Тане Наумов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Tane Naumov.JPG
Роден 24 февруари 1907
село Долно Котори, Леринско, Егејска Македонија
Починал 27 април 1977
Битола


Тане Наумов (с. Долно Котори, Леринско, Егејска Македонија, 24 февруари 1907 - Битола, 27 април 1977) бил македонски комунист, учесник во Шпанската граѓанска војна, во НОБ во Егејска Македонија и во Грчката граѓанска војна.

Биографија[уреди | уреди извор]

Во 1912 година, за време на Првата балканска војна, биле убиени неговиот татко и неговиот дедо. Тоа го принудува Тане да работи уште од мали години. Во 1933 година станал член на КПГ. По воведувањето на диктатурата на Метаксас, во 1936 година, заедно со други комунисти Грци, заминал со брод за Панама.

Во Шпанија дошол од Панама на 4 август 1937 година. Прво бил морнар во трговските бродови „Стануел“ и „Марџит“ и учествувал во дотурот на оружје и опрема за републиканска Шпанија по морски пат. По потопувањето на бродовите од непријателската авијација, се приклучил на пешадиските единици.

На 5 февруари 1939 година пребегнал во Франција, со последните интер-бригадисти што ја напуштале Шпанија. По директива на КП Франција работи во внатрешноста на Франција, во рудникот Буасон. По окупацијата на Франција од нацистичка Германија, во 1942 година бил фатен од Гестапо и бил затворен во логорот „Рош Рум“ во Германија. На 22 април 1943 година е префрлен во Бугарија (во Пирот), од каде набрзо, на 5 мај, успеал да побегне од логорот и се вратил во родното село.

По враќањето во селото, се вклучил во ЕЛАС и бил назначен за организациски секретар на Соровичкиот реон. Во текот на Граѓанската војна во Грција бил организациски секретар на НОФ за Леринско-кајларскиот реон, а подоцна станал член на Главното раководство на НОФ.

По поразот на ДАГ, во септември 1949 година се префрлил во Албанија, од каде во ноември истата година со товарен брод бил префрлен во Полска. Таму бил осуден поради „титоизам“ на седум години строг затвор и од 17 март 1950 година се наоѓа во затворот во Згожелци. По смртта на Сталин, по одлежаните четири години затвор, добил помилување и на 12 мај 1954 година бил ослободен. Во 1956 година се вратил во Југославија, но по доаѓањето во Скопје бил затворен и испитуван три дена во затворот во Идризово. Во август 1956 година бил ослободен и пристигнал во Битола кај своето семејство. Починал во Битола на 27 април 1977 година.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Атанас Тане Наумовски „Долно Котори и которчани“, Битола, 2007, 5-10 и 173 стр.

Извори[уреди | уреди извор]

  • Егејска Македонија во НОБ 1945, Том II, Скопје 1973.
  • Егејска Македонија во НОБ 1949, Том VI, Скопје 1983.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Tane Naumovski “Sećanja na crvenu špansku mornaricu” во Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 3, 320-322 str.