Михаил Таљ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Михаил Таљ
Mikhail Tal Leipzig 1960.jpg
Михаил Таљ во 1960
Цело име Михаил Таљ
Земја СССР СССР
Роден(а) 9 ноември 1936
Рига, Латвиска ССР, СССР
Починал(а) 28 јуни 192[1]
Москва, Руска Федерација
Титула велемајстор
Светски првак 1960-1961

Михаил Таљ (латвиски: Mihails Tāls, руски: Михаил Нехемьевич Таль; 9 ноември 1936 – 28 јуни 1992)[1]советски и латвиски шахист, велемајстор и осмиот светски првак во шах.

Го нарекувале и „Миша“ (деминутив од Михаил) и „волшебникот од Рига“ поради неговиот извонреден комбинаторски стил на игра. Неговите партии, во најголем број се дел од најчитаните шаховски книги во светот.

Таљ, исто така бил и познат шаховски автор. Многу критичари го сметаат за најдобриот шахист со напаѓачки стил на игра на сите времиња.

Рани години[уреди]

Михаил Таљ се родил во Рига, Латвија. Научил да игра шах на 8 години, гледајќи го својот татко. Кратко потоа, тој се придружил во шаховскиот клуб на пионерското движење во Рига. Неговиот стил на игра не бил извонреден од почеток, но многу се трудел да напредува. Во 1949 година, Александар Кобленц започнал да го подучува. Неговиот стил на игра се подобрил за многу кратко време, па во 1951 година обезбедил учество на првенството на Латвија. На првенството во 1952 година, Таљ завршил пред својот учител. Својата прва победа ја остварил во 1953 година, и бил одликуван со титулата мајсторски кандидат. Тој станал советски мајстор во 1954 година, победувајќи го Владимир Саигин во квалификацискиот меч. Истата година, Таљ ја остварил и својата прва победа над велемајстор, кога Јури Авербах изгубил на време, во реми-позиција. Таљ дипломирал книжевност на универзитетот во Рига, пишувајќи сатиричен труд во врска со Илф и Петров. Во своите рани дваесети, тој предавал во едно училиште во Рига. Михаил бил член на спортското друштво „Даугава“, и ја претставувал Латвија во државните натпревари.

Првак на Советскиот Сојуз[уреди]

Во 1956 година, Таљ обезбедил учество во финалето на советското шаховско првенство, завршувајќи на делба на петтото место. Наредната година, на само 20 години, Таљ станал најмладиот победник на првенството. Тој не одиграл доволно меѓународни турнири за да биде одликуван со титулата велемајстор, но во ФИДЕ одлучиле да ги прекршат пропишаните правила и да го одликуваат со титулата, поради неговото достигнување, победата на првенството на Советскиот Сојуз.[2]

Таљ учествувал три пати како натпреварувач во шах за Советскиот Сојуз на студентските Олимпијади, од 1956 до 1958 година, освојувајќи по 3 златни медали во тимска и поединечна конкуренција. Михаил победил во 19 партии, ремизирал во 11, и загубил само една, со успешност од 85,2%.[3]

Следната година, Таљ ја сочувал титулата првак на Советскиот Сојуз, и за првпат се натпреварувал во меч за светски првак во шах. Во 1958 година, тој победил на меѓународниот шаховски турнир во Порторож, а истата година, бил од големо значење во победничкиот тим на Советскиот Сојуз на шаховската олимпијада.

Светски првак[уреди]

Таљ и Ботвиник во мечот од 1960

Во 1959 година, Михаил Таљ победил на силниот турнир во Цирих. Истата година, следувала неговата победа на турнирот на кандидатите, одигран во СФР Југославија. Таљ ја покажал својата моќна игра, победувајќи со резултат 20/28, пред Паул Керес со 18,5, Тигран Петросјан, Василиј Смислов, Боби Фишер, Светозар Глигориќ, Фридрик Олафсон и Пал Бенко. Победата на Таљ била опишана со доминација во долниот дел од шаховската табла;[4] победувајќи и губејќи само 3 партии, против Керес, победувајќи во сите партии против Фишер и освојувајќи 3½ поени од можни 4 против Глигориќ, Олафсон и Бенко.[5]

Михаил Таљ во 1961 г.

Во 1960 година, на 23 години, Таљ го победил големиот стратег Михаил Ботвиник во мечот за светски првак, одигран во Москва, со резултат 12,5–8,5 (6 победи, 2 порази и 13 реми), со што станал најмладиот светски првак во шах (овој рекорд подоцна го урнал Гари Каспаров, кој станал светски првак на 22 години). Во 1961 година, Ботвиник ја вратил титулата, победувајќи во повторниот меч, повторно одигран во Москва, со резултат 13–8 (10 победи, 5 порази и 6 реми). Во времето меѓу партиите, Ботвиник долго го анализирал стилот на игра на Таљ и поголемиот број од партиите ги довел до бавна борба, со слаби напади или завршници, помалку играјќи партии со полна комбинаторна тактика, кои во основа го правеле Таљ среќен.[6] Неговите проблеми со бубрегот, исто така имале влијание на неговиот пораз, па неговите доктори во Рига го советувале да го одложи мечот поради здравствени причини. Јури Авербах изјавил дека Ботвиник би се согласил мечот да биде одложен, само доколку московските доктори потврдат дека не е сè во ред со здравствената состојба на Михаил Таљ. Но, Таљ одлучил да игра.[7] Краткиот период како светски првак, придонесол Таљ да биде еден од двата „зимски крала“. Останатиот бил Василиј Смислов (1957-1958), кој бил другиот шахист, кој ја прекинал доминацијата на Ботвиник.

Во 1980 година, Таљ го достигнал својот најголем рејтинг, 2705 поени. Неговиот најголем шахометриски рејтинг бил 2799, во септември 1960.

Подоцнежните достигнувања[уреди]

Веднаш по поразот од Ботвиник, Таљ победил на супертурнирот во Блед, оставајќи ги зад себе Фишер, Петросјан, Керес, Глигориќ, Ефим Гелер и Мигел Најдорф.

Подоцна, Таљ се натпреварувал на неколку турнири на кандидатите. Во 1962 година, на турнирот во Курасао, тој имал сериозни здравствени проблеми, а бил и опериран кратко пред турнирот, па морал да се откаже од три четвртини од турнирот, играјќи со успешност од само 7 од 21 партија. Во 1965 година, тој го загубил финалниот меч против Борис Спаски, по победите над Лајош Портиш и Бент Ларсен. Во 1968 година, Таљ го загубил полуфиналниот меч против Виктор Корчној, по победата над Светозар Глигориќ. Здравствените грижи и проблеми предизвикале пад во неговата игра во периодот од крајот на 1968 до крајот на 1969 година, но Михаил се вратил со добрата игра, откако останал без еден бубрег. Во 1979 година, тој победил на „Интерцонал“ во Рига, со одличен резултат од 14/17, но наредната година го загубил четвртфиналниот меч против Лав Полугаевски, еден од ретките шахисти со позитивен резултат од партиите одиграни против него. Таљ играл и на турнирот на кандидатите во Монпеље во 1985 година. Турнирот се играл во Бергеров систем, а учество земале 16 натпреварувачи. Михаил Таљ завршил на делба меѓу четвртото и петтото место и го изгубил понатамошното напредување, по ремито одиграно против Јан Тиман, во мечот за разигрување. Подоцна, тој го победил Тиман, во егзибициски меч, во 1988 година.

Од јули 1972 до април 1973 година, Таљ одиграл 86 последователни партии без пораз (47 победи и 39 реми-партии). Од 23 октомври 1973 до 16 октомври 1974 година, остварил и поголем успех, останувајќи непоразен 95 партии (46 победи и 49 реми-партии). Ова се двата најдолги рекорди на непобедливост во модерната шаховска историја.[8]

Како мерка за моќта на Таљ е и одличниот резултат против Карпов. Во 20 партии, Таљ загубил една, а останатите 19 завршиле реми. Ова е најдобриот резултат против Карпов во тоа време, не сметајќи ги партиите на Карпов против Каспаров. Едно од најголемите достигнувања на Таљ во подоцнежната кариера е делење на првото место со Анатолиј Карпов на „турнирот на ѕвездите“, одигран во Монтреал во 1979 година, еден од најсилните шаховски настани во светот на шахот во 1960-те и 1970-те години.

Таљ играл на 21-то советско шаховско првенство[9] и победил на дури 6 (1957, 1958, 1967, 1972, 1974, 1978), што е постигнување, кое го има постигнато уште само Ботвиник.. Тој бил и петкратен победник (1971, 1973, 1977, 1981, 1983) на меѓународниот турнир во Талин.

Таљ бил и одличен ирач во брзопотезен шах. Во 1970 година, тој го освоил второто место (зад Боби Фишер) на силниот турнир во брзопотезен шах одигран во Херцег Нови. Во 1988 година, Таљ победил на второто светско првенство во брзопотезен шах (на првиот победил Гари Каспаров, во Брисел, една година пред тоа) во Сент Џон, пред шахисти како Гари Каспаров, актуелниот светски првак во шах и поранешниот светски првак Анатолиј Карпов. Во одлучувачкиот меч, Таљ го победил Рафаел Ваганјан со 4-0.

Тимски настапи[уреди]

Таљ против Фишер на шаховската Олимпијада во 1960

На шаховските олимпијади, Михаил Таљ остварил голем успех. Тој бил дел од 8 златни репрезентации на Советскиот Сојуз (1958, 1960, 1962, 1966, 1972, 1974, 1980 и 1982). Одиграл 101 партија (65 победи, 34 реми и само 2 порази), со успешност од 81,2%, со што тој е најуспешниот шахист во историјата на шаховските Олимпијади, меѓу оние кои настапиле барем на четири. Поединечно, Таљ освоил 7 медали, од кои 5 златни (1958, 1962, 1966, 1972, 1974)и 2 сребрени (1960, 1982).[3]

Таљ исто така настапил како претставник на Советскиот Сојуз на 6 европски првенства (1957, 1961, 1970, 1973, 1977, 1980), освојувајќи го тимското злато на сите настапи и 3 златни медали во поединечна конкуренција (1957, 1970 и 1977). На европските првенства, тој одиграл 37 партии (14 победи, 20 реми партии и 3 порази), со успешност од 64,9%.[3] Таљ играл на деветта маса на првиот меч меѓу Советскиот Сојуз и остатокот од светот, одигран во Белград во 1970 година, остварувајќи резултат 2 од 4. На вториот меч против остатокот од светот, одигран во Лондон во 1984 година, Таљ играл на седма табла и остварил резултат 2 од 3. Советските шахисти победиле и во двата меча. Таљ бил и почесен мајстор во спортот.[10]

Од 1950 (кога победил на латвиското јуниорско првенство) до 1991 година, Таљ победил или го делел првото место на 68 турнири. За време на оваа долга кариера, тој одиграл околу 2.700 турнирски партии и имал успешност од 65%.

Турнири на кои победил[уреди]

1950-1966[уреди]

Година Турнир Меч / Тимска конкуренција
1950 Рига - Јуниорско првенство на Латвија, прв
1953 Рига - 10. Првенство на Латвија, прв (14,5/19)
1955 Рига - 23. Првенство на Советскиот Сојуз, полуфинале, прв (12,5/18)
1956 Упсала - Светско студентско тимско првенство, трета табла (6/7)
1957 Москва - 24. првенство на Советскиот Сојуз, прв (14/21) Рејкјавик - Светско студентско тимско првенство, прва табла (8,5/10)
Баден/Виена - Европскон тимско првенство, четврта табла, прв-втор (3/5)
1958 Рига - 25. првенство на Советскиот Сојуз, прв (12/19)
Порторож - Интерцонал, прв (13,5/20)
Варна- Светско студентско тимско првенство, прва табла (8,5/10)
Минхен Олимпијада, петта табла (13,5/15)
1959 Рига - Латвиска олимпијада, прв (7/7)
Турнир во Цирих, прв (11,5/15)
Блед-Загреб-Белград - Турнир на кандидатите, прв (20/28)
1960 Хамбург - Меч Германија - СССР, прв (7,5/8)
Москва - Меч за светски првак против Михаил Ботвиник: (+6 -2 =13)
1960/61 Турнир во Стокхолм, прв (9,5/11)
1961 Турнир во Bled, прв (14,5/19)
1962 Варна, Олимпијада, шеста табла (10/13)
1963 Турнир во Мисколц, прв (12,5/15)
1963/64 Премиерен турнир во Хастингс, прв (7/9)
1964 Турнир во Рејкјавик, прв (12,5/13)
Амстердам, Интерцонал 1-4 (17/23)
Турнир во Кисловодск, прв (7,5/10)
1965 Рига, Првенство на Латвија, прв (10/13) Меч против Лајош Портиш: (+4 -1 =3)
Меч против Бент Ларсен: (+3 -2 =5)
1966 Турнир во Сараево, прв-втор (11/15)
Турнир во Палма де Мајорка, прв (12/15)
Хавана, Олимпијада, трета табла (12/13)

1967-1979[уреди]

Година Турнир Меч / Тимска конкуренција
1967 Харков 35-то Првенство на Советскиот Сојуз, = прв (12/15)
1968 Турнир во Гори, прв (7,5/10) Белград, Меч против Светозар Глигориќ: (+3 -1 =5)
1969/70 Тбилиси, Меморијален турнир Гоглидзе, прв-втор (10,5/15)
1970 Поти - Отворено првенство на Грузија, прв (11/14)
Сочи - Велемајстори - Млади мајстори, прв (10,5/14)
Кафенберг, Европско тимско првенство, шеста табла (5/6)
1971 Турнир во Талин, прв-втор (11,5/15)
1972 Турнир во Сухуми, прв (11/15)
Баку 40. Првенство на Советскиот Сојуз, прв (15/21)
Скопје, Олимпијада, четврта табла (14/16)
1973 Турнир во Вајк Ан Зее. прв (10,5/15)
Турнир во Талин, прв (12/15)
Сочи - Меморијал за Чигорин, прв (11/15)
Турнир во Дубна, прв-втор (10/15)
1973/74 Турнир во Хастингс, 1-4 (10/15)
1974 Турнир во Лаблин, прв (12,5/15)
Турнир во Хале, прв (11,5/15)
Турнир во Нови Сад, прв (11,5/15)
Ленинград, 42. Првенство на Советскиот Сојуз, = прв (9,5/15)
Ница, Олимпијада, петта табла (11,5/15)
Москва, Советско клубско првенство, прва табла, прв (6,5/9)
1977 Талин - Меморијал за Керес, прв (11,5/17)
Ленинград 60 октомвриски турнир, прв-втор (11,5/17)
Сочи - Меморијал за Чигорин, прв (11/15)
1978 Тбилиси, 46. Првенство на Советскиот Сојуз, прв (11/17)
1979 Турнир во Монтреал, прв-втор (12/18)
Рига, Интерцонал, прв (14/17)

1981-1991[уреди]

Година Турнир
1981 Талин - Меморијал за Керес, прв
Турнир во Малага, прв
Турнир во Ригаt, прв (11/15)
Турнир во Порц, прв
Турнир во Лавов, прв-втор
1982 Москва - Меморијал за љехин, прв (9/13)
Турнир во Ереван, прв (10/15)
Сочи - Меморијал за Чигорин, прв (10/15)
Турнир во Форцхајм, прв (9/11)
1983 Талин - Меморијл за Керес, прв (10/15)
1984 Турнир во Албена, прв-втор (7/11)
1985 Турнир во Јурмала, прв (9/13)
1986 Отворено првенство на Западен Берлин, прв -втор (7,5/9)
Тбилиси - Меморијал на Гоглидзе, 1st-2nd (9/13)
1987 Термас де Рио Хондо (Бразил), прв (8/11)
Турнир во Јурмала, 1-4 (7,5/13)
1988 Отворено првенство на Чикаго, прв
2. Светско првенство во брзопотезен шах, Сент Џон: прв
1991 Буенос Аирес - Меморијал за Најдорф, 1-3 (8,5/13)
Отворено првенство во Порц, = четврти (7/9)

Резултати против големите велемајстори[уреди]

Само официјални турнир и мечеви се земени предвид. Знакот „+“ значи дека Таљ ја добил партијата, „-“ дека загубил, а „=“ дека одиграл реми.

Здравствени проблеми[уреди]

Таљ пател поради своето слабо здравје долго во својот живот. Неколку пати во текот на неговата кариера му била укажувана здравствена помош, најчесто поради проблеми со бубрегот. Подоцна, тој останал и без еден бубрег. Таљ, исто така многу пиел и пушел, а бил и зависен од морфиум. На 28 јуни 1992 година,[1] Таљ починал во болница во Москва, официјално поради проблеми со бубрегот. Неговиот пријател и советски велемајстор Генадиј Сосонко изјавил дека „всушност, сите негови органи престанале да работат“.[11]

Антологиски шаховски партии[уреди]

Цитати за шахот[уреди]

  • „Има два вида на жртви: познати и мои.“[12]
  • „ Да се игра за реми, во одредена мера со бели фигури, до некој степен е како да се врши криминал врз шахот.“[13]
  • „Ако црниот игра за победа, тој практично му наложува на својот противник да обрне внимание на познатата позициона предност.“
  • „Значајно е да се запомни дека Боби Фишер беше вистински шаховски господин за време на партиите. Тој беше секогаш многу фер и многу коректен.“
  • „Јас пијам, пушам, се коцкам, одам по девојки - но електронскиот шах е порок којшто го немам.“[14]
  • „Ме споредуваат со Ласкер, што е претерана чест. Тој правел грешки во секоја партија, а јас во секоја секунда по една!“
  • Сепак, кога бил запрашан за неговото мислење околу тоа, кој бил најдобриот шахист на сите времиа, тој одговорил: „Ласкер, бидејќи правел чуда на таблата.“
  • Ова се однесува на жртвите: „Може да се примат само еднаш, на време“
  • „Ако шахот е незаконски, јас сум против законот.“

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 На надгрробната плоча на Таљ, се наоѓа 29 јуни како дата на смртта. Сите останати извори наведуваат на 28 јуни, вклучувајќи го и делото Моите големи претходници, втор дел, стр. 382, од Гари Каспаров и Животот и партиите на Михаил Таљ, стр. 6 и DeadOrAliveInfo.com.
  2. Во тоа време, Советскиот Сојуз била доминантна сила во шах, а Таљ победил неколку од најдобрите светски шахисти за да победи на турнирот. Мајстор на жртвата 4.
  3. 3,0 3,1 3,2 Олимписки податоци
  4. Хорвиц, Ал (1973), „Светско првенство во шах-историја“, Macmillan, стр. 188, LCCN 72-80175 
  5. „Шаховски турнир на кандидатите - 1959, Југославија“. http://www.mark-weeks.com/chess/5860$cix.htm. 
  6. Р:Д.МекФаден (29 јуни 1992). „Михаил Таљ, велемајстор познат по својата смелост, почина на 55 години“. New York Times. http://query.nytimes.com/gst/fullpage.html?res=9E0CE0D91739F93AA15755C0A964958260. 
  7. Тин Кинстон (2002). „Јури Авербах: Интервју со историјата - Втор дел“ (PDF). The Chess Cafe. http://www.chesscafe.com/text/skittles183.pdf. 
  8. Ендрју Солтис Второ издание на шаховски листи, 2002, McFarland & Company, Jefferson, North Carolina and London, стр. 43-44.
  9. Вклучувајќи го и финалето во 1983 година, кога Таљ морал да се откаже по одиграни 5 партии
  10. Животот и партиите на Михаил Таљ, од Михаил Таљ, 1997, Лондон, Everyman Chess.
  11. Лосон, Доминик, „Зошто вештата интелигенција не е никогаш доволна, http://findarticles.com/p/articles/mi_qn4158/is_20061128/ai_n16873075, конс. 14 септември 2007 
  12. Advice thru Humor
  13. chessville.com
  14. Lucian Millis | Chess Quotes

Надворешни врски[уреди]

Претходник
Михаил Ботвиник
Светски првак во шах
1960–1961
Наследник
Михаил Ботвиник