Велемајстор

Од Википедија — слободната енциклопедија

Велемајстор (скрат. ВМ) — шаховска титула, која ја доделува светската шаховска федерација, ФИДЕ, како најголемо достигнување[а] на еден шахист.

Со доделувањето на титулата, шахистот истата ја задржува доживотно. Заедно со титулите меѓународен мајстор и ФИДЕ мајстор, велемајсторската титула се доделува и за мажи и жени. За првпат, титулата била доделена во 1914 година, кога пет шахисти (Емануел Ласкер, Хосе Раул Капабланка, Александар Алехин, Зигберт Тараш и Френк Маршал) биле одликувани од страна на руското царско семејство. Во 1978 година, со посебан одлука донесена од страна на ФИДЕ, светската првенка, Нона Гаприндашвили, станала првата жена која била доликувана со оваа титула. Но со развојот на шахот во женска конкуренција, шахистките најпрвин се одликуваат со посебна титула, „женски велемајстор“, која е одраз на силината на ниво меѓу ФИДЕ мајстор и меѓународен мајстор. Првата шахистка, која била одликувана со целосната велемајсторска титула е Жужа Полгар во 1991 година. Во последните неколку години, најдобрите шахистки на светот ја поседуваат целосната титула.

Освен за играта, ФИДЕ доделува посебни велемајсторски титули за шаховските композитори и решавачи на шаховски проблеми. Меѓународната федерација за дописен шах ја доделува титулата „меѓународен велемајстор во дописен шах“.

Историја[уреди | уреди извор]

Рана историја[уреди | уреди извор]

Зигберт Тараш

За првпат титулата „велемајстор“ била употребена на 18 февруари 1838 година во шаховската содржина во списанието Bell's Life, а се однесувал на Вилијам Луис, кој бил наречен „нашиот поранешен велемајстор“.[1] Подоцна, самиот Луис го употребил истиот поим за Филидор, а поимот бил употребен и за некои други шахисти.[1]

Во 1907 година, поимот „велемајстор“ бил употребен на шаховскиот турир во Оденсе. Турнирот бил поделен на два натпреварувачки дела: првенствен и мајсторски турнир. Првенствениот дел бил наменет за шахисти, кои претходно победиле на некој меѓународен турнир.[2] Победник на овој дел од турнирот бил Зигберт Тараш, а другиите учесници биле: Карл Шлехтер, Давид Јановски, Френк Маршал, Амос Берн и Михаил Чигорин. За потребите на турнирот, сите овие шахисти биле претставени како велемајстори.

Шаховскиот тунир во Сан Себастијан, кој се одржал во 1912 година, бил именуван како велемајсторски.[1] На турнирот победил Акиба Рубинштајн, кој освоил 12½ од 19 бода, додека изедначени на второто место завршиле Арон Нимцович и Рудолф Шпилман.[3]

Првите велемајстори[уреди | уреди извор]

За првпат официјално, титулата „велемајстор“ била доделена за време на одржувањето на шаховскиот турнир во Санкт Петербург во 1914 година од страна на рускиот цар Николај II, кој делумно го финансирал турнирот.[2] Титулата им била доделена на петмина шахисти[б]: Емануел Ласкер, Хосе Раул Капабланка, Александар Алехин, Зигберт Тараш и Френк Маршал.[в]

Употребата во Светскиот Сојуз[уреди | уреди извор]

Пред 1950 година, титулата „велемајстор“ неформално била доделена на некои силни шахисти. Светската шаховска федерација била основана во Париз во 1924 година, но веднаш по основањето не одредила критериуми за доделување на титулата.

Во Советскиот Сојуз, титулата била воведена во 1927 година, на петтата седница на Сèсојузниот шаховскиот сојуз, под официјалното име „велемајстор на Советскиот Сојуз“. Прв шахист, кому истата му била доделена, станал Борис Верлински во 1929 година, кој истата година победил на првенството на Советскиот Сојуз.[4] Имајќи ги предвид непотврдените факти за првото официјално доделување на титулата во 1914 година, некои го сметаат Верлински за прв официјален шаховски велемајстор.

На седмата седница на Сèсојузниот шаховскиот сојуз на Советскиот Сојуз, која се одржака во 1931 година, титулата била укината, но повторно билавоведена во 1935 година. Прв којшто бил одлиуван со титулата по повторното воведување бил Михаил Ботвиник, кој завршил на делба на првото место на меѓународниот турнир во Москва истата година, со што „официјално“ станал првиот советски велемајстор.[г] Втор шахист, кој ја добил титулата бил Григори Левенфиш во 1937 година, откако одиграл нерешено во мечот против Ботвиник на првенството на СССР.

Првиот правилник за титулата „велемајстор“ бил усвоен од странана Сèсојузниот комитет за физичка култура и спорт при Советот за народно стопансво на СССР во 1940 година.

Најголем број од шахистите кои биле одликувани со титулата во Советскиот Сојуз, се стекнувале со звањата „меѓународен велемајстор“ и „велемајстор на Советскиот Сојуз“. Но, Игор Платонов, се стекнал само со звањето „велемајстор на Советскиот Сојуз“.

Признавањето од страна на ФИДЕ[уреди | уреди извор]

Број на официјално признаени велемајсторски титули во периодот од 1950 до 2010 г.

По Втората светска војна, ФИДЕ ги присвоила правилата за доделување на меѓународните шаховски титули. Доделувањето на титулите било потврдено со резолуција донесена од страна на Генералното собрание на ФИДЕ и Квалификацискиот комитет. Во 1949 година, била воведена титулата „меѓународен велемајстор“, која под ова официјално име се доделува и денес. За првпат оваа титула била доделена во 1950 година, а биле одликувани дури 27 шахисти, поделени во две групи[д]:

Со оглед на фактот дека ФИДЕ не ја доделувала титулата постхуно, шахистите кои починале пред 1950 година, а меѓу кои спаѓале и светските прваци: Штајниц, Ласкер, Капабланка и Алехин не биле одликувана со титулата според ФИДЕ.[5]

Белешки[уреди | уреди извор]

  • а Најголемо достигнување, всушност е титулата „светски првак“, но истата се доделува периодично, како заслуга за победа во еден меч или на еден турнир. Титулата „велемајстор“ се доделува со исполнување на одредени норми и се темели на резултатите и силината на шахистот на повеќе натпреварувања.
  • б Турнирот се одржал во два натпреварувачки дела, при што во првиот учествувале 10, а во вториот најдобрите 5 шахисти, кои и биле одликувани со титулата. Подредени се редоследно како на завршната табела на турнирот.
  • в Сепак, овој историски настан не е целосно потврден. Познатиот англиски шаховски историчар Едвард Винтер тврди дека најраните факти кои го потврдуваат овој настан се среќаваат во статија на Роберт Луис Тејлор од 15 јуни 1940 година, која била објавена во весникот The New Yorker и во 1942 година во Маршаловото автобиографско дело, Моите 50 шаховски години.[6][7][8]
  • г Верлински, кој претходно станал велемајтсор останал без титулата по нејзиното укинување во 1931 година и подоцна не успеал да си ја врати.[9]
  • д Првата група, која ја сочинувале најдобрите шахисти во тоа време е поделена на две: светскиот првак, Михаил Ботвиник, во едната и учесниците на првиот турнир на кандидатите во втората.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 David Vincent Hooper, Kenneth Whyld, The Oxford Companion to Chess, Oxford University Press, 1992, второ издание, стр. 156, ISBN 0-19-280049-3
  2. 2,0 2,1 Anne Sunnucks, The Encyclopaedia of Chess, St. Martins Press, 1970, стр. 223, ISBN 978-0709146971
  3. Crosstable San Sebastian 1912
  4. Bernard Cafferty, Mark Taimanov, The Soviet Championships, Cadogan Books, 1998, прво издание, стр. 28, ISBN 1-85744-201-6
  5. Arpad Elo, The Rating of Chessplayers, Past and Present, Arco, 1978, стр. 66, ISBN 0668047216
  6. Edward Winter, Kings, Commoners and Knaves: Further Chess Explorations, Russell Enterprises, Inc., 1999, прво издание, стр. 315-316, ISBN 1-888690-04-6
  7. Edward Winter, A Chess Omnibus, Russell Enterprises, Inc., 2003, прво издание, ISBN 1-888690-17-8, стр. 177-178
  8. Chess Note 5144, Едвард Винтер
  9. Id. at 28–29.