Мајчина душичка
Мајчина душичка, (науч. Thymus) — род со околу 350[1] видови на ароматични многугодишни растенија и полугрмушки високи до 40 см, кои припаѓаат на семејството на усноцветните растенија. Членовите потекнуваат од умерените региони на Европа, Северна Африка и Азија. Стеблата се тенки и жичести, а листовите се многугодишни кај повеќето видови, наредени наспрамно, овални, целосни и мали, долги 4–20 mm и најчесто ароматични. Цветовите се групирани во густи терминални главички, со нееднаква чашка, кај која горната усна е троделна, а долната е расцепена. Венчето е цевчесто, долго 4-10 мм, бело, розово или лилјаково.
Неколку видови од овој род се култивираат како кулинарски билки или украсни растенија. Најпознат вид е Thymus vulgaris, односно обична мајчина душичка.
Видовите од родот на мајчина душичка се користат како храна од страна на ларвите на некои пеперутки (Chionodes distinctella) и тврдокрилците C. lixella, C. niveicostella, C. serpylletorum и C. struella, од кои последните три се хранат исклучително со мајчина душичка.
Етнологија и митологија[уреди | уреди извор]
Мајчината душичка се сретнува во мотивите и обичаите на многу европски народи. Жртвите кои Старите Грци ги принесувале на боговите, биле спалувани со оваа билка. Старите Римјани верувале дека оваа ароматична билка може да ги брка змиите, скорпиите и други отровни животни Во Тирол се верувало дека таа штити од секое зло, додека пак во Саксонија, во неа ги капеле децата за да бидат успешни, како и заштитени од болести и зло.[2]
Капењето деца во вода со мајчина душичка се практикувало и кај словенските народи. Оваа билка кај словените има хтонски карактер и е врска со душите на починатите. Кај јужните Словени се поврзувала со култот на древното сесловенско божество Баба. Оваа билка има слично име на повеќето од словенските јазици: мала материнка, богородська трава (украински), материдушка (Mateřídouška - чешки), бабидушка (babyduška - кај Лужичките Срби, мајкина душица кај Србите.[3]
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Thymus Linnaeus“. Flora of China.
- ↑ Софрић, Павле (1990). Главније биље у народном веровању и певању код нас Срба. Београд: БИГЗ.
- ↑ Чајкановић, Веселин (1994). Речник српских народних веровања о биљкама. Београд: СКЗ. стр. 147.
- L. H. Bailey; Manual of Cultivated Plants.