Историја на САД

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ова е статија само за историјата на САД. За историја на континентите види: Историја на двете Америки

Откривањето на Америка не почнало со Кристофер Колумбо, туку многу порано, кога луѓето преминале преку Беринговата Теснина во она што денес е Алјаска. Но, никој не е сигурен кога почнале тие миграции, а неодамнешните проценки сугерираат дека почнале пред 14.000 - 16.000 години.[1]

Содржина

Пред-Колумбовски период[уреди]

Свештеник од Мисисипи
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Пред-Колумбовска Америка.

Народите северно од Мексико, и во земјите што станале Соединети Американски Држави, имале свои цивилизациски и политички системи. Источната третина од она што сега се САД, во најголем дел била покриена со шуми и населена со Индијанци. Многуте племиња од таа област се занимавале со земјоделство, лов и робилов, како и собирање на плодови. Градот Кахокија (близу денешен Сент Луис) бил голем трговски центар. На својот врв, во 1200 година, имал 40.000 жители.

Многу од племињата што живееле источно од реката Мисисипи биле поврзани меѓу себе со заеднички јазик. Најголемата од овие јазични групи се состоела од племињата Алгонквин, кои живееле по атлантскиот брег од Канада до Вирџинија; Ирокеската Конфедерација, со центар во она што е денес државата Њујорк; и Максогинците, кои се состоеле од племињата на најјужната област на источното крајбрежје. Сојузите меѓу нив не биле силни, затоа што луѓето од двете Америки не се замислувале како дел од иста цивилизација.

Во последните векови пред доаѓањето на Европејците, домородните Американци преживувале земјоделска револуција. Сè повеќе се напуштал номадскиот начин на живеење, а племињата останувале на едно место, развивајќи општествени обичаи и ритуали. Религијата била многу важна за индијанските општества. Домородните Американци обожувале многу богови, кои ги поврзувале со жетвите, дивечот, шумите, реките и другите елементи на природата.

Откривање и колонизирање на Америка[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Откривање на Америка.
Бродот Мејфлауар, што ги донесе Пилгримс во новиот свет

Пред 15 век Европејците воопшто не знаеле за постоењето на Америка. Значајниот пораст на европското население создал услови Европејците да бараат нови земји за колонизација или за трговија. Првите авантуристи започнале со ширење на егзотични приказни за чудни светови, носејќи од таму егзотични блага. Така, во потрага по нов пат за Индија, на 3 август 1492 година италијанскиот морепловец Кристофер Колумбо, во име на шпанскиот кралски двор, со бродовите Санта Марија, Ниња и Пинта тргнал на долгоочекуваното пронаоѓање на морскиот пат за Индија. Тој најпрвин ги открил Канарските Острови од каде што на 6 септември тргнал на пет неделно патување по Атлантскиот Океан. Тој на копно стасал на 12 октомври 1492 кога морнарот Родриго де Тријана го здогледал копното.

Колумбо сметал дека стигнал до Индија, па затоа луѓето што ги нашол таму ги нарекол Индијанци. Тие го пречекале Колумбо со најголеми почести, а тој тоа го искористил, па на враќање во Шпанија ги наполнил бродовите со богатство.

Шпанска колонизација[уреди]

Првите шпански колонисти, кои Колумбо ги довел со себе на своето второ патување, се населувале крај Карибите. Шпанците кои сакале да преземат експедиција во Новиот свет, морале да добијат дозвола од Круната и да му платат на монархот една петтина од секое богатство собрано во новите колонии, а притоа колонизаторите сами ги финансирале своите експедиции. Првите шпански колонисти во Америка биле заинтересирани само за експлоатација на златото и среброто, и успевале во тоа. Шпанската тврдина изградена во 1565 година во Сент Аугустин на Флорида, станала првата постојана европска населба во денешните Соединети Држави.[2]

Шпанците биле првите Европјани кои стигнале до Апалачките Планини, до реката Мисисипи, Големиот Кањон[3] и до прериите западно од Мисисипи. Во 1540 година, Де Сото презел истражувачка експедиција, а Франциско Васкез де Коронадо повел 2.000 Шпанци и Индијанци од Мексико низ денешната граница меѓу Аризона и Мексико и стигнал до централен Канзас.[4]

Покрај Сент Аугустин, Шпанците ги основале и градовите Санта Фе, Албукерк, Сан Антонио, Тусон, Сан Диего, Лос Анџелес и Сан Франциско.

Холандска колонизација[уреди]

Холанѓаните во 17 век ја основале својата колонија наречена Нова Холандија, на источниот брег од Северна Америка. Опфаќала делови од денешен Њу Џерси, Њујорк, Конектикат, Делавер и Пенсилванија. Главен град бил Нов Амстердам, кој се наоѓал на јужниот дел од островот Менхетен, крај Њујоршкиот Залив, кој потоа е прекрстен во Њујорк.

Француска колонизација[уреди]

Територијата која ја колонизирале Французите во Северна Америка во 1712 година (пред договорот од Утрех) се протегала од Њу Фаундленд до Роки Маунтаин, и од заливот Хадсон до заливот Мексико. Територијата била поделена на пет колонии, секоја со своја администрација: Канада, Акадија, Хадсон, Њуфаундленд и Луизијана.

Англиска колонизација[уреди]

Таинствениот натпис „Croatoan“

Првиот документиран контакт на Англија со Новиот свет дошол само пет години по шпанскиот. Во 1497 година, Џон Кебот отпловил до североисточниот брег на Северна Америка под покровителство на кралот Хенри VII. Но, поминале речиси сто години пред Англичаните да направат сериозни напори за да основаат колонии. На некои Англичани Новиот свет им изгледал привлечно, бидејќи нудел нешто што во Англија тешко се наоѓало: земја.

Првата постојана англиска населба била основана во Џејмстаун, Вирџинија, во 1607 година. Претходните триесет години, Англичаните безуспешно се обидувале да основаат колонии. Најнеобична е приказната за обидите да се основа град на островот Роанок, денес Северна Каролина. Во 1587 година, Волтер Рали испратил експедиција на Роанок која вклучувала: 91 маж, 17 жени (2 од нив бремени) и 9 деца. Набрзо по пристигнувањето, една од жените родила ќерка, Вирџинија Дејр, која се смета за прво дете од англиски родители родено во Америка. Командантот на експедиција, Џон Вајт, се вратил во Англија по уште доселеници, но поради војната со Шпанија, не можел да се врати во Роанок цели три години. Кога во 1590 година стигнал во Роанок, го нашол островот сосема опустен, без никакви знаци за судбината на доселениците што ги оставил таму. Исклучок бил таинствениот натпис „Croatoan“, изрезбан на столб.[5] Никогаш не било најдено решение на мистеријата за „изгубената колонија“.

Африкански дојденци[уреди]

Повеќе од половината од сите имигранти во Новиот свет меѓу 1500 и 1800 година биле Африканци, испраќани во Америка против своја волја. Повеќето од нив биле земени од големиот регион во Западна Африка под пустината Сахара, познат како Гвинеја. Како што трговијата со робови станувала пораширена и поусовршена, така станувала и пострашна. Во почетокот на 18 век колонијалните собранија почнале да усвојуваат „ропски кодекси“. Само еден фактор решавал дали едно лице подлежи на ропскиот кодекс: бојата. До пред крајот на 19 век, присилно биле донесени 11 милиони Африканци во Северна и во Јужна Америка, и на Карибите.

Борба за континентот[уреди]

Сè до 1750-ти години, Американците не се противеле да бидат членови на Британската Империја. Но, кон средината на 1770-те години, односите меѓу американските колонии и нивните британски владетели станале толку напнати, што империјата била на работ на распаѓање. Градењето на патиштата, меѓусебната трговија и поштенската служба ги јакнеле меѓуколонијалните врски, но колониите не соработувале меѓу себе, дури ни кога во 1754 година се соочиле со своите стари соперници Французите и нивните индијански сојузници. Војната што беснеела меѓу Англија и Франција од 1755 до почетокот на 1760-те години во Северна Америка, била дел од борбата за доминација на светската трговија. Британската победа во таа борба, позната во Европа како Седумгодишна војна, ја потврдила англиската трговска супремација.

Француско-индијанската војна[уреди]

Придружи се или умри: политичка карикатура од 1756 година, идеја на Бенџамин Франклин.

Француската и индијанската војна траела близу девет години. Во првата фаза, тоа бил само локален северноамерикански конфликт. Англиските колонии се насочиле главно на одбрана од индијанските напади од долината на Охајо. Речиси сите племиња освен Ирокезите, биле во сојуз со Французите.

Втората фаза на борбата почнала во 1756 година, кога владите на Англија и Франција и формално ги започнале непријателствата, и почнал вистинскиот конфликт (Седумгодишната војна). Борбите сега се прошириле во Индија и во самата Европа. Но, главната борба била во Северна Америка.

Во 1758 година, Вилијам Пит, англиски државен секретар (и иден премиер) ја почнал третата и последна фаза на војната и испратил голем број британски трупи во Америка. Драматичното паѓање на Квебек, на 13 септември 1759 година, го означило почетокот на крајот на американската фаза на војната. Една година подоцна, француската војска се предала во Монтреал.

Мирот конечно дошол во 1763 година, со Мирот од Париз, според кој Французите ѝ препуштиле на Велика Британија дел од своите колонии во Индија и во Канада, и целата француска територија во Северна Америка источно од Мисисипи. На Шпанија ѝ го препуштиле Њу Орлеанс и деловите западно од Мисисипи. Племињата кои биле во сојуз со Французите сега го предизвикале непријателството на Англичаните. Ирокеската Конфедерација, која била во сојуз со Британија поминала малку подобро, иако Англичаните на нивната пасивност гледале како на дволичност.

Во 1763 година, британската влада, предводена од кралот Џорџ III, издала решение „Прокламација од 1763 година“ со што им се забранувало на доселениците да напредуваат подалеку од планините што го одделувале атлантскиот брег од внатрешноста. Оваа Прокламација на Лондон му давала повеќе власт и контрола отколку на провинциските влади. Актот за шеќерот од 1764 барал да се казнуваат криумчарите на шеќер; актот за парите од 1764 барал колониите да престанат да издаваат книжни пари; актот за печатот од 1765 година наметнал такса за секој печатен документ во колониите: весник, алманах, памфлет, документи за пренос на земјата, тестаменти и друго. Набрзо, британските функционери собрале десетпати повеќе приходи и даноци од Америка отколку пред 1763 година, но во Америка ова биле непопуларни закони.

Во Масачусетс, Џејмс Отис ги убедувал своите колеги членови на колонијалното собрание да свикаат меѓуколонијален конгрес за да преземат акција против новите даноци. Конгресот се состанал во Њујорк со делегати од девет колонии, и испратиле петиција до кралот и до Парламентот. Во меѓувреме, неколку градски банди почнале да го земаат законот во свои раце. Во летото 1765 година избувнале сериозни безредија, а најолемото од нив во Бостон. Кралот конечно потклекнал пред барањата: актот за печат бил укинат, но биле воведени нови видови даноци - царини за разни производи увезувани во колониите од Англија. Бостонските трговци го презеле водството во организирање на уште еден бунт, во кој им се придружиле и трговците од Филаделфија и Њујорк. Колонистите ги бојкотирале британските стоки на кои се плаќала царината.

Во март 1770 година, новиот британски премиер ја укинал царината, но пред да пристигне веста за укинувањето во Америка, ноќта на 5 март во една фабрика за бродови дошло до тепачка, а неколкумина британски војници пукале во толпата народ и убиле петмина. Овој мрачен инцидент брзо бил претворен во „Бостонски масакр“, и искористен од водачите на отпорот. Фундаменталната разлика во мислењата дека Лондон има право да донесува закони за целата империја бил главниот конфликт меѓу Англија и Америка. А тоа го покажал и актот за чајот од 1773 година, со кој за да се спаси Источноиндиската компанија (која била на работ на банкрот), ѝ се дало право својата стока да ја извезува во колониите без да плаќа било какви давачки кои им се наметнувале на другите трговци. Револтот на Американците довел до првите меѓусебни истрели во Ленксингтон и Конкорд, со што започнала Војната за независност.

Американската револуција[уреди]

Донесување на Декларацијата за независност, слика на Џон Трумбул

Три недели по битките кај Лексингтон и Конкорд, се состанал Вториот континентален конгрес во Филаделфија, на кој присуствувале делегати од секоја колонија, освен Џорџија. Сите се согласиле да ја поддржат војната, иако повеќето Американци сè уште не верувале дека се борат за независност. Цената на војната, во човечки животи и финансии, била толку висока, што првобитните воени цели изгледале многу умерени. Затоа, Колонијалниот конгрес во Филаделфија на почетокот на летото 1776 година именувал комитет кој ќе изработи нацрт формална декларација за независност. На 4 јули 1776 година, Конгресот ја одобрил Декларацијата за независност, која главно била дело на Томас Џеферсон, триесет и три годишен Вирџиниец. Откако ја потврдиле својата независност, одделните колонии почнале да се нарекуваат држави.

Војната за независност[уреди]

Вашингтон ја минува реката Делавер, една од првите победи на Американците во револуцијата

Американците се бореле на своја земја, и со тоа биле помотивирани од Британците. Сепак, американската победа не била резултат на таа предност, ниту на духот и решителноста на народот, туку била резултат на серија грешки на Англија. Во првата година од конфликтот (пролетта 1775 до пролетта 1776 година) Британците не биле сосема сигурни дека водат војна, туку сметале дека смируваат одредени бунтови. Во текот на следната фаза, од 1776 до 1778 година, во неделите по Декларацијата за независност, стотици британски бродови и 32.000 британски војници пристигнале во Њујорк, под команда на Вилијам Хоув. За да се спротивстави на оваа војска, Џорџ Вашингтон можел да собере само 19.000 несоодветно вооружени и слабо обучени војници, а морнарица воопшто немал, што значело серија порази за Патриотите. Британците како сојузници ги имале индијанските племиња Мохавк, Сенека и Кајуга во серијата напади на населбите од горниот дел на државата Њујорк. Патриотските сили под команда на генерал Џон Саливен жестоко одвратиле, што Ирокезите во големи групи избегале на север во Канада.

Лидерите на американските сили сфатиле дека нема да победат без помош однадвор, а најблизок сојузник против Британија им била Франција, која сфатила дека ќе има корист доколку Британија ги изгуби колониите во Америка. Бенџамин Франклин лично заминал во Франција за да лобира за помош.

Со влегувањето на Франција во војната, таа се претворила во меѓународен конфликт, а во наредните две години Франција, Шпанија и Холандија влегле во војна со Велика Британија во Европа. Сите три нации придонесувале со материјална и финансиска помош.

Создавање влади на државите[уреди]

Во исто време додека Американците се бореле да извојуваат своја независност на бојното поле, се бореле и да создадат нови институции на владеење кои ќе го заменат британскиот систем. Формирањето влади на државите започнало во 1776 година, а Американците се согласиле дека тие влади ќе бидат републикански (политички систем во кој целата власт доаѓа од народот, а не од кралот). Според тоа, успехот на секоја влада зависи од нејзините граѓани: ако граѓаните се силни и независни сопственици на имоти, тогаш републиката ќе опстане. Но, сите луѓе ќе мора да го заслужат својот успех (нема еднаквост на условите, но има еднаквост на можностите).

Две држави, Конектикат и Род Ајленд, не напишале нови устави, затоа што веќе имале влади кои биле републикански според сè освен по името, па едноставно ги избришале од своите повелби кралот и Англија, и ги прифатиле како устави. Почетната фаза на пишувањето на уставите се одвивала брзо. Десет држави го завршиле процесот пред крајот на 1776 година. Џорџија и Њујорк го завршиле кон крајот на 1777 година, а Масачусетс не го прифатил уставот сè до 1780 година, кога создавањето на државните влади влегло во нова фаза. Во 1780 година била донесена уставната конвенција: специјално собрание од луѓе што ќе се состане само со цел да напише устав и нема никогаш повторно да се состане (освен во вонредни ситуации), а со цел, уставот кој е еднаш усвоен да биде заштитен од каприците на јавното мислење и политиката на законодавците.

Уставот од 1787 година[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Устав на САД.
Конвенцијата во Филаделфија

Членовите на Конфедерацијата (која постоела од 1781 до 1789 година) составиле национална влада многу слична на онаа што веќе постоела. Но, во 1787 година, нацијата создала нов устав и нова влада. Новиот американски устав создал систем на владеење што преживеал повеќе од два века како еден од најуспешните во светот.

Педесет и петмина, што ги претставувале сите држави освен Род Ајленд, учествувале на една или на повеќе седници на конвенцијата што заседвала во државната куќа во Филаделфија, од мај до септември 1787 година. Овие „Татковци Основачи“, како што се познати подоцна, биле со просечна возраст од 44 години, а само еден делегат бил навистина стар (Бенџамин Франклин имал 81 година). Конвенцијата едногласно го избрала Џорџ Вашингтон да претседава на седниците, а потоа ја затворила работата за јавност и печатот. Денес историчарите знаат што се случувало во Филаделфија само од дневниците на Џејмс Медисон.

На 17 септември 1787 година, 39 делегати го потпишале Уставот, кој започнувал со зборовите: „Ние, народот на Соединетите Американски Држави...“ Било решено: секоја државна делегација да има само еден глас; главните решенија да се донесуваат со просто мнозинство; федералната влада има власт да оданочува и да ги контролира парите, но сепак на државите им се оставени некои важни овластувања. Уставот не ги споменува политичките партии, што е намерно направено, и речиси воопшто не ги споменува домородните Американци, освен дека Конгресот се овластува да ја регулира трговијата со индијанските племиња.

На 30 април 1789 година, Џорџ Вашингтон дал заклетва како прв американски претседател на Соединетите Држави според новиот Устав, во Федералната зграда во Њујорк, кој тогаш бил национален главен град.

Џексоновска Америка[уреди]

Претседателски долар со ликот на Џексон

На 4 март 1829 година, Американците се собрале да го набљудуваат инаугурирањето на Ендру Џексон. Започнала нова ера за Американците, т.н. „ера на обичниот човек“, или „владеење на кралот Толпа“, како што ја нарекле противниците на Џексон.

До 1820-те години на мал број Американци им било дозволено да гласаат: од гласачките избори биле одземени оние Американци кои немале свој имот или не плаќаат данок на државата. Слободните Црнци не можеле да гласаат никаде на Југот, а на Северот многу малку. Жените немале право на глас. Гласањето не било тајно, туку гласот се давал усмено, што значело дека гласачите често биле уценувани или поткупувани.

Озаконување на партиите[уреди]

Повеќе од триесет години Американците ги сметале партиите за зло што треба да се избегне. Во Њујорк за првпат е покрената идејата за партија, која набргу се проширила, а во 1830-те години почнал да дејствува целосно оформен двопартиски систем. Антиџексоновците себеси се нарекле виговци, а приврзаниците на Џексон - демократи, од кои потекнува најстарата политичка партија на нацијата. Виговците биле трговци и фабриканти од североистокот, побегнати плантажери од југот, амбициозни фармери од запад, како и мигранти од североисток, додека демократите биле богати луѓе.

Отстранување на Индијанците[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Патеката на солзите.

Претседателствувањето на Ендру Џексон се совпаднало со долгата борба на доселувањето на белците и правата на Индијанците во земјите источно од реката Мисисипи. Џексон имал антипатија кон племињата, кои ги сметал за „благородни дивјаци“ и луѓе без вистинска цивилзиација, како што претходно ги нарекол Томас Џеферсон. Федералната влада отстранила многу Индијанци од исток уште пред доаѓањето на Џексон за претседател, но останале големи индијански енклави. Најголеми неволи на владата ѝ создавале индијанските племиња од југот, наречени „Пет цивилизирани племиња“ - Чироки, Крик, Семиноли, Чикасо и Чоктав, кои владата се обидувала да ги пресели на запад за да ослободи големи области за белите доселеници.

До 1838 година речиси сите Пет цивилизирани племиња биле истерани и принудени да патуваат на своите „патеки на солзите“ до Индијанската територија.

Северот и Југот[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Аболиционизам.

Највидливата промена во американскиот живот била брзата индустријализација на Северот во 1850-те години. Градските центри брзо растеле, и на пример населението на Њујорк во 1860 година изнесувало 1,2 милиони жители (заедно со Бруклин кој тогаш бил посебна општина). Новодојденците доаѓале од секаде, но најмногу од Ирска и Германија.

Југот, пак иако основал нови држави и нови пазари, останал претежно земјоделски во 1860 година. Плантажерскиот систем се потпирал врз работата на робовите, а богатите јужни белци себеси се доживувале како аристократи. За ропството зборувале како за „посебна институција“, која била регулирана со закони. Обичните луѓе од југот (две третини од белите семејства) воопшто немале робови. Сопствениците на робови тврделе дека робовите биле главно „среќни и задоволни со својата судбина“, но реалноста покажува дека не било така за сите - некои Црнци бегале на север. Подемот на аболиционизмот бил моќна сила, но истовремено предизвикал моќна опозиција, а најсилна од сите пропаганди бил романот на Хариет Бичер СтоуКолибата на чичо Том“, печатена како книга во 1852 година.

Граѓанската војна во Америка[уреди]

Битката во Гетизбург, пресвртница во Американската граѓанска војна
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Американска граѓанска војна.

Речиси веднаш штом веста за избор на Абрахам Линколн за претседател стигнала до Југот, милитантните лидери во регионот почнале да бараат крај на Унијата. Напорите за компромис се собрале околу т.н. „компромис на Критенден“ (на сенаторот Џон Критенден од Кентаки), кој повикувал на неколку уставни амандмани кои би го гарантирале постоењето на робовладетелството во јужните држави. Но, компромисот барал републиканците да го напуштат својот став: да не се шири ропството, на што тие се спротивставиле, и компромисот пропаднал. Затоа Линколн пристигнал во Вашингтон на својата инаугурација маскиран со ноќен воз за да избегне атентат додека минувал низ робовладетелската држава Мериленд. Во своето обраќање до нацијата Линколн поставил неколку основни принципи: Унијата е постара од Уставот, и ниту една држава не може да ја напушти, а секој обид во тој правец ќе се смета за бунтовнички.

Кога почнала војната, едно било јасно: Северот бил во предност и со војници и со финансии. Југот немал никаква индустрија, па морал сè да увезува од Европа за време на целата војна. За крај на војната се смета 9 април 1865, а војната завршила со победа на северот и со дефинитивно укинување на ропството. Во војната загинале околу 620.000 луѓе, а околу 415.000 биле повредени.

Последиците од војната[уреди]

По Граѓанската војна Југот изгледал бедно и напуштено: градовите, плантажите и полињата изгорени или запуштени, а белите јужњаци кои го вложиле имотот во војната - сега останале без ништо. Повеќе од 258.000 Јужњаци загинале во војната. Но, животот бил полош за оние четири милиони црни мажи и жени ослободени од ропството, од кои повеќето немале каде да одат. Во март 1865 година, Конгресот оформил „Биро за слободњаците“, преку кое се дистрибуирала храна за милиони поранешни робови. Бирото исто така на сиромашните белци им понудило значајна помош, но Бирото не било долготрајно решение. Се подготвувале нацрт-закони за Реконструкција, а на еден нацрт-закон Линколн ставил вето. Пред да го изнесе својот план за Реконструкција, Линколн е убиен на 14 април 1865 година, во театарот Форд во Вашингтон.

Далечниот Запад[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Дивиот Запад.
Каубоец, симбол на американскиот Див Запад, фотографија од околу 1888 година.

Уште пред Граѓанската војна, белата цивилизација ја преминала реката Мисисипи, и создала постојани наслеби во државите: Минесота, Ајова, Мисури и Арканзас, како и во источните делови на Небраска, Канзас и Тексас. Како резултат на златната треска од 1849 година, во овие региони се појавиле значителен број на англиско говорно население (меѓу нив и Кинези и други азиски имигранти). Но, во огромното подрачје на Далечниот Запад живееле Хиспанци, а пред сè тоа била територија на индијанските племиња.

Белото населување на Далечниот Запад се одвивало во неколку фази. Првата фаза била тамошниот развој на рударството, каде белците доаѓале за да се збогатат набрзина. Втората фаза била сточарството: неосвоените пасишта ги привлекувале сточарите, каде можеле непречено да ги одгледуваат своите стада.

Судири со Индијанците[уреди]

Меѓу 1850 и 1880 година, доаѓало до чести судири меѓу Индијанците и белите доселеници на Далечниот Запад. Индијанските воини често ги напаѓале караваните и кочиите, најчесто како одмазда за претходни напади врз нив, но и за да ја повратат теритоијата која сметале дека е нивна. Последните Индијанци кои им дале отпор на белците биле Чирикахуа Апачите, кои со прекини се бореле до 1880-те години. Најпознатиот поглавар бил Џеронимо, кој не сакал да се свитка пред притисокот на белците, но во 1886 година неговата група броела само 30 луѓе, додека неговите гонители броеле околу 10.000. Џеронимо се предал, со што е одбележан крајот на војувањето меѓу Индијанците и белците.

Градење на трансконтиненталната пруга[уреди]

Крајот на работите врз трансконтиненталната пруга (1869), фотографија на Ендру Расел

Градењето на трансконтиненталната пруга било драматично и монументално постигнување. Илјадници имигрантски работници, повеќето Ирци и Кинези, работеле во незамисливо тешки услови за да ги пробијат планинските венци и да ги минат пустините, за конечно во пролетта 1869 година да ги спојат двете пруги кај Промонтори Поинт во северна Јута. Државните влади го поттикнувале градењето на пругите нудејќи директна финансиска помош.

Развој на индустријата[уреди]

Многу фактори придонесле за развојот на американската индустрија: изобилството на сировини, бројната работна рака, техничките иновации, доаѓањето на талентирани и амбициозни луѓе, како и федералната влада која била желна да го помогне развојот на бизнисот. Меѓу најреволуционерните иновации било воведувањето на електричната енергија во 1870-ти години. Процесот со кој железото се претворало во челик бил откриен во 1850-те години, а челичната индустрија навлегла најпрвин во Пенсилванија и источно од Охајо. Нафтената индустрија се појавила кон крајот на 19 век, а од другите иновации се: првиот авионски лет на браќата Рајт во 1903 година, и развојот на автомобилот. Првото возило во Америка на бензински погон се појавило во 1903 година, а три години подоцна Хенри Форд го произвел првиот од своите прочуени автомобили кои го носат неговото име. За кратко време, односно до 1917 година во Америка имало пет милиони автомобили. Сличен развој имало и во другите индустрии, а најпрочуена корпоративна империја од крајот на 19 век била „Стандард Оил“ на Џон Рокфелер.

Подемот на големиот бизнис имал и свои критичари: се посочувало на корупција. Но, луѓето со огрмни богатства имале и општествена обврска: да ги употребат своите богатства за унапредување на општествениот прогрес. Во таа смисла, Ендру Карнеги во својата книга „Евангелие на богатството“ (1901) напишал дека богатите треба да ги употребат за доброто на општеството сите средства кои ги надминуваат нивните потреби. Така, на приватното богатсво се гледало како на општо добро.

Републиката како империја[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Шпанско-американска војна.
Бродот Мејн, три недели пред експлозијата во заливот Хавана, фотографирано на 25 јануари 1898 година

Американската република била експанзионистичка нација уште од првите денови на своето постоење. Во текот на првата половина од 19 век, како што растело населението на САД, така владата преку купување или освојување се здобивала со нови земји: транс-Апалачкиот Запад, територијата Лујзијана, Флорида, Тексас, Орегон, Калифорнија, Ново Мексико, Алјаска. Многумина Американци верувале дека ширењето на републиката е „Манифест Судбина“ за нацијата. А развојот на две настани помогнал вниманието на Американците да се сврти кон земјите преку морињата.

Војната со Шпанија во 1898 година произлегла од настаните во Куба, која заедно со Порторико претставувала практично сè што останало од некогаш огромната шпанска американска империја. Кубанците се спротивставиле на шпанското владеење уште во 1868 година, но иако многу Американци ги симпатизирале Кубанците, Соединетите Држави не интервенирале. Но, во 1895 година, „жолтиот печат“ на Вилијам Рандолф Херст и Џозеф Пулицер, кои биле обземени од бескрупулозната меѓусебна борба за тираж во Њујорк, почнале накитено да известуваат, и создале впечаток дека Шпанците ги извеле сите свирепости во Куба.[6] Емигрантите на Куба во САД ѝ давале поддршка на Кубанската револуционерна партија (чиј штаб бил во Њујорк) и помогнале да се прослави нивниот лидер, Хозе Мартин, кој бил убиен во Куба во 1895 година. Подоцна, Американците формирале клубови за поддршка на каузата на Cuba Libre (Слободна Куба).

Војната објавена во април, била готова во август, па државниот секретар Џон Хеј ја нарекол „блескава мала војничка“, мислење кое го имале повеќето Американци, освен самите војници што се бореле во неа. Во борбите загинале само 460 Американци, но од зарази умреле 5200 војници.

Така Порто Рико станал американска територија, а подоцна, после долгата војна на Филипините, и Филипини и Гуам станале американски територии.

Национална реформа[уреди]

Напорите за реформа на индустриското стопанство се судриле со проблеми на државно и локално ниво, бидејќи националната влада, заглавена во партиските политики, била несоодветна да послужи како агенс на реформите. Реформаторите сметале дека на федералната влада ѝ треба водство од една фигура, способна да обезбеди „модерно“ и „ефикасно“ раководење - претседателство.

За прогресивните реформатори, Теодор Рузвелт бил повеќе од обожавана јавна личност - тој бил идол. Ниеден претседател пред него, а малкумина после него, привлекле толкаво внимание. Сепак, Рузвелт и покрај обемот на своите реформи, бил конзервативен во сфаќањата. Најпрочуеното достигнување на претседателствувањето на Рузвелт била изградбата на Панамскиот канал, кој ги поврзувал Атлантикот и Пацификот.

Првата светска војна[уреди]

Генерал Першинг, во Франција 1917 година.

Американците гледале со ужас како се развива текот на Првата светска војна речиси три години, а тогаш, во април 1917 година САД формално влегле во војната, со обезбедување на поморска помош. Сè до пролетта 1918 година мал број американски сили биле интензивно вклучени во борбите, а осум месеци подоцна, војната завршила. Под команда на генерал Џон Першинг, американските трупи се прилучиле кон сојузничките сили во одбивањето на нови германски напади.

Јавноста била поделена во врска со американското мешање во војната, па владата презела чекори да го обедини јавното мислење. Најочигледен напор била кампањата чија цел била да се поттикне воодушевување за конфликтот: контролирани информации во весниците; „самоцензура“ при објавување на вести за војната; па дури се апелирало до граѓаните да ги известат властите за секаква нелојалност, песимизам или копнеж по мир од страна на своите сограѓани. Актот за шпијунажа од 1917 година ѝ дал на владата нови средства за борба со секој кој го критикува претседателот или владата. Во 1918 година биле затворени повеќе од 1500 луѓе само поради кривично дело - критика на владата. Американската заштитна лига набројала 250.000 луѓе како „агенти“, кои отворале писма и ги прислушкувале телефоните на своите соседи, со цел да се наметне единство во мислењето на заедницата. Најчести жртви на таквите активности биле имигрантите.[7]

Нова ера[уреди]

Марш на членовите на ККК во Вашингтон, 1928 година

За 1920-ти години, се зборувало како за „Нова ера“ - време во кое Америка почнува да станува модерна нација. САД почнале долг период на просперитет и економска експанзија, а општеството станало потрошувачко. Ниедна група не била толку свесна за појавата на потрошувачката од рекламната индустрија. Жените со високо образование веќе не биле реткост. Сепак, една група психолози, бихејвиористи почнале да му пркосат на сфаќањето дека жените имаат инстинктивно својство за мајчинство. Тие велеле дека „мајчинската љубов не е доволна за да се одгледа детето“, туку дека се потребни совети од стручњаците. Младите Американки се ослободиле од сфаќањето за строгата викторијанска женска улога, па почнале да пушат, да пијат, да носат заводливи облеки и да танцуваат.

Во 1915 година, група јужњаци се организирале во Клан, познат како Кју Клус Клан, заради заплашување на црнечкото население, а дејствувале против сите кои се спротивставувале на она што тие го сметале за традиционални вредности.

Во јануари 1920 година, стапила во сила прохибицијата на продажба и производство на алкохол. Владата вработила 1500 агенти за да ја спроведуваат прохибицијата, бидејќи оваа голема индустриска гранка сега ја презеле личностите од организираниот криминал.

Во 1929 година, дошло до ненадеен финансиски колапс, познат како „Големата депресија“: цените на акциите постојано паѓале; брокерските фирми нуделе лесни и брзи кредити за оние што купувале акции; повеќе од половина семејства во Америка станале премногу сиромашни за да можат да купуваат производи; фармерите биле во длабоки долгови, а банките банкротирале или биле пред пропаѓање со нудењето на неразумни кредити. Во првите неколку години од Депресијата, повеќето Американци биле збунети. Првата задача на Франклин Рузвелт при преземање на должноста претседател на САД, била да ја ублажи паниката и хаосот на финансискиот систем. Биле усвоени и спроведени низа програмски мерки во напорите да се направи нешто за да им се помогне на осиромашените поединци и приватни организации да преживеат. Сепак, кон крајот на 1939 година, многу од основните проблеми на Депресијата останале нерешени.

Втората светска војна[уреди]

Истоварување на американската војска во Нормандија.

Какви и да биле политичките несогласувања меѓу Американците во текот на Втората светска војна, сепак постоело зачудувачко единствено мислење во врска со самиот конфликт.

Десет часа по ударот врз Перл Харбор, јапонските авиони ги нападнале американските аеродроми во Манила на Филипините, а три дена подоцна, американскиот Гуам паднал под власт на Јапонија. Големата британска тврдина Сингапур во Малаја се предала во февруари 1942 година, Холандската Источна Индија во март, Бурма во април. Американците првпат презеле офанзива дури во август 1942 година, со напад на три од Соломонските Острови: Гавуту, Тулаги и Гвадалканал. Јапонското напредување било запрено. Во Европа, САД се бореле заедно со Британија и избеганите „слободни Французи“. Американски трупи зеле учество и во големото истоварување на сојузниците во Нормандија, на 6 јуни 1944 година.

Битките на Пацификот[уреди]

Битката за Окинава, остров на само 370 милји јужно од Јапонија, била доказ за силата на јапонскиот отпор во последните очајнички денови. Недела по недела, Јапонците испраќале камикази авиони (самоубијци), жртвувајќи 3500 од нив и нанесувајќи големи загуби на американските и британските бродови. Јапонците веќе речиси немале бродови или авоини со кои би се бореле. Бомбардирањата на Токио започнале во мај, при што загинале повеќе од 80.000 луѓе. Умерените јапонски лидери барале начин да им стават крај на борбите, но нивите напори станале непотребни во јули 1945 година, кога американските научници успешно го испробале првото атомско оружје на светот.

Печурката од атомската бомба фрлена врз Нагасаки на 9 август 1945 година

Уште во 1939 година, во САД пристигнале извештаи дека нацистичките научници го презеле првиот чекор кон создавање на атомска бомба. САД и Британија веднаш ја почнале трката да го развијат тоа оружје пред Германија. Во текот на наредните три години, владата тајно потрошила близу 2 милијарди долари во таканаречениот Проект Менхетен. Научниците работеле многу побрзо отколку што се очекувало, па така во мугрите на 16 јули 1945 година, во пустината во близина на Алмагордо, Њу Мексико, се собрале научниците за да ја набљудуваат првата атомска експлозија во историјата. На располагање стоело оружје што можело да ја докрајчи војната, па претседателот Хари Труман не гледал причина да не го употреби.

Даглас Мек Артур за време на потпишувањето на официјалната капитулација на Јапонија на бродот „Мисури“, 2 септември 1945 година

На 6 август 1945 година, еден американски Б-29, „Енола Геј“ фрлил атомска бомба врз индустрискиот јапонски центар Хирошима. Со една бомба, САД претвориле во пепел површина од четири квадратни милји во центарот на претходно неоштетениот град. Повеќе од 80.000 цивили загинале, според подоцнежните проценки, но повеќето преживеале за подоцна да страдаат од осакатувачките ефекти на радиоактивните врнежи. Јапонската влада била стаписана од нападот. Два дена подоцна, Советскиот Сојуз ѝ објавил војна на Јапонија, а наредниот ден уште еден американски авион фрлил уште една атомска бомба, овој пат врз градот Нагасаки, причинувајќи смрт на 100.000 луѓе. На 2 септември 1945 година, на палубата на американскиот воен брод „Мисури“, усидрен во заливот во Токио, јапонските официјални лица потпишале капитулација.

Ефекти од војната[уреди]

Од 1941 до 1945 година, федералната влада потрошила вкупно 321 милијарда долари - двојно повеќе одошто потрошила во сите 150 години од своето дотогашно постоење. Во војната биле ангажирани околу 25.000 Индијанци, меѓу кои се истакнувале припадниците на племето Навахо, кои работеле во воените комуникации и зборувале на својот јазик, што непријателските сили не можеле да го разберат. Повеќе од 100.000 луѓе со јапонско потекло биле одведени во она што се нарекувало „ценри за релокација“, логори, малку поинакви од затвори, а сè поради американскиот страв од нивна конспирација со татковината на своите претци.

Американците не доживеале бомбардирања, освојувања, масовни преселби или сериозни материјални загуби. САД имале лесни загуби во споредба со некои други нации, но цената во човечки жртви сепак била голема: 322.000 загинати и околу 800.000 ранети.

Студената војна[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Студена војна.

Ниедно прашање во американската историја на 20 век не покренало толкава дебата како потеклото на Студената војна, период на конфликти, тензија и натпревар помеѓу САД и СССР и нивните сојузници од времето по Втората светска војна до раните 1990-ти. Во текот на овој период, ривалитството меѓу двете супер-сили се одвивало на повеќе полиња: воени сојузи, идеологија, психологија, шпиунажа, технолошка надмоќ, освојување на вселената, огромни трошоци за одбрана, огромни конвенционални и нуклеарни воени потенцијали, и многу посредни војни, но никогаш не дошло до директен воен судир меѓу двете супер-сили.

Интервенцијата во Кореја[уреди]

Американски војници во Кореја

Интервенцијата во Кореја била првиот израз на новата експанзинистичка надворешна политика на САД. Администрацијата на Труман решила да ја претстави интервеницјата како напор за „ослободување“. На 27 јуни 1950 година Труман наредил ограничена американска воена помош на Јужна Кореја, и апелирал до ОН да интервенираат. Советскиот Сојуз го бојкотирале Советот за безбедност, и ја поддржале офанзивата на Севернокорејците.

Војната во Виетнам[уреди]

Американски војници прават претсрес во село во Виетнам барајќи комунисти, членови на Виетконг
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Виетнамска војна.

Американското замешување во Виетнам отпрвин се развивало бавно. Комунистите на југот организирале Национален фронт за ослободување на Јужен Виетнам, за многумина Американци познат како Виетконг. Комунистичката влада во Ханој испраќала свои трупи и голема помош. Антикомунистичкиот режим на Дием, кого го поддржувале САД, во 1963 година се нашол на работ на колапс. Јужновиетнамските воени раководители организирале удар во текот на кој биле убиени Дием и неговиот брат. Неколку недели подоцна и Џон Кенеди бил мртов.

Така Линдон Џонсон наследил американска замешаност за опстанок на антикомунистичкиот режим во Јужен Виетнам. Со гласање со 416 спрема 0 во Претставничкиот дом и со 88 спрема 2 во Сенатот, Конгресот усвоил резолуција која го овластувала претседателот да ги „преземе сите потребни мерки“ во Југоисточна Азија. Во март 1965 година, веќе имало 100.000 американски војници во Виетнам, каде повеќе од седум години останале заглавени во една војна која не можеле ни да ја добијат ни да ја разберат.

Скандали[уреди]

Обраќање на Роналд Реган во 1987 година, кратко пред да заврши Студената војна
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Вотергејтска афера.

Рано утрото на 17 јуни 1972 година, полицијата затворила петмина кои насилно влегле во канцелариите на Демократскиот национален комитет, во зградата Вотергејт во Вашингтон. Кога репортерите од „Вашингтон Пост“ почнале да ја истражуваат заднината на виновниците, откриле дека меѓу крадците имало поранешни службеници од Белата куќа. Покрај тоа, биле платени од таен фонд кој го контролирале членови од персоналот на Белата куќа. Така се појавил скандалот за злоупотреба на власта, во кои биле замешани и Белата куќа и Никсоновиот комитет за кампањата. Никогаш не се појавил решавачки доказ дека Ричард Никсон ја планирал или ја одобрил кражбата, но сведочењата обезбедиле докази за учество на врвни помошници од Белата куќа. Овие судења се познати како Вотергејтска афера.

Роналд Реган ја презел претседателската должност во јануари 1981 година. Неговите осум години на функција довеле до важна промена во јавната политика, но ништо толку фундаментално на внатрешен план, освен серија на скандали во неговата администрација. Претседателствувањето на Џорџ Буш било забележано по серија драматични настани во меѓународните работи и целосно отсуство на идеи по внатрешните прашања. По распаѓањето на Советскиот Сојуз, во 1991 година, САД остана да биде единствена реална суперсила во светот. Администрацијата на Буш морала да бара решение за страшната американска воена моќ во светот. Едното решение било драстично да се намали воената сила, а другото решение било да се продолжи со употреба на таа сила, но овој пат, не за да се бори против комунизмот, туку за да ги брани своите економски интереси. Тоа ги повлекло САД во судирите на Средниот Исток.

Понова историја - од 1991 година до денес[уреди]

Американски авиони од типот F-14 Tomcat над Црвеното Море и Персискиот Залив.
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Заливска војна.

На 2 август 1990 година, Ирак го нападна својот сосед богат со нафта, Кувајт. Садам Хусеин објавил дека го анектира Кувајт. За неколку недели, Буш ги убедил речиси сите важни влади во светот да се придружат кон трговско ембарго на Ирак, санкционирано од Обединетите Нации. Тоа значело дека Ирачаните не ќе можат да ја продаваат нафтата на светските пазари, ниту да купуваат производи од странство. Во исто време САД и нивните сојузници распоредиле масовна воена сила долж границите меѓу Кувајт и Саудиска Арабија. На 29 ноември 1990 година Обединетите Нации, на барање на САД, гласале за одобрување на воена акција за да се истера Ирак од Кувајт, ако не се повлече до 15 јануари 1991 година. На 16 јануари 1991 година, американските и сојузничките воздушни сили започнале масовни бомбардирања врз ирачките сили во Кувајт и врз воените и индустриските инсталации во самиот Ирак. Популарноста на Џорџ Буш достигнала рекордна височина по завршувањето на оваа т.н. Заливска војна.

11 септември 2001[уреди]

Кулите-близначки од Светскиот трговски центар горат брзо по ударот на авионот на Јунајтед ерлајнз УА175 во јужната кула (десно). Претходно авионот на Американ ерлајнз АА11 удри во северната кула (лево).

Терористичките напади од 11 септември 2001година биле координирани терористички напади на неколку видни цели во САД организирани од Ал-Каеда. Терористичката група се состоела од вкупно 19 учесници од арапските земји, од кои повеќето биле од Саудиска Арабија. Тие, управувајќи четири киднапирани патнички авиони полни со гориво, се урнале во кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и во зградата на Пентагон близу до Вашингтон. Како резултат на пожарот што настанал од авионското гориво, дошло до структурни оштетувања на кулите во Њујорк, после што и двете кули се урнале, по нив и две соседни згради, а уште три згради биле тешко оштетени.

Во нападите загинале вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се исчезнати. Во овој збир не се вклучени загинатите 19 терористи.

Терористичките напади предизвикале огромни економски штети: отштетните побарувања од осигурителните компании достигнале вкупен износ од 20,7 милијарди УСД, а акциите на њујоршката берза изгубиле во вредност 1,2 трилиони долари.

Политичките ефекти биле што повеќето земји донеле нова легислатива за борба против тероризмот, а САД заедно со своите сојузници објавиле Војна против теророт. Во рамките на оваа војна, преземени се широки воени, полициски и разузнавачки мерки за апсење и уништување на познатите терористички групи ширум светот, како и воено освојување на земји кои го поддржувале тероризмот - како Авганистан и Ирак.

Наводи[уреди]

  1. Ален Бринкли, Историја на САД, стр. 9, Штрк, Скопје 1999 г. ISBN 9989-662-22-3
  2. United States“. The Columbia EncGAYyclopedia (6th). (2007).
  3. Pyne, Stephen J. (1998). „How the Canyon Became Grand“. New York, New York: Penguin Books. стр. 4-7. ISBN 0670881104. 
  4. Coronado, Francisco Vasquez de“. The Columbia Encyclopedia (6th). (2007).
  5. Ален Бринкли, Историја на САД, Скопје, Штрк, 1999, стр. 29. ISBN 9989-662-22-3
  6. Ален Бринкли, Историја на САД, стр. 458, Штрк, 1999. ISBN 9989-662-22-3
  7. Ален Бринкли, Историја на САД, стр. 522-524, Штрк, Скопје, 1999 ISBN 9989-662-22-3

Користена литература[уреди]

  • Ален Бринкли, Историја на САД: недовршената нација, Штрк, Скопје, 1999 година, ISBN 9989-662-22-3