Требиње

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Требиње
Требиње
Град
Trebinje River.jpg
Trebinje street.jpg Most na Trebisnjici.jpg
Грб на Требиње
Грб
Местоположба на Требиње во Босна и Херцеговина
Местоположба на Требиње во Босна и Херцеговина
Координати: 42° СГШ 18° ИГД / 
Држава Босна и Херцеговина
Ентитет Република Српска
Населени места 178 (2008)
Управа
 • Градоначалник Лука Петровиќ [1]
Површина
 • Град 854.5 км2
Надм. вис. 275 м
Население (попис 2013)
 • Град 25,589
 • Густина 36.8/км2
 • Градска 31.433
Часовен појас CET (UTC+1)
 • Лете (DST) CEST (UTC+2)
Повик. бр. 59
Мреж. место http://www.trebinje.rs.ba

Требиње – град во Република Српска, Босна и Херцеговина. Спрема прелиминарните податоци од пописот на жителите во 2013 година, Требиње броело 25.589 жители.[2].

Етимологија[уреди | уреди извор]

Името на градот потекнува или од латинскиот збор tribunus (tribinus militum е заповедник на една поголема или повеќе мали единици на римската војска), или од словенскиот збор треб што значи жртва (жртвува).

Географија[уреди | уреди извор]

Требиње се наоѓа на самиот југ на Херцеговина во најјужниот дел на Република Српска и Босна и Херцеговина. Сместено е под планината Леотар, на крајот на Требинското Поле, во долината на некогаш најголемата европска понорница Требишница која тече низ градот[3]. Од морето е оддалечено околу 27 км, до Дубровник, или 38 км до Херцег Нови. За Требиње се вели дека е „град на сонцето и платаните“. Тој е економски и културен центар на регионот Источна Херцеговина. Требиње се наоѓа на 42° 42‘ 32“ северна географска ширина, на 18° 19‘ 18“ источна географска должина и на 275 м надморска висина.

Релјеф[уреди | уреди извор]

Во пејзажот на Требиње се сменуваат карстни полиња и планински венци[3]. Во релјефот на општината доминираат планината Леотар, реката Требишница како и карстните полиња Требинско и Попово.

Западно од градот се простира Требинското Поле, кое се протега од исток кон запад, во правец на Требишница и зафаќа површина од 18 km². Полето е покриено со многу плодно алувијално земјиште и има бујна вегетација заради се нарекува Градина на Херцеговина. Прочуен е требинскиот тутун од ова поле.

Веднаш до Требинското е сместено Поповото Поле. Има посеви кои на ова поле даваат и два рода годишно, па истото се нарекува и Херцеговски Мисир, во споредба со долината на Нил, односно Египет или Мисир.

Клима[уреди | уреди извор]

Климата во Требиње е медитеранска (средоземна) со кратки благи зими и долги жешки лета. Есента е многу потопла од пролетта, а снегот е многу ретка појава. Требиње е најтоплиот град во Република Српска, односно во Босна и Херцеговина (со Мостар и Неум). Просечната годишна температура на воздухот во градот е 16,6°C (1981-2012), а просечната јануарска температура е 8,3°C, додека јулската е 26,5°C. Во лето температурата често се качува над 40°C, а во зима понекогаш се спушта под 0°C. Градот има околу 260 сончеви денови во годината и спаѓа во најсончевите градови на Балканот. Снегот во Требиње е права реткост, а и кога ќе падне се задржува само неколку часови.

Карактеристични ветрови во Требиње се бурата и југото. Бурата дува од североисток, носи ладникаво и ведро време, додека југото дува од југоисток и носи топло и дождливо време. Југото обично дува во зимскиот период.

Вегетација[уреди | уреди извор]

Климата на поднебјето ја условува специфичната вегетација. Во крајот се познати медитеранските култури: смоква, мандарина, лимон, грејпфрут, маслинка, портокал, цреша, кајсија, праска, диња, лубеница, како и лековитите ароматични билки: пелин, мајчина душичка, лаванда, смил, чубрика, и ендемската билка зановет (латински: Petteria ramentacea)[4].

Хидрографија[уреди | уреди извор]

Со оглед дека Требиње е сместено во скоро чист карстен терен, бројот на природни површински води е незначителен. Нема природни езера, а единствен поголем речен тек е реката Требишница.

Преку подземните води Требишница е во директна врска со реката Мушница, односно таа е нејзин извор. Најпрво под горскиот превалец Чемерна се јавува поточето Врба кое понира и повторно се јавува во Гатачкото Поле како Мушница. Таа се губи во Гатачко Поле и повторно се јавува кај Билеќа.

Требишница понира на северозападниот крај на Попово Поле, од каде низ подземни канали истекува кон Неретва и Јадранското Море. Коритото на реката низ Попово Поле е бетонирано така што нема понирања, како и чести поплави. Додека не било бетонирано коритото, Требишница била најголемата понорница во Европа со вкупна должина на текот од 97,8 км.

Во средината на шеесеттите години на дваесеттиот век изграден е хидроенергетски систем со кој Требишница е преградена на две места, Гранчарево и Горица.

Историја[уреди | уреди извор]

Најстари жители на Требиње биле Илирите, а во 7 век п.н.е. се доселуваат и Грци. Споменот за нивното присуство останал во топонимите. Римјаните доаѓаат во требинскиот крај на крајот на 3 век п.н.е. Од нивното доаѓање овој крај е познат под името Травунија. Словените дошле во 6 век. Во раниот словенски период познати се повеќе владетели на ова подрачје. Откога бугарскиот цар Симеон Велики го симнал од власт Захарие Прибиславлевиќ, владетелот на Травунија Михајло Вишевиќ се свртел кон сојуз со кралот на Хрватска Томислав. После неговата смрт, Травунија повторно била дел од Чаславова Србија.

Во 1168 година, Травунија ја презел Стефан Немања. Под власта на Немањиќи ќе остане сè до крајот на династијата. После тоа Требиње било во состав на босанската држава на Твртко I, па се менуваат многу обласни владетели до доаѓањето на Турците.

Турското владеење траело од 1466 година па сè до 1878 година кога доаѓаат Австроунгарците. Српската војска влегла во Требиње на 11 ноември 1918 година.

Култура[уреди | уреди извор]

Најзначаен културен настан во текот на годината се Дучиќеви вечери на поезијата, кој ги собира најзначајните личности од светот на поезијата од регионот. На авторот на најдоброто дело од претходната година му се доделува Дучиќевата награда.

Народната библиотека на Требиње поседува голем книжен фонд како и легатот на Јован Дучиќ. Многу значајна установа за градот е Музејот на Херцеговина каде можат да се видат разни поставки, но и музички програми и промоции.

Спорт[уреди | уреди извор]

Во Требиње спортот постојат клубови за скоро сите популарни екипни спортови. Најзначајни се ФК Леотар и КК Леотар. Значајни резултати постигнуваат и џудистите и каратистите.

Во Требиње се родени или се по потекло од него кошаркарите на Србија и Црна Гора: Предраг Даниловиќ, Милан Гуровиќ, Владимир Радмановиќ како и Дејан Бодирога кој основал кошаркарски камп во Требиње. Познатиот одбојкар Милош Грбовиќ и неговите синови Владимир и Никола Грбиќ, како и покојниот Жарко Петровиќ исто така по потекло се од Требиње.

Стопанство[уреди | уреди извор]

До 1992 година Требиње било стопански многу развиен град. За време на војната доаѓа до економска изолација и нагол пад на стопанското производство и вработеноста. После војната се бележи значително закрепнување на стопанството.

Туризам[уреди | уреди извор]

Туристичките потенцијали на Требиње се големи. Градот има големи можности за развој на верски туризам. Како последица на бурната историја на градот во Требиње се наоѓа голем број на храмови. Постојат 15 храмови на православната црква, две католички цркви и една џамија. Многу православни храмови се изградени на темели на цркви од ранохристијанскиот период. Градот го опкружуваат манастирите: Добриќево, Дужи, Тврдош, Завала, Петро-Павловиот манастир и Херцеговската Грачаница.

Во текот на летото се одржуваат бројни манифестации, а туристите ги привлекуваат и излетничките места Ластва, Јазина, Оровац и Убла. Туристичка атракција претставува и пештерата Ветреница. Близината на Дубровник и Херцег Нови дополнително ги зголемува туристичките потенцијали на градот.

Културно-историски споменици[уреди | уреди извор]

Панорама на Требиње од блискиот рид Црквина (2014)

Во денешниот изглед на градот јасно се издвојуваат старото урбано јадро од турско време, градбите од австроунгарско време и новите градби. За разлика од останатите херцеговски гратчиња, во градбите на старите објекти, во Требиње најмногу е изразена мешавината на приморски и ориентални влијанија.

Херцеговска Грачаница е верна копија на манастирот Грачаница на Косово. Изградена е во 2000 година на ридот Црквина над Требиње, со цел да се исполни тестаментот на прочуениот требински поет Јован Дучиќ. Неговите посмртни остатоци се пренесени од Соединетите Американски Држави и погребени во криптата на овој храм. Истиот може да се види од секоја точка на Требиње и е најубавата сакрална градба во Источна Херцеговина.

Манастирот Тврдош е посветен на успението на Пресвета Богородица. Тој се наоѓа до самата река на околу 4 км низводно од Требиње во селото Тврдош. Спрема народното предание, манастирот го основале светиот цар Константин и неговата мајка Елена.

Како и поголемиот број верски објекти на овие простори, манастирот бил повеќе пати разрушен и обновен. Најпрво настрадал во големиот земјотрес кој го погодил Дубровник во втората половина на 17 век, а во 1694 година до темели го разурнале Венецијците плашејќи се да не стане турска тврдина. Манастирот е обновен во 1924 година.

Соборната црква Преображение Господово е градена во периодот од 1888 до 1908 година. Се наоѓа во центарот на градот. Покрај црквата изграден е епархиски дом со библиотека.

Манастирот Дужи е посветен на покровот на Пресвета Богородица. Се наоѓа на левиот брег на Требишница, 7 км низводно од Требиње. Во 16 и 17 век била метох на манастирот Тврдош. Кога Тврдош бил разурнат, митрополитот и монасите во 1695 година преоѓаат во Дужи, ја обновуваат и прошируваат црквата и метохот. До укинувањето на Пеќската патријаршија во 1776 година, бил седиште на херцеговскиот митрополит. Манастирот повеќе пати бил пљачкан и пустошен. Во манастирот се наоѓа честичка од чесниот крст.

Петро-Павловиот манастир се наоѓа во Петровото Поле, неколку километри западно од Требиње. Во негова близина се наоѓа Павловата пештера, во која според преданието свратил светиот апостол Павле на својот пат за Рим. Исто така во негова близина се наоѓаат урнатини за кои се верува дека се остатоци од храмови на светите апостоли Петар и Павле од почетокот на 11 век, па дури и од 6 век. Изграден е на темелите на стар црква на почетокот на 20 век.

Спомен црквичка на свети Василиј Острошки е црквичка посветена на свети Василиј Острошки покрај куќата во која се родил во селото Мркоњиќи во Попово Поле.

Католичката катедрала е изградена кон крајот на 19 век.

Осман-пашината џамија е изградена во 1729 година по наредна на Осман-паша Ресулбеговиќ, требинскиот капетан. Се наоѓа во стариот дел, во 1993 година изгорела и подоцна е изградена нова.

Перовиќев мост, од крајот на 12 век, се чува во Музејот на Херцеговина (до последната војна се викал Арсланагиќев мост). Го изградил Мехмед-паша Соколовиќ во 1574 година како задужбина за својот погинат син во борба со Венецијците. Кога во 1687 година Турците биле потиснати од Херцег Нови, многу турски семејства оттаму се преселиле во Требиње. Меѓу нив бил и извесен Арслан-ага. Тој добил поседи источно од Требиње како и право да наплаќа мостарина на мостот на Требишница. По него мостот го добил името Арсланагиќев мост. Со изградбата на хидроенергетскиот систем на Требишница во 1965 година Арсланагиќевиот мост се нашол под водата на акумулационото езеро. По барање на Заводот за заштита на споменици на културата, мостот бил демонтиран и пренесен на друго место во 1966 години при празнењето на акумулацијата. Новата локација на мостот била меѓу населбите Градина (на десниот брег на реката) и Полице (на левиот брег). Во 1993 година променето му е името на мостот во Перовиќев мост.

Музејот на Херцеговина се наоѓа во австриската касарна од крајот на 19 век.

Население[уреди | уреди извор]

Население на општината Требиње
godina popisa 1991 1981 1971
Срби 21.349 (68,87%) 18.123 (59,67%) 19.362 (66,71%)
Муслимани 5.571 (17,97%) 4.405 (14,50%) 4.846 (16,69%)
Хрвати 1.246 (4,01%) 2.309 (7,60%) 3.350 (11,54%)
Југословени 1.642 (5,29%) 4.154 (13,67%) 424 (1,46%)
останати и непознато 1.188 (3,83%) 1.381 (4,54%) 1.042 (3,59%)
Вкупно 30.996 30.372 29.024

Требиње (град), национален состав[уреди | уреди извор]

Требиње
година на пописот 1991 1981 1971
Срби 14.915 (68,19%) 9.489 (54,94%) 1.788 (50,65%)
Муслимани 4.228 (19,33%) 3.039 (17,59%) 1.211 (34,30%)
Хрвати 347 (1,58%) 412 (2,38%) 208 (5,89%)
Југословени 1.470 (6,72%) 3.364 (19,47%) 124 (3,51%)
останато и непознато 910 (4,16%) 967 (5,59%) 199 (5,63%)
Вкупно 21.870 17.271 3.530

Со нешто повеќе од 40 000 жители, Требиње денес е најголемиот град во Источна Херцеговина.

Општината е ретко населена што е последица на напуштање на селото од помладите луѓе за време на индустријализацијата. Преку ¾ од населението живее во градот. Голем број мигрирало вон границите на бивша Југославија.

Спроти 1993 година, Требиње го напуштил најголемиот дел на муслиманско и хрватско население. После војната се населиле околу 7 000 српски бегалци, во најголем дел од Сараево и Мостар, како и од Дубровник и селата кои се наоѓаат меѓу Требиње и Дубровник.

Познати личности[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]