1951 г. се попишани дури 1.267 лица.[3] Сепак, во текот на следното десетлетие Долно Котори почнало битно да се намалува, поради што во 1961 г. се преполовило на 571 жител и продолжило да се намалува до денес.[3]
Според испитување од 1993 г. селото е мешано „словенојазично-арванитско“ во кое македонскиот јазик е зачуван на средно ниво.[25]
Цркви
[уреди | уреди извор]Селото го опслужуваат следниве цркви:[26]
- „Св. Никола“
- „Успение на пресв. Богородица“
- „Св. Димитрија“
- „Св. Петка“
Население
[уреди | уреди извор]Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 974 | 1.267 | 571 | 506 | 456 | 380 | 364 | 304 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Стопанство
[уреди | уреди извор]Селото произведува жито, грав, јаболка и јагоди, а застапено е и краварството.[3]
Личности
[уреди | уреди извор]- Стефан Гошев (1859–1932) — просветен деец и револуционер
- Богоја Петров (1864-1964) — револуционер, учесник во Илинденското востание
- Иван Велевски (1870 – ?) — револуционер
- Кољо Димитров — војвода на селската чета во Илинденското востание[27]
- Крсте Филипов — прв свештеник на првата македонско-бугарска црква во Австралија „Св. Кирил и Методиј“, Мелбурн, 1950 – 1959
- Никола Богоев (1900-1986) — општественик во Бугарија, кмет на с. Мадара, Шуменско (1951-1955)
- Петар Богоев (1903-1998) — социјалистички деец и стопански раководител во Бугарија, заменик-министер за електрификација (1947-1952)
- Тане Наумов (1907-1977) — учесник во Шпанската граѓанска војна, во НОБ во Егејска Македонија и во Грчката граѓанска војна
- Лазе Гаштевски (1913-1944) — партизан и деец на НОВМ
- Атанас Василев Христов (1915 – 1943) — партизан и јатак во Бугарија[28]
- Никола Попов — деец на МРО, војвода на чета во Леринско пред Хуриетот во 1908 г.[29]
- Пандо Колевски (р. 1937) — поет и преведувач во Македонија
- Александар Поповски (1932г.) - учесник во Демократската Армија на Грција и во НОБ во Егејска Македонија, борец за човекови права, долгогодишен и сега почесен претседател (како и еден од основачите) на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Инаку правнук на леринскиот војвода Мамин Кољо.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Литература
[уреди | уреди извор]- Атанас Тане Наумовски „Долно Котори и которчани“, Битола, 2007.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Κάτω Κόττορι -- Υδρούσσα
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 150–151.
- ↑ „котар“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ Гандев, Христо. „Българската народност през XV век. Демографско и етнографско изследване“, Наука и Изкуство, II изд., София, 1989.
- ↑ Опширни пописни дефтери од XV век, том II, Архив на Македонија, Скопје 1973, стр. 87
- ↑ Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 333
- ↑ Нарекувајќи го „бугарско“ под влијание на бугарската пропаганда.
- ↑ Григорович, В. Очеркъ путешествія по Европейской Турціи, Москва, 1877, стр. 93.
- ↑ 10,0 10,1 10,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, с. 82-83.
- ↑ Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, с. 110-111.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 249.
- ↑ Марков, Георги Христов. „Хрупищко“, Хасково, 2002, стр. 134.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 176-177.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 26.
- ↑ Одрински глас, брой 15, 20 април 1908, стр. 4.
- ↑ Дебърски глас, година 2, брой 22, 18 септември 1910, стр. 3.
- ↑ Шклифов, Благой и Екатерина Шклифова. Български диалектни текстове от Егейска Македония, София 2003, с. 147
- ↑ „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ Доклад на Димитриос Кабурас от февруари 1932 г. Централен партиен архив, ф.214, оп.1, а.е.573, л.116. Цитирано по: Георги Даскалов. „Българите в Егейска Македония – мит или реалност“. София, 1996, стр. 197.
- ↑ Погрешно нарекувајќи ги македонските жители и дејци со поимите „бугаромислечки“, „пробугарски фанатици“ и „со изјавена бугарска свест“ поради грчкото непризнавање на македонскиот народ.
- ↑ Даскалов, Георги. „Българите в Егейска Македония, мит или реалност“, Македонски научен институт, София, 1996, стр. 489.
- ↑ Добрин Мичев. Българското национално дело в Югозападна Македония (1941 – 1944 г.)
- ↑ Riki Van Boeschoten. "Usage des langues minoritaires dans les départements de Florina et d’Aridea (Macédoine)"
- ↑ Портал на поранешната Општина Кучковени[мртва врска] (грчки)
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 47.
- ↑ Списък на убити партизани
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 137.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|