Шаховска олимпијада

Од Википедија — слободната енциклопедија
Шаховска олимпијада
Моментална сезона или натпреварување Шаховска олимпијада 2018
Основан(а) 1927
Подрачје меѓународно (ФИДЕ)
Број на тимови неодреден број
Моментен првак
Машка конкуренција
Женска конкуренција

 Узбекистан (1. титула)
 Украина (2. титула)
Најмногу титули
Машка конкуренција
Женска конкуренција

СССР СССР (18 титули)
СССР СССР (11 титули)

Шаховската олимпијада — меѓународно шаховско натпреварување, кое се одржува под покровителство на ФИДЕ. На натпреварувањето може да учествуваат машки и женски репрезентации од земји кои се членки на ФИДЕ.

Турнирот се одржува на секои две години, а бројот на земји-учеснички не е ограничен. Градот-домаќин се одредува на седница на ФИДЕ. На еден турнир се одвиваат натпреварите во машка и натпреварите во женска конкуренција, а вообичаено се организираат и додатни настани, чија главна цел е популаризација на шахот.

Првата официјална шаховска олимпијада се одржала во 1927 година во Лондон, а сè до 1939 година, натпреварувањето било наречено „турнир на нациите“. Во овој период, турнирот не бил одржуван редовно. Од 1950 година, настанот се одржува на секои две години.

Победничкиот пехар во машка конкуренција е познат и како „Хамилтон-Раселов пехар“ и е посветен на англискиот мецена Фредерик Хамилтон-Расел, а се доделува уште од 1927 година. Во женска конкуренција, победничкиот пехар е наречен „Менчиков пехар“, во чест на првата светска првенка, Вера Менчик.

Досега се одржани 44 шаховски олимпијади, а најмногу победи во обете конкуренции има репрезентацијата на Советскиот Сојуз, 18 во машка и 11 во женска конкуренција.

Историја[уреди | уреди извор]

Почетоци[уреди | уреди извор]

Портал  · Историја
Основи

Фигури  · Табла  · Правила
Стратегија  · Тактика  · Запис

Теорија

Отворање  · Средишница
Завршница  · Мат
Пешачка структура  · Принуден потег
Темпо  · Опозиција

Натпреварувања

Олимпијада
Вајк ан Зее  · Линарес  · М-Тел Мастерс
Дортмунд  · Нанѓинг

Организации

ФИДЕ  · ПША

Списоци

Поими  · Книги  · Партии
Отворања  · Силни турнири

По Првата светска војна, Британската шаховска федерација организирала годишен настан, кој содржел повеќе помали шаховски турнири во различни категории. Во 1922 година, настанот се одржал во Лондон, а вклучувал и мајсторски турнир. На турнирот победил светскиот првак, Капабланка, за кого ова било прво учество по стекнувањето на титулата, а зад него завршиле Алехин и Рубинштајн.[1] За време на одржувањето на настанот, рускиот мајстор, Евгениј Зноско-Боровски, кој живеел во Париз, објавил дека Француската шаховска федерација ќе организира тимски шаховски натпревар, кој ќе се одржи во 1924 година во Париз, соодветствувајќи на Летните олимписки игри во истиот град, истата година.

Во пресрет на големиот турнир, бил направен обид, шахот да се вклучи во распоредот на спортови на Летните олимписки игри во 1924, но истиот бил неуспешен поради проблемот со појаснувањето на разликите меѓу аматерските и професионалните шахисти.[2] Така, додека се одржувале Летните олимписки игри во Париз во 1924 година, бил одржан и најавуваниот шаховски турнир, кој бил наречен „Шаховски олимписки игри“.[1] Организацијата на турнирот била успешна, а на последниот ден, 20 јули 1924, претставници од петнаесет земји го потпишале протоколот со кој била основана Светската шаховска федерација, за чијшто прв претседател бил избран Александар Реб.[3][4] Според тоа, настанот не бил организиран од ФИДЕ и не се смета за официјална шаховска олимпијада. Освен тоа, истиот е оспорен како тимски натпревар, поради фактот што Ирска, Канада и Кралството СХС учествувале само со по еден шахист[5], а уште повеќе поради тоа што шахисти од иста земја играле меѓусебно. Исто така, двајца претставници на Русија биле бегалци, кои живееле во Париз и на турнирот настапиле поединечно.[1] На турнирот, секоја репрезентација играла против секого, а златниот медал го освоила репрезентацијата на Чехословачка, пред Унгарија и Швајцарија.[6]

На седницата на ФИДЕ, која во 1926 година се одржала во Будимпешта биле организирани натпревари во повеќе категории, меѓу кои и тимски натпревар. Ова, практично било второто тимско меѓународно шаховско натпреварување, по она во Париз во 1924 година. На турнирот им било дозволено учество само на аматерски шахисти, а бил применет нов систем на организација на тимовите, според кој тие содржеле по четворица шахисти, налик на денешниот состав.[7] Најавено било учество на 6 репрезентации, но по откажувањето на Австрија и Чехословачка, останале само 4, од кои победила репрезентацијата на Унгарија, пред Кралството СХС и Романија, додека Германија останала без медал.[8] Системот на натпревари бил „секој против секого“. Иако, турнирот бил организиран на седница на ФИДЕ, истиот се смета за неофицијална шаховска олимпијада, а е познат и како „Мала олимпијада“[5].

Првата официјална шаховска олимпијада[уреди | уреди извор]

Првата официјална шаховска олимпијада, организирана од страна на ФИДЕ била одржана во 1927 година во Лондон.[2] Натпреварувањето било првото на кое тимскиот турнир бил главниот настан, учеството им било дозволено и на професионалните шахисти, а победничкиот пехар бил именуван во чест на Фредерик Хамилтон-Расел како „Хамилтон-Раселов пехар“. Овие правила воведени на ова натпреварување станале вообичаени одлики на шаховската олимпијада.[4] Во однос на неофицијалната олимпијада, која се одржала во Будимпешта во 1926 година, била воведена и можноста секоја репрезентација да има во составот и шахист за замена[а], а оваа можност ја искористиле 6 репрезентации, иако трошоците за дополнителниот шахист биле должни да ги покријат шаховските сојузи од земјите-учеснички.[7] На турнирот учествувале 70 натпреварувачи од 16 земји, меѓу кои златниот медал го освоила репрезентацијата на Унгарија, а Геза Мароци станал првиот шахист којшто во своите раце го примил, победничкиот, „Хамилтон-Раселов пехар“.[9]

Олимпијадите пред Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Вториот обид, шахот да стане олимписки спорт бил направен во 1928 година, кога се одржала втората шаховска олимпијада во Хаг. Шаховската олимпијада соодветствувала на Летните олимписки игри во Амстердам, кои се одржале истата година, а учеството било ограничено само на аматерски шахисти. Сепак, шахот не станал ниту демонстративен спорт на игрите во Амстердам.[4] Во знак на протест на ова ограничувањето на учество само на аматерски шахисти, Обединетото Кралство и Кралството СХС не учествувале на игрите,[5] а контроверзно било учеството на репрезентацијата на САД, која всушност се состоела од професионални шахисти, а на турнирот го освоила второто место. По ова, ФИДЕ повеќе не воведувала ограничувања од овој вид.[10] Златниот медал го одбранила репрезентацијата на Унгарија.[11]

Во 1930 година, олимпијадата се одржала во Хамбург, а за првпат на турнирот им било дозволено учество и на аматерски и на професионални шахисти.[4] На турнирот била прекината унгарската доминација, откако репрезентацијата на Полска го освоила златниот медал.[12]

Симбол од шаховската олимпијада во Варшава, одржана во 1935 година

На шаховската олимпијада во 1931 година, која се одржала во Прага, за првпат биле воведени редни броеви на шахистите, кои биле во употреба за време на натпреварувањата. Доколку шахистот со повисок реден број во тимот бил заменет, тогаш шахистот со втор реден број станувал прв.[1] На оваа шаховска олимпијада, во конкуренција на 19 репрезентации, златниот медал го освоила репрезентацијата на САД,[13] која доминирала и на следните три олимпијади: во Фолкстон во 1933, Варшава во 1935 и Стокхолм во 1937 година.[4] Во 1932 година, требало да се одржи шаховска олимпијада во Шпанија, но истата била откажана поради финансиски проблеми.[5]

Во 1936 година, се одржала шаховска олимпијада во Минхен, која соодветствувала на Летните олимписки игри, кои истата година се одржале во Берлин. Настанот бил организиран во Германија, која не била членка на ФИДЕ и не учествувала на претходните три шаховски олимпијади поради својата ариевска политика. Делови од правилникот на Германската шаховска федерација биле антисемитски, поради што ФИДЕ не зела учество во организацијата на настанот и им допуштила на нејзините членки сами да одлучат дали ќе учествуваат или не.[14] Од овие причини, турнирот претставува уште една неофицијална шаховска олимпијада, а златниот медал го освоила репрезентацијата на Унгарија.[15]

Првата шаховска олимпијада надвор од Европа се одржала во Буенос Аирес во 1939 година. На настанот ѝ било дозволено учество на репрезентацијата на Германија и покрај нејзината непријателска политика кон Евреите. На турнирот учествувале 27 репрезентации, па олимпијадата била првата која содржела воведен и главен дел.[5] За време на одржување на турнирот, Германија ја нападнала Полска, поради што репрезентацијата на Англија се повлекла од турнирот, а многу други репрезентации одбиле да играат против Германија, која го освоила златниот медал.[16] Како последица на состојбата во Европа, многу еврејски шахисти останале во Аргентина.[4]

Олимпијади по Втората светска војна[уреди | уреди извор]

За време на Втората светска војна, не се одржувале шаховските олимпијади, а првата повоена се одржала во Дубровник во 1950 година. Шантел Шод де Силан од Франција станала првата жена, која учествувала на шаховските олимпијади во машка конкуренција.[5] Златниот медал го освоила репрезентацијата на СФР Југославија, со што станала првата земја-домаќин која го остварила овој успех.[17] Од 1950 година, шаховските олимпијади се одржуваат на секои две години.[2]

Своето прво учество, репрезентацијата на Советскиот Сојуз го забележала во 1952 година, кога турнирот се одржал во Хелсинки, кој бил град-домаќин и на Летните олимписки игри истата година. Советските шахисти го освоиле златниот медал, прв во серијата на 12 последователни.[5]

Боби Фишер (лево) против Михаил Таљ (десно) на шаховската олимпијада во 1960 година во Лајпциг

Во 1954 година, шаховската олимпијада требало да се одржи во Сао Паоло, а трошоците за превоз и сместување на европските репрезентации се обврзала дека ќе ги покрие Аргентина, која западнала во тешки финансиски проблеми. Поради тоа, ФИДЕ била принудена да ја одземе организацијата и истата му ја доделила на градот Амстердам, откако Холандија и претходно била заинтересирана за организација на настанот.[18]

Тимски натпревар во женска конкуренција немало сè до 1957 година, кога од страна на ФИДЕ била организирана првата женска шаховска олимпијада. На турнирот учество најавиле репрезентации од 22 земји, од кои само репрезентацијата на Чиле не се појавила на турнирот. Златниот медал го освоила репрезентацијата на Советскиот Сојуз, која ја остварила првата од серијата на 11 последователни победи.[19]

Во рамките на шаховската олимпијада во 1972 година, која се одржала во Скопје, за првпат женската шаховска олимпијада се одржала заедно со машката.[5] Ова правило било прекршено во 1974 година, а од 1976 година шаховските олимпијади содржат натпревари во обете конкуренции.

На шаховската олимпијада во Хаифа во 1976 година, за првпат била воведена сметачката поддршка,[5][20] а турнирот бил првиот организиран по швајцарски систем.[4][5] Сепак, настанот е запаметен по учеството на само 48 од над 90 земји-членки на ФИДЕ и отсуството на источноевропските земји, меѓу кои и Советскиот Сојуз, СФР Југославија и Унгарија. Во такви услови златниот медал го освоила репрезентацијата на САД.[20] Истата година, во Триполи, во знак на протест била организирана Противизраелска олимпијада, на која учествувале репрезентации од 38 земји, а златниот медал го освоила репрезентацијата на Ел Салвадор.[21]

Главната турнирска сала за време на Шаховската олимпијада 2008

Во 1978 година, на шаховската олимпијада во Буенос Аирес, за првпат репрезентацијата на Советскиот Сојуз учествувала, но не го освоила златниот медал, откако на конечната табела завршила зад репрезентацијата на Унгарија.[22]

По распадот на Советскиот Сојуз, доминацијата на шаховските олимпијади во машка конкуренција ја наследила репрезентацијата на Русија, која освоила златни медали на 6 последователни олимпијади во периодот од 1992 до 2002 година, додека во женска конкуренција репрезентацијата на Кина е најуспешна со 6 златни медали.

Признавање на шахот како спорт[уреди | уреди извор]

Во јуни 1999 година, шахот бил признаен како спорт од страна на Меѓународниот олимписки комитет (МОК),[23] при што ФИДЕ се признава како меѓународна федерација на спортот.[23][24][25][26]

Како членка на МОК, ФИДЕ има право да пропишува сопствени правила, вклучувајќи го и спроведувањето на тестови против употреба на недозволени средства.[27][28][29][30] Сепак, изгледите шахот да стане дел од распоредот на спортови на некои олимписки игри е неизвесна. Именувањето на тимското натпреварување на ФИДЕ како „Шаховска олимпијада“ е со историско значење и нема никаква врска со Олимписките игри.

Правила на натпреварување[уреди | уреди извор]

Број на учесници[уреди | уреди извор]

Бројот на репрезентации на една шаховска олимпијада не е ограничен, па така своја репрезентација може да испратат сите земји, чиишто шаховски федерации се признаени од страна на ФИДЕ.[2] Во поново време, земјата-домаќин има право да учествува со повеќе свои репрезентации, кои во зависност од просечниот рејтинг на шахистите од кои се сочинети, редоследно се подредени. Велика Британија не учествува како единствена репрезентација, туку секоја од четирите составни земји учествуваат посебно, а право на учество имаат и Џерси и Гернзи.[2]

Заклучно со 2010 година, на шаховските олимпијади учествувале вкупно 201 репрезентација[б][31] во машка конкуренција, составени од вкупно 5942 шахисти[32]. До истата година, во женска конкуренција учествувале вкупно 152 репрезентации[в][33], составени од 2306 шахистки[34].

Организација на натпревари[уреди | уреди извор]

Распоред на учесниците во мечот меѓу Чехословачка и Советскиот Сојуз на олимпијадата во 1988 година

Уште од првиот официјален турнир, шаховската олимпијада претставува тимски натпревар, на кој силите ги соочуваат по четворица шахисти од секој тим. Секој тим може да има и резервни шахисти, кои може да го заменат било кој шахист од натпреварувачката четворка, а нивниот број беше ограничен на 2, кој од олимпијадата во Дрезден во 2008 година бил намален на 1 шахист.[35][36]

Во почетоците, секоја репрезентација играла против секого, но со зголемувањето на бројот на учесници, овој систем станал практично невозможен, по што натпреварите биле одредувани на различни начини, засновани на одредувањето репрезентации кои ќе бидат носители.[2] Во 1976 година, системот на натпревари се одредува според швајцарски систем, кој се применува и денес.[2] Временските контроли кои се применувале за одигрување на партиите, многу често се менувале. Објавувањето реми за време на партијата било дозволено по било кој одигран потег во партијата, сè до 2008 година, кога со новите измени бил ограничено правото на понудување реми по одигрувањето на првите 30 потези.[35][36]

Бројот на натпреварувачки кругови се разликувал на секој турнир, сè додека не бил ограничен на 14, кој со измените на олимпијадата во 2008, бил намален на 11.[35][36]

Вреднување на резултатот и рангирање[уреди | уреди извор]

Од четворицата натпреварувачи кои ја претставуваат својата репрезентација во еден натпреварувачки круг, двајца играат со бели, а двајца со црни фигури. Секоја добиена партија се вреднува со 1 бод, за реми се добива ½ бод, а за пораз 0 бода. Исходот од секој круг за секоја репрезентација се добива, кога ќе се соберат бодовите освоени од четворицата натпреварувачи. До олимпијадата во Дрезден во 2008 година, рангирањето се вршеше со споредување на вкупниот број на освоени бодови на секоја репрезентација во секој круг, при што репрезентацијата со најголем број на освоени бодови била прогласувана за победник. Со измените во 2008 година, повеќе не се врши рангирање според збирот на освоените бодови на секоја репрезентација во секој круг, туку се воведе вреднување според исходот на секоја репрезентација во секој круг. Според тоа, без оглед на резултатот во секој круг, победата се вреднува со 2 бода, поразот со 0, а доколку натпреварот заврши нерешено се добива по 1 бод. Бидејќи примената на овој систем на рангирање овозможува повеќе репрезентации да имаат ист број на бодови, беа воведени три дополнителни параметри, чии вредности решаваат во случај на делба на позиции. Првиот се пресметува со собирање и множење на вкупниот број бодови освоени во секоја партија и секој натпревар со соодветните бодови на противникот.[г] Најчесто, доволно е да се применува само овој параметар за да се одреди подобриот. Но, доколку и вредностите на овој параметар се еднакви за две или повеќе репрезентации, тогаш се пресметува вториот параметар кој претставува збир на освоените бодови од натпреварите на сите противници. Овој параметар се нарекува и Олимписки Бухолцов систем. Во случај и по споредувањето на вредностите на овој параметар да не се одреди подобриот, се врши споредување на вкупниот број на освоени бодови во секој круг, налик на поранешниот систем на рангирање.

Награди и одличја[уреди | уреди извор]

Катерина Лагно од Украина со „Менчиковиот пехар“ в рака на олимпијадата во Торино во 2006 година

По завршувањето на сите натпревари, се доделуваат тимски и поединечни награди, наградата „Нона Гаприндашвили“ и награди за најдобрите одиграни партии.

Победничкиот пехар, кој ѝ се доделува на победничката машка репрезентација е наречен „Хамилтон-Раселов пехар“,[2] во чест на британскиот мецена Фредерик Хамилтон-Расел, а се доделува од 1927 година. Победничката репрезентација го задржува до следниот турнир, кога е потребно да го врати.

Победничката репрезентација во женска конкуренција е одликувана со „Менчиковиот пехар“, именуван во чест на првата светска првенка, Вера Менчик.

Поединечните награди се доделуваат за шахистите кои оствариле најдобра успешност во одиграните партии. Наградите се поделени во зависност од редниот број кој шахистот го имал во репрезентацијата, па според тоа се разликуваат: најдобар шахист на прва табла, најдобар шахист на втора табла итн. Најдобрите шахисти се рангирани врз основа на нивната процентуалната успешност на турнирот. На шаховските олимпијади се доделува и награда за најдобар шахист, која се доделува на шахистот кој постигнал најголем оценет рејтинг.

Со наградата „Нона Гаприндашвили“ се одликува репрезентацијата со најдобар мешовит успех во обете конкуренции, а се доделува во чест на истоимената шахистка.

На последните неколку шаховски олимпијади се доделуваат и награди за најдобрите резултати остварени од репрезентации поделени во неколку категории.

Резултати[уреди | уреди извор]

Список на шаховски олимпијади и олимписки прваци[уреди | уреди извор]

Година Машка конкуренција[37] Женска конкуренција[38]
Олимпијада Град-домаќин Првак Олимпијада Град-домаќин Првак
19241 - Франција Париз Чешка Чехословачка
1926 - Унгарија Будимпешта  Унгарија
1927 I Обединето Кралство Лондон  Унгарија
1928 II Холандија Хаг  Унгарија
1930 III Германија Хамбург  Полска
1931 IV Чехословачка Прага  САД
1933 V Обединето Кралство Фолкстон  САД
1935 VI Полска Варшава  САД
1936 - Трет Рајх Минхен  Унгарија
1937 VII Шведска Стокхолм  САД
1939 VIII Аргентина Буенос Аирес Нацистичка Германија Германија
1950 IX СФРЈ Дубровник СФРЈ СФР Југославија
1952 X Финска Хелсинки СССР СССР
1954 XI Холандија Амстердам СССР СССР
1956 XII СССР Москва СССР СССР
1957 I Холандија Емен СССР СССР
1958 XII Германија Минхен СССР СССР
1960 XIV Лајпциг СССР СССР
1962 XV Бугарија Варна СССР СССР
1963 II СФРЈ Сплит СССР СССР
1964 XVI Израел Тел Авив СССР СССР
1966 XVII Куба Хавана СССР СССР III Германија Оберхаузем СССР СССР
1968 XVIII Швајцарија Лугано СССР СССР
1969 IV Полска Лублин СССР СССР
1970 XIX Германија Зиген СССР СССР
1972 XX СФРЈ Скопје СССР СССР V СФРЈ Скопје СССР СССР
1974 XXI Франција Ница СССР СССР VI Еквадор Меделјин СССР СССР
1976 XXII2 Израел Хаифа  САД VII Израел Хаифа Израел Израел
1976 - Триполи Ел Салвадор Ел Салвадор
1978 XIII Аргентина Буенос Аирес  Унгарија VIII Аргентина Буенос Аирес СССР СССР
1980 XXIV Малта Валета СССР СССР IX Малта Валета СССР СССР
1982 XV Швајцарија Луцерн СССР СССР X Швајцарија Луцерн СССР СССР
1984 XXVI Грција Солун СССР СССР XXVI3 Грција Солун СССР СССР
1986 XXVII ОАР Дубаи СССР СССР XXVII ОАР Дубаи СССР СССР
1988 XXVIII Грција Солун СССР СССР XXVIII Грција Солун  Унгарија
1990 XXIX СФРЈ Нови Сад СССР СССР XXIX СФРЈ Нови Сад  Унгарија
1992 XXX Филипини Манила  Русија XXX Филипини Манила  Грузија
1994 XXXI Русија Москва  Русија XXXI Русија Москва  Грузија
1996 XXXII Ерменија Ереван  Русија XXXII Ерменија Ереван  Грузија
1998 XXXIII Русија Елиста  Русија XXXIII Русија Елиста Народна Република Кина НР Кина
2000 XXIV Турција Истанбул  Русија XXIV Турција Истанбул Народна Република Кина НР Кина
2002 XXXV Словенија Блед  Русија XXXV Словенија Блед Народна Република Кина НР Кина
2004 XXXVI Шпанија Калвија  Украина XXXVI Шпанија Калвија Народна Република Кина НР Кина
2006 XXXVII Италија Торино  Ерменија XXXVII Италија Торино  Украина
2008 XXXVIII Германија Дрезден  Ерменија XXXVIII Германија Дрезден  Грузија
2010 XXXIX Русија Ханти-Мансијск  Украина XXXIX Русија Ханти-Мансијск  Русија
2012 XL Турција Истанбул  Ерменија XL Турција Истанбул  Русија
2014 XLI Норвешка Тромсе Народна Република Кина НР Кина XLI Норвешка Тромсе  Русија
2016 XLII Азербејџан Баку  САД XLII Азербејџан Баку Народна Република Кина НР Кина
2018 XLIII Грузија Батуми Народна Република Кина НР Кина XLIII Грузија Батуми Народна Република Кина НР Кина
2022 XLIV Индија Ченај  Узбекистан XLIV Индија Ченај  Украина
2024 XLV Унгарија Будимпешта XLV Унгарија Будимпешта
2026 XLVI Узбекистан Ташкент XLVI Узбекистан Ташкент
1 Со закосени букви се запишани годините во кои се одржале неофицијални шаховски олимпијади.
2 Во 1976 година, голем број источноевропски земји, меѓу кои и Советскиот Сојуз, не учествувале на олимпијадата.
3 Од 1984 година, редните броеви на шаховските олимпијади во женска конкуренција се поистоветуваат со оние во машка, иако фактички не одговараат.

Освојувачи на медали[уреди | уреди извор]

Машка конкуренција[уреди | уреди извор]

Податоци за периодот од 1927 до 2022 година[39]
РангА Земја Злато Сребро Бронза Вкупно
1 СССР СССРБ 18 1 0 19
2  САД 6 6 8 20
3  Русија 6 3 3В 12
4  Унгарија 3 7 2 12
5  Ерменија 3 1 3 7
6  Украина 2 2 3 7
7 Народна Република Кина НР Кина 2 1 0 3
8 СФРЈ СФР Југославија 1 6 6 13
9  Полска 1 2 3 6
10  Германија 1 1 3 5
11  Узбекистан 1 1 0 2
12  Англија 0 3 3 6
13  Аргентина 0 3 2 5
14 Чешка Чехословачка 0 2 1 3
15 Израел Израел 0 1 1 2
15  Холандија 0 1 1 2
15  Шведска 0 1 1 2
18  Данска 0 1 0 1
18  Босна и Херцеговина 0 1 0 1
20 Индија Индија 0 0 2Г 2
21  Бугарија 0 0 1 1
21  Естонија 0 0 1 1

Женска конкуренција[уреди | уреди извор]

Податоци за периодот од 1957 до 2022 година[40]
РангА Земја Злато Сребро Бронза Вкупно
1 СССР СССРБ 11 2 0 13
2 Народна Република Кина НР Кина 6 4 4 14
3  Грузија 4 2 3 9
4  Русија 3 3 3 9
5  Унгарија 2 5 2 9
6  Украина 2 3 3 8
7 Израел Израел 1 0 0 1
8  Романија 0 5 2 7
9  Полска 0 1 2 3
10 СФРЈ СФР Југославија 0 1 1 2
10  Бугарија 0 1 1 2
10  САД 0 1 1 2
13  Англија 0 1 0 1
14  Источна Германија 0 0 3 3
15  Германија 0 0 1 1
15 Чешка Чехословачка 0 0 1 1
15  Шпанија 0 0 1 1
15 Индија Индија 0 0 1 1
А При одредувањето на рангот земени се предвид и другите остварени резултати на наведените репрезентации, поради што нема делба на места при ист број и состав на освоени медали.
Б Со закосени букви се запишани земјите кои повеќе не постојат.
В Еден бронзен медал за Русија има освоено втората репрезентација на оваа земја, чијшто настап е дозволен само доколку земјата е домаќин на олимпијадата.
Г Еден бронзен медал за Индија има освоено втората репрезентација на оваа земја, чијшто настап е дозволен само доколку земјата е домаќин на олимпијадата.

Статистика и рекорди[уреди | уреди извор]

Заклучно со одржувањето на олимпијадата во 2010 година и резултатите постигнати на неа, на шаховските олимпијади биле одиграни вкупно 76.334 партии, од кои 28.322 (37,1%) ги добиле шахистите кои играле со бели фигури, 22.600 (29,6%), шахистите со црни фигури, а 25.383 (33,3%) завршиле реми.[41] До 2006 година биле одиграни вкупно 18.255 натпревари, од кои 2.158 (11,82%) завршиле со резултат 4-0, 2.738 (15%) со 3½-½, 4.519 (24,75%) 3-1, 5.617 (30,77%) 2½-1½ и 3.223 (17,66%) натпревари завршиле 2-2.[41]

Најмногу учества на шаховските олимпијади во натпреварите во машка конкуренција имаат репрезентациите на Австрија, Англија (вклучувајќи ги и учествата како Велика Британија), Данска и Шведска, 37, додека најмногу одиграни партии има репрезентацијата на Данска, 2396. Најголем број победи има остварено репрезентацијата на Унгарија, 961, која има и најголем број добиени натпревари, 364, а и најголем број освоени бодови, 1474½, додека најголема успешност има репрезентацијата на Советскиот Сојуз, 76,2% или 991 освоен бод од 1300 одиграни партии. Репрезентацијата на Советскиот Сојуз има освоено најголем број медали, 19 и најголем број на златни, 18.[31]

Лајош Портиш на шаховската олимпијада во Валета во 1980 година

Од шахистите, најмногу учества имаат Лајош Портиш и Еугенио Торе, 20, а Портиш има одиграно и најголем број партии, 260, има остварено најголем број победи, 121, и има освоени најголем број бодови, 176½.[32][41] Гари Каспаров е единствениот шахист со 7 златни медали поединечно, од кои 4 се за најголем оценет рејтинг, а 3 за најдобра успешност на прва табла.[42] Каспаров е и шахистот којшто настапил со најголем Ело рејтинг, 2838 бода, на шаховската олимпијада во Блед во 2002 година.[41]

Во женска конкуренција, само репрезентацијата на Германија (вклучувајќи ги и учествата како Западна Германија) има учествувано на сите 24 олимпијади, која има и најголем број на одиграни партии, 908, додека најголем број на добиени партии, 412, најголем број на добиени натпревари, 188 и најголем број на освоени бодови има репрезентацијата на Унгарија, 573. Репрезентацијата на Советскиот Сојуз има најголема успешност, која изнесува 81,8% или 373 освоени бодови од 456 одиграни партии, како и најголем број на освоени медали, 13 и најголем број на златни, 11.[33]

Бил Хук на шаховската олимпијада во Дрезден во 2008 година

Бугарската шахистка Маргарита Воиска има најмногу учества, 16, која има одиграно и најголем број партии, 178, додека најмногу добиени партии и најдобра успешност има Нона Гаприндашвили, 98 победи со 83,6% успешност, а најмногу освоени бодови Маја Чибурданидзе, 125½.[34] Најмногу златни медали поединечно има освоено Нона Гаприндашвили, вкупно 9, од кои 8 се за најголем оценет рејтинг, а еден за најдобра успешност на прва табла.[43]

Најмлад шахист, којшто учествувал на шаховска олимпијада е Хо Менг Веи од Кинески Тајпеј, кој на шаховската олимпијада во Дрезден во 2008 година, настапил со само 7 години 11 месеци и 12 дена, додека најстар учесник е Бил Хук од Девствените острови, кој на истата олимпијада настапи на возраст од 83 години 4 месеци и 26 дена.[41]

Најдолгата партија, која била одиграна на една шаховска олимпијада била партијата меѓу Јасер Сеираван и Џин Сји која содржела 190 потези, а била одиграна како дел од мечот меѓу САД и Кина на шаховската олимпијада во 1988 година, која се одржала во Солун.[41] Најкратката партија пак, била одиграна на шаховската олимпијада во Калвија во 2004 година, меѓу велемајсторите Алексеј Фјодоров од Белорусија и Ѓорѓи Кахиешвили од Грузија, кои по 1.е4 с6 2.d4 се согласиле на реми.[41]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Белешки[уреди | уреди извор]

  • а Шахистот за замена можел да замени било кого од шахистите во натпреварувачката четворка. Ова правило се применува и денес.
  • б Во овој број се вклучени и дополнителните репрезентации со кои земјата-домаќин може да учествува, како и трите репрезентации составени од шахисти со хендикеп. Според тоа, овој број не го претставува вкупниот број на земји-учеснички, 173.[41]
  • в Во овој број се вклучени и дополнителните репрезентации со кои земјата-домаќин може да учествува, како и трите репрезентации составени од шахисти со хендикеп. Според тоа, овој број не го претставува вкупниот број на земји-учеснички, 136.[41]
  • г При пресметувањето на овој параметар не се вклучуваат бодовите од исходот од секој натпревар на најслабата репрезентација.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 In the beginning..., OlympBase.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Brace, Edward R. (1977), An Illustrated Dictionary of Chess, Hamlyn Publishing Group, стр. 64, ISBN 1-55521-394-4
  3. FIDE History Архивирано на 28 октомври 2009 г., Bill Wall.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 CHESS OLYMPIADS Архивирано на 19 јуни 2012 г., Jan van Reek.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 Chess Olympiad Trivia Архивирано на 25 октомври 2012 г., Chessville.
  6. Chess Olympiad: Paris 1924, OlimpBase.
  7. 7,0 7,1 Schacholympiaden, ChessGames.
  8. Budapest 1926 Chess Summit, OlimpBase.
  9. 1st Chess Olympiad: London 1927, OlimpBase.
  10. Schacholympiaden (II), ChessGames.
  11. 2nd Chess Olympiad: The Hague 1928, OlimpBase.
  12. 3rd Chess Olympiad: Hamburg 1930, OlimpBase.
  13. 4th Chess Olympiad: Prague 1931, OlimpBase.
  14. The 1936 Munich Chess Olympiad, Едвард Винтер, 2006.
  15. unofficial Chess Olympiad: Munich 1936, OlimpBase.
  16. 8th Chess Olympiad: Buenos Aires 1939, OlimpBase.
  17. 9th Chess Olympiad: Dubrovnik 1950, OlimpBase.
  18. 11th Chess Olympiad: Amsterdam 1954, OlimpBase.
  19. 1st Women's Chess Olympiad: Emmen 1957, OlimpBase.
  20. 20,0 20,1 22nd Chess Olympiad: Haifa 1976, OlimpBase.
  21. "Against Chess Olympiad": Tripoli 1976, OlimpBase.
  22. 23rd Chess Olympiad: Buenos Aires 1978, OlimpBase.
  23. 23,0 23,1 Recognized Sports of the International Olympic Committee, МОК.
  24. International Federation (IF) for chess., МОК.
  25. FIDE - Uniting the Chess World, ФИДЕ.
  26. ARISF Members, Асоцијација на признаени спортски федерација од страна на МОК.
  27. Complete FIDE Anti-Doping Documents, ФИДЕ.
  28. Controversy over FIDE doping check, ChessBase.
  29. The Insanity of Drug Testing in Chess Архивирано на 23 јуни 2012 г., Џереми Силман.
  30. Chess Olympiad in Dresden 2008 Архивирано на 31 октомври 2013 г., Chinaorbit.com.
  31. 31,0 31,1 Men's Chess Olympiads' Overall Statistics 1927-2010 Team Statistics, OlimpBase.
  32. 32,0 32,1 Men's Chess Olympiads' Overall Statistics 1927-2010 Individual Statistics, OlimpBase.
  33. 33,0 33,1 Women's Chess Olympiads' Overall Statistics 1957-2010 Team Statistics, OlimpBase.
  34. 34,0 34,1 Women's Chess Olympiads' Overall Statistics 1957-2010 Individual Statistics, OlimpBase.
  35. 35,0 35,1 35,2 FIDE submits regulation changes for Chess Olympiad, ФИДЕ.
  36. 36,0 36,1 36,2 38. Schacholympiade 2008, TeleSchach.
  37. Men's Chess Olympiads summary, OlimpBase.
  38. Women's Chess Olympiads summary, OlimpBase.
  39. Men's Chess Olympiads' Overall Statistics 1927-2014 Medal Table, OlimpBase.
  40. Women's Chess Olympiads' Overall Statistics 1957-2014 Medal Table, OlimpBase.
  41. 41,0 41,1 41,2 41,3 41,4 41,5 41,6 41,7 41,8 Men's Chess Olympiads Trivia 1927—2010, OlimpBase.
  42. Kasparov, Garry Архивирано на 25 ноември 2011 г., OlimpBase.
  43. Gaprindashvili, Nona, OlimpBase.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Авербах Ю., Туров Б.: Шахматные Олимпиады, Москва, 1974.
  • Туров Б.: Пять шахматных Олимпиад XXI-XXV, Москва, 1984.
  • Ханамирян Г.: Всемирные шахматные Олимпиады. 1927-2006, Ереван, 2006
  • Árpád Földeák: Schach-Olympiaden. Corvina Verlag und Ten Have Verlag, Budapest und Amsterdam 1971.
  • Mario Tal: Bruderküsse und Freudentränen. Eine Kulturgeschichte der Schach-Olympiaden. PapyRossa Verlag, Köln 2008. ISBN 978-3-89438-393-0.
  • Raj Tischbierek: Sternstunden des Schachs: 30 x Schacholympia. Sportverlag, Berlin 1993, ISBN 3-328-00554-4.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Шаховска олимпијада“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).