Megadeth

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Megadeth logo.svg

(од лево кон десно) Дејвид Елефсон, Дејв Мастејн, Крис Бродерик и Шон Дровер.
Биографски податоци
Потекло Лос Анџелес, Калифорнија, САД
Жанрови хеви метал, треш метал, спид метал, хард рок
Период на активност 1983–2002
2004-денес
Издавачи Роудранер, Капитол, Комбат
Соработници Metallica, Slayer, Anthrax
Мреж. место www.megadeth.com
Членови
Дејв Мастејн
Дејвид Елефсон
Шон Дровер
Крис Бродерик

Megadeth (се чита: Мегадет) е треш метал музичка група од САД. Предводена е од основачот, фронтмен, гитарист и текстописец - Дејв Мастејн. Формирана е во 1983 година, по неговото напуштање на Metallica. Бендот досега има издадено 14 студиски албуми, шест албуми од живи настапи и три компилации со најголеми хитови.[1]

Како пионери на американското треш метал движење, се имаат стекнато со светска слава во осумдесеттите години на минатиот век, но беа пропратени со чести смени на поставата главно поради проблеми со прекумерно користење на дрогa и алкохол. Откако се стабилизираа со поставата, Megadeth издадоа низа на платинести и златни тиражи, вклучувајќи го Rust in Peace, два пати номиниран за Греми, белег на треш сцената, а потоа следува двојниот платинест тираж на Countdown to Extinction во 1992. Прават привремен прекин со работа во 2002 поради Мастејновата тешка повреда на левата рака, но по интензивна терапија Мастејн повторно го формира бендот во 2004 и го издаваат The System Has Failed, а во 2007 следи United Abominations. Иако како група постојат речиси 30 години, нивните последни два албуми Endgame и Thirteen со нивната брзина и моќност се доказ дека бендот се уште има што да им понуди на своите верни фанови.

Megadeth важат за еден од комерцијално најуспешните хеви метал бендови на сите времиња со 50 милиони продадени оригинални примероци од нивните изданија во светски рамки,[2][3] вклучувајќи шест последователни платинести албуми и десет последователни номинации за Греми во категоријата „најдобра хеви метал изведба“.[4]

За овие 29 години како се активни, низ бендот поминале преку 20 официјални членови, а непроменет останал само Дејв Мастејн како главна и движечка сила на бендот. Megadeth се вбројуваат во Големата треш четворка заедно со Slayer, Metallica и Anthrax, четворка „виновна“ за создавањето и популаризацијата на треш жанрот во осумдесетите. Фановите на Megadeth себеси се нарекуваат „Droogie“, израз кој значи пријател, а е земен од филмот на Стенли Кјубрик - A Clockwork Orange (Пеколен портокал).[5]

Класичното лого на Megadeth (1985-1991)
Модерното лого на Megadeth (1992-денес)


Историја[уреди]

Формирање и раните почетоци (1983-1984)[уреди]

Дејв Мастејн својата музичка кариера ја започнал како водечки гитарист во хеви метал бендот Металика. Тој бил еден од членовите на т.н. „оригинална постава“ на Металика, која постоела од формирањето на групата во 1981, па се до 1983 год.[6] кога Мастејн бил отпуштен поради прекумерно консумирање алкохол, користење на дрога и насилничко однесување. Два месеци по напуштањето на Металика, тој се запознал со подоцнежниот басист Дејвид Елефсон, со кого го основале Мегадет во Лос Анџелес, 1983 год. Во неколку интервјуа, Мастејн има изјавено дека по заминувањето од Металика, ја сакал нивната крв. Сакал да изведува побрза и поагресивна музика.

Првиот неофицијален студиски потфат, демо касетата Last Rites, била снимена со поставата Мастејн, Елефсон и тапанарот Ли Роуч.[7] На неа се нашле три песни, и тоа „Love You to Death“, „Skull Beneath the Skin“ и „Mechanix“, кои подоцна биле вклучени на првиот студиски албум Killing Is My Business… and Business Is Good!.[8][9] Бендот настапувал на неколку живи свирки во 1984 год. пред Ли Роуч да биде заменет со џез тапанарот Гар Семјуелсон. Истата година Мегадет потпишале договор со релативно анонимната продуцентска куќа Комбат Рекордс. Во месец декември на бендот му пристапил Крис Поланд, во улога на втор гитарист.

Killing Is My Business… and Business Is Good! (1985-1986)[уреди]

Поставата на Megadeth 1984-1986, 1986-1987: Крис Поланд, Дејв Мастејн, Гар Семјуелсон, Дејвид Елефсон

Во 1985, на бендот му биле дадени $8.000 од Комбат Рекордс како би го снимиле нивниот деби албум,[10] од кои повеќе од половина ги потрошиле на дрога и алкохол. Во него е одразена сета насобрана фрустрација и гнев на Мастејн, поради неговото претходно отпуштање од Металика. И покрај неквалитетната продукција албумот е добро прифатен труд кој претставува мешавина на треш и спид метал.

Овој албум нема да доживее никаков комерцијален успех, поради огромната популарност која во тоа време ја уживал глам металот, стил тотално спротивен од идеите, целите и филозофијата на трешот. Дури по издигнувањето на Мегадет како предводници на овој правец во хеви металот, ова остварување ќе ги добие заслужените пофалби за својата креативност и иновативност. Многумина ќе ги наведат овие записи како клучни околу создавањето и издигнувањето на екстремниот метал на меинстрим сцената во САД, а подоцна и низ целиот свет.

Излегувањето на овој албум го означил почетокот на долгото меѓусебно ривалство на Мегадет со Металика, бендот од кој претходно беше исфрлен Дејв Мастејн. Големи контроверзи ќе повлече песната „Mechanix“, околу која настанал спор за авторските права. Мастејн тврди дека за време на неговото членување во Металика ја напишал песната, и дека по заминувањето стриктно им забранил да ја снимат и да ја стават на албум. На овие обвинувања од Металика одговорија дека нивната верзија „The Four Horsemen“ е во потполност нивна творба, но сепак во албумот му се доделени авторски кредити на Мастејн. Верзијата која се нашла на првиот албум од Мегадет, Killing Is My Business... and Business Is Good!, била ултра брза со теми поврзани за сексуалните фантазии на Мастејн.

Peace Sells… but Who's Buying? (1986-1987)[уреди]

Повторно со мал буџет, се снимал и вториот албум, но бендот бил незадоволен од конечниот продукт. Незадоволни од продукциската куќа потпишале нов договор со Капитол Рекордс кој истовремено ги откупил правата за новиот албум, а исто така и изнајмил продуцент да направи ремикс на снимките. По една година откако започнало снимањето, албумот бил издаден. Овој албум го претставува пробивот на Megadeth на јавната сцена, за што најдобра потврда се продадените милион копии од албумот во САД.[11]

Овој албум се смета за белег на трешот, а исто така и за „највлијателен метал албум на својата декада“. Песната „Peace Sells“ била изгласана на #11 место во изборот на MTV за „40 Најдобри Метал Песни“. На омотот од албумот се појавува Вик Ретлхед, маскотата на Мегадет, држејќи ја во раце актовката на светскиот мир и нудејќи ја на лицитација. Во позадина се зградите на Обединетите Нации, претставени како рушевини по катастрофалната војна која штотуку завршила.

Занимливо, ова е еден од првите музички производи на чија обвивка се нашол знакот за експлицитна содржина. Во превод ова значело дека лица помлади од 18 год. не смееле да го купат ова ЦД. Во нивниот нареден албум, Мегадет го искажале својот протест поради обидот за нивна цензура преку песната „Hook in Mouth“. На 12 јули, 2011 год. бендот издадал обновена верзија на албумот, како мала почест за 25-годишнината од неговото објавување. Во ова ре-издание ќе се најдат и винил плочи на албумот, како и коментари од Дејв Мастејн и Ларс Улрих околу влијанието кое го извршил албумот врз треш метал правецот.

Megadeth, 1987-1989 постава Чак Белер, Дејвид Елефсон, Џеф Јанг, Дејв Мастејн

So Far, So Good… So What! (1987-1989)[уреди]

Со најголем буџет до сега, го снимиле третиот албум[12], кој достигнал платинест тираж во САД. Поради предозираност со дрога и други опојни супстанци, водечкиот гитарист Крис Поланд бил набркан од страна на Мастејн, а нешто подоцна и на тапанарот Гар Семјуелсон му била покажана излезната врата поради недоразбирања и непремостливи конфликти со основачите на бендот. Како нивна замена биле повикани Чак Белер и Џеф Јанг, но тие биле само привремена замена и ќе се појават само на ова остварување. Целокупниот перформанс на овој состав бил позитивно оценет и тоа на овие момци им влеало самодоверба и храброст да го подигнат своето творештво на повисоко скалило.

По инструменталката со која започнува музичката понуда на албумот, следува интригантната „Set the World Afire“, првата песна што Дејв Мастејн ја напишал по неговата разделба со Металика. Една од песните на албумот е „In My Darkest Hour“ посветена на загинатиот басист на Metallica, Клиф Бартон. Како претпоследната нумера се наоѓа песната „Liar“, полна со навреди и низа обвинувања насочени кон поранешниот гитарист Крис Поланд, на кој му се приговара дека продавал опрема во сопственост на групата само за да купи што повеќе дрога и алкохол. Исто така на албумот се наоѓа преработката на песната од Sex Pistols, „Anarchy in the UK“. Својата турнеја со овој албум ја започнуваат како предгрупа на DIO, а потоа продолжуваат да свират како предгрупи на Iron Maiden, Halloween и Guns N' Roses. Нивната прва светска турнеја ја искористиле како можност за стекнување повеќе фанови надвор од САД и тоа воедно им било драгоцено искуство во понатамошната кариера.

Rust In Peace (1990-1991)[уреди]

За овој албум почнала потрагата по нов гитарист. Меѓу пријавените бил и Дајмбег Дарел Абот од Пантера кој воедно и бил избран, но одбил да се придружи на бендот без својот брат, тапанарот Вини Пол Абот, па за нов гитарист бил доведен Марти Фридмен. Првично Мастејн одбивал да го прими Фридмен во бендот поради неговата фарбана коса, но подоцна се премислил и ја променил својата одлука. На тапани бил поставен Ник Менза, поради неговото познанство со лидерот Мастејн. Со овој тим направен по вкус на вокалот и гитарист Мастејн, биле исполнети сите предуслови за врвно парче треш метал авантура.

Во март 1990 год. влегуваат во студио и го снимиле нивниот најпродаван албум дотогаш, а продуцентот Марк Клинк бил единствениот продуцент кој успешно продуцирал еден албум на Megadeth од почеток до крај, без да биде отпуштен. За време на студиските сесии, сите членови за прв пат биле комплетно чисти и не консумирале никакви недозволени супстанции. За песните „Holy Wars… the Punishment Due“ и „Hangar 18“ биле снимени и видео спотови. Во септември 1990 год. бендот се придружил на турнеја со Slayer, Testament и Suicidal Tendencies. Пофалби за виртуозноста и беспрекорноста на крајниот продукт доаѓале од сите страни, што бил еден од главните фактори оваа постава да се одржи подолго време заедно.[13]

Countdown to Extinction (1992-1993)[уреди]

Во јануари, 1992 год. Дејв Мастејн повторно се сретнал со еден од аудио инженерите на албумот Rust In Peace, Макс Норман. Оваа нивна средба и разговор во четири очи биле решавачки за понатамошната кариера на групата. Имено, тогаш паднала одлука песните од наредниот албум да бидат пократки, поедноставни и наменети за пуштање во радио етерот. Countdown to Extinction бил сниман четири месеци и претставува најуспешното комерцијално исполнување на Мегадет. Албумот дебитирал на второто место на Билборд Хот 100 листата на најпродавани албуми, највисоко за еден албум кој го носи логото на Мегадет. Брзо достигнал двоен платинумски тираж во САД, а на бендот му донел бројни номинации за разни признанија. Како најуспешни песни на топ листите од овој албум се нашле сингловитеSymphony of Destruction“, „Foreclosure of a Dream“ и „Sweating Bullets“.

Во меѓувреме, на нивна адреса пристигнале две покани за правење филмска музика, и тоа за играниот филмLast Action Hero“ и цртаниот филмThe Beavis and Butt-Head Experience“. „Angry Again“ брзо станала омилена кај фановите и задолжителна на секој концерт, додека „99 Ways to Die“ добила номинација за Греми. Во 1993 свиреле на ист фестивал со Металика, што било за прв пат по 10 години на иста сцена да свират поранешни членови на бендовите. Дејв Мастејн тогаш изјавил дека тоа претставува крај на десетгодишниот конфликт помеѓу овие два бенда, иако проблемите подоцна се обновиле.[14]

Youthanasia (1994-1996)[уреди]

Нотниот запис за песната „Addicted to ChaosPlay 

По одличната реакција на публиката во врска со претходниот албум, составот и Макс Норман се обединија за изработка на нов проект кој требало да биде стилско продолжение на Countdown to Extinction. Овој албум бил снимен во нивно студио кое го носи името „Fat Planet in Hangar 18“. Интересна е приказната за тоа како Мегадет го пронашле ова студио. Имено, Дејв Мастејн инсистирал ЦД-то да биде снимено во Аризона, но проблем било тоа што немало слободна просторија со соодветна опрема и озвучување за потребите на бендот. На предлог на продуцентот Норман, било изградено сопствено музичко студио на групата, каде се направил и албумот Youthanasia. За снимањето на овој албум е издадено видео со наслов „Evolver: The Making of Youthanasia“. По 8 месеци снимање, албумот бил издаден. Во Канада достигнал златен тираж за половина час, а во САД платинест побрзо од било кој нивен претходен албум.

Од Капитол Рекордс направиле голема рекламна промоција за најновото остварување на Мегадет. Освен постери и намалени цени на плочите од овој албум, биле направени и серија од интервјуа и кампањи за што поголема продажба на музичките записи. Занимлив е и фактот што момците од Мегадет за првпат се појавиле и на телевизија, и тоа во шоуто на Дејвид Летерман. Во таа пригода го изведоа во живо првиот сингл од новиот материјал, песната „Train of Consequences“. Музиката која се нашла на овој диск била невообичаена за постарите нивни фанови, бидејќи аранжманите биле упростени, а акцентот бил ставен на вокалната изведба. Бил задолжен и посебен фотограф за омотот на албумот и имиџот на бендот, сѐ со цел Мегадет да им се доближат на широките тинејџерски маси. Турнејата за овој албум ја започнале во САД, а истата траела 11 месеци и била најдолга турнеја на бендот дотогаш.[15]

Megadeth, 1989-1998 постава: Дејвид Елефсон, Марти Фридман, Дејв Мастејн, Ник Менза

Cryptic Writings (1997-1998)[уреди]

По турнејата за промоција на Youthanasia, бендот земал одмор, а повторно започнал со работа во 1996 год. на нивниот следен албум, работно насловен како Needles and Pins, но поради проблеми со омотот чија оригинална замисла ќе биде заменета со вуду симбол и албумот ќе се преименува во Cryptic Writings. Одредени делови од албумот биле снимени во Лондон, под супервизија на нивниот менаџер Бад Преџер. Преџер придонел во пишувањето на дел од песни преку сопствени идеи и текстови. Многу наслови на песните и музиката доживеале измени на негово инсистирање. Сите овие добронамерни ургенции од страна на менаџерот, Мастејн ги објаснил како последица на неговата неостварена желба за број 1 албум во САД.[16]

Песната „Trust“ претставувало најголемо нивно достигнување на топ листите во САД, со освоеното прво место. Сепак најпопуларна песна од ова остварување е „She-Wolf“, која редовно е изведувана на концертите и едноставно плени со своето завршно соло. Истата година, албумот бил награден со платинест сертификат за достигнување на милионски тираж во САД. По издавањето на аудио записот следувала светска турнеја, на која бендот настапувал без тапанарот Ник Менза. Тој морал на замине на итна операција поради откриен тумор на коленото. Неговото место привремено му припаднало на Џими Деграсо, кој заминал со останатите членови на веќе започнатата турнеја. Кога се опоравил, Менза не бил повеќе активен член на Мегадет, бидејќи Мастејн дознал дека тој наводно лажел за неговата болест.

Risk (1999-2000)[уреди]

По успехот на претходниот албум, бендот ја продолжил работата со поп продуцентот Ден Хаф и го снимил нивниот осми студиски албум. Овој албум доживеал неочекуван неуспех, како комерцијален, така и од страна на критиката. Тоа се должело главно на исфрлените метал елементи по кои дотогаш биле препознатливи и вметнувањето на повеќе рок, диско и електронски елементи во звукот. Тоа ја предизвикало загубата на голем дел од нивните долгогодишни фанови, што се одразило и со продажбата на албумот, која била убедливо најслаба за еден нивни албум дотогаш.

Коцкањето со стилската промена на крајот не им се исплатело. Неколку години подоцна, во едно интервју Мастејн ги обзнанил мотивите за неуспешниот експеримент. Според него, фијаското на албумот се должело на преголемата инволвираност на луѓе и продуценти кои немале никаква допирна точка со хеви металот. За првпат во неговата долгогодишна кариера самиот си дозволил да не знае што всушност се работи во студиото и кои лица се одговорни во врска со проектот. Поучени од ова непријатно и горчливо искуство, Мегадет комплетно ќе раскинат со дотогашниот нивни правец и насоката ќе ја усмерат кон нивните рани музички корени.

Гитаристот Марти Фридмен објавил дека ќе го напушти бендот, откако Дејв Мастејн му кажал дека по овој неуспех ќе мораат да се вратат на стариот метал звук. Ал Питрели бил презентиран како најновиот член на Мегадет во пресрет на концертната турнеја во придружба на уште еден припадник на „Големата треш четворка“, Антракс. Но, Антракс ненадејно се повлекле пред самиот почеток, со што им бил оставен поголем простор на Мегадет. Оваа турнеја ќе предизвика одложување на датумот за снимање на деветтиот по ред студиски албум, на кој уште однапред му беше ставено името „The World Needs a Hero“.[17]

Megadeth, 2000-2002 постава: Ал Питерели, Џими Де Грасо, Дејвид Елефсон, Дејв Мастејн. Последната постава пред распадот.

The World Needs a Hero (2001-2002)[уреди]

По 14 годишна соработка, од Мегадет се решија дека е време за драстични промени, па така се разделиле со Капитол Рекордс. Според сеуште важечкиот договор, бендот бил обврзан да направи уште еден албум под палката на Капитол. Но, од менаџментот на оваа продукциска куќа побарале наместо нов студиски албум, од составот да издадат компилација на нивните најголеми хитови. Членовите се согласиле на драго срце, но подоцна се покајале за таа одлука. Имено, во првата збирка од најдобри песни на Мегадет, било побарано да бидат вклучени две нови песни од претстојниот албум. Овој предлог бил категорично одбиен од групата, по што следувала закана од Капитол, дека ако не ги послушаат не ќе можат понатаму да објавуваат нов материјал. Немајќи што да прават, Мегадет постапиле против своите интереси и ги вметнале двете нови нумери „Kill the King“ и „Dread and the Fugitive Mind“ на компилацијата насловена како Capitol Punishment: The Megadeth Years, или во превод „Казната од Капитол“.

Во ноември 2000 год. потпишале договор со Сануктари Рекордс. Менаџерот Бад Преџер бил отпуштен поради погрешните визии во врска со иднината на групата. Продукцијата и сите песни на албумот се комплетно на Дејв Мастејн, кој се решил на таков чекор поради огромниот неуспех со претходниот албум. Со овој албум било најавено нивното „враќање“, а се придружуваат на турнеја со AC/DC, Iced Earth и Endo. Поради терористичките напади од 11 септември 2001 год, неколку нивни концерти биле одложени. Една година подоцна го снимиле и првиот нивни албум во живо, познат како „Rude Awakening“.[18]

Во 2002 год. Мастејн направил ремикс на првиот нивни албум Killing Is My Business… and Business Is Good! за чие снимање биле искористени модерни техники, а биле додадени и бонус песни. Задоволен од позитивните реакции околу ремиксот, во 2004 направил комплетна ревизија на целиот нивни дотогашен музички каталог. Осум нивни студиски албуми биле комплетно аудио и дигитално ремиксувани, а биле додадени и дополнителни песни.

Привремен распад на бендот (2002-2004)[уреди]

Во јануари, 2002 год. Мастејн бил подложен на ситен хируршки зафат за да му биде отстранет камен од бубрегот. По овој оперативен зафат, Мастејн бил принуден да направи неколкунеделен одмор, како би закрепнал според планираното. Но, за време на кратката пауза доживеал тешко нервно оштетување на левата рака. Оваа несакана повреда настанала на многу бизарен начин. Имено, Мастејн заспал седејќи на столче со раката оставена преку потпирачот, што предизвикало силна компресија врз радијалниот нерв на таа рака. По ова оштетување, тој не бил во состојба да ги движи прстите на дланката, што само по себе значело дека нема да може да свири на гитара.[19]

На 3 април, 2002 год. тој и официјално објавил дека го распушта Мегадет на неопределено време, како би можел на замине на адекватна терапија. Во следните четири месеци бил приморан да оди на интензивен лекарски третман пет пати во седмицата. Иако бавно, Мастејн повторно научил да свири на гитара. Како би го испочитувале договорот со Сануктари Рекордс, Мегадет објавиле албум на кој се нашле дел од нивните песни изведени во живо, насловен како Still Alive… and Well?. По речиси едногодишното отсуство од музичката сцена, Мастејн започнал со дигитален ремикс на целиот нивни претходен музички каталог, а нешто подоцна стартувал и со компонирање музика за повратничкиот албум на групата.

Megadeth во јуни 2005, 2004-2006

The System Has Failed (2004-2006)[уреди]

По здравствените проблеми на Мастејн во 2004, тој се решил повторно да до состави бендот,[20] но овој пат со поставата од Rust in Peace, но нажалост не успеал во намерата. Тапанарот Ник Менза не бил подготвен во целост, а Марти Фридмен не сакал ни да чуе за повторна соработка со Мастејн по нивните жестоки расправии од минатото. Дејвид Елефсон во тој момент бил во судска парница со основачот Мастејн, па така овој бил принуден да состави комплетно нова екипа. За време на студиските сесии, кам-бек во Мегадет направил гитаристот од оригиналната постава, Крис Поланд. Но неговиот повраток бил само за потребите на албумот, па така по завршувањето со снимање на песните, тој си продолжил по својот пат. Биле најмени и повремени басист и тапанар во имињата на Вини Колајута и Џими Слоас. Седмата песна од ова остварување, Back in the Day била искористена како музика во еден од анимираните филмови на Волт Дизни.

Откако албумот бил издаден, од критиката бил окарактреизиран како најкомплексен нивни албум. Специјализираниот магазин за хеви метал музика Metal Hammer, ја оценил оваа плоча како нивна најдобра по култното треш метал парче Rust in Peace. Исто така во овој период бендот направил ЦД со нивните најголеми хитови под наслов Greatest Hits: Back to the Start. На оваа компилација се нашле песни по избор на фановите, кои својот глас можеле да го дадат на официјалниот веб-сајт на групата. Листата на песни е составена според резултатите од истото гласање.

United Abominations (2007-2008)[уреди]

Мастејн на промоција на United Abominations, 30 јуни, 2007 год.

Во мај 2006 год. од бендот најавиле дека биле речиси готови со единаесеттиот студиски албум, но поради смена на издавачката куќа албумот бил издаден една година подоцна. Овде се наоѓа и ремикс на култната балада со француски рефрен „À Tout le Monde (Set Me Free)“, каде како гостин настапила Кристина Скабија од италијанскиот хеви метал бенд Лакуна Коил. Оваа песна според најавите требало да биде и прв сингл од албумот, се додека не била заменета со композицијата Washington Is Next.[21]

Овој албум се искачил на осмото место по продажба во САД и претставувал најголемиот успех по Youthanasia со продадени 54 000 копии по првата недела. На интернационално ниво, албумот се нашол и на табелите на најпродавани албуми во седум европски земји.[22]

Интересна е и приказната за тоа како го направиле омотот на дискот. Бил објавен конкурс за цртежи кои би претендирале да бидат обвивка на овој албум. Дејв Мастејн ја избрал постоечката слика помеѓу 11 финалисти, но иако таа не била победник најмногу му се допаднала. Како награда за најдобрите три цртежи биле доделени различни модели на електрична гитара од марката Гибсон. Гитаристот Глен Дровер го напуштил бендот со цел да се фокусира на своето семејство. Неговото место го заземал Крис Бродерик, а со новата постава бендот направил официјално деби во Финска на 4-ти фебруари, 2008 год.[23]

Megadeth на концерт во Естонија, 2010 год.

Endgame (2009-2010)[уреди]

Во септември, 2009 год. официјално излегол во продажба дванаесеттиот по ред студиски албум на Megadeth. Албумот добил позитивни критики од хеви метал заедницата и се смета за продолжување на успехот на нивниот претходен музички материјал. Албумот бил наречен Endgame, според истоимениот документарец од режисерот Алекс Џонс. Енди Снип одново се вратил како продуцент, на обострано задоволство. Како промотивен сингл била пуштена песната „Head Crusher“, која воедно се смета и за најдобра песна на албумот. Споменатата песна беше номинирана за Греми наградата за Најдобар Метал Перформанс во 2010 год. Видео записи биле направени за водечкиот сингл, како и за песната „The Right to Go Insane“.[24]

И пофалбите на сметка на албумот не изостанале. Експерти од музичката индустрија искоментирале дека тандемот Мастејн и Бродерик функционирал беспрекорно, а жестината на песните ги оживува спомените од најдобрите денови на бендот. Ќе потенцираат дека сите солажи се брилијантни и дека составот одамна не звучел така витално. И Слеш, гитаристот на Guns N' Roses, позитивно го оценил овој диск на својата Твитер страница.[25]

По издавањето на оваа плоча, Megadeth заминале на светска турнеја во придружба на останатите бендови од „Големата четворка“ на треш-металот: Metallica, Slayer и Anthrax. Најспектакуларен бил нивниот заеднички настап во Софија, пред 80 илјадна публика. Во таа пригода било направено и ДВД-то The Big 4 Live from Sofia, Bulgaria. Злобните јазици почнале да шират гласини дека од Мегадет биле револтирани затоа што свиреле пред помалиот бенд од ова семејство, Slayer, но таквите озборувања веднаш биле демантирани од страна на Дејв Мастејн. Тој кажал дека сите од групата ја прифатиле таа идеја како одлична и додал дека ако повторно им се пружи прилика да свират по истиот распоред, без размислување би се согласиле.[26]

Thirteen (2011-денес)[уреди]

Бендот на концерт во Чиле (2010) по повод 20-годишнината од излегување на албумот Rust in Peace (1990)

Пред излегувањето на новиот, тринаесетти по ред студиски албум на Мегадет, бендот заминал на концертна турнеја низ Европа заедно со уште една култна треш метал група, т.е. Slayer. Насловот и музичкиот правец на новиот албум беа откриени за време на едно допишување на фронтменот Дејв Мастејн со фановите на групата. Басистот Дејвид Елефсон ги истакнал импресиите од работата со продуцентот Џони Кеј, за кого имал само пофални зборови. Им открија на обожавателите дека оваа понуда ќе биде нешто сосема поразлично од дотогашните нивни изданија. Напоменаа дека овој диск ќе има модерен звук и ќе биде најдобро нивно остварување во последните 20 години.[27][28]

Како прв официјален сингл од албумот беше најавен „Public Enemy No. 1“, песна посветена на гангстерот и нарко-картел Ал Капоне. Истата оваа песна беше номинирана за Греми награда, но потфрли и златниот грамофон замина во рацете на Foo Fighters. Тоа беше 10-тиот неуспешен обид на Мегадет да се закитат со престижната статуетка, што претставува еден поразителен рекорд за нив. Како втор и последен сингл од овој проект беше пуштена песнатаWhose Life (Is It Anyways?)“. Албумот во првата недела се продаде во 42 000 копии во САД, доволно да дебитира на 11 место на Билборд листата. На глобално ниво немаше позабележителен комерцијален успех.[29]

По ова, Мегадет заминаа на уште една турнеја, овој пат во Северна и Јужна Америка, во друштво на Моторхед и италијанскиот хеви метал бенд Лакуна Коил. За време на оваа турнеја во потполност го изведоа албумот Countdown to Extinction, за одбележување на јубилејот 20 години од неговото излегување во продажба. Од неофицијални извори беше објавено дека ќе се направи албум во живо од овие концерти, нешто слично на Rust in Peace Live во 2010 год. Во месец август, 2012 год. беше објавено дека Мегадет се враќаат во студиото да го подготвуваат нивниот нареден албум, одново под продукциска палка на Џони Кеј.[30]

Членови[уреди]

Сите членови на бендот од неговото основање[уреди]

Текстови[уреди]

Како главен текстописец на Megadeth, Мастејн е познат по своите контроверзни политички текстови.[31] Чести теми се војната и нуклеарната војна („Architecture of Aggression“, „Hangar 18“, „Return to Hangar“, „Take No Prisoners“) и последиците од неа („Dawn Patrol“ и „Ashes In Your Mouth“). Впрочем и самиот термин Megadeth е неправилна конструкција изведена од поимот „megadeath“, кој во превод значи смрт на еден милион цивили.[32] Неговиот цинизам во однос на политиката се забелележува во „Symphony of Destruction“, „Peace Sells“, „The World Needs A Hero“, „Blackmail the Universe“ и други песни.[33]

Контроверзните и не правилно разбрани текстови на бендот му создале разни проблеми, како на пример спотовите за песните „In My Darkest Hour“ и „À Tout le Monde“ кои биле забранети за прикажување на MTV поради тоа што биле протолкувани дека поттикнуваат самoубиство. Своето незадоволство и револт кон цензурата во музиката го искажале преку песната „Hook In Mouth“.[34]

Зависностите исто така се дел од нивните текстови, како на пример во „Use the Man“, „Burnt Ice“ и „Addicted to Chaos“. Исто така има мал број текстови базирани на религиски настани како „Truth Be Told“ и „Shadow of Deth“. „Countdown to Extinction“ е една од ретките песни каде Мастејн отворено зборува за загадувањето и постепеното уништување на биолошкиот екосистем.[35]

Контроверзите поврзани за бендот[уреди]

Дејв Мастејн е познат по своите изјави преку кои го изразува гневот главно насочен кон поранешните негови колеги од Metallica, Џејмс Хетфилд и Ларс Улрих, поради неговото исфрлање од бендот и начинот на кој е тоа направено.[14]

Во април 1988 год. на концерт во Северна Ирска, Мастејн незнаејќи со зборовите „This one's for The Cause!“ ја посветил последната песна „Anarchy in the UK“ на ИРА. Потоа се извинил, а на остатокот од турнејата бендот бил придружуван од силно обезбедување. Подоцна овој инцидент послужил како инспирација за една од најпознатите песни на Megadeth „Holy Wars… the Punishment Due“.[36]

Во јули 2004, поранешнипт басист Дејвид Елефсон го тужел Мастејн барајќи оштета од $18.5 милиони поради неговот невклучување во делбата на профитот на бендот, но тужбата набргу била отфрлена, а со тужба возвратил и Мастејн.[37]

Големи контроверзи ќе предизвика објавувањето дека Megadeth нема повеќе да свират одредени песни („The Conjuring“ и „Anarchy in the U.K.“) поради Мастејновото прифаќање на христијанството. Поради тоа тој го откажал настапот на бендот со екстремните блек метал бендови како „Rotting Christ“ и „Dissection“ поради нивните анти-христијански ставови.[38]

Маскота[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Вик Ретлхед.

Едно од препознатливите обележја на Мегадет е нивната долгогодишна маскота Вик Ретлхед. Дејв Мастејн е иноваторот на Ретлхед, а неговото создавање е опишано во песната „The Skull Beneath the Skin“ од нивниот деби албум. Поради некоординираност со менаџментот на издавачката куќа, Вик се појавил во видоизменет облик на првиот албум, многу поразличен од оригиналната замисла на Мастејн. Освен на омотот од повеќето студиски албуми, овој лик ќе биде главен елемент и на промотивните постери од речиси сите синглови на бендот.[39]

Во 2007 год. беше направен редизајн на маскотата од страна на фановите. Сликата со Вик Ретлхед во неговата човечка форма се најде на омотот од албумот United Abominations. Бидејќи ова имагинарно суштество ужива особена популарност помеѓу фановите на Мегадет, чести се случаите тој во живо да се појави на сцената за време на концертите.[40]

Gigantour[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Gigantour.

Во 2005 год. Мастејн организирал фестивал посветен на хеви метал културата, под името Gigantour. Фестивалот бил во предвиден како турнеја на Мегадет, надополнета со уште неколку еминентни бендови од нивниот жанр. На првото издание од Gigantour, покрај Мегадет, на главната сцена се појавиле и членовите на Dream Theater, Nevermore, Anthrax и Fear Factory. Настапите во Монтреал и Ванкувер беа филмувани и подоцна објавени како албум во живо.[41]

Настап во Хелсинки, Финска (4 јули, 2010 год.)

Второто издание на Gigantour било закажано да се одржи во втората половина од 2006 год. Овој пат, Мегадет настапиле со поразлична постава од таа на претходниот фестивал, бидејќи од групата си заминал басистот Џејмс Мекдонаф, а на негово место дошол Џејмс Ломензо. И придружбата на Мегадет била променета и надополнета, и тоа со бендовите Lamb of God, Arch Enemy и Overkill.[42] Овој пат турнејата се проширила и вон границите на САД, со три настапи во Австралија. Свирката од Флорида била снимена и обработена, а ДВД изданието било објавено во почетокот на 2008 год.

Третото издание на Gigantour траело две години (2007 и 2008), а концертните настапи биле одржани на три континенти. Во зависност од местото на кое изведувале, турнејата ја поделиле на три етапи. Megadeth и Lacuna Coil биле бендовите кои ја минале Австралија, притоа имајќи шест концерти на нивниот распоред. Друштво на Мегадет низ Англија им правеле нивните британски колеги од Evile. Третиот дел од турнејата бил воедно и најдолгиот, бидејќи била планирана посета на сите поголеми американски градови. In Flames и Children of Bodom свиреле како предгрупи на поголемиот бенд,[43] но имало и случаи кога сите групи настапувале одеднаш на бината. Со исклучок на неколкуте помали инциденти, овој движечки фестивал се сметал за солиден успех на сите учесници подеднакво.

Дискографија[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Дискографија на Megadeth.
Студиски албуми
Година Наслов Пласман Сертификат
1985 Killing Is My Business… and Business Is Good! / /
1986 Peace Sells… but Who's Buying? 76 Платинест
1988 So Far, So Good… So What! 28 Платинест
1990 Rust in Peace 23 Платинест
1992 Countdown to Extinction 2 2 x Платинест
1994 Youthanasia 4 Платинест
1997 Cryptic Writings 10 Платинест
1999 Risk 16 Златен
2001 The World Needs a Hero 16 /
2004 The System Has Failed 18 /
2007 United Abominations 8 /
2009 Endgame 9 /
2011 Thirteen 11 /
2013 Super Collider 6 /
Албуми во живо
Година Наслов Пласман Сертификат
2002 Rude Awakening 115 Златен
2005 Gigantour / /
2006 Unplugged in Boston / /
2007 That One Night: Live in Buenos Aires / /
2010 Rust in Peace Live 161 /
2010 The Big 4 Live from Sofia, Bulgaria 1 2 x Платинест
Мини албуми
Година Наслов Пласман Сертификат
1984 Last Rites / /
1991 Maximum Megadeth / /
1995 Hidden Treasures 90 /
Компилации
Година Наслов Пласман Сертификат
2000 Capitol Punishment: The Megadeth Years 66 /
2002 Still Alive… and Well? / /
2005 Greatest Hits: Back to the Start 65 /
2007 Warchest / /
2008 Anthology: Set the World Afire / /
Видео албуми
Година Наслов Пласман Сертификат
1991 Rusted Pieces 3 /
1993 Exposure of a Dream 25 /
1995 Evolver: The Making of Youthanasia 13 /
2001 Behind the Music 23 /
2002 Rude Awakening 2 Златен
2004 Video Hits / /
2006 Arsenal of Megadeth 6 Златен
2007 That One Night: Live in Buenos Aires 12 Златен
2008 Blood in the Water: Live in San Diego / /
2010 Rust in Peace Live 2 /
2010 The Big 4 Live from Sofia, Bulgaria / /

Наводи[уреди]

  1. BBC.co.uk "Биографија на Мегадет" од BBC.co.uk
  2. Dallas Observer "Интервју со Дејвид Елефсон", 12 јули, 2013, од Dallas Observer
  3. „Megadeth - The System Has Failed“. „Музичка критика за повратничкиот албум. http://www.ilikemusic.com/rock/Megadeth-675. 
  4. Blabbermouth.net "Ајрон Мејден, Слеер, Мегадет, Ози Озборн, Корн со номинации за Греми наградите", 2 декември 2010, од Blabbermouth.net
  5. Megadeth.com Објаснување на поимот „Droogie“ (21.07.2008) од официјалната веб страница на Мегадет
  6. Сите постави на Металика низ годините од Metallica World
  7. Најважните биографски податоци за Мегадет од heavymetal.about.com
  8. Целосна дискографија на Мегадет и коментари во врска со нивните изданија од No Life til' Metal.com
  9. Megadeth - Last Rites (демо) (256) од Series & Blogspot
  10. "Killing Is My Business… and Business Is Good" коментари за новата верзија''. Мај 2002, Loud Records, 9046-2.
  11. Стив Хју. "Peace Sells… but Who's Buying? Коментари, од AMG.com
  12. Џејсон Бирхмаер. "So Far, So Good… So What! Коментари за преработената верзија", All Music Guide, од AMG.com.
  13. Џон Стикс. "Кој го создаде треш металот?", 1990, Guitar for the Practicing Musician, reported by The Realms of Deth
  14. 14,0 14,1 The Realms of Deth. "Мегадет против Металика", од The Realms Of Death
  15. Rock On The Net's Официјална веб страница. "Греми награди: Најдобар метал перформанс", од Rockonthenet.com
  16. Боб Налбандијан. "Интервју со Дејвид Елефсон и Марти Фридман", 1998, Hard Radio.com's Shockwaves, reported by Hard Radio.com.
  17. Blabbermouth.net "Официјални податоци за продажбата на албуми на Мегадет", 16 декември, 2005, од Blabbermouth.net
  18. Стив Хју. "The World Needs A Hero" коментари на АМГ, од All Music Guide
  19. Megadeth.com "Поради претрпена тешка повреда на раката, Мастејн го распушта Мегадет", 3 април, 2002, од Megadeth.com
  20. Боб Налбандијан. "Интервју со Дејв Мастејн", 28 август, 2004, Hard Radio.com, преземено од Hard Radio.com
  21. Blabbermouth.net "МЕГАДЕТ: Новиот албум одложен за 2007", 23 август, 2006, од Blabbermouth.net
  22. Blabbermouth.net "'United Abominations' е највисоко рангиран албум на Мегадет во Велика Британија по 'Youthanasia'", 20 мај, 2007, од Blabbermouth.net
  23. Westword.com "Интервју со Крис Бродерик", 22 фебруари, 2012, од Westword.com
  24. BBC.co.uk "Критички осврт на 'Endgame' од Мегадет", 2 октомври, 2009, од BBC-Music-Review of Megadeth
  25. Blabbermouth.net "Мегадет го промовираа спотот за песната 'The Right To Go Insane'", 9 април, 2010, од Blabbermouth.net
  26. MetalInjection.net "Објавен датумот за концертот во Њу Јорк на 'Големата Четворка'", од Metal Injection
  27. Blabbermouth.net "МЕГАДЕТ: Откриен насловот на новиот албум", 8 јули, 2011, од Blabbermouth.net
  28. Blabbermouth.net "Басистот Дејвид Елефсон им кажува на фановите што да очекуваат од претстојниот албум", 13 април, 2011, од Blabbermouth.net
  29. Blabbermouth.net "Најновиот албум на Мегадет, 'Тринаесет' стартуваше со бр. 11 на Билборд листата", 9 ноември, 2011, од Blabbermouth.net
  30. Blabbermouth.net "Мегадет го одбраа Џони Кеј за продуцент на новиот албум", 22 август, 2012, од Blabbermouth.net
  31. Blabbermouth.net. "Дејв Мастејн ги напаѓа поранешните колеги од Металика, ги брани членовите на неговиот бенд", од Blabbermouth.net;.
  32. Значење на поимот од thefreedictionary.com
  33. Blogspot.com "Што е пораката во 'Symphony of Destruction'", 2 јули, 2008, од Blogspot.com
  34. Darklyrics.com "Текстови на песни од албумот 'So Far, So Good... So What !"' од Darklyrics.com
  35. The Realms of Deth. "Коментари од бендот во врска со песната", од Rockmetal.art.
  36. Contactmusic.com "Мастејн предизвика немири во Белфаст за време на концерт", 11 декември, 2005, од Contactmusic.com.
  37. MetalUnderground.com "Мастејн го тужи поранешниот басист на Мегадет, Дејвид Елефсон", 26 јули, 2005, од Metal Underground
  38. Blabbermouth.net "Дејв Мастејн вели дека нема да настапува на иста сцена со сатанистички бендови", 1 август, 2005, од Blabbermouth.net.
  39. Blabbermouth.net "Создавањето на Вик Ретлхед", 2 октомври, 2012, од Blabbermouth.net
  40. Blogcritics.org "Вик Ретлхед се појави на сцена со Мегадет", 20 август, 2010, од Blogcritics.org
  41. "Хронолошка таблица на Мегадет" (заклучно 2006) од Web Archive
  42. Metal Underground "Објавени деталите од Gigantour 2" од Metalunderground.com
  43. Blabbermouth.net "Објавен репертоарот на Мегадет", 13 април, 2008, од Blabbermouth.net

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Megadeth“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).