Италијански јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Италијански
Lingua italiana (l'italiano)
Изговор лингуа италиана, л‘италиано
Застапен во

Италија, Швајцарија, Сан Марино,

Ватикан,Истра, Словенија и Хрватска, како и во заедниците на италијанските иселеници во Канада, САД, Аргентина, Бразил, Австралија, Венецуела, Уругвај, Германија, Мексико, Франција, Белгија, Велика Британија и Луксембург
Подрачје Апенински полуостров
Говорници како мајчин јазик околу 65 милиони (Вкупно 150 милиони)  
Јазично семејство
Италско
Писмо Италијанска азбука
Статус
Службен во Италија, Швајцарија
Регулативен орган Академија Дела Круска
Јазични кодови
ISO 639-2 it
ISO 639-3 it
[[File:Map Italophone World - updated.png|300px]]

Италијанскиот јазик (la lingua italiana) кој припаѓа на романската јазична група (фамилија индоевропски јазици) го зборуваат околу 70 милиони луѓе, од кои најголемиот број живее во Италија, Сан Марино и јужна Швајцарија. Стандардниот италијански јазик е заснован на фирентинскиот дијалект и е нешто како среден јазик помеѓу јазиците на јужна Италија и галско-романските јазици на северот. Стариот тоскански стандарден јазик, во последните неколку децении, попримил влијанија од италијанскиот говор од Милано, економскиот центар на Италија. Италијанскиот е службен јазик во Италија и Сан Марино, као и во Швајцарските кантони Тичино и Гриџони. Италијанскиот заедно со латинскиот е втор службен јазик во Ватикан, заедно со словенечкиот е службен и во словенечките приморски општини Копер, Изола и Пиран, а исто така заедно со хрватскиот се користи и во Истра каде што живее италијанско малцинство. Мошне е раширен и меѓу потомците на иселениците во Луксембург, САД и Австралија. Исто така доста се употребува и на Малта, каде што бил еден од службените јазици а до 1934 година кога бил заменет со англискиот јазик. По малку се зборува и во бившите африкански колонии на Италија, како што се Сомалија, Либија и Еритреја.

Согласно податоците од 2000 година од истражувањето Italiano 2000 кое било промовирано од страна на Министерството за Надворешни работи на Италија и водено од лингвистот Тулио Де Мауро од Универзитетот “Ла Сапиенца” од Рим, италијанскиот јазик е петти по ред во светот кој се изучува во училиштата (по англискиот, францускиот, шпанскиот и германскиот).

Италијанска азбука[уреди]

Италијанскиот има двојни (или долги) согласки, како латинскиот (но не и како повеќето јазици од романската јазична група, на пр. францускиот и шпанскиот). Има 26 букви, но и покрај тоа користи 21 бидејќи буквите k, j, w, x, y постојат само во зборови од странско потекло, во дијалектите ("jella"), топонимите (Jesi), во некои презимиња како Lo Jacono или како графички варијанти во пишувањето (на пример кај Луиџи Пиранделo се среќава gioja наместо gioia).

Распространетост на италијанскиот јазик во Европа како мајчин и како странски јазик.

Јазични влијанија[уреди]

Лексичкиот фонд на италијанскиот јазик како дел од групата на романски јазици се состои во најголем дел од лексеми кои настанале по пат на еволуција на народниот говорен латински јазик, иако не можат да се изостават ни таканаречените учени зборови (итал. voci dotte) кои во италијанскиот јазик се воведени со директно преземање од класичниот латински јазик. Меѓутоа, бидејќи ниту еден јазик не може да остане изолиран од други јазични влијанија, така и италијанскиот примал зборови од многу други јазици кои се јавуваат како супстрати или суперстрати (грчки, германски, келтски, француски, провансалски, шпански и во поново време, англиски). Процентуално, нешто помалку од 70% од италијанските зборови има латинско потекло (66.8%), додека околу 10.9% се со грчко потекло а потоа следуваат и другите влијанија.

Латинизми[уреди]

Сѐ до потполната афирмација на националните јазици, латинскиот опстојува како јазик на религијата, филозофијата, правото, медицината и другите науки, како и јазик на европската култура општо гледано. Тоа постојано присуство на латинскиот како јазик на учените класи не можел да остане без последици за романските јазици, особено кога националните јазици почнуваат да се употребуваат во книжевниот и научниот говор. Приливот на латински зборови во италијанскиот јазик никогаш и не престанал, уште од неговата прва административна и формална употреба и од првите обиди за негова уметничка употреба, па сѐ до ден денешен. Интересна е појавата кога во изведувањето на зборовите (деривација на зборови), италијанскиот јазик претежно употребува латинизми. На тој начин многу зборови од непрекинатата народна традиција добиваат деривати во кои се открива латинската учена основа со минимални адаптации:

bagno cervello fiore fiume lido ghiaccio giorno luogo madre maestro orecchio padre piombo specchio
balneare cerebrale floreale fluviale litorale glaciale diurno locale materno magistrale auricolare paterno plumbeo speculare

Некои од изведените зборови се прават и од латинските основи кои не дале никакви рефлекси во италијанскиот јазик:

bevanda bocca casa denaro guerra stella
potabile (acqua potabile) orale (igiene orale) domestico (pareti domestiche) pecuniario (pena pecuniaria) bellico, bellicoso spazio siderale

Хуманизмот мошне допринел да дојде до директно преземање на многу зборови од класичниот латински јазик. Фонолошката и морфолошката структура на фирентинскиот, која не се издвоила премногу од латинската, го олеснила тој прием, така што не се осетил некој огромен контраст меѓу двата јазика. Во италијанскиот јазик има и латински зборови кои не претрпеле никаква промена. Во правниот јазик на пример се среќаваат зборовите и изразите: iter, referendum, deficit, alibi, placet, status quo. Од другите сфери: humus (интернациона ознака за ‘терен богат со органски материи‘), raptus (‘напад на бес кај психотични лица‘), medium (‘лице која поседува паранормални способности‘), specimen (‘примерок во издаваштвото‘), habitat (‘комплекс од амбиентални услови во кои живеат животни и растенија‘). Некои се во уште поширока употреба: virus (и придавката која е изведена virale), la benzina super, gli ultra (‘екстремни навивачи на некоја екипа‘), auditorium, ultimatum, referendum, quorum, linoleum (за индустрискиот производ кој се состои од латинските зборови LINUM и OLEUM), а особено се застапени суфиксот EX (il mio ex ragazzo) и суфиксоидот SUPER (од la benzina super до други кованици), duplex (‘телефонски двојник‘), video, audio, computer, missile, и изведените зборови egoismo, egoista, egocentrico. Покрај тоа, постојат и морфолошки латинизми, како што се облиците на компаративот: maggiore, minore, migliore, peggiore, posteriore, ulteriore , како и апсолутните суперлативи кои завршуваат на -errimo: integerrimo, acerrimo. Понекојпат латинизмот не е препознатлив по формата, туку по значењето, и во тој случај зборуваме за семантички латинизам. Таков е случајот со зборот cattivo (лат. CAPTIVUS) кога се појавува во своето изворно, латинско значење како ‘затвореник‘: cattività babilonese del popolo ebraico; cattività avignonese dei papi.

Христијански латински[уреди]

Христијанското учење донесува бројни иновации не само во италијанскиот јазик, туку и во сите романски јазици. Така на пример, во италијанскиот јазик ги среќаваме следниве зборови кои се директно преземени од хебрејскиот јазик, без грчко посредство: AMEN (‘амин, токму така‘), ALLELUIA (‘пофалба на Бога‘), PASCHA > Pasqua (‘Велигден‘), SCIABBATH > SABBATUM > sabato (‘сабота‘ свет ден за одмор кај Евреите), покрај многубројните библиски имиња кои се рашириле меѓу христијаните, а кои во италијанизирана форма гласат: Giuseppe, Giovanni, Maria, Anna, Giacomo, Raffaele, Elisabetta, Pasquale, Gioacchino. Друга група е составена од зборови од грчки јазик, кои се најчесто преводи од еврејски на некои технички и доктринарни христијански термини во латинска фонолошка адаптација: CHRISTUS > Cristo, EUCHARISTIA > eucaristia, BAPTIZARE > battezzare, BAPTISMUS > battesimo, MARTYR > martire, APOSTOLUS > apostolo, PROPHETA > profeta, DIACONUS > diacono, EPIPHANIA > Epifania (но исто и Befana), CHRISMA > crisma. Покрај наведените зборови кои во италијанскиот јазик навлегле како учени зборови, некои имаат и свои народски адаптации: ECCLESIA > chiesa (‘црква‘), EVANGELIUM > Vangelo (‘евангелие‘), PRESBYTER > prete (‘отец, свештеник‘). Третата група зборови ја сочинуваат латинските калкови со кои се заменуваат грчките зборови: MISSA > messa (‘миса‘), IUSTIFICARE > giustificare (‘оправдува‘), TRINITAS > trinità (‘тројство‘), DIES DOMINICA > domenica (‘недела‘, ден посветен на Бога).

Зборови од латинскиот супстрат[уреди]

Италијански јазик
Писмо латиница
Пример Прв член од „Декларацијата за човекови права“
Текст Tutti gli esseri umani nascono liberi ed eguali in dignità e diritti. Essi sono dotati di ragione e di coscienza e devono agire gli uni verso gli altri in spirito di fratellanza.
Македонски Ситe чoвeчки суштeствa сe рaѓaaт слoбoдни и eднaкви пo дoстoинствo и прaвa. Tиe сe oбдaрeни сo рaзум и сoвeст и трeбa дa сe oднeсувaaт eдeн кoн друг вo дуxoт нa oпштo чoвeчкaтa припaднoст.
Портал: Јазици

Неиндоевропски супстрат[уреди]

Во италијанскиот јазик влегле некои зборови од таканаречените медитерански јазици:

Медитерански зборови Латински зборови Италијански зборови
casa casa casa (‘куќа‘)
barca barca barca (‘бротче, чамец‘)
woino vinum vino (‘вино‘)
elaiwo oleum olio (‘масло‘)

Од етрурскиот јазик, кој е исто така неиндоевропски, земени се преку латинскиот јазик следните зборови: persona (во етрурскиот тоа значело ‘маска‘), popolo (‘народ‘), taverna, transenna, cisterna, па дури и зборот satellite (‘satelliti‘ биле телесна стража на етрурскиот крал Тарквиниј). И латинскиот збор TUNICA, збор кој потекнува од феникијскиот, еден од семитските јазици, исто така во латинскиот влегол од етрурскиот. Во 9 век овој збор влегува во црквениот јазик како ознака за литургиска облека.

Индоевропски супстрат[уреди]

Италски супстрат[уреди]

Во италијанскиот јазик пренесена е и појавата наречена бетацизам, со која се означува промената на буквата B во F, карактеристична за некои дијалетски варијанти на латинскиот, како остаток од оскискиот супстрат (иако бетацизмот бил не само оскиска појава туку карактеристика на сите италски јазици). Бетацизмот е видлив во следните примери: TUBER > TUFER > it. truffa (‘измама‘), TERRAE TUFER > tartufo (‘тартуф‘, вид на печурка); BUBALUS > bufalo. Од јазикот на Оските и Умбрите во италијанскиот, преку латинскиот јазик, навлегле и имињата на некои животни: lupo, bufalo, bue, scrofa, а од италско потекло се и имињата на некои растенија (elce).

Галски (келтски) супстрат[уреди]

Галскиот супстрат извршил силно влијание врз латинскиот јазик во време на Римското Царство, кога латинскиот примил многу лексеми од келтскиот, од кои некои имаат свој континуитет и во италијанскиот јазик: CARRUS > carro, BRACA > braca, BETUL(L)A > betulla. Покрај лексичкото влијание, на галскиот супстрат треба да му се препишат и многу важни фонолошки појави во италијанскиот јазик, како што е асимилацијата на консонантската група -КТ (FACTUM > fatto).

Грцизми[уреди]

Во италијанскиот јазик грцизмите, од хронолошка гледна точка, можат да се поделат во пет групи:

  • антички грцизми;
  • христијански грцизми;
  • народнолатински грцизми;
  • јужноиталијански и византиски грцизми;
  • современи грцизми.

Антички грцизми[уреди]

Античките грцизми се предхристијански грцизми кои се прифатени и хронолошки адаптирани во латинскиот јазик. Голем број од тие латински грцизми ги прифатил и италијанскиот јазик:

Грчки Латински Италијански
AÉR ĀERA aria, aere (‘воздух‘)
BALANÊION BĂLNEŬM bagno (‘бања‘)
CHÁRTĒS CHĀRTA carta (‘хартија‘)
GRAMMATIKÉ GRAMMATICA grammatica (‘граматика‘)
HISTORÍA HISTŎRIA storia (‘историја‘)
KATHÉDRA CĂTHĔDRA cattedra (‘катедра‘)
MOUSIKÓS MŪSICA musica (‘музика‘)
PÉTRA PĔTRA pietra (‘камен‘)
PÓIĒSIS PŎĒSIM poesia (‘поезија‘)
STÓMACHOS STŎMACHUM stomaco (‘желудник‘)
THÉATRON THEĀTRUM teatro (‘театар‘)

Христијански грцизми[уреди]

Христијанството воведува во латинскиот јазик многу грчки зборови поврзани со оваа религија и учење. Италијанскиот јазик пак, од своја страна, попримил многу латински грцизми, и тоа со соодветна фонолошка адаптација:

Грчки Латински Италијански
ÁNGHELOS (‘гласник‘) ANGELUS angelo (‘ангел‘)
BIBLÍA (‘книги‘ множ.) BÌBLIA Bibbia (‘Библија‘)
DIÁBOLOS (‘тужител‘, ‘непријател‘, ‘клеветник‘) DIABOLUS diavolo (‘ѓавол‘)
PÁPAS (‘татко‘) PĀPA papa (‘папа‘, Светиот отец)

Народнолатински грцизми[уреди]

Кога привилегираните и образовани класи во Стариот Рим почнуваат да стекнуваат национална и јазична свест, доаѓа и до постепено отстранување на грцизмите во класичниот латински јазик. Избегнувањето на грцизмите е во склад со создавањето на нова, автохтона култура која не сака да биде во сервилен однос наспроти грчкиот свет. Поради тоа многу грцизми во класичната писмена пракса се мошне ретки, но сепак се задржале во говорот и постанале дел од традицијата на романските народи:

Грчки Народен латински Италијански
BÝRSA (‘кожа‘) BŬRSA borsa (‘торба‘, ‘берза‘)
PLATÊIA од PLATÝS (‘широк‘) PLĂTEA piazza (‘плоштад‘)
TÝMBOS (‘гроб‘) TŬMBA tomba (‘гроб‘)

Јужнолатински и византски грцизми[уреди]

Посебна група сочинуваат јужноиталијанските грцизми кои настанале на територијата која е позната како MAGNA GRAECIA, од кои некои влегле во италијанскиот јазик, како на пример: THÊIOS, THÉIA (‘божји‘, ‘лице кое треба да се почитува‘) > THÍUS, THIA > zio, zia; кл.грчки KÓLPOS (‘залив‘), визант. KOLPHOS > лат.CŬLFUS > итал.golfo. И Византија имала големо влијание врз речникот на италијанските говори, благодарение на териториите во Апулија, Калабрија, Сицилија и во Романија, а исто така поради силните трговски врски со Венеција и Џенова. Така во италијанскиот јазик влегуваат зборови од средновековниот грчки јазик, за производите со кои во тоа време се тргувало: tegame (‘тава‘), anguria (‘лубеница‘), basilico (‘босилек‘), како и многу други зборови поврзани со морепловството: fanale (‘фенер‘, ‘светилник‘), gondola (‘гондола‘, чамец карактеристичен за Венеција), molo (‘брег‘, ‘пристаниште‘).

Модерни грцизми[уреди]

Во италијанскиот јазик, како впрочем и во речиси сите европски јазици, се среќаваат многу грцизми, без кои не е можно да се замисли речникот на современите јазици: idea, tema, problema, fantasia, crisi, tesi, economia, tecnica, ginnastica, fotografia, aereo, до имињата на средствата за масовна комуникација: radio, cinema, telegrafo, telefono, televisione и најновите термини како што се: discoteca, macrobiotica, stereofonia итн. Особена продуктивност доживеале грчките префиксоиди и суфиксоиди, меѓу кои се спомнуваат:

aero- (гр.AĒR ‘воздух‘): auto- (гр.AUTÓS ‘сам‘, ‘самостојно‘, ‘свое‘): bio- (гр.BÍOS, ‘живот‘): poli- (гр.POLÝS, ‘многу‘):
aeronauta autobiografia biochimica policromo
aerofisica autogoverno biologia poligamo
aerotrasporto automobile biografia poliglotta

Библиографија[уреди]

  • Lanuzza Stefano, Storia della lingua italiana, Tascabili Economici Newton, Roma, 1994
  • Terić Gordana, Istorija italijanskog jezika, FILOLOŠKI FAKULTET, Beograd, 1995

Наводи[уреди]

Видете исто така[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Речници[уреди]

Македонски[уреди]

Странски[уреди]